Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

04.09.2023

Потсетување на здрави навики пред изложување на сонце

И покрај тоа што сме при крај на летната сезона, сеуште ни преостанува да уживаме на топли и сочеви денови и добро е да се потсетиме за добрите навики пред изложувањето на сонце. Сонцето може да има и позитивни и негативни ефекти врз човечкото тело. УВБ зраците се неопходни за кожата да произведе витамин Д, кој е потребен за здравјето на коските. Исто така, има позитивен ефект врз подобрувањето на расположението, бидејќи сончевата светлина го стимулира ослободувањето на серотонин, познат како „хормон на среќата“ кој го зголемува општото чувство на благосостојба.

Од друга страна прекумерната или незаштитената изложеност на сончево зрачење може да има негативни последици за кожата и здравјето воопшто.
Негативните ефекти од прекумерното изложување на сонце вклучуваат: изгореници, предвремено стареење на кожата, брчки, старечки дамки, промени во текстурата на кожата и зголемен ризик од развој на меланома – рак на кожата.

За да се одржи здрава изложеност на сонце, важно е да се практикуваат одредени мерки на претпазливост. Еве неколку препораки:

  • Ограничете ја изложеноста на сонце: Избегнувајте да се изложувате на сонце за време на пикот на ултравиолетово зрачење, односно помеѓу 10 и 16 часот. Обидете се да најдете сенка или останете во затворен простор во овој период.
  • Користете крема за сончање: Лесно нанесувајте крема за сончање со широк спектар со заштитен фактор (SPF) од најмалку 30 на сите изложени регии на кожата. Погрижете се да ги покриете лицето, деколтето, рацете и нозете. Нанесувајте нов слој редовно на секои два часа, по пливање или при прекумерно потење.
  • Заштитете ги очите: Носете очила за сонце со 100% заштита од УВА и УВБ зраците. Исто така, практикувајте носење капи со широк обод за да ги заштитите лицето и главата од сонцето.
  • Носете заштитна облека: Носете облека со долги ракави, долги панталони и ткаенини изработени од природни влакна кои и даваат на кожата да диши, а при тоа овозможуваат поголема заштита од сончевите зраци. Можете исто така да барате облека со интегрирана заштита од сонце (UPF) за дополнителна заштита.
  • Барајте сенка: Секогаш кога е можно, барајте сенка за да го намалите директното изложување на сонце. Користете чадори, тенди или други средства за заштита од сонце.
  • Хидрирајте се адекватно: Останете хидрирани со пиење доволно вода, особено кога сте изложени на сонце подолго време. Изложеноста на топлина и сонце може да го зголеми губењето на течности од телото, па затоа е важно да ги дополнувате.
  • Бидете внимателни при користење солариум: Ако изберете да користите солариум, бидете свесни дека тие вештачки креирани здраци исто така можат да ја оштетат кожата и да го зголемат ризикот од рак на кожата. Најдобро е да го избегнувате, но доколку сепак се одлучите сончање во солариум, нека биде тоа умерено.
  • Вршете самопреглед на кожата: Редовно прегледувајте ја кожата за проверка на промени, нови или постоечки бенки кои ја промениле својата форма, големина или боја. Доколку забележите нешто необично, задолжително посетете лекар дерматолог.

Ова се само дел од општите совети, при што важно е да земете предвид дека секој човек може е различен од аспект на пигментот на бојата на кожата, навиките, однесувањето и различните потреби. Секогаш е препорачливо да се консултирате со лекар дерматолог за персонализирани препораки врз основа на вашиот тип на кожа и индивидуални околности.

Запомнете дека заштитата од сонце е важна дури и во облачни денови, бидејќи УВ зраците поминуваат низ облаците и може да ја оштетат кожата. Затоа неопходно е да внимавате при изложување на сонце, како за одржување на здрава кожа, така и за спречување на долгорочни здравствени проблеми.