00389 2 3091 484
април 04,2019
„Дијагностика, третман и предизвици во детската кардиохирургија“ беше насловот на одржаниот симпозиум во нашата клиника на 12.04.2019 г. на кој присуствуваа гости поврзани со педијатрија и детската хирургија и кардиохирургија од странство и од речиси сите домашни јавни и приватни поголеми здравствени установи кои ги третираат овие теми. Настанот, за кој имаше огромен интерес во стручната јавност, го отвори првиот човек на Клиничка болница „Жан Митрев“, академик, доктор Жан Митрев кој зборуваше за врвните достигнувања на клиниката во делот на детската кардиохирургија од почетокот па до сега.
Голем интерес предизвикаа и предавањата на докторите од САД. Доктор Марсело Кардарели, доктор Срикант Патанкар и доктор Кевин Маер, секој во својата област, педијатриска кардиологија и кардиохирургија, педијатриска анестезија и педијатриска срцева интензивна нега, срцева слабост кај децата, развој на педијатриски медицински помагала и нанотехнологии за педијатриска срцева болест оставија силен впечаток кај сите присутни предизвикувајќи огромен интерес за понатамошен напредок на областите кај нас.
Од нашата клиника со свои предавања се претставија и доктор Иван Милев и доктор Владимир Чадиковски. Доктор Милев зборуваше за темата „Клинички аспекти на менаџментот на перзистентниот артериски канал (PDA) во доенечкиот период“ додека доктор Чадиковски се осврна на етичките дилеми и предизвици кај вродените срцеви маани по што следуваше дискусија и разговор.
Состанокот заврши во пријатна неформална дружба во нашиот ресторан „Пулс“ каде што сите присутни разменија додатни информации и контакти за понатамошна комуникација и евентуална соработка.