Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

27.04.2015

Ургентна перикардиоцентеза

Кардиолошка метода на дренажа на просторот околу срцето

Перикардот претставува обвивка околу срцето. Перикардиоцентеза претставува процедура при која се отстранува насобрана течност од перикардот. Најчеста причина поради која се прави перикардиоцентеза е состојба на срцева тампонада, при која доаѓа до брзо насобирање на течност во перикардот. Течноста притиска на срцевите шуплини, а перикардот има ограничена можност за растегнување. Кога перикардот нема да може да се растегне доволно за да навлезе крв во срцевите шуплини настанува т.н. хемодинамски колапс, кога срцето не може да прими а потоа и да испумпа крв. Тоа е живото-загрозувачка состојба. Тампонадата најчесто е предизвикана од излив на крв по повреда на срцевиот мускул или од воспалителен процес.

Пациентите со голем перикарден излив се жалат на глад за воздух, поспаност, низок крвен притисок, забрзана срцева работа, растегнување на југуларните вени на вратот. Кај сите пациенти со клиничка слика за акутно срцево засегање потребно е да се направи итна ехокардиографија. Кај хемодинамски нестабилен пациент при визуелизација на голем перикарден излив кој притиска на десната комора и преткомора потребно е да се изведе итна перикардиоцентеза. На перикардниот излив може да му се пристапи субксифоидно (преку просторот помеѓу processus xiphoideus и левиот ребрен лак) и парастернално (убодот е во 5-тиот лев интеркостален простор, до работ на стернумот).Потврда за успешност на процедурата претставува аспирирање на течност од перикардниот простор: некрвава течност или крв која не се згрутчува.

При неправилно изведување на перикардиоцентезата можат да настанат компликации, како што се: нема аспирација на течност, пнеумоторакс, повреда на миокардијален коронарен крвен сад, хемоперикард, воздушна емболија, аритмии, Cardiac arrest или смрт, повреда на хепар, инфекција. Компликациите се сретнуваат, но не толку чести и нивниот процент е занемарлив во споредба со живото-спасувачката процедура. Во раце на искусен тим перикардиоцентезата претставува безбедна, живото-спасувачка процедура.