Успешна операција кај новороденче со транспозиција на големи крвни садови


И покрај прогласената пандемија на коронавирус Клиничката болница „Жан Митрев“ непречено пружа здравствени услуги за сите пациенти.
Пред два дена од Клиниката за педијатрија беше дијагностицирано новороденче со транспозиција на големите крвни садови. Новороденото беше донесено во нашата клиника само три часа после породувањето. Заради срцевата аномалија, крвта не можеше да се снабдува со кислород, па во многу тешка состојба беше префрлено и итно оперирано.
Се направи комплетна корекција на сите аномалии на срцето. Операцијата траеше четири часа и помина во најдобар ред. Следниот ден, бебето беше тргнато од машината за дишење и се почна со сите мерки на опоравување.
“Убаво е чувството кога едно бебе кое е комплетно модро и се бори за живот, веднаш по корекцијата ќе го видите во убава розова боја, бара храна и се бунтува со плачење…”- изјави д-р Жан Митрев по операцијата на овој наш најмал пациент во овој период.
Посветеноста и ентузијазмот на тимот на Д-р Митрев извојуваа уште една победа и донесоа насмевки и надеж во уште едно македонско семејство.
Првата информација за постоперативната состојба на детето и веста дека е извадено од апаратот за дишење родителите  ја примија со возбуда, среќа и многу благослови за персоналот и клиниката.
Во време кога светот се соочува со најголемата здравствена криза, Клиничката болница „Жан Митрев“ и целокупниот персонал се максимално посветени на грижата за здравјето и на нашите најмали пациенти.

Известување

Почитувани,

Ве известуваме  дека во Клиничка болница „Жан Митрев“ се прават тестови за испитување на новиот коронавирус SARS-CoV-2 (кој предизвикува Covid -19).

За информации и закажување термини за тестот може да се јавите на телефонскиот број +389 2 3104 921 од 14:00 до 16:00 часот.

Доколку имате симптоми, а не можете да не добиете на телефонскиот број, испратете ни мејл објаснувајќи ги симптомите, како и епидемиолошките податоци (дали, каде и кога сте патувале, кога сте се вратиле, кога ви започнале симптомите и кои симптоми ги имате, како и дали сте биле во контакт со заболено лице). Нашиот мејл е genetskalab@zmc.mk .

Брисоловките се доставуваат само на потврден термин преку телефон или мејл бидејќи постои посебен протокол за спроведување.

Сите пациенти кои не се најавени, нема да бидат примени за тестирање. Дневно во нашата клиника се прават стотина вакви тестови.

Се препорачува ваков тест да направат само  оние коишто имаат симптоми и доаѓаат од земјите со висок и среден ризик.

Примероците за тестирање на Covid 19 се земаат во специјален пункт којшто е одделен од останатиот дел од болницата со цел максимална безбедност и заштита.

Во нашата клиника засега нема позитивни пациенти и вработени на Covid 19.

Потврдените позитивни случаи на Covid 19 кои беа дијагностицирани во нашата клиника се од примероци донесени од трети лица на специјалниот пункт.

Се почитуваат и превземаат сите  мерки согласно препораките на Министерството за здравство.

Ковид -19 и бременоста

Денес, минимален број на  информации се достапни во врска со  Коронавирус 2019 (Ковид-19) и бременост. Во две мали студии, вклучувајќи вкупно 18 бремени жени со потврдена пневмонија Ковид-19, нема лабораториски докази за пренесување на инфекцијата интраутерино врз новороденчето. Сепак, документирани се два неонатални случаи на инфекција. Еден кај новороденче на возраст од 17 дена, каде инфекцијата со Ковид-19  се припишува на близок контакт со заразени возрасни лица;  изворот и времето на пренесување во другиот случај се нејасни.

Превенцијата, евалуацијата, дијагностицирањето и третманот на бремените жени сомнителни за Ковид-19 треба да биде ист па дури и пригорозен од оној кај не-бремени особи, со оглед дека бремените жени кои се заразиле со Ковид-19 се чини дека се подложни на развој на посериозни секвели.

 

Д-р сци.мед Ирена Андонова

Гинеколог – акушер

Ресурсите на Zan Mitrev Clinic понудени на државата

Почитувани,

Во однос на новонастананата состојба со пандемијата на вирусот Ковид-19 сакаме да ја информираме јавноста дека Клиничка болница „Жан Митрев“ уште минатата недела ги понуди сите свои капацитети на граѓаните на државава. До Министерството за здравство упативме податоци за сите наши капацитети и од вработен персонал и од техничко –технолошка опременост во насока на искористување за потребите на државата а по план и програма што ќе ги одреди или побара од нас ресорното министесртво.

Во таа насока уште еднаш потенцираме дека понудивме 40 респиратори за возрасни, 6 за деца и 2 транспортни инкубатори за новороденчиња.
Нашата клиника спроверува најригорозни мерки за заштита од вирусот во целиот објект на клиниката се со цел врвна безбедност и сигурност на сите пациенти, посетители и вработени.

Ќе Ве молиме сите да се придржувате до препорачаните мерки од ресорното министерство со цел заштита и превенција од вирусот Ковид 19.

Тука сме за Вас со полн капацитет.

Клиничка болница „Жан Митрев“ се грижи за Вашето здравје!

Успешен третман на инконтиненција при напор кај жените


Стрес-инконтиненцијата на уринарниот  систем се јавува при активност како што се кашлање, кивање, вежбање или во најтешки случаи при сексуален однос при што доаѓа до истекување на мала количина на урина од уретрата, мочниот канал.

Стрес-инконтиненција на урината е најчестиот вид на инконтиненција што ја претрпуваат жените, особено повозрасните. Покрај тоа, кај жените што родиле е поголема веројатноста да имаат стрес-инконтиненција.

Со стрес-инконтиненција, движењата и активностите како што се кашлање, кивање и кревање доведуваат до  поголем абдоминален притисок врз мочниот меур. Тоа предизвикува истекување на урина. Голем број причини можат да доведат до појава на стресна инконтиненција. На пример, тоа може да биде резултат на слаби мускули во карличниот дел или слаб сфинктер мускул на вратот на мочниот меур. Проблем со начинот на кој мускулот на сфинктерот се отвора и затвора, исто така, може да резултира во инконтиненција на стрес. Хронично кашлање, пушење и дебелина може да доведе до ваква појава.

Во случаи на стресна инконтиненција, мускулите во карлицата можат да ослабнат. Ова може да предизвика мочниот меур да се спушти во позиција што ja спречува уретрата целосно да се затвори. Резултатот е истекување на урина.

Главниот симптом на инконтиненција на стресот е истекување на урина во време на физичко движење или активност. Примери за видови активности поврзани со протекување на урина вклучуваат смеење, кашлање, кревање или вежбање. Истекувањето може да биде малку или во поголема количина.

Постојат голем број на третмани достапни за стрес-инконтиненција:

– Вежби на Кегел, исто така наречени вежби на карличен појас, помагаат во зајакнувањето на мускулите кои го поддржуваат мочниот меур, матката и цревата. Со зајакнување на овие мускули, можете да ги намалите проблемите со истекување.

– Намалување на телената тежина: стрес – инконтиненцијата е поврзана со дебелината.

– Хирургија: Кога другите методи за лекување на инконтиненција на стрес не функционираат, операцијата може да биде опција. Хирургијата сега е минимално инвазивна и се изведува на амбулантска основа во повеќето случаи. Постојат повеќе типа на операции дизајнирани да помогнат да се задржи сфинктерната функција на мочниот меур  и да се третира инконтиненцијата.

– Минимално инвазивна интервенција: Во оваа постапка, хирургот прави 8 до 9 мм. засек на вагиналнот преден зид и со специјални носачи поставува полипропиленски додаток кој е траен и ја превзема функцијата на сфинктер на мочнот меур. Ова е златен стандарт за третман на стрес инконтиненцијата на урина со успех преку 95% во следење од 5 години.

Вештачки сфинктери: Најчесто се користи за мажи, но исто така може да биде соодветно за жени.

Само четвртина од жените бараат лекарска помош во период на менопауза

Менопаузата, позната и како климактериум или втор пубертет, го означува крајот на менструацијата, а со тоа и можноста жената да раѓа и да го проширува семејството. Менопаузата се дефинира како состојба на отсуство на менструација во текот на 12 последователни месеци.

Завршувањето на репродуктивниот период е резултат на намаленото лачење на женски хормони (естроген и прогестерон) од јајниците. Транзицијата од плодна во неплодна состојба кај жените се случува постепено, во текот на неколку години и е последица на биолошкото стареење. На крајот, јајниците веќе не произведуваат јајце-клетки и жената не може да остане бремена,  но сепак останува сексуално активна, здрава и витална вели Проф. д-р Васил Илиев, специјалист по гинекологија и акушерство.

Почетокот на менопаузата е индивидуален. Најчесто настапува меѓу 45 и 55-годишна возраст, но има и жени кои влегуваат во менопауза во 30-тите или 60-тите години од животот. Се смета дека просечната возраст на која жените стапуваат во менопауза е 51 година.

Во периодот на менопауза јајчниците лачат естрогени, но има недостиг на прогестерон – хормони кои го регулираат нормалниот менструален циклус и плодноста. Во овој период ризиците за остеопороза се зголемуваат, како и за кардиоваскуларни заболувања и когнитивен пад, затоа жените во менопауза мора да внимаваат и на здравјето на кардиоваскуларниот систем и да почнат со редовни кардиолошки прегледи за да спречаат посериозни компликации. Иако 70 до 80 проценти од жените во менопауза забележуваат топли бранови  и ноќни препотувања (вазомоторни симптоми), минливи сензации на топлина, потење, вознемиреност или студ што трае 1 до 5 минути (или некоја комбинација од нив), само 25% бараат помош.

Со опаѓање на нивото на естроген, терморегулационата зона на терморегулациониот центар во  мозокот се стеснува, што доведува до опишаните симптоми кај  жената.

Еве некои симптоми кои укажуваат на почеток на менопауза.

  1. Нередовен циклус

Нередовниот циклус е првиот и највообичаен симптом на менопауза. Тој е резултат од нестабилноста на хормоните на вашето тело кои работат до крајот на вашата плодност.

  1. Топли валунзи

Топли, а понекогаш и ладни валунзи се случуваат ненадејно и предизвикуваат црвенило во лицето. Сето тоа се случува заради падот на естрогенот.

  1. Непријатност при спиењето

Жените кои минуваат низ менопауза можат да страдаат од несоница затоа што не можат да спијат од брановите на жештина. Освен снабдувањето на телото со естроген, во периодот на менопауза опаѓа и снабдувањето на прогестерон.

  1. Вагинална сувост

Заради намаленото производство на естроген, кој е одговорен за одржување на влажноста на вагината, ткивото почнува да се суши и станува помалку еластично.

  1. Напнатост и депресија

Чувството на напнатост, изиритираност и депресија можат да ја совладаат жената која минува низ менопауза. Вознемиреност и губење на емоционалната стабилност се вообичаени симптоми, како и нападите на паника и физичките знаци, како забрзано биење на срцето и отежнато дишење.

  1. Болки во екстремитетите

Заради хормоналната неурамнотеженост екстремитетите почнуваат полека да отекуваат и да болат. Меѓутоа, доколку е болката се зачестена и понеподнослива, треба да се оди на лекар.

  1. Хормонална неурамнотеженост

Чест симптом на влегувањето во менопауза е и постоењето на хормонална неурамнотеженост која се гледа и во промените во растењето на косата. Заради намаленото производство на естроген може да дојде и до проретчување или до губење на косата.

Вазомоторни симптоми, распространети кај перименопаузални и  менопаузални жени, се поврзани со намален квалитет на спиење, потешкотии во концентрацијата, раздразливост, намален квалитет на живот, послаб здравствен статус и губење на цвстината на коските.

Исто така менопаузата може да се поврзе и со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања и когнитивни промени.

Генитоуринарен синдром на менопауза, со промени во мочниот меур, вулвата и вагината, постои кај скоро половина од жените во постменопауза. Симптомите вклучуваат вагинална сувост, жежење, иритација, сувост, диспареунија (болен секс), уринарни тегоби како  итност и фреквенција, дизурија и повторливи инфекции на уринарниот тракт. Ова во значајна мерка влијае на интимните односи и воопшто на квалитетот на животот.

Менопаузалната хормонска терапија обезбедува олеснување на вазомоторната симптоматологија (топлотни бранови, ноќни потења, лош сон и т.н.) ја намалува остеопоозта и ризикот од фрактури и (администрирано локално) се санира генитоуринарниот синдром на менопаузата.

Особено е полезно жените да се информираат што точно ги очекува во менопаузата, како и за различните опции кои им стојат на располагање во случај да им биде потребна помош за полесно поднесување на симптомите и евентуалните последици.

Месецот на љубовта во име на сите наши срцеви херои

И оваа година под мотото “МЕСЕЦОТ НА ЉУБОВТА ВО ИМЕ НА СИТЕ НАШИ СРЦЕВИ ХЕРОИ”

– Малите промени може да направат големи разлики” во месец февруари беа спроведени неколку активности со кои се приклучуваме кон напорите за подигнување на свеста на секој поединец за грижата која секој треба да ја посвети за здравјето на своето срце и ризиците кои влијаат за појава на одредени аномалии во неговата работа.

Месец февруари се одбележува како месец на здравјето на срцето во Америка и дополително како месец кој фокусот го става на свесноста за вродените срцеви маани. Преку промоција на здравите животни навики и навремените прегледи тимот од ZAN MITREV CLINIC направи напори да ја пренесе пораката до најмладите кои остануваат да бидат промотери на истите и на тој начин да продолжи со својата општествено одговорна работа.

Во рамки на активностите беа спроведени неколку искуствени работилници наменети за волонтерите од Црвен Крст на град Скопје и истите беа спроведени од страна на стручниот тим на клиниката. Психолозите оддржаа работилница наменета за рефлектирање на што се може да направиме за нашето ментално здравје и на тој начин да го поддржиме здравјето на нашето срце, физиотерапевтите зборуваа за значајноста на физичката активност додека пак нутриционистот зборуваше за тоа колку исхраната придонесува за добро здравје и енергија.

Во рамки на активностите беа направени и бесплатни кардиолошки и педијатриски прегледи на деца кои се деца од бегалските кампови сместени во Македонија.

Веруваме дека ваквите активности ќе придонесат кон промовирање на здравјето на нашите срца, и дека преку истите успеавме да им оддадеме почит на сите наши херои кои поминале низ интервенции и операции во нашата клиника.

 

Одбележан 20-годишниот јубилеј на „Zan Mitrev Clinic“


Акад. д-р Митрев:
Среќен сум што ве имам, што можам сето ова да го направам за вас и што сè што правам има смисла!

„Се надевам дека добро се забавувате, мило ми е што гледам многу драги луѓе. Ако не се ваквите настани нема да се видиме, а јас верувале или не тука сум цели 20 години. Низ што сè се мина во овие години, но важно е дека сме тука сме и правиме многу убави работи, направивме многу и ќе продолжиме и понатаму“, рече акад. д-р Жан Митрев, во своето обраќање пред присутните вчеравечер во хотелот „Александар Палас“ на свеченото одбележување на 20-годишниот јубилеј, на денот кога точно пред 20 години стартуваше со работа „Zan Mitrev Clinic“ на самиот почеток именувана како Специјална болница по хируршки болести „Филип Втори“.

Пред точно 20 години на 1 март 2000 година со првата бај-пас операција во Република Македонија се поставени темелите на современите медицински услуги. Токму тогаш почна да се пишува историјата во македонското здравство, новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија.

„Денеска е и посебен ден, денеска е Прочка, мене ми велат да простам, но еве и јас велам да ми простат сите на кои сум им згрешил, сите оние кои се со мене многу години, нека ми простат што сум ваков каков што сум. За нив не е баш лесно, нека ми простат оти барам и ред и дисциплина, и да се знае кој што прави, и да има меѓусебно почитување, да има хиерархија, да се знае кој коси кој вода носи. Не им е лесно затоа нека ми простат, ама нема да биде поинаку ќе биде така и затоа ќе тераме натаму“, се пошегува акад. д-р Митрев и уште додаде дека е горд што од болница како институција од која луѓето се плашат и трауматизираат успеал да создаде нешто сосема поинакво.

„Горд сум што имаме врвни луѓе, врвни доктори, вечерва и врвни гости, а правиме врвни работи. Значи, можно е во Македонија да се направи вакво нешто и јас тоа го покажувам со сè што правам и ако имав разни опоненти. Но факт е дека сè што правам е тука и останува тука и е за сите нас. Направивме еден систем во кој сите без разлика дали се работи за најголемиот бизнисмен или социјален случај ја добиваат истата услуга, истиот начин на третман, истиот човечки пристап и тоа го сметам за наше најголемо достигнување“, уште рече акад. д-р Митрев и пред сцената да им ја препушти на музичките гости, кои се погрижија за фантастичната атмосфера и заокружување на јубилејот, го цитираше едниот од нив, гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски кој често во нивните разговори велел – ’Успешен си ако си среќен’; „А јас“, рече акад. д-р Митрев, „сум многу среќен што ве имам сите вас, што можам сето ова да го направам за вас и дека сето она што го правам има смисла, а тоа го гледам на сите страни и тоа ме исполнува, тоа ме мотивира.“

Освен Стефановски, кој свиреше со своето трио, за одличната славеничка атмосфера беше задолжен и тенорот Павле Камилоски, кој со својот глас и уникатната изведба на италијанските канцони, француските шансони и неповторливите евергрини настапи во придружба на оркестар.

Во склоп, пак, на официјалниот дел од денот што стартуваше точно напладне се одржа симпозиум на тема: „Развој на кардиоваскуларната хирургија во последните 20 години“, а во кој учество зедоа врвни светски стручњаци од оваа област. Пред присутните зборуваа проф. д-р Марко Турина, поранешен директор на клиниката за кардиоваскуларна хирургија при Универзитетската болница во Цирих, Швајцарија и поранешен претседател на Европското здружение за кардиохирургија; проф. д-р Мартин Костолни, директор на одделот за клинички услуги за кардиоторакална хирургија, Грејт Ормонд стрит – болница, Лондон, Англија; проф. д-р Стивен Бибевски„Џо Димаџио“ детска болница институт за срце, трансплантација на срце и механичка срцева поддршка, Холивуд, Флорида, САД; проф. д-р Слободан Илиќ, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска детска клиника “Тиршовa”, Белград, Србија; проф. д-р Дитмар Шранц, Детска кардиологија, Универзитет „Јохан-Волфганг Гете“ во Франкфурт, Германија; проф. д-р Сотириос Прапас, директор на одделот за кардиохирургија „Хенри Дунант“ болнички центар, Атина, Грција; проф. д-р Иван Кнежевиќ, директор на центарот за трансплантација, оддел за кардиоваскуларна хирургија, Универзитетски клинички центар Љубљана, Словенија; проф. д-р Јорг Бабин Ебел, Клиника за кардиоваскуларна хирургија, „Бад Нојштадт“, Германија, проф. д-р Бојан Биочина, директор на одделот за кардиохирургија при Универзитетска болница „Ребро“, Загреб, Хрватска; проф. д-р Антон Мориц, поранешен директор на одделот за кардиоваскуларна и торакална хирургија на Универзитетската клиника за торакална и кардиоваскуларна хирургија во Франкфурт, Германија. Честа да го заокружи симпозиумот му припадна на акад. д-р Жан Митрев, директор на „Zan Mitrev Clinic“.

Со почит,

Zan Mitrev Clinic