00389 2 3091 484
јули 07,2017
Втората група на средно медицински профил од Центарот за едукација- ZAN MITREV CLINIC ја започнаа тримесечната едукација. Во понеделникот, на 3 јули, 2017, точно во 7 часот чекаа пред Аудиториумот во Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ… Возбудени од новиот предизвик, групата од 9 избрани студенти од повеќе градови од Македонија се претставуваа…. Менторките кои се медицински сестри со долгогодишно работно искуство им посакаа добредојде и успешен старт на новата група со желби за успешно завршување на едукацијата. При тоа, како добар пример ги посочија нивните претходници кои со високи резултати ја заокружија интензивната тримесечна едукација. На првата средба со „идните“ колешки и единствениот колега ги информираа за текот на процесот, за користа од овој тип на едукација, а воедно им се заблагодарија за нивниот интерес за стекнување со нови знаења и искуства кои ќе ги добијат од сите оддели во болницата.
Дека кандидатите од средно медицински профил се жедни за нови искуства, за запознавање со новата работна средина и збогатување на знаењата се потврди од нивните искази… „ Со задоволство се пријавивме на огласот за едукација кој беше објавен на ФБ профилот на болницата. Сакав да бидам дел од овој процес и сум благодарна што ме избравте“, рече една од нив. “Сметам дека ова е одлична можност да се стекнам со вредни знаења и искуства и дека за овој период ќе успееме да се подготвиме за новите работни предизвици“, се приклучи уште една студентка од групата на млади, скромни студенти. Од првиот ден, како впечаток го издвоија организираниот начин на работа во сите оддели, а ја потенцираа и можноста да поразговараат и со д-р Емил Стоицовски, медицински директор и одговорен на одделот за интензивна нега. Ветија дека ќе се трудат да ги оправдат очекувањата од нив и да бидат дел од тимот на Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ.
Во центарот за едукација ZAN MITREV CLINIC, пред две недели заврши едукацијата за првата група од деветмина студенти од средно медицински профил. По успешно поминатиот интензивен и специфичен процес на едукација, кој се состои од теоретски и практичен дел, тие се веќе интегрирани и вработени во Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ.