Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

03.04.2023

ПФО – честа причина за мозочен удар кај млади луѓе


Дали некогаш сте слушнале за ПФО?

Кога зборуваме за можни причини за мозочен удар една од нив е постоењето на отвор во срцето односно постојан форамен овале или познат и како ПФО.
Овој отвор во срцето (форамен овале) постои како таков уште во ембрионалниот развој. По породувањето овој отвор се затвора кај околу 80% од луѓето. Кај останатите отворот останува да постои и претставува потенцијален ризик за мозочен удар.

Улогата на форамен овале во тек на ембрионален развој

Во тек на ембрионалниот развој, крвта од десната преткомора поминува преку форамен овале во лева преткомора, од каде преку левата комора оди во системската циркулација. Ова се случува бидејќи фетусот не ги користи белите дробови за дишење, поради што и нема потреба од циркулација во белите дробови.

Форамен овале се затвора во тек на првите неколку недели после породувањето, но некогаш може и подоцна. При породувањето детето зема воздух, белите дробови се шират, се намалува притисокот во десното срце, се зголемува приливот на крв во левата преткомора. Тоа го зголемува притисокот во левата преткомора. Ова предизвикува функционално, а потоа и анатомско затворање на форамен овале.

Какво клиничко значење има форамен овале перзистенс?

Овој отвор се јавува кај 20% од популацијата. Иако се смета за вроден дефект, сепак тој не е дефект во прав смисол на зборот, бидејќи преградата помеѓу двете преткомори постои, но е нецелосна.
Вообичаено форамен овале може да даде клинички симпоми, како што се:

  • Мигрена (главоболка)
  • Транзиторна исхемична атака (ТИА) или
  • Мозочен удар.

Причината за појава на овие симптоми е формирањето на парадоксен емболус (маса, воздух или засирена крв). Тој се создава така што емболусот од венскиот систем, преку отворот (форамен овале) поминува од десната преткомора во левата преткомора, потоа во левата комора, аортата и во артериите на мозокот, каде врши стеснување/блокирање оносно оклузија предизвикувајќи главоболки и/или мозочен удар.

Клинички е значаен отворот, односно ПФО-то, кога е поголемо од 4mm.
Малите дефекти во детството не придизвикуваат никакви симптоми. Средно-големите и големите отвори можат и да не предизвикаат симптоми. Често, мозочен удар е првиот симптом поради што луѓето со недијагностицирано ПФО се јавуваат на лекар.

Како се поставува дијагноза?

Првото сомнение за постоење на ПФО (форамен овале перзистенс) се поставува со ехокардиографија. Трансторакалната ехокардиографија е неинвазивна метода, при која се констатира постоење на мал дефект во интератријалниот септум. Може да постои како единечен дефект или во комбинација со други дефекти. Следниот чекор е транскранијален доплер. Користејќи тест со меурчиња, се утврдува присуство или отсуство на меурчиња во церебралните артерии и на тој начин се потврдува присуството на ПФО.
Доколку тестот е позитивен, потребно е пациентот да направи магнетна резонанца на мозок, каде се утврдуваат мозочни промени. Доколку постојат мозочни промени, тогаш пациентот е индициран за затворање на отворот.

Што понатаму?

Овој отвор се лекува со перкутано затворање со помош на мала алатка, која популарно се нарекува „чадорче“. Се влегува со катетер преку ингвинална вена до срцето, каде се поставува дивајсот кој го затвора каналот. Со затворање на ПФО се спречуваат други мозочни удари кај луѓе кои имале мозочен удар од непозната причина. Ризикот од компликации од самата интервенција е мал.

Каква е прогнозата на пациентите кои имаат затворен форамен овале перзистенс?

Пациентите со затворен ПФО имаат повлекување на симптомите и прогноза слична на здравата популација.

Дали може да го намалиме ризикот од форамен овале перзистенс?

Ризикот не може да се намали, но доколку имате главоболка, особено мигренозна, или сте имале мозочен удар од непознато потекло, потребно е да се направат испитувања.

Дали форамен овале перзистенс се лекува и во Македонија?

Перкутаното затворање на форамен овале перзистенс претставува рутинска процедура во нашата болница. До сега нашиот тим има успешно изведено над 1000 вакви интервенции.