Отоци

Дневна доза здравје

декември 12,2015

Отоците или народски кажано насобирање на течност во ткивото, претставуваат многу значајни знаци за еден широк спектар на болести. Причини кои може да доведат до создавање на отоци се следните:

Зголемен притисок во капиларите – Притисокот во капиларите ако се зголеми доаѓа до “излегување“ на вода и електролити од мрежата на крвни садови, надвор во ткивата. Тој притисок може да биде зголемен во неколку случаи:

Зголемена задршка на вода и сол од страна на бубрезите поради постоење на многу болести на бубрежното ткиво кои доведуваат до нивно пропаѓање или поради преголемо лачење на хормони од надбубрежната жлезда кои доведуваат до задршка на сол и вода.

Зголемен притисок во вените или запушување на венското корито. Овие состојби настануваат кај слабост на срцето, кога срцето неможе да ја испумпа цела крв која доаѓа до него па таа заостанува во венските крвни садови и го зголемува венскиот притисок. Друга причина може да е запушување на некој венски крвен сад, или откажување на венските пумпи, поради парализа на мускулите, имобилизација на дел од телото.

Намален отпор во артериолите поради користење на лекови кои предизвикуваат проширување на крвните садови (вазодилататорни лекови ) или поради нарушување на дел од нервниот систем ( нарушена функција на симпатичкиот нервен систем).

Намалена концентрација на протеини во плазмата – протеините во плазмата може да бидат намалени ако се губат преку бубрезите кај различни бубрежни болести, да се губат преку кожата, кај изгореници и рани на кожата или кај наружување на процесот на производство на протеини во телото како на пример кај болести на црниот дроб или при недоволен внес на протеини.

Зголемена пропустливост на капиларите – кај различни реакции на имунитетот поттикнати од некои имунолошки продукти како хистаминот, токсини, бактерии, недостаток на витамини, пречки во циркулација, изгореници.

Заболувања на лимфниот систем кои доведуваат до блокирање на лимфните садови и намалена способност на истиот за отстарнување на вишокот на течности од ткивото. Такви состојби има кај малигни болести, инфекции, после оперативни зафати или вродени недостатоци на лимфниот систем.