00389 2 3091 484
март 12, 2025
СБМ или срцево-бубрежно метаболен синдром е комбинирана состојба која ги засега бубрезите, срцето и метаболизмот.
Ако се има во предвид дека околу 700 милиони луѓе ширум светот страдаат од хронична бубрежна болест, а околу 500 милиони живеат со дијабетес мелитус, најголем дел со тип 2, како и фактот дека 64 милиони луѓе страдаат од срцева слабост, станува алармантна важноста од навремено откривање и лекување на меѓусебната поврзаност на овие заболувања. Во едно истражување кое вклучило околу 120 000 пациенти кои се лекувале од срцева слабост било забележано дека само 9% од пациентите имале нормална бубрежна функција, додека сите останати имале некоја форма на бубрежно оштетување за кое имало потреба од третман со дијализно лекување.
Состојбата е критична и кај оние со прекумерна тежина. Последиците се далекусежни ако знаеме дека 37 милиони деца под 5 год и 2.5 билиони адолесценти ширум светот се со телесна тежина над нормалата т.е. обезни, од кои 890 милиони живеат со обезност, со што станува уште позначајна потребата од мултидисциплинарен пристап во лекувањето на овие заболувања.
Работата на срцето и бубрезите се тесно поврзани. Нивната взаемна функција го регулира крвниот притисок, волуменот на урина и течности, нивото на електролити во крвта, како и снабдувањето на останатите ткива и органи во организмот со соодветно количество на крв и потребни материи за нивно нормално функционирање. И двата органи создаваат и лачат хормони, па затоа не е чудно што дисфункцијата на едниот орган доведува до оштетување и дисфункција на другиот орган. Минимално намалена бубрежна функција, независно од другите фактори на ризик, може значајно да го зголеми севкупниот кардиоваскуларен морбидитет и морталитет. Истовремено, намалената бубрежна функција е поврзана со полош исход кај срцевите заболувања, перкутаните коронарни интервенции, кардиохируршките интервенции, како и кај употребата на фибринолитичната и останата терапија. Кај пациентите со хронична бубрежна болест, смртноста од кардиоваскуларните заболувања е за 10-20% поголема од таа во општата популација за соодветната старосна група.
Пациентите со терминална бубрежна болест во 75% имаат задебелен зид на левата срцева комора, 40% имаат срцева исхемија, а околу половина од нив добиваат акутен миокарден инфаркт во тек на 2 години од отпочнување со хемодијализно лекување, со значајно повисока стапка на смртност од останатата популација. Голем дел од пациентите со срцева слабост имаат подлежечка бубрежна болест и обратно.
Болните со дијабетес мелитус, како и оние со прекумерна тежина во најголемиот број страдаат од засегање на бубрзите и срцето, развиваат периферна артериска болест, атеросклеротски промени, со лош исход, висок кардиоваскуларен и бубрежан морбидитет и морталитет.
Клиничко иследување при сомнеж за комбинирано бубрежно-срцево и метаболно заболување
Намалената стапка на гломеруларната филтрација, како и присуството на албумини во урината се независни фактори на ризик за развој на кардиоваскуларни заболувања. Затоа важноста од нивното определување е дел од светските упатства за ран скрининг и лекување на бубрежните заболувања, срцевата слабост, покачениот крвен притисок, акутниот коронарен синдром.
Едноставни се тестовите за потврда односно исклучување на ова заболување. Тие може да се направат во било која лабараторија и анализираат параметри како уреа, креатинин во крвта, калиум, како и постоење на белковини, особено албумин во урината. Определувањето на уринарниот албумин-креатинин сооднос, се зема како параметар за потврда или исклучување на ова заболување.
Откажување на цигарите, физичката активност, намален внес на сол, шеќери и маснотии во исхраната, регулација на телесната тежина, како и редовните контроли кај мултидисциплинарен тим доктори се од витална важност во одржувањето и третманот на овие пациенти.
Нефролошкото иследување е од особена важност при планирање на третман, дијагностички процедури, особено при сите оние каде што има потреба од употреба на контрастно средство, предоперативни и постоперативни следења на овие пациенти, дозирање на лековите, изработка на нутриционистички план и рехабилитација. Фреквенцијата на нефролошките контроли пред се зависи од основното заболување, тежината на клиничката слика, како и од влошувањето на лабораториските и дијагностичките параметри.
Кај пациенти со срцева слабост, зависно од тоа дали се работи за акутна или хронична срцева слабост како и од самата тежина на клиничката слика, фреквенцијата на нефролошките прегледи е различна. Таа може а се движи од чести прегледи – во фаза на влошување на срцевата функција, до контроли на секои 6 месеци при хронична срцева слабост.
Исто така потребна е контрола кај нефорлог и кај сите кои страдаат од дијабет и обезност, бидејќи токму овие две состојби се карактеристични за дијагностика и класификација дека еден пациент боледува од СБМ односно срцево-ренален метаболен синдром.