Наскоро, првите резултати од ВНС

Дневна доза здравје

декември 12,2017

 

На 11 ноември, 2017 за првпат беше изведена ВНС процедура кај деветгодишно дете за третман на тешки форми на епилепсија, рефрактерни на медикаментозен третман, која докажано го намалува бројот на напади кај пациенти со епилепсија, возрасни и деца.

На 01 декември, 2017 година, д-р Емилија Горгијева, невролог во Жан Митрев Клиник, заедно со стручниот тим го активираа апаратчето вградено кај детето пред три недели.

„Првите ефекти од оваа процедура најрано ги очекуваме по 6 месеци. До тогаш, ќе се следи состојбата на детето, со редовни контроли на две недели при што ќе се бележат промените и ефектите, а со тоа и ќе се регулираат стимулациите преку апаратчето“, објасни д-р Горгијева.

Целата надеж на родителите е во оваа процедура и се надеваат дека после 6 месеци веќе ќе има промени со епилептичните напади и однесувањето кај детето. До тогаш ќе продолжат со давање на редовната терапија, ќе ги следат промените и ќе доаѓаат на редовни контролни прегледи.