00389 2 3091 484
април 04,2016
Денеска планетата Земја го одбележува светскиот ден на здравјето 7-ми Април. Оваа година посветен на борбата против дијабетесот под мотото „Да го победиме дијабетот“. Шеќерната болест претставува еден од најголемите здравствени проблеми и предизвици на модерното време со големи хумани , економски и социјални последици. Лицата со дијабетес имаат 2-4 пати поголема можност за мозочен удар и инфаркт на срце . Ова заболување е најчеста причина за слепило кај работоактивното население, терминална бубрежна болест и нетрауматските ампутации на долните екстремитети. Фрапирачки е податокот дека годишно на светско ниво умираат подеднаков број на лица кои се заболени од дијабетес и од СИДА. Според податоците на СЗО во светот околу 450 милиони луѓе имаат дијабетес кој е со рапиден пораст особено во земјите во развој . Поголемиот број од заболените се на возраст од 45- 65 години. Во Македонија има околу 120.000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2. Од нив околу 36 000 лица примаат инсулин. Најчестите знаци, симптоми кои можат да бидат аларм за постоење на зголемени вредности на шеќер во крвта се следните : Зголемено чувство на жед, често мокрење, зголемен апетит, необјасниво губење на телесната маса, замор, заматен вид, споро зараснување на рани, чести инфекции. Превентивните прегледи и зголемувањето на свеста за ризик факторите за ова заболување можат да ги намалат бројките, да споменеме некој од нив: недоволна физичка активност, стрес, зголемена телесна тежина. На Генералното Собрание на ОН во 2006 година беше усвоена Резолуцијата за дијабетесот. Тогаш за прв пат едно незаразно заболување –дијабетесот е посочено како глобален проблем кој може да се третира како епидемија. Затоа на секој од нас мора императив да му биде сопственото здравје. Редовните контроли и здравиот начин на живот да станат дел од нашето постоење.