00389 2 3091 484
октомври 6, 2017
Светската недела на детето ја одбележавме заедно со децата до градинката „Светот на Колорес“ кои беа во посета на ресторанот ПУЛС во болницата ЖАН МИТРЕВ. Нивната љубопитност и интерес го искажаа преку прашањата: Како се подготвува храната која секојдневно ја добиваат во градинката? Кој е нивниот готвач? Каде се подготвува и колку време?
Како примерни гости тие ги почитуваа и правилата на куќата и стандардите за безбедност при подготовка на храна, односно без приговор на себе ставија капи и каљачи со што претставуваа вистинска атракција. Фатени за рака поминуваа низ кујната разгледувајќи како и каде се приготвува нивната храна, при што предизвикаа пријатни емоции како кај вработените во кујната, така и кај останатите кои ја користеа дневната пауза во ресторанот
Благодарноста кон вработените за здрава исхрана ја искажаа преку неколкуте песнички кои ги испеаа за време на дегустацијата на колачињата кои беа специјално подготвени за нив. Најголемото изненадување од најмалите беше оставено за крај. Добивме цртежи преку кои децата успеаа да ја доловат атмосферата од денешната посета и да ги претстават нивните најсилни впечатоци.