00389 2 3091 484
септември 22, 2015
Не постои универзален и семоќен антибиотик
Антибиотиците се едни од најмоќните лекови што спасиле безброј животи и покрај тоа што во превод од грчки нивниот назив значи против живот (anti bios).Убиваат или спречуваат раст на бактерии, габи и некои паразити. Не делуваат на вируси!!!Делотворноста на антибиотиците и можноста за контролирање на бактериските инфекции се основа на која почиваат многу достигнувања на модерната медицина.Во желбата да се помогне и во некои недиференцирани состојби, и кога не е сигурно дека болеста не е предизвикана од бактерии, антибиотиците се злоупотребувале во текот на 20. век што довело до намалување на нивната ефикасност. Нерационална примена ги „натерала“ бактериите да мутираат создавајќи бројни механизми на резистенција (отпорност) кон антимикробните средства со кои биле напаѓани и така е доведен во прашање опстанокот на овие неопходни лекови. Човекот е соочен со постојан предизвик да пронаоѓа нови антибиотици што претставува многу скап и макотрпен процес. Веќе се поставува прашањето дали оваа борба е изедначена? Дали пуштањето во промет на нови антибиотици ќе ги следи бактериските мутации или ќе влеземе во постантибиотска ера?!
Веќе постојат бактерии кои се отпорни на повеќе антибиотици, а неодамна (2010. год.) се појави “супербактерија” која беше отпорна на сите антибиотици. Дали е човештвото подготвено да се соочи со уште епидемии, за кои мислевме дека останаа заборавени во историјата? Антибиотиците се единствени лекови кои покрај индивидуална предизвикуваат и глобална штета, токму поради создавањето на отпорни бактерии, и нивната некритична примена може да го загрози опстанокот на човештвото. Резистенцијата е неминовен процес и не може да се спречи, но може да се успори.Со својата некритична употреба на антибиотици човекот е одговорен за последиците од незапирливиот и растечки проблем на бактериската резистенција.Покрај тоа што не делува на вируси, антибиотикот не е аналгетик, не е антипиретик, не е антитусик, не е деконгестив, не е имуностимулатор, не е седатив за докторот. Тоа значи дека со антибиотик не се лечи настинка, болка, температура, кашлица, затнат нос и дуго. Не постои добар и лош антибиотик, туку само добра проценка дали да се примени, а кога е веќе поставена дијагноза, да се даде вистински, во одредени дози, растојание и времетраење. Траењето на терапијата треба да е што пократко, но доволно долго. Имаме податок дека над 50% пациенти со дијагноза на настинка и некомплицирана инфекција на горни дишни патишта добиваат антибиотик од својот доктор. Значи, повеќе од 50% од целокупната примена на антибиотици е неоправдана.Најголема грешка е давањето на антибиотик без претходна микробиолошка анализа и потврдена бактериска инфекција. Изборот, дозата и времетраењето на антимикробниот третман се одредува според дијагнозата и изолиран причинител. Не постои универзален и семоќен антибиотик.
Болестите предизвикани од микроорганизми се стари колку и човештвото и имаат важно место во создавањето на историјата. Затоа имаме приоритет да помогнеме во креирањето на сопствената историја и да ги зачуваме постоечките антибиотици.Не е потрбно антибиотиците да се штедат, туку само разумно да се користат.
Др. Снежана Туфекчиевска ЃуроскаКлинички микробиолог