Во Жан Митрев клиниката никогаш не се правело клиничко испитување, очекуваме надлежните органи да го потврдат истото

Настани

ноември 10, 2022

Сакаме да ја информираме јавноста, дека решението на МАЛМЕД за прекршочна пријава е поништено од страна на Државната комисија за одлучување од втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка. (Документ во прилог)

И покрај тоа што процесот продолжува до конечна одлука, во текот на вчерашниот ден без никаква официјална најава во просториите на Клиничката болница Жан Митрев се појавија инспектори од МАЛМЕД со цел да извршат вонреден инспекциски надзор.

Постапувајќи спротивно на насоките на Државната комисија, односно имајќи предвид дека првото решение е поништено и се чека второстепена одлука, инспекторите од МАЛМЕД спротивно на таквите насоки (Документ во прилог), тенденциозно настапија во присуство на овластените лица од клиниката со став и тврдење дека станува збор за клиничко испитување и дека клиниката треба да достави докази за истите.

Ваквото однесување е во спротивност со сите стандарди и правила на совесно и професионално постапување, односно инспекторите дојдоа со предубедување дека во клиниката е вршено клиничко испитување без воопшто да се обидат да прибават докази со кои ќе ги потврдат таквите факти.

Ваквото постапување на инспекторите од МАЛМЕД е невидено досега во професионалната кариера на присутните овластени лица (адвокати) и спротивно на основните начела на инспекциската постапка.

Клиниката како и до сега останува отворена за соработка со сите институции се со цел транспарентно да се утврди вистината.