00389 2 3091 484
мај 27, 2020
Денеска во нашата клиника се направи исклучително ретка интервенција на доенче старо 5,5 месеци. Овие процедури исклучително ретко се прават во светот, а ова е прва направена во нашата држава. Истата е привилегија на високо развиени центри во кои што се изведува напредната педијатриска кардиохирургија и перкутани интервенции на вродените срцеви мани.
Интервенцијата беше изведена од страна на кардиохирург Академик доктор Жан Митрев и интервентен кардиолог доктор Иван Милев , ехокардиографер доктор Тања Анѓушева и анестезиолог доктор Дијана Попески.
Оваа интервенција се надеваме ќе биде само почеток на се’ поголемиот број на хибридни процедури како резултат на тимска работа меѓу кардиохирурзите и интервентните кардиолози.
Ваквите интервенции носат минимален стрес на пациентите со максимален ефект.
Се работи за женско доенче кое е втор пат хоспитализирано во Zan Mitrev Clinic.
Кај неа уште во новороденечка возраст е дијагностициран поголем мускулен дефект на преградата меѓу двете комори.
Поради големината на дефектот на возраст од два месеца е направен бендиг- затегање на прстенот на белодробната артерија, за да се намали притисокот во белите дробови.
Со тек на времето, дефектот вршеше се’ поголемо оптоварување и требаше да биде затворен.
Хируршкото затворање на овие дефекти е сложено заради локализацијата и ризикот од екстракорпоралната циркулација кај доенче со висок пулмонален притисок. Од друга страна затворањето преку нога на вакви големи дефекти кај мали доенчиња е невозможно, поради употребата на големи катетри кои може да ги оштетат крвните садови на ногата.
Затоа во договор со тимот беше одлучено да се направи хибридна процедура.
Во операциона сала најпрво беше отворена десната комора а потоа под ехо контрола пласиран краток катетер во левата комора на срцето.
Потоа преку истиот беше пласиран дивајс-протеза и затворен дефектот. Ехо контролата покажа уредна поставеност на протезата и затворен дефектот.
За тоа како течеше оваа интервенција повеќе на следниот линк снимен додека трае интервенцијата.