Ублажување на болка со ,,пациент контролирана аналгезија,,

Дневна доза здравје

април 8, 2025

Болката е сигнал дека нешто не е во ред со телото. По операција, нормално е да чувствувате болка, но со современите лекови, таа може ефикасно да се контролира со цел побрзо заздравување и закрепнување.

Начини на давање на лекови за болка:

  • По барање: Можете да побарате лек од медицинската сестра.
  • Во одредени интервали: Лекот се дава редовно за континуирана контрола на болката.
  • Пациент-контролирана аналгезија ПКА (PCA): Самостојно дозирање на лек преку интравенска пумпа.
  • Епидурална PCA (PCEA): Лекот се администрира во ‘рбетниот простор за континуирано олеснување на болката.

Како функционира ПКА (PCA)?

Лекар анестезиолог одредува дозирање, интервали и максимална количина на лекот за да се спречи предозирање. Лекот, најчесто опиоид, се администрира преку пумпа. Медицинскиот тим, го обучува пациентот како да ја користи пумпата и потоа ги следи ефектите.

Kaj кого да се примени?

Со правилна примена, ПКА (пациент контролираната аналгезија) може да се користи кај пациенти во болница за да им се олесни болката по операција, но и дома кај пациенти со континуирани, силни болки кои нема да престанат. Може да се користи за болни состојби како панкреатитис. Добро делува и кај луѓе кои не можат да земаат лекови преку уста. ПКА може да се користи и во домашни услови кај луѓе кои имаат умерена до силна болка предизвикана од карцином. Децата на возраст од 7 години можат да имаат корист ако ја разберат идејата и начинот на примена. Не се препорачува за луѓе кои се збунети, дезориентирани или не реагираат.

Предности на PCA:

  • Брзо и ефикасно ублажување на болката.
  • Намалена потреба за чекање медицински персонал.
  • Подобра контрола со помали дози.

Безбедносни мерки и ризици:

  • Често следење од медицинскиот персонал.
  • Можни несакани ефекти од опоидниот лек: алергиски реакции, гадење, низок крвен притисок, поспаност, запек, проблеми со мокрење и дишење.
  • Единствено пациентот треба да го притиска копчето за дозирање и само во случај кога е потребно обезболување.

За да се информирате подетално закажете консултација со анестезиолог. Нашиот тим ви стои на располагање.