Кога и зошто се отстранува жолчното ќесе?

Жолчното ќесе, вообичаено познато како жолчка, заедно со жолчните канали и жолчниот сок извршуваат важни функции во човековото тело. Тие учествуваат во дигестијата и апсорпцијата на масти и како и во процесот на преработка на разни метаболити од црниот дроб. Присуството на жолчни калкули (камења) во жолчниот систем во медицината се нарекува холелитијаза. Ако камчињата се во жолчното ќесе станува збор за холецистолитијаза, а доколку се во жолчните канали, се работи за холедохолитијза. Тие се цврсти формации кои се создаваат од компоненти што се наоѓаат во жолчниот сок. Жолчниот сок e жолтеникаво-зелена течност која содржи жолчни киселини, холестерол, билирубин, метали и други метаболити. Според тоа и поделбата на: холестерински (камења со холестерол), билирубински (камења со билирубин) и мешани видови.

Во медицината сè уште не е јасно дефинирано што точно доведува до појава на жолчните камења. Сепак, јасно е дека причината може да биде една или комбинација од долунаведените теории.

  1. Воспаление на жолчни патишта

–  Се смета дека инфламацијата игра значајна улога во создавањето на жолчните камења. Промената на pH на жолчниот сок води до создавање на фибрин кој заедно со бактериите се основа за создавање жолчни камења.

  1. Застој на жолчката

    – Доколку поради која било причина настане застој на работата на жолчката, се овозможува таложење и формирање жолчни камења.

3. Високо ниво на холестерол или билирубин

– Доколку во жолчниот сок има покачено ниво на холестерол или билирубин, а нивото на лецитин и жолчни соли е намалено, исто така се создава можност за да се формираат камења.

Кои се симптомите при постоење камења во жолчката?

Постоењето на камчиња во жолчката може да биде асимптоматско и камењата да се откријат при случаен наод, или да биде со јасни симптоми и знаци. Клиничката слика при камења во жолчниот систем може да вклучува изненадна и силна болка во пределот на абдоменот, најчесто под десниот ребрен лак. Болката може да се шири кон десното рамо и десниот дел на грбот. Се јавува најчесто по обилен, масен оброк и трае 1-4 часа. Се појавува и гадење, повраќање, покачена телесна температура, диспепсија (нарушена дигестија) и жолтица.

Кога се отстранува жолчното ќесе?

Хируршка процедура при која се отстранува жолчното ќесе се нарекува холецистектомија. Вашиот лекар може да препорача ваков зафат доколку имате:

  • жолчни камења во жолчната ќеса (холелитијаза);
  • жолчни камења во жолчните канали (холедохолитијаза);
  • воспаление на жолчната ќеса (холецистит) кој не се смирува на друг начин;
  • воспаление на панкреасот (панкреатитис) што се должи на жолчни камења;
  • ресекција на главата на панкреасот и жолчните канали поради карцином на главата на панкреасот;
  • бенигни израстоци во жолчната ќеса (полипи).

Доколку бидат откриени камења во жолчката кај лица во одминати години кои до тој момент немале никакви симптоми, наместо холецистектомија, може да се препорача следење на состојбата и промена на животниот стил (повеќе физички активности, јадење храна богата со зеленчуци и овошје, а избегнување на храна богата со масти и јаглехидрати).

Најчести предизвикувачи на кардиоваскуларните болести

Последниве неколку децении несомнено кардиоваскуларните заболувања се број 1 здравствен но и социјален проблем не само во нашата држава туку и во речиси цел западен свет. Статистиките говорат за тоа дека болестите на срцето и на крвните садови се најчести заболувања во сите развиени земји во светот, како по морбидитет, така и по морталитет. Сепак, забележан е тренд на пораст на овие заболувања и во земјите во развој.

Кардиоваскуларните заболувања како што се коронарна артериска болест и инфаркт на миокардот најчесто настануваат поради причини и фактори кои допринесуваат до појава или влошување на состојбата на кардиоваслуларниот систем во целост или пак само во одредени негови делови.

Кои се тие фактори?

Хипертензија (Висок крвен притисок)

Артериската хипертензија, според бројни студии, е еден од главните ризик-фактори за појавата на кардиоваскуварните болети. Високиот крвен притисок може да предизвика оштетување на повеќе органи уште пред да се развијат симптомите. Доколку хипертензијата не се третира постои можност за попреченост во одвивање на секојдневните активности, намален квалитет на животот, па дури да предизвика и срцев удар со фатален исход. Податоците од досегашните анализи во медицината покажуваат дека околу половина од лицата со нетретирана хипертензија умираат како резултат на срцева болест поврзана со слаб крвен проток (миокардна исхемија), додека една третина умираат поради мозочен удар.

Високо ниво на липиди

Липидите (мастите) се функционална и структурна компонента на секоја клетка кои истовремено овозможуваат извор на енергија т.е. функционираат како енергетско депо. Главните класи на липидите се холестерол и триглицериди хиломикрони. Покачувањето на холестеролот не предизвикува симптoми, но, сепак сигурно предизвикува оштетување длабоко во нашето тело кое подоцна ќе даде несакани ефекти. Високите вредности на холестерлот доведуваат до градење на плаки во артериите што во медицината е познато како атеросклероза. Ова пак доведува до стеснување на луменот на крвниот сад со намалување на протокот на крв што придонесува за срцеви исхемии и васкуларни болести.

Шеќерна болест

Луѓето кои боледуваат од шеќерната болест имаат три пати повисок ризик за развој на кардиоваскуларни болести. Ако дијабетот не се контролира медикаментозно и истовремено со режим на исхрана, тогаш е поголема веројатноста да развијат кардиоваскуларни болести во порана возраст отколку другите лица. Кај жените кои се пред или во менопауза, дијабетот го намалува заштитниот ефект на естрогените хормони и тогаш ризикот од срцеви заболувања се зголемува значително.

Пушење

Пушењето се смета за еден од главните ризик-фактори за појава на кардиоваскуларни болести. Пушењето е причина за барем 50% од смртните исходи кои можат да се избегнат, а една половина од нив припаѓа на кардиоваскуларната смрт. Ризикот од кардиоваскуларни болести се зголемува во зависност од бројот на испушените цигари, од времетраењето на пушењето, од возраста како и од вдишаниот чад. Се смета дека тутунот има улога во развојот на атеросклерозата и на тромбогеноста. Да напоменеме дека освен кардиоваскуларните заболувања, пушењето е ризик фактор и за појава на други заболувања како што се рак на белите дробови, леукемија, редуцирана фертилност, раѓање на прематурни деца и сл.

Алкохол

Медицината вели дека ризикот од кардиоваскуларните заболувања е понизок кај луѓето кои не консумираат алкохол, во однос на луѓето кои земаат големи количества алкохол. Кај алкохоличарите има зголемен ризик на ненадејна смрт, најчесто поради аритмии, како и поради зголемен ризик на хипертензија и хеморагични испади.

Дебелина

Кај лица со прекумерна тежина се јавуваат неповолни метаболистички промени кои негативно влијаат на кардиоваскуларниот ситем.
Дебелината предизвикува зголемување на вкупниот проток на крв во телото а со тоа и зголемување на срцевиот минутен волумен (проток на крв) како резултат на зголемената побарувачка на метаболизмот, предизвикана од прекумерна телесна тежина. Луѓето кои се со прекумерна тежина имаат висок ритам на срцето и помал периферен отпор од лицата со нормална телесна тежина. Поради овие причини се појавуваат проширувања на коморите со зголемен стрес на sидовите на срцето, а тоа подразбира предиспозиција за хипертрофија на левата срцева активност.

Физичка неактивност

Физичката неактивност како ризик-фактор произлегува од фактот што при поголема физичка активност се намалува телесната тежина, што е поврзано со намалување на нивото на LDL (липопротеини со ниска густина или познати како “лош холестерол”) во плазмата на холестеролот и на триглицеридите, со што се намалува и кривниот притисок. Препорачлива физичка активност е 20-30 минути, барем 4-5 пати неделно. Се препорачува редовно практикување аеробни вежби, возење велосипед, пливање или пешачење. Со физичката активност во потполност се метаболизираат јаглехидратите и мастите, а со тоа се намалува хиперлипемијата и таложењето на мастите во ѕидовите на крвните садови, а од друга страна, таа има улога во развојот на коронарната колатерална циркулација.

 

Д-р Милев: Иритативност, потење при цицање, замор при хранење или ненапредување на доенчето се симптоми кои може да упатуваат на вродена срцева мана

Конгениталните срцеви заболувања се најчестата вродена мана во светот, која афектира 1,35 милиони доенчиња секоја година ширум светот. Со каков тип на вродени срцеви заболувања се среќаваме ние во нашата клиника? Колку често се забележуваат витално загрозувачки мани?

  • Во секојдневната кардиолошка пракса се сретнувам со новородени, доенчиња, деца и возрасни кои имаат иста карактеристика- постоење на вродена срцева мана. Секако дека, секоја вродена мана е строго индивидуална за секој поединец, па така и клиничката слика и експресија зависи од типот на маната и степенот на хемодинамските нарушувања, кои доведуваат до клинички знаци кои се поврзани со одредната вродена срцева мана.  Околу 25% од срцвите мани кај новородените се проследени со потешка клиничка   слика во која доминира тахипнеата и или/цијанозата. Тоа се витално загрозувачки мани, на кои некогаш корекцијата треба да се изврши во текот на првите часови или денови од раѓањето, а  пожелно е тие породувања да се извршуваат во центри каде е лесно достапна педијатриската кардиохирургија, во случаи каде е веќе маната пренатално дијагностицирана. Во натамошниот доенечки развој, доминираат маните со шантови, кои одат со клиничка слика на срцева слабост, цијаноза или пулмонална хипертензија. Тоа се мани кај кои оперативениот или интервентниот третман е потребен во раната или покасната доенечка возраст. Еден дел од доенчињата ќе пораснат и кај овие деца во иднина ќе перзистира нивната мана со главен клинички знак- срцевиот шум. Затоа секој срцев шум, треба да биде барем еднаш во животот на индивидуата ехографски проследен и да се постави јасна дистинкција дали се работи за невин шум или вродена срцева мана. Мал дел од полесните срцеви мани, не доведуваат до позначајни клинички проблеми, па маната случајно ќе се открие кај адултен пациент со срцев шум или аритмија на срцето. Затоа и секој пациент со аритмија на срцето е потребно веднаш почетно ехокардиографски да се евалуира.

Веста за раѓање на бебе со вродена срцева аномалија во моменти кога сите се радуваат на долгоочекуваната принова во семејството, не е нималку едноставно да се соопшти. Дали родителите се подготвени на она што ги очекува и со колкава прецизност е пренаталната дијагностика (ехо-кардиографија)?

  • Веста за евентуална бременост за плод со срцева мана е секогаш непријатна за семејството, но секако, неопходно е рационално и критички да се соопшти. Денес, развојот на педијатриската кардиохирургија е на такво ниво, да и порано дијагностицираните комплексни срцеви мани, денес можат адекватно да се третираат и да донесат задоволителен квалитет на живот. Исто така оваа претпазливост ќе доведе до поголема вигилност и адекватен транспорт на едно новородено со витално загрозувачка вродена срцева мана во адекватен центар за лекување. Феталната ехокардиографија, сама по себе е предизвик за секој фетален ехографер, но со добра едукација, искуство, тренинг и добри прецизни проекции, можат да се елиминираат можните грешки при дијагностицирањето. Денес ретко кога сме соочени со предизвикот да предложиме прекин на бременост кај бремената жена која има плод со срцева мана, напротив, феталната ехокардиографија ќе помогне да тоа новородено навремено се дијагностицира по раѓањето и навремено се упати на лекување.

Не сите мани се комплексни и тешки и бараат итна, непосредна интервенција по раѓањето. Колкав процент од нив може да се третираат и подоцна во животот?

  • Да, поголем дел од маните се третираат подоцна во животот со употреба на интервентни постапки (дилатации, сгтентирање,  креирање на шантови, затварање на шантови) или оперативно. Оперативните зафатаи во глобала ги делиме на палијативни и радикални. Тука повторно зависи од типот на маната, каква прицедура ќе биде употребена. Грубо проценето, тоа се отприлика 75% од сите вродени срцеви мани, чие лекување  може да се одложи, се до потребното време и телесна тежина и површина.

Добрата вест е дека еден дел од срцевите мани се решаваат сами. Може ли да ни објасните за што поконкретно се работи?

  • Вентрикуалрниот септален дефект е најчестата вродена срцева мана, сам по себе, или во комбинација со другите мани. Околу 30 % од сите перимембарнозни вентрикуларни дефекти, се самоизлекувани, односно корегиирани со аневризматско затворање на дефектот со ткиво од септалниот лист на трикуспидната валвула. И кај атријалните септални дефекти исто така постои можност да самите се корегираат. Тоа се пред се поголемите перзистентни форамен овале кои имаат хемодинамика на атријален септален дефект и спонтан лево-десен шант. Исто така валвуларните лесни стенози на пулмонална или аортна позиција се склони кон регресија, поради растот на артеријата и намалување на стенозата. Сепак, тука мора да напоменам дека тоа е помал дел од сите срцеви мани.

Едно дете од 100 новородени се раѓа со срцева мана. Раното препознавање и дијагностицирање е од клучна важност. За разлика од оние аномалии кои се дијагностицираат на самото раѓање, кои се симптомите кои подоцна може да упатуваат на вродена срцева аномалија, а можат да ги препознаат и самите родители и да побараат навремена лекарска помош?

  • Во неоанаталнит период доминита тахипнеата и цијанозата. Подоцна кај едно доенче се забележува постоење на иритативност, потење при цицање, замор при хранење или ненапредување на телесната тежина. Срцевиот шум е главен знак кај стенозите и маните со шантови и може да се слушне како случаен наод при преглед на детеето. Кај возрасен пациент со некорегирана мана доминира диспнеата, атријалната фибрилација, знаци за левокоморна или деснокоморната слабост и шумот на срцето. Нелекуваните коарктации се типични со главоболките и хипертензијата, како и посебниот брахиоцефаличен аспект на пациентот (хипертрофија на горната половина на телото)

Постојат повеќе причини за настанок на вродени срцеви аномалии кај децата, но особено битен е 1. триместар од бременоста. Што може идните мајки да преземат за да го намалат ризикот од нивна појава?

  • Појавата на вродените срцеви мани е секогаш мултифакторијална. Многу фактори, како и кај секоја вродена мана, влијаат на нивно настанување. Вирусните инфекции (ТОРЦ), употреба на алкохол, пушењето, фактори на околината (аерозагадувањето), наследните комопнети (претходен Фало во семејството), хромозомопатиите (Даун, Тарнер), генопатиите (Холт Орамов синдром) и слично, се асоцирани со зголемена зачестеност на раѓање на деца со вродена срцева мана. На крај, сепак, во 21-от век, среќен сум што успеавме да развиеме тим и адекватна педијатриска кардиолошка и кардиохируршка нега во нашата држава, што можеме да помогнеме кај речиси сите новородени со тешка срцева мана, што можеме да ги дијагностицираме срцевите мани со употреба на ехокардиографијата, КТ ангиографија, МР на срцето и селективната  ангиографија и што  лекуваме и излекувавме стотиици пациенти, од новороденечка до адултна возраст со вродена срцева мана.

(Авторот, Д-р Иван Милев -Спец. по педијатрија – Суб спец. по кардиологија, работи интервенции на ВСМ од 2003, самостојно од 2014, има над 800 интервенции досега, прв направил катетеризација на дете во РМ, Рашкинд процедура, затварање на  ВСД, стент на аортна коарктација, учествува во предоперативната припрема и постоперативното лекувањена новородени, деца и возрасни со ВСМ во Клиничката болница Жан Митрев од 2001 година)

Одбележуваме: 15 Февруари – Меѓународниот ден на децата болни од рак


„Подобро преживување” е мотото на годинешната кампања во светски рамки, која се води со цел подигање на свеста за ракот како болест која се почесто ги напаѓа и децата. Одбележувајќи го денешниот ден – 15 Февруари – Меѓународниот ден на децата болни од рак, сакаме посебно да обрнеме внимание на фактот дека болеста кај оваа ранлива група во нашето општестсво носи се повеќе несакан исход.

Можеби звучи страшно, но досегашните резултати од анализите велат дека ракот станува водечка причина за смрт кај деца и адолесценти ширум светот. Звучи страшно, но за жал на секои три минути во светот едно дете умира од рак.

Ширум светот околу 400.000 деца на возраст од 0 до 19 години годишно се дијагностицираат со рак. Статистичките податоци говорат дека најчестите категории на карцином кај деца вклучуваат карцином на крвта (леукемија и лимфом), тумори на мозок и цврсти тумори, како што се невробластом и Вилмсов тумор.

Кога е во прашање излекувањето и преживувањето на децата болни од рак, статистиките покажуваат дека бројките се разликуваат во зависност од степенот на (не)развиеност на земјите. Согласно досегашните медицински сознанија утврдено е дека во високо развиените земји, над 80% од децата заболени од рак преживуваат, додека пак во останатите преживуваат само околу 20%. Но, сепак, дури и во високоразвиените земји, карциномот е водечка причина за смрт кај децата.

Смртните случаеви кај децата како резултат на ова заболување, би можеле да се намалат, доколку во слабо и средно-развиените земји се работи на корегирање на причините како: недостаток на дијагноза, погрешна дијагноза или пак задоцнето дијагностицирање. Тука секако големо влијание имаат и препреките во пристап до нега, напуштање на лекувањето, смрт од токсичност и повисоки стапки на рецидив т.е. кога болеста се повторува.

Повеќето карциноми кои се јавуваат во детството, може да се излекуваат со комбинација на хемотерапија и други третмани, вклучувајќи хирургија и радиотерапија.

Дури и во државите со повисоки примања, постојат препреки на чие отстранување се работи. Една од нив е недостатокот на терапевтски иновации, која е детектирана како клучна пречка и причина за стагнација на преживување кај малигните заболувања кои тешко се лекуваат. Светскиот ден на децата болни од рак се одбележува од 2002 година, кога била покрената иницијатива за време на меѓународната конференција на здруженија на родителити на деца заболени од рак. Оттогаш се одбележува во 88 држави, вклучително и кај нас.

Тригодишната кампања (2021-2023) користи универзална слика на шарени отпечатоци на детски раце за да ги претстави стапките на преживување на децата заболени од рак на национално, регионално и меѓународно ниво.

Замор, губење на силата, немање кондиција – пост-ковид ефекти кои бараат професионална физиотерапевтска проценка


Пациентите кои беа излекувани од инфекција предизвикана од коронавирусот се соочија со многу здравствени предизвици. Иако медицината се уште ги истражува пост-ковид ефектите, неколку се повторуваат кај голем број пациенти. Еден од нив, можеби и најприсутниот, е заморот. Речиси и да нема пациент кој „прележал“ ковид инфекција, а да не чувствува подолго или пократко време замор, немање кондиција или брзо губење на силата при физичка активност.
Токму поради ова ги консултиравме нашите физиотерапевти кои даваат свое мислење на повеќето прашања поврзани со оваа тема.

Тие потенцираат дека опоравувањето од ковид-19 несомнено е процес кој подолго трае. Исто така ги наведуваат податоците од достапните медицински истражувања, но и од нивните лични искуства.

Досегашните медицински сознанија говорат за тоа дека типичните симптоми кај дури 35% од пациентите кои прележале коронавирус, по акутната фаза, вклучуваат замор, диспнеа, болки во градите и кашлица.

А освен физички, значителен број луѓе, имаат и психички проблеми, како анксиозност, депресија, симптоми слични на пострауматско стресно пореметување. Некои симптоми исчезнуваат побрзо, односно по 2-4 недели, а некои можат да бидат присутни според актуелно достапните сознанија и 4 до 6 месеци.
Според статистичките податоци на Британското национално биро за статистика, објавени во декември 2020, едно од десет лица има симптоми на ковид-19 и повеќе од три месеци по надминување на инфекцијата. Некои од нив изјавиле дека дури и секојдневните едноставни задачи како облекување, туширање, па дури и враќањето на работа им претставувале тешкотија.

Вакви случаи има се повеќе.

Што е тоа Long covid?

Терминот Long covid (пролонгиран/долг ковид) се уште не е признаен како официјален медицински термин, велат нашите физиотерапевти, но сепак го објаснуваат како термин кој ја опишува состојбата на луѓето на кои не им поминуваат симптомите на вирусот подолг временски период, споредено со периодот од две недели кој според СЗО е предвиден за да едно лице се зарази и ја прележи болеста.

Што е тоа Мијалгичен енцефаломиелитис (синдром на хроничен замор)?

Мијалгичен енцефаломиелитис е болест, наречена синдром на хроничен замор, која е невроимуна состојба со симптоми кои вклучуваат продолжен замор, болки во мускулите, главоболки, летаргија, недостаток на енергија, несоница и апатија. Ова се само некои од симптомите на оваа болест кои можат да траат со децении.

Тука се поставува прашањето дали ковид-19 е еден од многуте вируси кои потенцијално може да ја активира оваа состојба, или дали ќе биде потикнувач за некој нов синдром кој би бил со сосем различен исход? Оваа болест е состојба за која сеуште не се знае доволно, но заморот како дел од горенаведените симптоми може да трае подолго и од 24 часа и да се јави после секој напор, лош сон, силна главоболка, или после било која минимална активност.

Постојат истражувања кои ја докажуваат потребата од трајна нега за пациентите после отпуштање од болничко лекување, особено оние кои имале сериозна инфекција. Погоре споменатата студија открива дека 76% од пациентите се изјасниле дека се уште имаат симтоми. Замор или слабост на мускулите пријавиле 63%, додека 26% имале проблем со спиењето.

Зошто е потребна физиотерапевтска проценка на пациентите кои го прележале ковид-19?

Препораките предвидуваат дека пациентот треба да се јави на физиотерапевтска проценка две недели по излегувањето од болница или откако симптомите ќе бидат намалени. Секако неопходна е физиотерапевтска проценка и доколку симптомите продолжиле или се развиле во нови функционални ограничувања. Оваа консултација со физиотерапевтот се спроведува со цел  да се утврди состојбата на воочените ограничувања во физичкото функционирање на кои се жали пациентот.

Физиотерапевтите преку примена на соодветни мерења и тестирања можат да го проценат физичкиот и белодробниот статус на пациентот преку соодветни функционални тестови и  мерења и дадат предлог за започнување со процесот на пост ковид-физиотерапија.

Друг важен фактор е да се провери постоењето на коморбидитети стекнати пред или од ковид-19, вклучувајќи ги и евентуално погодените органи. Врз основа на добиените информации од други медицински прегледи и самиот пациент, заедно со специфичните потреби на пациентот, физиотерапевтот одлучува дали постои индикација за физиотерапија. Најчесто тоа се пациенти, кои имаат намален функционален капацитет и/или намалено ниво на физичка активност.

Според сите светски препораки пациентите треба да направат контролен преглед кај интернист, кардиолог или пулмолог првиот месец после отпуштањето од болница со цел да се спроведе специфична проценка на белодробната и срцевата функција. Резултатите од овие тестови ќе ја покажат моменталната физичка кондиција на пациентот, а тоа е дополнителна информација која ќе му помогне на физиотерапевтот  да направи соодветен програм со специфични вежби и да го води пациентот низ процесот на рехабилитација според неговите потреби и цели .

Каков тип на третмани вклучува пост ковид 19 физиотерапијата ?

Видовите и бројот на тремани кај овие пациенти е според нивните потреби и можности т.е во зависнот од ефектите предизвикани од болеста. Физиотерапијата има голем број на техники и методи кои можат да се искористат за да влијаат на подобрувањето на физичкиот и белодоробниот капацитет. Предност има респираторната физиотерапија, која може да биде комбинирана со дополнителен третман за мускулно скелетниот систем доколку дозволува моменталниот статус на пациентот. Индивидуалниот план за физиотерапија може да содржи специфични вежби со ерговелосипеди, тренажери, респираторна физиотерапија, електротерапија за зајакнување на мускулатурата и слично. Дел од третманите може да бидат спроведувани и во домашни услови со давање на домашни задачи на пациентите (тие со подобра состојба). Станува збор за индивидулани програми со вежби за кои пациентот ќе биде едуциран за правилно спроведување и контролиран преку онлјан консултации.

Целта на третманот со физиотерапија е да му овозможи на пациентот дополнително да ја зголеми физичката активност и да го подобри капацитетот за вежбање, движење па и враќање во нормален животен тек.

Доколку се идентификуваат ограничувања кои не можат да се решат во областа на физиотерапијата, пациентот треба да биде упатен повторно кај интернист, пулмолог или кардиолог со цел да се изнајде друго решение на проблемите.
Тука секако може да го споменеме и Orthomol Vital M/F кој е специјална формула, комплекс од витамини и минерали, која содржи микронутриенти кои се важни за нервниот систем и енергетскиот метаболизам. Тој содржи омега-3 масни киселини, магнезиум и Б витамини кои влијаат на намалување на заморот и омалаксаноста. Orthomol во сите негови форми е достапен во нашата аптека, Фила Аптека, која функционира во склоп на Клиничка болница Жан Митрев.

Нашиот тим ви стои на располагање!

 

Анафилактичка реакција и како да се справите со неа?

Се поголем е бројот на деца со алергии на храна кои што по својот тек можат да бидат лесни, но и многу тешки со непредвидлив тек. Таков вид е анафилаксата.

Овие деца не се изолирани, напротив тие престојуваат во детски колективи, училишта – а оваа нивна состојба не треба да го ремети нивниот живот. Секако за тоа треба да бидат вклучени како родителите така и наставниците односно учителките.

ШТО Е АНАФИЛАКСА?

Анафилактичен шок или анафилакса се однесува на генерализирана алергиска реакција, која се јавува одеднаш и може да доведе до смрт, ако не се третира навремено. Започнува многу брзо со зафакање на два или повеќе органи (системи), како што се кожата и респираторниот, циркулаторниот или гастроинтестиналниот систем.

Оваа се должи на интеракцијата помеѓу IgE антителата и алергенот, супстанца која вообичаено е безопасна за повеќето луѓе, но која што предизвикува производство на IgE антитела кај предиспонирани пациенти.

Реакцијата може да биде активирана од внес на многу мали количини на алерген и затоа не зависи од дозата: мала количина на  млеко, јајце, пченица, кикирики или друго е доволна за да се манифестира опасна состојба кај оние кои имаат тешки форми на алергија.

КОИ СЕ ПРИЧИНИТЕ?

Најчести алергени кои можат  да покренат ваков тип на  алергиска реакција се:

–  Алергени од  храна: млеко, јајце, лешник, кикирики, риба, школки, пченица, целер

– Убод од инсекти како пчела, оса, стршлен,

– Лекови: пеницилин, цефалоспорини, нестероидни антиинфламаторни лекови , биолошки лекови, итн;

– Средства за контраст на база на  јод.

Во некои случаи не е можно да се идентификува предизвикувачот и зборуваме за идиопатска анафилакса.

Најчесто причини за анафилакса во детството е внес на  храна и се застапени  со околу 3-4% во првите три години од животот. Неопходно е добро дефинирање на тешка алергија од  храна со цел да се спроведе правилна превенција и да се избегнат сериозни анафилактички реакции, што го  изложува  детето  на ризик од смрт во случај на случајно внесување и мала количина на алерген.

КАКО  СЕ МАНИФЕСТИРА

При анафилактичен шок, алергиската реакција се јавува во неколку органи или системи. Особено на кожата, респираторниот тракт, кардиоваскуларниот систем, гастроинтестиналниот систем се засегнати и може да бидат присутни и  невролошки симптоми.

Ниту еден од симптомите не може да се каже дека е карактеристичен или ексклузивен за анафилакса: она што ја прави клиничката слика сугестивна е непосредната  манифестација, во рок од неколку минути, максимум два часа, од контакт со алергенот и брзиот, понекогаш експлозивен почеток на симптоми, кои што се манифестираат  како :

– карактеристичен осип на кожата (уртикарија-ангиоедем), појава на кивање и назначена секреција од носот, потешкотии во дишењето, чешање на јазикот и непцето; промена  во  бојата на гласот заради оток на гласните жици, повраќање, дијареја, хипотензија, абнормално зголемување на срцевиот ритам (тахикардија) и аритмија.

Нетипични клинички манифестации може да бидат од типот на одложена анафилактична реакција. При ова по најмалку еден час од првичната очигледна резолуција, постои продолжување на анафилактичките симптоми без повторно да се биде изложен на алергенот. Понекогаш оваа манифестација може да биде потешка од непосредната епизода.

Епизодата на анафилакса се јавува понекогаш по физички напор, по претходна ингестијата на храна на која е осетливо лицето. Се смета дека вежбањето може да предизвика алергиска реакција со помош на зголемување на цревната пропустливост.

КАКО СЕ  ТРЕТИРА АНАФИЛКТИЧНА РЕАКЦИЈА?

Епинефринот е лек кој спасува живот и треба да има централна улога во акутниот третман на анафилакса. Кога е индицирано, може да се даде на сите деца на која било возраст, а родителите на деца изложени на ризик од анафилактичен шок секогаш треба да носат со себе едно од овие шишенца и не треба да се двоумат  да го алицираат доколку се појават симптоми заканувачки по животот.

Родителите мора да бидат правилно обучени за употреба на епинефрин – адреналин со специјален авто-инјектор. Овие препарати се инјектираат при првиот знак на алергиска реакција, без да се чекаат сериозни симптоми, интрамускулно во бутот – од 0,2ml до 0,5ml во зависност од тежината на детето – и се достапни во амбалажи однапред спакувани со претходно дозиран адреналин отпорен на топлина, стабилен 18 месеци на собна температура.

Иако употребата на овие шприцеви е многу лесна, потребно е дополнителна едукација на  родителите и децата за примена на истиот. И кога по администрацијата на адреналин симптомите се повлечат, сепак неопходно е да се однесе пациентот/детето  во најблиската болница каде што соодветно ќе се проследи во период од 4 до 6 часа. Ако симптомите не исчезнат во рок од 5-10 минути, потребно е да се администрира дополнителна доза на адреналин.

Секој пациент со сериозна алергија, опасна по живот, мора да биде опремен со комплет за спасување на животот, јасен план како да  постапи, а мора да има и обука за апликација на оваа терапија.

Училиштата  мора  да бидат  вклучени со едукативни курсеви за наставен кадар за постапки кон разрешување на вакви состојби кај децата  кои можат да се случат во тек на  училишните часови и за време на спортски активности, и да се избегне исклучување на овие деца од настани како што се училишни патувања и учество на спортски турнири.

Потребна е исто така и добра  евиденција на децата со тешки алергиски реакции, развој на едукативна програма на ниво на семејствата и училиштатата како и да се поттикне правилна употреба на лекови за анафилакса, како што е адреналинот.

Автор: Прим. д-р Благица Манчева – Педијатар

Анемијата се лечи, но, откријте ја на време!

Често пати слушаме дека некој е анемичен или има анемија. Но, што значи точно тоа од здравствен аспект за една личност.

Медицината анемијата ја дефинира како апсолутно намалување на бројот на еритроцитите (црвени крвни зрнца), односно на концентрацијата на хемоглобинот или на вредностите на хематокритот.

Попрецизна дефиниција е кога како основно мерило се зема хемоглобинската концентрација во крвта која е пониска од општо прифатените нормални вредности. Овде важно е да се истакне дека намалената концентрација на хемоглобинот ја намалува способноста на крвта во одредено време да го транспортира потребното количество кислород од белите дробови во периферната крв со што во ткивата доаѓа намалено количество кислород.

Како се манифестира анемијата?

Анемијата се манифестира со еден вид слабост на организмот, замор, намалена концентрација, чести промени во расположението, како и втроглавица, главоболка, зуење во ушите, краток здив, слаб апетит, бледило на кожата, слаба циркулација (студени раце и нозе). Може да се забележи и забрзана и неправилна работа на срцето, болка во градите, кршливост на ноктите итн.

Како да ја препознаете анемијата кај децата?  

Кај помалите деца анемијата најчесто се открива случајно, по земање анализи, бидејќи не знаат да ги објаснат проблемите што ги чувствуваат. Сепак да напомене дека бледото лице на детето не мора секогаш да биде знак за анемија. Бојата на кожата зависи од нејзината дебелина, пигментација и прокрвеност.

Ако, освен лицето на детето, бледи се и усните и кожата под ноктите, би можело да се работи за анемија.

Има и други симптоми: работата на мозокот и мускулите е побавна а тоа е затоа што примаат помалку кислород, па се јавуваат замор, раздразливост, слаб апетит и незаинтересираност за игра.

Поголемите деца, пак при појака анемија се жалат на вртоглавица, зуење во уши, главоболка, срцебиење, а неретко кај нив се забележува заостаток во растот и склоност кон инфекции. Некои деца ставаат во уста материи што не се за јадење како на пример земја, песок, или хартија.

Кај децата најчесто анемијата се појавува поради недостиг од железо, а за неа терапијата е ефикасна, а резултатите од лекувањето се добри.

Како се дијагностицира?

Најчесто, анемијата се дијагностицира преку лабораториска анализа на крвната слика, при што особено внимание се посветува на бројот на еритроцитите, нивото на хемоглобин, количеството на железо во крвта и големината на еритроцитите. Во лабораторијата на нашата клиника можете да го испитате вашето ниво на Серумско железо и на Феритинот кои имаат најголемо влијание во детектирање на анемијата.

Серумското железо заедно со еритроцитите и хемоглобинот, даваат слика за состојбата на коскената срцевина, односно дали има анемија и за каков тип на анемија се работи. Важно е да се знае дека одредување само на железо без останатите параметри, не дава никаква основа за поставување на дијагнозата анемија.

Феритинот претставува комплекс на протеин врзан со железо т.е. депонирачка форма на тровалентно железо, каде железото останува во растворлива, нетоксична и лесно достапна форма за организмот. Го има во сите ткива во организмот, но најмногу е присутен во коскената срцевина, црниот дроб и слезенката. Определувањето на концентрацијата на серумското железо е слаб индикатор за депонираното железо во организмот. Затоа е подобро да се определат и хемоглобинот, бројот на еритроцитите, трансферинот, феритинот и TIBC (вкупниот капацитет на трансферинот за врзување со железото), за што ќе бидете посоветувани од наше медицинско лице.

Исхраната како превенција

За превенција на анемијата важна улога има исхраната. Таа треба да биде богата со железо (леќа, грав и другите мешункасти растенија, цвекло, пиперки, зелен лиснат зеленчук, интегрални житарки, јаткасти плодови, суви сливи и кајсии, темно чоколадо итн.). Исто така, витаминот Ц има голема улога во апсорпцијата на железото. Препораките се дека во случај на анемија треба да се избегнува поголемо внесување калциум, којшто ја намалува апсорпцијата на железото во крвта, а истиот негативен ефект го имаат и производите што содржат танин (чај, кафе, газирани пијалаци итн.).

 

 

 

 

Холестеролот наш тивок непријател

Холестеролот е органско соединение кое спаѓа во групата т.н. стероли кои се комбинација на алкохол и стероиди. Поедноставно кажано, тоа е супстанца многу слична на мастите. Се среќава во храна од животинско потекло, го има во крвта, мозокот и нервниот систем на човекот. Холестеролот исто така се наоѓа во мембраните на клетките на сите ткива и е неопходен за нормално функционирање на целиот организам. Така на пример, организмот го користи холестеролот за синтеза на хормони, витамини (А, Д и Е), киселини во жолчното ќесе. Тој помага при изградбата на нови клетки, но и ги изолира нервите.

Значи и покрај „лошиот глас“ кој го бие, тој му е многу потребен на организмот. 80% од целокупниот холестерол самиот организам си го создава, а се внесува и преку исхраната. Синтетизираниот холестерол, и оној кој се внесува со храната, доаѓа во црниот дроб каде се сврзува со некои протеини и при тоа се формираат т.н. LDL и HDL холестеролите.

Сепак, доколку холестеролот го има премногу во крвта, тој може да се таложи по ѕидовите на крвните садови при што се формираат штетните артеросклеротични плаки-наслаги.

Во самиот организам постојат механизми кои ги сузбиваат овие наслаги, но само ако тие се во почетен стадиум на нивното формирање. Ако количината на овие масни материи се зголеми, организмот не успева сам да се справи со нив и тогаш нивото на холестеролот во крвта почнува да се зголемува. Но, тоа никако не може да се утврди без направена анализа на крвта за вкупните маснотии. Ниво на холестерол и маснотии во крвта се испитува и во нашата лабораторија.

Тука би ги напоменале и иследувањата кои се прават после 10 часовно гладување што пак се добар показател за утврдување на нивото на холестетолот како ризик фактор за настанок на кардиоваскуларните болести.

Може да сте слаб, а да имате висок холестерол

Холестеролот е присутен и кај оние луѓе кои немаат прекумерна тежина, не внесуваат масна храна и не чувствуваат тегоби а сепак нивната крвна анализа покажува зголемено ниво на истиот. Затоа е потребно од време на време да биде направена ваква анализа.

При високо ниво на холестеролот во организмот, во крвта циркулираат масни жолтеникави топчиња кои може да се наталожат на ѕидовите на артериите и да формираат плаки (наслаги) кои ги стеснуваат артериите. Овие стеснувања водат кон намалување на протокот на крвта, а тоа пак може да доведе до одредени срцеви проблеми, па дури и да дојде до инфаркт.

На што да внимаваме во исхраната?

Секое семејство користи различни видови на маснотии. Главно тоа се: масло од сончоглед, маслиново масло, свинска маст, путер, маргарин. Во последно време во маркетите може да се набави и палминовото масло.

Важно е да знаете дека маргаринот и палминото масло треба да се исклучат од исхраната. Маргаринот содржи материи кои се штетни за организмот, а тоа се т. н. транс изомери кои ги покачуваат триглицеридите во крвта.

Палминовото масло, пак, содржи многу заситени масни киселини кои го покачуваат холестеролот во крвта. Секоја од останатите видови на маснотии си има своја намена и секоја е помалку или повеќе корисна или штетна.