Чичко Ванчо излечен од коронавирус по што успешно му беше изведен и периферен бај-пас на нозете

  • Јас сум Чолков Ванчо од Скопје и во клиниката „Жан Митрев“ дојдов пред нешто повеќе од еден месец. Пред да дојдам тука почуствував болки во градите, се чувствував настинат и бев хоспитализиран во една од државните болници. По неколку дена престој во државната болница сфатив дека здравствено одам надолу, пропаѓам и се чувствувам полошо. Ми беше јасно дека морам да најдам друго решение, во приватна болница. И реков на мојата сопруга дека сакам да ме префрлат во клиничката болница „Жан Митрев“. Веднаш дојдоа и ме донесоа во клиниката – вака го започна своето сведочење господинот Чолков.

Тој во нашата клиника беше донесен во тешка состојба со резултат кој покажуваше дека е ковид-позитивен. За тоа како започна и како течеше неговото лекување говори д-р Драгица Везенкова Вучкова Спец. по анестезиологија со интензивно лекување.

  • Пациентот Ванчо Чолков во нашата клиника дојде во една ноќна смена во тешка, критична, состојба и со периферна сатурација 40% и со веќе поставена дијагноза „ковид пневмонија“. Веднаш го згриживме во одделот за интензивно лекување во Ковид центарот и веднаш се вклучи процес на хемофилтрација со цито-сорп и Огзирис филтер. Сите лабораториски параметри коишто ги добивме од испитувањето беа карактеристични за оваа вирусна состојба. Пациентот исто така веднаш беше поставен на неинвазивна механичка вентилација со ципап маска која што добро ја толерираше. Сепак, и поради тешката општа состојба во која што се наоѓање, а за што говореше и лошиот рентген наод на неговите бели дробови, и на ципап маска, постигнуваше сатурација од 70% до 75% – појаснува докторка Вучкова.

Таа додава дека навистина е чудо како пациентот ја толерирал таа сатурација и како ги спроведуваше сите физикални и рехабилитациски активности за закрепнување.

По четвртиот ден е забележано мало подобрување на клиничката слика на пациентот. Лекувањето продолжи и понатаму со добро расположение на чичко Ванчо, како што го нарекувавме тука додека престојуваше во нашата болница. Тој доби 3 последователни циклуси на хемофилтрација и со вкупно 22 дена интензивна грижа и лекување тој си замина дома со негативен тест за Ковид 19 во стабилна и добра здравствена состојба.

Но, чичко Ванчо, по само две недели повторно се врати во нашата клиника. Сега за проблемите што ги имаше со крвотокот во нозете. Веднаш му беше направен периферен бај-пас на нозете по што, по кратко опоравување си замина дома.
Му посакуваме многу здравје и успешно комплетно закрепнување на чичко Ванчо.

 

 

Улогата на магнетната резонанца во дијагностика на цервикален карцином

Начин на дијагностицирање и третирање на рак на грлото на матката

Цервикалниот карцином попознат како рак на грлото на матката е трет најчест гинеколошки малигнитет кој најприсутен кај млади жени (најчесто на 45 -55 годишна возраст) кој може да има сериозни консеквенци.

Ризик фактори

  • хуман папилома вирусот, најчесто тип 16 и 18,
  • мултипли сексуални партнери ,
  • прерана сексуална активност,
  • имуносупресија,
  • орални контрацептиви ,
  • пушење/никотин.

Клинички се презентира со вагинално крварење,вагинален дискомфорт .

Субклинички со абнормален цервикален скрининг тест (ПАП тест ).

Магнетната резонанца е дијагностички модалитет од избор за дијагностицирање на примарен тумор и неговата локална екстензија. За дијагностицирање на далечни метастази се користи компјутеризираната томографија.

Интернационалната Федерација за Гинекологија и акушерство (FIGO) со помош на Магнетна резонанца врши евалуација на значајните прогностички фактори како волумен на лезијата, метастатски лимфни јазли кои се значајни во поставување на стратегијата за третман.

Онколошкиот третман (зрачна и хемотерапија ) се следат со МР евалуација на лезијата.

Стејџингот со помош на магнетната резонанца е неопходен за прогноза и планирање на третманот. Прогнозата зависи од повеќе фактори меѓу кои туморскиот градус, волуменот на примарната маса и хистолошкиот степен.

Петгодишно преживувањето е околу 92% за стадиум I и  17% за стадиум IV.

Главната улога на радиологот со магнетната резонанца е да го утврди стејџингот кој е неопходен за менаџмент на пациентот – хирушки третман или хемо-радиотерапија.

Детекција на параметријална инвазија е круцијален знак во детерминирањето дали пациентот е кандидат за хирургија или не ,а магнетната резонанца е единствена метода од избор за детекција на параметријалната инвазија.

Припрема на пациенот за магнетна резонанца на мала карлица

  • За да се лимитира цревната перисталтика се администрира антиперисталтична медикација интравенски или интрамускулно пред снимањето.
  • Поради администрирање на контрастно средство 4-6 часа пред прегледот пациентот треба да е гладен.
  • Прегледот трае околу 30мин

Со магнетната резонанца се утврдува

  • визибилитет на туморот
  • големина на туморот и интактност на стромалниот прстен околу туморот
  • екстензија во вагината,инвазија на вагинален зид
  • инвазија на пелвичен зид со екстензија во пелвичните мускули
  • инвазија на мочен меур, уретери
  • инвазија на ректум
  • локорегионални лимфни јазли

 

Д-р Магделена Поповска Цветкова
Специјалист по дијагностика

Алергиски ринитис кај децата

Алергиската болест е една од најчестите незаразни болести и поради својата голема зачестеност се нарекува „епидемија на 21 век“. Епидемиолошките истражувања укажуваат дека околу 25% од вкупната светска популација боледува од некоја алергија. Утврдено е дека од 10 до 25% од луѓето имаат алергиска кивавица, како најчеста манифестација на алергиски болести.

Алергискиот ринитис може да се случи во одредена сезона или преку целата година. Целогодишниот алергиски ринитис се јавува почесто кај помалите деца.

Симптоми

Наведени се следните најчести симптоми на алергиски ринитис. Сепак, секое дете може да манифестира различни симптоми. Симптомите може да вклучуваат:

  • Кивање
  • Затнат нос
  • Течење на носот
  • Чешање на носот, грлото, очите и ушите
  • Крварење од носот
  • Бистар секрет од носот

Децата со целогодишен алергиски ринитис исто така може да ги имаат и овие симптоми:

  • Инфекции на ушите кои постојано се повторуваат
  • Хрчење
  • Дишење преку уста
  • Проблеми со следење на наставата во училиште
  • Црвена кожа на носот од постојано бришење на секретот

Симптомите на алергиски ринитис може да изгледаат како други состојби или медицински проблеми.

Причини

Најчестите причини за алергиски ринитис кај децата се:

  • Полен од дрвја, трева или плевел
  • Грини од домашната прашина
  • Мувла
  • Измет од бубашваба
  • Животински влакна
  • Чад од тутун

Фактори на ризик

Децата со астма се со поголем ризик за развој на алергиски ринитис. Алергискиот ринитис е чест проблем што може да биде поврзан со астма. Сепак, оваа врска не е целосно разјаснета. Експертите сметаат дека ринитисот го отежнува дишењето преку носот, што ја отежнува нормалната функција на носот. Дишењето низ устата не го загрева, филтрира или oвлажнува воздухот пред да влезе во белите дробови. Ова може да ги влоши симптомите на астма.

Контрола на астмата може да помогне во контролата на алергискиот ринитис кај некои деца.

Дијагноза

Обично, дијагнозата ја поставува матичниот лекар врз основа на темелна медицинска историја и физикален преглед. Доколку при прегледот се забележуваат горенапомените симптоми, тогаш матичниот лекар ќе препорачува да се направат алеготестови испитувања, кои ќеза да се дефинира причината за нивното појавување.

Третман

Лекарот ќе одбере најдобар третман за детето врз основа на:

  • Колку години има детето
  • Моменталната здравствена состојба и минатите заболувања кај детето
  • Степенот на манифестација на болеста
  • Колку може детето да соработува при давање на одредена терапија, процедура или посебни видови на лекови
  • Колку долго се очекува да трае состојбата
  • Соработка со родителот

Симптомите на алергискиот ринитис понекогаш изгледаат како и други состојби или болести.

Лекови за третман на ринитис може да бидат:

  • Антихистаминици
  • Спреј за нос
  • Деконгестиви
  • Лекови за симптоми на астма
  • Хипосензибилизација (имунолошка терапија).

Кога треба да се консултирате со лекар?

Доколку симптомите на детето се влошат или ако се појават нови симптоми, задолжително треба да се консултирате со вашиот педијатар.

Добриот глас надалеку се слуша

 


На престижната медицинска интернет страна Њуз Медикал цитирани резултатите од нашата студија за успешното лекување на COVID-19 со помош на хемофилтрација

Денеска пристигна уште едно светско признание за нашиот тим кој ја применува хемофилтрацијата како успешна метода за лекување на пациенти заболени од  COVID-19. Имено во Њуз Медикал – светски водечки медицински медиум кој има над 53 милиони посетители, беше преземена и цитирана како релевантна нашата студија на тема Вонтелесно прочистување на крвта применета кај среднотешки и тешко болни пациенти инфицирани со COVID-19. Тие во својот напис ги користат резултатите од нашата претходно објавена студијата спроведена од страна на нашиот тим доктори кои од самиот почеток на пандемијата со помош на хемофилтрација успешно третираат COVID-19 позитивни пациенти.

Написот можете да го погледнете во целост на следниот линк:

https://bit.ly/3lSmQYH

16 Октомри – Светски ден на храната: Храната е основата на животот и камен темелник на човековата култура

Значењето на овој ден е сеуште актуелно, иако за прв пат беше одбележан во далечната 1979 година- пред 41 година. Тогаш а и сега целта беше да се нагласи важноста на храната за животот и опстанокот на луѓето.

Всушност, овој датум го означува денот кога од страна на Обединетите Нации била основана ФАО (Food and agriculture organization-организацијата за храна и земјоделство), 20 години претходно.

Брзината со која се трошат ресурсите на планетета земја секојдневно се зголемува, а тоа пак ја актуелизира уште повеќе темата за обезбедување доволно храна за преживување на човечкиот род.

Иако во моментов се произведува храна која е повеќе од доволна да го прехрани целото човештво, постои неврамнотеженост на системите за исхрана. Така уште повеќе се потенцираат проблемите како постоењето на глад, обезност, фрлање на неупотребена храна, губење на агробиолошката различност.

Според последните статистики, секој седми човек на светот не знае дали ќе може да обезбеди доволно храна за да го преживее следниот ден. Повеќе од 900 милиони луѓе во светот гладуваат, а 2 милијарди се неухранети.

Глобалната здравствена криза предизвикана од COVID-19 пандемијата, направи сите да се врататиме назад на основните нешта кои претходно се земаа здраво за готово. Таков е примерот со храната, одеднаш повторно сфативме дека храната е основата на животот и камен темелник на човековата култура. Сочувувањето на чистите извори на храна со висококорисни хранливи вредности се и ќе бидат еден од основните начини на справување со COVID-19.

Во моменти како овој, важно е да се потенцира и важноста на хероите на храната- земјоделците и производителите на храна кои се грижат храната од полињата да стигне во чиниите во секој дом, и да им се оддаде почит.

Оваа година Светскиот ден на храна има за цел да потенцира пресудното значење на храната бидејќи таа може да биде лек, но и отров доколку е неквалитетна или консумирана неправилно и во прекумерни количини.

Балансирајте го внесот на храна, користете свежи производи. Купувајте храна колку што е потребно, за да спречиме фрлање и непотребно консумирање на додадени калории. Всушност така ќе придонесеме во спречување на забрзаното трошење на ресурситe на планетата Земја.

Сите ние учествуваме во процесот.

Со цел да влијаеме на подигање на свеста за одмереното користење на храната во нашата клиника имаме професионален нутриционист кој се грижи за менијата, за калориските вредности, за составот на храната. Се прават менија на неделно или на месечно ниво кои се прилагодуваат кон потребите на пациентите бидејќи има различни пациенти со различни болести, па соодветно на нив се прават и различни менија. Храната која ја произведуваме и ја нудиме на пациентите е во одмерени но квалитетни оброци кои влијаат на брзото закрепнување и економично искористување на ресурсите.

Чистите раце спасуваат живот

“Хигиена на раце за сите” е мотото на овогодинешниот Глобален ден на хигиена на раце. Секој 15 октомври е посветен на подигнување на свесноста и потенцирање на важноста на миењето раце со вода и сапун како лесен, ефикасен и  прифатлив начин на превенција од заболувања и со тоа спасување живот. Оваа година тој е особено важен бидејќи една од задолжителните мерки препорачана од Светската Здравствена Организација за спечување на актуелниот Коронавирус е токму тоа, редовно и темелно миење на рацете со вода и сапун.

Само да потсетиме дека најчестиот начин на пренесување на микроорганизмите се токму рацете на човекот. А овој едноставен чекор – миењето раце,  е ефективен метод за спречување на пренесување на дијареални болести, респираторни, кожни инфекции, инфекции на очи, како и цревни глисти.

Оваа година миењето раце ја добива вистинската вредност за сите нас. Пандемијата со корона вирусот потврди дека прва мерка во превенција на пренос на заразни болести е токму хигиената на рацете.

Статистиката кажува дека:

  • секоја година 4 милиони деца до 5 годишна возраст умираат заради цревни заболувања или пневмонија во земјите во развој,  што значи секои 15 секунди умира дете од овие болести
  • пневмонијата е водечка причина за смртност во таа возраст, и со спроведување на соодветно миење раце инциденцата може да се намали за 25%
  • дијареални болести се втора водечка причина за смртност  во таа возраст. Спроведување на адекватно и во вистинско време миење на раце со сапун и вода ја намалува инциденцата на дијареални болести на половина

Проблемот на недоволна пракса на миење раце со вода и сапун е присутен не е само во земјите во развој, туку и во високо развиените земји. Затоа насекаде во светот секоја година на 15-ти Октомври, се одбележува Global Hand Washing Day, со нов слоган и на креативен начин се потенцира важноста на миењето раце со вода и сапун. Целта на овие кампањи е да се потикне културата за миење раце на глобално и локално ниво и да се претстави бенефитот од истата.

Сите ние подеднакво сме во ризик за добивање на корона вирус инфекција и токму затоа мотото на кампањата за миење раце оваа години гласи – “Хигиена на раце за сите”.

Миењето раце е секојдневна рутина, континуирана пракса  и треба да се прави на соодветен начин, доволно долго  и во вистинско време. Кога ова е особено важно?

  • Пред, за време на и по подготвување на храна
  • Пред јадење
  • По користење тоалет
  • По кивање, кашлање или допирање на носот
  • По контакт со животни или нивен измет
  • По контакт со отпадоци
  • По промена на хигиенски пелени
  • Пред и по контакт со болен или повреден човек
  • Пред и по посета на болнички оддел

Во болнички услови иако хигиената на раце подразбира  миење раце со вода и сапун и дезинфекција на раце, овие две постапки не треба да се поистоветуваат. Инфекциите се сериозен проблем во здравствените установи:

  • Секоја година 2 милиони пациенти добиваат болничка инфекција
  • 90 000 од нив умираат од здобиената инфекција во болница

Ние точно знаеме кога е потребно користење вода и сапун, а кога од алкохолен дезинфициенс.  Рутински практикувана е хигиена на раце со алкохолен дезинфициенс, но миењето со вода и сапун е незаменливо кога рацете се видливо нечисти или контаминирани (во случај кога сме дошле во контакт со телесни течности). Миењето раце е избор и кога се манипулира со пациенти кои имаат спорогени бактерии како што е случај со Clostridium difficile. Во останатите ситуации хигиена на раце со алкохолен дезинфициенс е оправдана по ефикасност, потребно време и достапност.

Во иднина едно од задолжителните прашања од кардиолозите ќе биде дали сте прележале инфекција со вирусот COVID – 19?

Миокардитис по прележан COVID – 19

Инфекцијата со вирусот COVID – 19 претставува голем здравствен проблем, бидејќи ги напаѓа не само белите дробови, туку и други органи како што е и срцевиот мускул. Се докажа дека вирусот може да предизвика воспаление на срцевиот мускул, т.н. миокардитис.

Сеуште не е јасно дали вирусот COVID-19 почесто предизвикува миокардитис и дали тој миокардитис е со потешка клиничка слика во однос на миокардитите предизвикани од други вируси.

Вирусот предизвикува имунолошки одговор во организмот на неконвенционален начин. Преживеаните можат да бидат под зголемен ризик од воспаление на срцевиот мускул. Срцето е склоно кон воспаление со COVID-19 бидејќи на површината на срцевите мускулни клетки се наоѓа рецепторот ангиотензин конвертирачки ензим 2, за кој вирусот се врзува. Од оваа причина направени се неколку студии на пациенти  кои прележале COVID – 19 неколку месеци претходно и  имале лесна или средно тешка клиничка слика.

Направена е магнетна резонанца на срце, која е најточна неинвазивна метода за дијагноза на воспаление на срцевиот мускул. Кај 78 од 100 пациенти е пронајдено срцево засегање на скеновите од магнетната резонанца. Интересен е моментот што 60 од 78 пациенти имале знаци за акутно воспаление 71 ден после инфекцијата со COVID – 19. Заклучок на студијата е дека дури и лесен тек на COVID- 19 кај релативно здрави луѓе може да остави трага на срцето.

Друга студија ги испитува професионалните спортисти. 4 од 26 спортисти од Државниот универзитет Охајо, Соединети Американски Држави, кои прележале COVID – 19 имале миокардитис.

Миокардитот може да доведе до срцеви аритмии, нагла смрт (при интензивен тренинг) и срцева слабост. Поради тоа, се советува кардиолошко испитување, ехокардиографија и магнетна резонанца на срце,  3 месеци после инфекцијата со COVID – 19.

Препораките на Европското кардиолошко друштво за пациенти со прележан миокардитис се да се избегнува тешка физичка активност 3-6 месеци.

Во иднина често прашање на кардиолозите ќе биде дали сте прележале инфекција со вирусот COVID – 19?

Последните 8 месеци живот во пандемија предизвикана од вирусот корона, во голема мера го промени нашето нормално живеење и воведе нови правила.

За подобро контролирање на пандемијата и за Ваше здравје, посочувајќи што се може да предизвика корона вирусот, ви препорачуваме да носите заштитни маски насекаде, и често да миете раце.

После прележана инфекција со COVID – 19, ви препорачуваме барем еден кардиолошки преглед, независно од возраста или тежината на клиничката слика која сте ја имале.

Навремената дијагноза на миокардитис може да спречи развој на сериозни компликации.

*

*Наод за миокардитис со користење на магнетна резонанца на срце

 

Со почит,

Д-р Милка Клинчева

Кардиолог

 

ВАРИКОЗНИ ВЕНИ И НИВНИОТ ТРЕТМАН

Вариозните вени претставуваат извртени, наголемени, отечени вени. Најчесто од овој проблем се зафатени вените на долните екстремитети. Тоа се должи на наголемениот притисок при долготрајното стоење и одење, при што валвулите на вените не функционираат соодветно и крвта не се движи како вообичаено.

Крвта од срцето преку артериите се носи до сите органи, а вените ја враќаат крвта кон срцето. При враќањето на крвта кон срцето треба да се совлада силата на гравитација, а во тоа им помагаат мускулните контракции и валвулите на самите вени кои функционираат како пумпа. Валвулите се отвораат кога крвта ќе се придвижи кон срцето и истите се затвораат за да го спречат нејзиното враќање. Доколку овие валвули се оштетат, крвта се враќа наназад, се насобира во вените и предизвикува нивно растегнување и виткање. Почесто се работи за естетски проблем, меѓутоа доколку процесот продолжи да напредува и почнат да создаваат дискомфорт, оток, болка, улкус тогаш е потребен медицински третман.

СИМПТОМИ И ЗНАЦИ

  • Темно- сино/ виолетово обоени вени
  • Извиткани, отечени вени
  • Тежина и болка во нозете
  • Жарење, пулсирање, чешање, мускулни грчеви и оток
  • Засилување на болката после долготрајно седење или стоење
  • Промена на бојата на кожата околу зафатената вена (хиперпигментација)

РИЗИК ФАКТОРИ

  • Поодмината возраст: стареењето предизвикува раскинување и попуштање на функцијата на венските валвули кои го регулираат крвниот тек. Тоа води кон ретроградно враќање на крвта во вените, каде истата се насобира наместо да кружи кон срцето;
  • Пол: жените се повеќе склони кон создавање на варикозни вени (хормонските промени во тек на бременост, менопауза, при земањето контрацептиви)
  • Бременост: волуменот на циркулирачка крв се наголемува покрај постоечките хормонални промени
  • Семејна историја: доколку член на фамилијата веќе боледувал од варикозни вени
  • Обезност: зголемената телесна тежина го зголемува притисокот врз вените
  • Стоење или седење повеќе часа од денот: крвта не циркулира соодветно доколку пациентот е повеќе часа во една иста положба

КОМПЛИКАЦИИ ОД НЕТРЕТИРАНИ ВАРИКОЗНИ ВЕНИ

  • Улцери: околу зглобовите, промена на боја на кожата, болка и пукање на кожата;
  • Тромбофлебитис: зафаќањето на длабоките вени може да доведе до сериозна состојба на создавање тромби при што е потребно итно да се посети лекар ;
  • Крварење: доколку површинските вени егзулцерираат може да настане крварење кое исто така побарува лекарски совет;

ПРЕВЕНЦИЈА

  • Физичка активност
  • Регулирање на телесната тежина
  • Внесување храна богата со влакна и со ниско ниво на сол
  • Одбегнување на високи потпетици
  • Одбегнување на тесни панталони
  • Подигање на нозете над нивото на срце
  • Често менување на положбата
  • Носење компресивни чорапи како прв чекор во третманот

КОГА ТРЕБА ДА СЕ ПОСЕТИ ДОКТОР?

Соодветната нега- физичка активност, подигање на нозете над нивото на срцето, носење компресивни чорапи сето тоа може да помогне во почетните фази на болеста кога може да се превенира понатамошното напредување. Но доколку болеста напредува и нозете отекуваат и болката не може да се контролира потребна е консултација со ангиолог или васкуларен хирург.

ДИЈАГНОЗА

  • Дијагнозата се поставува врз база на физикален преглед, инспекција на долните екстремитети по неколку минутно стоење за да се забележи оток и промена на бојата на кожа.
  • Втор чекор е ехографски преглед, неинвазивен и лесно изведлив, за да се процени функцијата на венските валвули како и проценка на евентулано постоење на тромби.
  • Флебографија: рентгенографски преглед со помош на контрастно средство кој овозможува приказ на актуелната состојба на вените, венските валвули, постоењето на тромби, венски дефекти и приказ на длабоките вени. Има 100% сензитивност и специфичност при дијагностика на длабока венска тромбоза. Потребни се 30- 45 минути за да се изведе. Се вбризгува интравенски контраст и на ангиограф се визуелизира венскиот систем. Значењето на оваа метода е што може да се визуелизира длабокиот венски систем флуороскопски- се визуелизира текот на контрастот од површниот во длабокиот венски систем. Подготовка за процедурата: четири часа пред прегледот потребно е пациентот да е гладен и жеден. Се користи контрастно средство на база на јод, на што некои пациенти може да се алергични. После процедурата: потребно е внесување поголема количина на течности и вода за да може побрзо да се исчисти контрастното средство од организмот без да се оптоварат бубрезите. Местото на пункција/ инцизија ќе создава болка во тек на неколку денови но не би требало да ги ограничува нормалните секојдневни обврски. Пациентот може веднаш да се врати на нормални дневни активности. Позитивен резултат/ нарушено венско полнење е знак дека е потребен медицински третман и вклучува појава на: тромби, дефекти во полнење, прекин во текот на контрастното средство, длабоки вени кои не се полнат.

ДОСТАПНИ ТРЕТМАНИ ЗА ПОСТОЕЧКИ ВАРИКОЗНИ ВЕНИ

  • Склеротерапија: инјектирање на склерозирачка течност во зафатените вени кои по неколку недели горат, создаваат лузна при што истите се затвораат и губат;
  • Ласерски третман: ласерски зраци насочени кон зафатените вени прават истите постепено да се изгубат;
  • Радиофрекфентна аблација: ласерска радиофрекфентна енергија која ја колабира зафатената вена;
  • Амбулантска флебектомија: преку ситни инцизии се извлекуваат површните , мали вени;
  • Лигирање – стрипинг ( процедурата објаснета подолу во текстот)

СТРИПИНГ НА ВЕНИ

Хируршка процедура која може да се изведе во општа или локална анестезија, а е финален   третман за хронична венска инсуфициенција и варикозни вени. Терминот стрипинг значи извлекување на вената низ нејзиниот поткожен канал преку мал рез во препонската регија, а најчесто се работи за големата сафенска вена.

Се прави мал рез во пределот на скочниот зглоб од каде се вовлекува еластична жица која стигнува се до препонската регија каде преку уште еден минимален рез се извлекува болната вена. Преку ситни резови се извлекуваат малите, површни гранки на големата сафенска вена, оние кои не можат да се извлечат низ каналот на самата вена.

Се затвораат резовите со ресорптивни конци и целата нога се замотува во еластичен завој кој треба да се носи до првата контрола. Оваа хируршка интервенција може да се изведе како еднодневна хирургја без потреба од останување во болница или доколку се работи во спинална анестезија потребно е време на опоравување и останок во болница првата вечер. Пациентите се советуваат да одбегнуваат физичка активнот во тек на три недели по интервенцијата и носење на еластичен чорап во тек на еден месец.

Во нашата клиника третирањето на варикозните вени е покриено од Фондот за здравствено осигурување. За повеќе информации можете да не побарате на нашиот телефонски број 02/ 30 91 484 каде што можете да закажете преглед или консултација со нашите лекари.

РЕТКИ КОМПЛИКАЦИИ

  • Алергиска реакција на анестезијата
  • Постоперативно крварење
  • Длабока венска тромбоза
  • Пулмонална тромбемболија
  • Повреда на нерви ( слабост и неосетливост во зафатената област)
  • Инфекција