00389 2 3091 484
октомври 14, 2020
Миокардитис по прележан COVID – 19
Инфекцијата со вирусот COVID – 19 претставува голем здравствен проблем, бидејќи ги напаѓа не само белите дробови, туку и други органи како што е и срцевиот мускул. Се докажа дека вирусот може да предизвика воспаление на срцевиот мускул, т.н. миокардитис.
Сеуште не е јасно дали вирусот COVID-19 почесто предизвикува миокардитис и дали тој миокардитис е со потешка клиничка слика во однос на миокардитите предизвикани од други вируси.
Вирусот предизвикува имунолошки одговор во организмот на неконвенционален начин. Преживеаните можат да бидат под зголемен ризик од воспаление на срцевиот мускул. Срцето е склоно кон воспаление со COVID-19 бидејќи на површината на срцевите мускулни клетки се наоѓа рецепторот ангиотензин конвертирачки ензим 2, за кој вирусот се врзува. Од оваа причина направени се неколку студии на пациенти кои прележале COVID – 19 неколку месеци претходно и имале лесна или средно тешка клиничка слика.
Направена е магнетна резонанца на срце, која е најточна неинвазивна метода за дијагноза на воспаление на срцевиот мускул. Кај 78 од 100 пациенти е пронајдено срцево засегање на скеновите од магнетната резонанца. Интересен е моментот што 60 од 78 пациенти имале знаци за акутно воспаление 71 ден после инфекцијата со COVID – 19. Заклучок на студијата е дека дури и лесен тек на COVID- 19 кај релативно здрави луѓе може да остави трага на срцето.
Друга студија ги испитува професионалните спортисти. 4 од 26 спортисти од Државниот универзитет Охајо, Соединети Американски Држави, кои прележале COVID – 19 имале миокардитис.
Миокардитот може да доведе до срцеви аритмии, нагла смрт (при интензивен тренинг) и срцева слабост. Поради тоа, се советува кардиолошко испитување, ехокардиографија и магнетна резонанца на срце, 3 месеци после инфекцијата со COVID – 19.
Препораките на Европското кардиолошко друштво за пациенти со прележан миокардитис се да се избегнува тешка физичка активност 3-6 месеци.
Во иднина често прашање на кардиолозите ќе биде дали сте прележале инфекција со вирусот COVID – 19?
Последните 8 месеци живот во пандемија предизвикана од вирусот корона, во голема мера го промени нашето нормално живеење и воведе нови правила.
За подобро контролирање на пандемијата и за Ваше здравје, посочувајќи што се може да предизвика корона вирусот, ви препорачуваме да носите заштитни маски насекаде, и често да миете раце.
После прележана инфекција со COVID – 19, ви препорачуваме барем еден кардиолошки преглед, независно од возраста или тежината на клиничката слика која сте ја имале.
Навремената дијагноза на миокардитис може да спречи развој на сериозни компликации.
*
*Наод за миокардитис со користење на магнетна резонанца на срце
Со почит,
Д-р Милка Клинчева
Кардиолог