Започна 15тиот летен камп за децата со вродени срцеви маани во организација на Клиниката Жан Митрев

Настани

јули 07,2023

Традиционално, 15та година по ред Клиника Жан Митрев во соработка со Црвен крст на Град Скопје го реализира летниот камп за деца со вродени срцеви маани и нивните семејства во Струга. Преку овој камп наречен „Моето срце во сите бои“, целта на Клиниката Жан Митрев е да ја продолжи грижата и терапевтскиот процес надвор од болничкото окружување, во природна атмосфера и соодветен амбиент. На кампот кој трае една седмица, учествуваат над 20 деца со нивните семејства како дел од рехабилитациониот процес после медицинскиот третман.

Сите активности, играта, забавата и дружбата се искомбинирани со психолошки, интерактивни и физиотерапевтски вежби со кои се поттикнува физичкиот, емотивен и социјален развој и по напуштањето на болницата. Рехабилитационите активности се одвиваат под раководство и надзор на тимот доктори и терапевти од Клиника Жан Митрев, кој е составен од психотерапевт, лиценциран психолог и семеен и системски советник.

Кампот „Моето срце во сите бои“, под целосно покровителство и голема поддршка на д-р Митрев, се одржува 15 години со ред и дава големи резултати во рехабилитацијата на децата со вродени срцеви маани.