Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

21.11.2022

Вирусни респираторни инфекции кај децата во есенско-зимскиот период

Со самото намалување на надворешните температури во есенскиот и зимскиот период се соочуваме со се поинтензивни вирусни респираторни инфекции кај децата кој се одговорни за повеќе од 80% од сите респираторни инфекции.

Фактори на ризик

Респираторните инфекции најлесно се шират во затворени простории каде што престојуваат поголем број на деца како што се колективните установи, градинките и училиштата. Се карактеризираат со брза трансмисија односно се пренесуваат многу лесно по капков пат преку секретите од кашлање, кивање односно близок контакт на здраво со болно лице како и предмети кој се наоѓаат во непосредна околина. Децата се тие кои постојано имаат контакт со се што ги опкружува и лесно можат да дојдат во допир со самата инфекција. Како дополнителен фактор се вбројува и влажноста на воздухот и аерозагадувањето.

Исто така поради самите анатомско-функционални особености на респираторниот систем кај децата (помал дијаметар на дишните патишта, поголема мукусна секреција) зачестеноста кај нив е поголема.

За време на Ковид пандемијата децата беа повеќе дома со помалку социјални контакти а со самото тоа и со помала експозиција према други респираторни патогени. Сега кога се стабилизира состојбата со корона вирусот и се вративме кон еден нормален живот децата станаа посензитнивни кон бројните респираторни вируси и почесто се разболуваат.

Како најчести причинители на вирусни респираторни инфекции се вбројуваат: респираторен синцицијален вирус (RSV), риновирус, аденовирус, инфлуенца А и Б, параинфлуенца.
Колку еден од овие инфекти ќе го нападне детскиот организам зависи пред се од вирулентноста на истиот од една страна и зрелоста на имунолошкиот систем од друга страна, како и начинот на живот и исхраната кај децата. Колку се децата помали толку е понезрел нивниот имунолошки систем. Вообичаено е претшколско дете да боледува околу 9 пати од акутни горнореспираторни инфекции во текот на една календарска година. Нивната инциденца се намалува со растењето.

Симптоми

Респираторните вирусни инфекции најчесто ги зафаќаат горните дишни патишта и клинички се манифестираат како: ринит, тонзилит, ларингит, синусит, како и долните респираторни патишта кои одат со клиничка слика на бронхиолит, бронхит и пневмонија.
Во зависност од времетраењето се делат на акутни и хронични инфекции.

Најчести симптоми на респираторни вирусни инфекции кај децата се:

  • течење на нос
  • црвени и солзни очи (плачна маска)
  • болка во грлото
  • кивање
  • кашлање
  • покачена телесна температура
  • малаксаност, болка во мускули и зглобови
  • главоболка, раздразливост
  • намален апетит
  • осип на кожата

Почетокот на вирусната инфекција се бележи со растечено носе, грепкање или болка во грлото, кивање, блага главоболка , покачена телесна температура. Овие симптоми најчесто траат 3 до 5 дена. На нив се надоврзува и кашлица која на почетокот е сува а потоа може да биде продуктивна.
Симптомите се развиваат со различен интензитет и зависат од индивидуалната подготвеност на имунолошкиот систем да се бори против инфекцијата. Респираторните инфекции кај поголемите деца најчесто се манифестира со благи симптоми отколку кај новороденчињата или доенчињата кој може да предизвика и компликации. Децата се раѓаат со антитела кој ги добиваат трансплацентарно од мајката.

Овие антитела опаѓаат околу четвртиот месец и тоа е период кога доенчето ги има изгубено антителата од мајката и сеуште нема создавање на сопствени антитела. Тоа е тој критичен период поради што доенчињата не треба да се изложуваат на големи собири каде што има голема концентрација на луѓе а со самото тоа и количината на вируси е поголема бидејќи голема е веројатноста да се разболат, но не и да се чуваат во стаклено ѕвоно.

Кај респираторните вирусни инфекции она што најмногу ги плаши родителите е зголемената телесна температура и како да се справат со неа. Нормална телесна температура е 37 степени измерена под пазувите односно аксиларно или до 37,5 степени измерена ректално.
Зголемената телесна температура преставува прв одбранбен механизам на организмот во борба против инфекцијата на начин што делува неповолно за развојот на многу вируси и е прв значаен сигнал во имунолошкиот систем. При покачување на температурата на 38-38,5 степени се активираат имунолошки механизми кој учествуваат во одбрана на организмот. Доколку дадеме антипиретик на температура до 38,5 степени доаѓа до послаб одговор на самата инфекција и инфекцијата може да трае подолго. Поради тоа се советуваат родителите да се даде антипиретик само доколку температурата е над 38,5 степени.

Но, сепак она што е битно кај нас педијатрите е самиот тек на инфекцијата, општата состојба на детето, дали се влошува и дали се појавуваат и дополнителни симптоми на болеста. Вообичаено вирусните инфекции траат 7 до 14 дена.
Доколку симптомите траат подолго и родителот забележи повторно пораст на телесната температура во краток временски интервал, отежнато дишење, интензивирање на кашлицата, осип, повраќање, детето е адинамично и малаксано како и присуство на други симптоми кои доведуваат до влошување на општата состојба на децата во тој случај сите овие параметри треба да му претставуваат АЛАРМ на родителот дека нешто се случува со нивното дете. Овие симптоми одат во прилог на инфекција на долните респираторни патишта поради што се потребни дополнителни иследувања и соодветен третман. Доколку е потребно треба да се направат лабораториски анализи за да ја олесниме диференцијацијата меѓу бактериска и вирусна инфекција.

Начинот на кој организмот ќе се справи со вирусната инфекција зависи од имунолошкиот статус на детето. Имунолошкиот систем е клуч за сите болести почнувајќи од обична настинка па се до тешки заболувања.

Третман и терапија

Лекувањето кај респираторните вирусни инфекции е симптоматски. Се советуваат родителите да бидат трпеливи и да дозволат прво природните одбранбени механизми да делуваат.

  • Се препорачува да се даде антипиретик од парацетамолски тип само доколку температурата е над 38,5 степени.
  • Туширање со млака вода,никако со ладна вода бидејќи може да доведе до нагло ладење на телото и до температурен шок.
  • Разладување на телото со примена на масажа со медицински алкохол.
  • Тоалета на носе со солен раствор, ќе му помогне на детето полесно да диши преку нос.
  • Зголемен внес на течности како чаеви, сокови, супи како и раствори за орална рехидратација. Децата најчесто имаат намален апетит, тоа е во ред но пред се треба да се погрижиме да пијат што повеќе течности.
  • Балансирана исхрана со витамини и минерали.
  • Мирување, одморот ќе помогне во закрепнувањето.

Вирусните инфекции никогаш не се третираат со антибиотици. Антибиотикот делува во случај само ако има бактериска инфекција, НЕ ДЕЛУВА НА ВИРУС.
Превентивно давање на антибиотици не се препорачува. Прекумерната употреба на антибиотиците доведува до развој на резистенција на бактериите, поради што се доведуваме до ситуација да тамо кај што треба да дадеме антибиотик да не делува на бактериската инфекција. Нерационална употреба на антибиотици доведува до уништување на оние добри бактерии кои ги имаме во нас, во носот, грлото, цревата и во тие случаеви многу е полесно патогена бактерија да предизвика болест. Исто така антибиотиците дополнително го ослабуваат имунолошкиот систем и не му помагаат на детето да се избори со инфекцијата. Поради сето ова антибиотик се дава само доколку има потреба од истиот.

Родителите често се прашуваат што да направат за да го зајакнат имунитетот кај своето дете
Најефикасни се природните начини на зајакнување на имунитетот. Тоа подразбира:

  • Здрава избалансирана исхрана богата со протеини, витамини и минерали. Внес на многу свежо овошје и зеленчук.
  • Доење кај новороденчињата и доенчињата.
  • Подолг престој на чист воздух на планина.
  • Редовна физичка активност како и секојдневни прошетки кој ќе влијаат позитивно на здравјето на детето.
  • Сон со добар квалитет.
  • Спроведување на основни хигиенски мерки (редовно миење на рацете, често проветрување на просториите…)

Во есенско-зимскиот период поради недоволно создавање на витамин Д преку нашата кожа под дејство на сонцето, во ладните периоди од годината од месец октомври до месец април се препорачува земање на витамин Д. Витаминот Д не само што е важен во правилниот раст и развој на детскиот организам има корисен ефект и врз имуниот систем. Исто така внес на витамин Ц како есенцијален антиоксиданс и ензимски кофактор поволно влијае на бројни физиолошки реакции во организмот, како и земање на пробиотик.

Комбинацијата на сите овие наведени мерки се основен темел кој ќе придонесе до зајакнување на имунитетот кај децата а со самото тоа и до подобро и полесно справување со респираторните вирусни инфекции во овие ладни денови.