Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

20.07.2016

Туморски маркери

Туморските маркери претставуваат супстанции кои ги произведуваат клетките на карциномот односно организмот ги создава како одговор на присуство на малиген процес. Мерењето на туморските маркери е помошна дијагноза во дијагностицирањето на карциномот како и неговото лекување.
Истите не се препорачуваат како примарен дијагностички параметар на малигната болест (истата мора да се дефинира со хистолошка анализа на клетките на туморската маса),а зголемени туморски маркери при позитивен патолошки наод само ја потврдуваат истата дијагноза.
Мерењето на нивото на туморските маркери како единствена дијагностичка анализа не е доволен доказ за дијагноза на карциномот поради следните причини:
-Туморските маркери може да бидат зголемени и кај лица со одредени бенигни состојби;
-Истите не се зголемени кај секое лице кое боледува од карцином, посебно во раните стадиуми;
-Многу туморски маркери не се специфични за еден посебен облик на карцином.
Затоа нивото на концентрацијата на туморскиот маркер помага во процена на големината на туморот, стадиумот на болеста, нејзиниот тек пред и после хирушки зафат како и успешноста и мониторирањето на хемотерапијата. Затоа е пожелно истите да се одредуваат пред почетокот, за време и после третманот со хемотерапија.
Намалување на нивото на туморските маркери на нормална граница обично е показател на добар одговор на терапијата а негово зголемување најчесто укажува на пораст на туморот.
ПОЕДИНЕЧНИ ВИДОВИ НА ТУМОРСКИ МАРКЕРИ
1.CEA (Карциноембрионален антиген)
Тоа е еден од првите туморски маркери кои се користеле во клиничката пракса.Спаѓа во групата на онкофетални антигени кои нормално се излачуваат во ембрионалниот и феталниот развој и истите туморската маса може да ги излачува во огромни концентрации.
Зголемени вредности на CEA може да се забележат кај разни типови карцином како меланом, лимфом, панкреа, желудник, хепар, дебело црево…посебно кога се работи за метастатски процес. Многу е корисен за контрола на текот на болеста. Имено обично 1-2 месеца после хирушкиот зафат неговите вредности се нормализираат.Затоа е пожелно да се проверува секој месец после оперативниот зафат зашто негово повторно покачување укажува на враќање на болеста.
2.AFP (Алфа-фето протеин)
Тоа е протеин кој нормално се наоѓа во феталната крв за да веднаш после раѓањето неговата вредност се нормализира и скоро е во немерливи граници.
Важен параметар е за дијагноза на хепатоцелуларниот карцином и еден од најсигурните показатели за овој вид карцином. Исто така AFP е зголемен и кај тумори на тестиси и јајници и при овие состојби истиот се зголемува рапидно и над 500 ng/ml.
3.CA 125
Тоа е антиген кој најчесто е специфичен и се користи за следење на лекувањето на карцином на јајници односно се следи терапискиот успех после завршување на лекувањето. Неговото зголемување кај жените со карцином на јајници често го следи клиничкиот тек на болеста.
4.CA 19-9
Тоа се моноклонални антитела кои во зголемена концентрација се забележуваат најчесто кај карцином на дебело црево, панкреас, желудник, односно негово зголемување се поврзува со карцином на некој внатрешен орган.
5.CA 15-3
Мерењето на овој маркер е најкорисно за следење на текот на лекувањето кај жени со карцином на дојка. Ретко е покачен во раните стадиуми на болеста, но ако станува збор за напредната фаза на болеста неговите вредности рапидно се зголемуваат.
6.PSA (простатично специфичен антиген)
Тоа е гликопротеин кој во нормална концентрација е присутен во крвта на сите возрасни мажи.Го произведуваат единствено нормалните и абнормалните клетки на простатата и ниту еден друг орган, што значи има ткивна специфичност.
Зголемени вредности на PSA може да се забележат во крвта на мажи со малигни заболувања на простата како и кај воспалителни процеси на истата (простатитис) и бенигна хиперплазија на простата. Мерењето на концентрацијата на PSA е корисно за следење на успехот на терапијата во лекувањето на карцином на простата како и контрола на враќањето на болеста после примената терапија.
Пишува: Дипл.инж.по биохемија Александра Црвенпанова