Успешна операција кај новороденче со транспозиција на големи крвни садови

Дневна доза здравје

март 03,2020


И покрај прогласената пандемија на коронавирус Клиничката болница „Жан Митрев“ непречено пружа здравствени услуги за сите пациенти.
Пред два дена од Клиниката за педијатрија беше дијагностицирано новороденче со транспозиција на големите крвни садови. Новороденото беше донесено во нашата клиника само три часа после породувањето. Заради срцевата аномалија, крвта не можеше да се снабдува со кислород, па во многу тешка состојба беше префрлено и итно оперирано.
Се направи комплетна корекција на сите аномалии на срцето. Операцијата траеше четири часа и помина во најдобар ред. Следниот ден, бебето беше тргнато од машината за дишење и се почна со сите мерки на опоравување.
“Убаво е чувството кога едно бебе кое е комплетно модро и се бори за живот, веднаш по корекцијата ќе го видите во убава розова боја, бара храна и се бунтува со плачење…”- изјави д-р Жан Митрев по операцијата на овој наш најмал пациент во овој период.
Посветеноста и ентузијазмот на тимот на Д-р Митрев извојуваа уште една победа и донесоа насмевки и надеж во уште едно македонско семејство.
Првата информација за постоперативната состојба на детето и веста дека е извадено од апаратот за дишење родителите  ја примија со возбуда, среќа и многу благослови за персоналот и клиниката.
Во време кога светот се соочува со најголемата здравствена криза, Клиничката болница „Жан Митрев“ и целокупниот персонал се максимално посветени на грижата за здравјето и на нашите најмали пациенти.