00389 2 3091 484
октомври 10,2013
Животна приказна – Флурим Мемети
Нашата работа – работата на лекарите, медицинскиот персонал, психолозите е работа со жива материја. Нашите пациенти се луѓе, личности чии животни приказни знаат да не’ расположат, вознемират, насмеат и расплачат. Нивната реалност, понекогаш сурова, одново и одново не’ изненадува и потсетува на прашањето: можеме ли да направиме нешто повеќе за нив?! Реалноста на еден од нашите најмлади пациенти (Ф.М., 14 год.) стана предизвик на целиот тим на Филип Втори. По извршената комплексна кардиохируршка интервенција (од типот пенталогија Фало) од страна на академик др. Жан Митрев, пациентот продолжи со опоравување во нашата болница. Посетуван редовно од неговите родители, имавме можност одблиску да ги запознаеме пациентот и неговите родители, и на тој начин да ја согледаме фамилијарната динамика на целото семејство, нивните односи и животни навики, а со тоа и да ги предвидиме условите во кои пациентот ќе треба да се врати на домашно опоравување. На 24 Јули, 2013 г. ја посетивме фамилијата на Ф.М. во нивниот дом, со цел да направиме увид во животните услови во кои пациентот живеел заедно со родителите, неговиот постар брат и помалата сестричка. Проценката на нивните животни услови беше и наше соочување со суровата реалност во која Ф.М.ќе треба да се врати. Зборовите сиромаштија, немаштија, беда и нечистотија отсликуваат само дел од она што го видовме. Увидовме дека животните и хигиенските услови во кои тој живеел се сериозно ризични по неговото здравје, и решивме како тим да вложиме повеќе од себе и да се обидеме да му помогнеме и на други начини. Вработените во Филип Втори беа повикани на добротворна донација (алишта, постелнина, кујнски реквизити и покуќнина) и ја покажаа не само својата висока стручност и професионалност, туку и својата човечност. Црвениот крст на град Скопје исто така беше повикан за соработка и хуманитарна акција. Собраните средства беа донирани на 31. Јули 2013 година во живеалиштето на семејството Мемети. Тоа за нив беше драматичен и важен настан. Две ТВ станици го документираа овој настан. Мајката на Ф.М. даде изјава за ТВ Ера на албански јазик. Дотогаш силна и храбра, каква што мораше да биде за нејзиниот син полесно да ја преброди целата операција, таа за прв пат со затреперен глас и солзи јавно се заблагодари на др. Жан Митрев, др. Тања Анѓушева и сите доктори и сестри од Филип Втори.
Ако се вратиме на почетокот и прашањето: можеме ли да направиме нешто повеќе за нив?! Одговорот е едноставен: Секогаш можеме.