Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

28.03.2022

Д-р сци. Ирена Андонова – Рано откривање на карцином на генитални органи

Цервикалниот карцином на грлото на матката е едно од најчестите заболувања кај жените во светот. Кои се најчестите причини за појава на овој вид на заболување?

Главна етиолошка причина за појава на карцином на грлото на матката е инфекција со високо –ризичен тип на Хуман папилома вирус. Тоа е вирус кој се пренесува со сексуален контакт, контакт кожа со кожа и од кој денеска се типизирани повеќе од 100 типови.

Одреден дел од нив се ставени во групата на високо ризични – кои најчесто се изолираат од цервиксот на жените кај кои е дијагностициран карцином на грлото на матката. Но, тоа незначи дека доколку вие имате високо ризичен тип ХПВ вирус сигурно ќе развиете карцином на грлото на матката. Имуниот одговор на жената заедно со други фактори се тие кои го спречуваат развојот на карциномот и го победуваат вирусот.

Овој вид на карцином, често пати е асимптоматичен, што дополнително ги намалува шансите за негово рано откривање. Колку и какви редовни, гинеколошки прегледи се потребни за да се намали ризикот од карцином на матка?

Од сите карциноми кои се јавуваат на гениталните органи, само за овој карцином постои превентивен скрининг преглед. Грлото на матката е достапно за визуелизација при гинеколошки преглед со спекулум како и за земање на материјал за ПАП тест (брис со кој се анализираат промените на клетките). Во последно време ПАП тестот се комбинира со земање на брис за ХПВ типизација (за да се утврди присуството и типот на ХПВ вирусот).

Денес голем број од развиените земји во светот се на работ да го искоренат постоењето на овој карцином, што е всушност и една од целите на Светската здравствена организација за следниот десет-годишен период.
Ова е карцином кој што можеме да го превенираме и реално е возможно ниту една жена во светот повеќе да не го загуби животот од карцином на грлото на матката. Но за тоа да стане реалност, потребно е сите жени да правиме редовен годишен гинеколошки преглед, ПАП тест еднаш годишно и ХПВ типизација на две до три години.

Денес кога имаме превентивни методи на секое ниво почнувајќи од примарната зараза со ХПВ вирусот, преку преканцерозите на грлото на матката и раните стадиуми на карциномот на цервикс, можеме со сигурност да кажеме дека овој карцином во 100% на случаи е излечлив, само доклку се дијагностицира во раниот стадиум, за што е потребно едноставно еднаш годишно секоја жена да го посети својот гинеколог.

Каква е свеста кај нас за редовни гинеколошки прегледи и на кои начини може да се влијае на нејзино подигнување?

Многу подобра во последните години. Особено кај помладите генерации и во градските средини. Кампањите, советите од медицинските лица било преку традиционалните или дигиталните медиуми, достапноста и опсегот на информации на интернет, напрвија да жените почесто да се обраќаат на гинеколог. При тоа тие се порелаксирани во тек на гинеколошкиот преглед, знаат отворено да зборуваат и да бараат решение за своите проблеми. Но, за жал постојат и жени до чија свест информацијата за редовен годишен гинеколошки преглед не допира. Едноставно немаат навика да одат на превентивни гинеколошки прегледи кои секлучни за да превенираме многу болести или рано да ги откриеме.
Сметам дека и овој напис, ова интервју ќе помогне да ги натераме жените редовно да земаат ПАП тест. Ако успеме вие како медиум и јас како доктор заедно да убедиме барем една жена да отиде на гинеколог со овој разговор, тогаш нашата задача е успешна.

Некои статистички податоци покажуваат дека денес 43.9 милиони луѓе се живи и пет години по нивната дијагноза што покажува дека колективната свест се менува. Кои ризик фактори во моментов се најчеста причина за карцином?

Абсолутно дека се менува свеста на луѓето, денес сите сме поборници на здрав живот. Насекаде околу нас има написи, емисии со совети за здрав живот. На социјалните медиуми инфлуенсерите препорачуваат вежбање, здрава храна и редовни медицински контроли. Сите ние благодарение на многу светски кампањи за здрав живот сме многу повеќе здравствено едуцирани. И како заклучок јас само би ги повторила здравствените навики кои го намалуваат ризикот за појава на карциноми.

  • Живејте физички активен живот, спортувајте!
  • Имајте здрава балансирана исхрана!
  • Доволно сон, активен менаџмент на стресот!
  • Престанете да пушите! Ограничено конзумирајте алкохол!
  • Вакцинирајте се !
  • Користете креми со заштитен фактор при излегување надвор!
  • Читајте, решавајте енигматика и квизови за здравје на мозокот!

И последно, но не и најмалку важно: Следете ги медицинските упатства/препораки за годишни прегледи и скрининг методи во соогласност со возраста!
Ние во центарот за женско здравје при жан Митрев Клиниката во месец март со цел подигање на свеста за превенција од канцер нудиме пакет за сите оние кои ќе направат ПАП тест гинеколошкиот преглед е на половина цена или 3500 денари.