00389 2 3091 484
август 21, 2012
Замена на митралната валвула и реконструкција на трикуспидната валвула кај осумдесетгодишна пациентка
Во Филип Втори оперирана e пациентка на 80-годишна возраст и е направен сложен оперативен зафат со замена на митралната валвула со билошка протеза и реконструкција на трикуспидната валвула и пластика на срцевите предкомори и комори (атриопластика и вентрикулопластика). Пациентката била оперирана во Каменица во 1993 година каде заради инсуфициенција на митралната валвула е направена реконструктивна хирургија на истата.
Пациентката се јави на преглед во Филип Втори со изразени симптоми во вид на голем замор при минимален напор, недостаток на воздух, гушење во лежечка положба. Ехокардиографскиот преглед покажа тежок (четврти) степен на инсуфициенција на претходно реконструираната валвула во Каменица со енормно зголемување на димензиите на левата предкомора од 12 х 12 cm, т.е. гигантска лева предкомора која вообичаено има дијаметар од 2-4 cm, како и секундарно проширување на останатите срцеви шуплини (двете комори и десната предкомора). По направените предоперативни иследувања направен e сложен оперативен зафат со кој е заменета митралната валвула со биолошка протеза и хируршко ремоделирање на сите срцеви шуплини (предкомори и комори). Постоперативниот период мина уредно, пациентката доаѓа на редовни контроли и може нормално да ги извршува секојдневните домашни активности во својата осумдесет и прва година од животот.