Честит ден на срцето!

Искористување на моќта на дигиталното здравје за подобрување на свесноста, превенцијата и управувањето со кардиоваскуларните болести на глобално ниво е целта за овогодинешниот ден на срцето.
,,Додека светот се бори да се справи со KОВИД-19, ние никогаш не сме биле посвесни за важноста на здравјето на нaс самите, но и на нашите сакани,,- велат од Светската срцева организација.

 Кардиоваскуларните болести (КВБ) остануваат убиец број еден во светот, што резултира со 18,6 милиони смртни случаи годишно. Има многу причини за тоа, почнувајќи од пушењето, дијабетесот, високиот крвен притисок и дебелината, до загадување на воздухот. Тука се секако и поретките состојби како што се Шагасовата болест и срцевата амилоидоза. 

За 520 милиони луѓе кои живеат со кардиоваскуларни болести, КОВИД-19 е особена закана, бидејќи токму тие беа повеќе изложени на ризик да развијат тешки форми на вирусот. Затоа многумина се плашеа да ги практикуваат вообичаените работни и животни активности и станаа изолирани од пријателите и семејството.

Оваа година, пораката која ја упатуваат за Светскиот ден на срцето, е:

КОРИСТЕТЕ ГО СРЦЕТО ЗА ДА СЕ ПОВРЗЕТЕ

Кризата во здравството што сите ние ја живееме ја нагласи итната потреба да се најдат различни и иновативни начини за поврзување на луѓето со здравстени проблеми на срцето, особено во областите и заедниците со помали ресурси.Се работи за поврзување со нашите сопствени срца, да се осигураме дека ги пазиме и негуваме најдобро што можеме, и да ја користиме дигиталната моќ за да го поврземе секое срце, насекаде. Медицинските професионалци се тука за вас, повикајте ги кога ќе ви е потребно.

Центарот за естетска дерматологија при клиничката болница „Жан Митрев“ најсовремен, сеопфатен медицински и козметичко-дерматолошки оддел

Со персонализирани третмани и индивидуален пристап до совршена кожа

Центарот за естетска дерматологија при клиничката болница „Жан Митрев“ е сеопфатен медицински и козметичко-дерматолошки оддел, кој нуди целосен спектар на медицинска и хируршка нега, како и естетско подобрување. Поразговаравме со д-р Александра Лазаревска и со д-р Анџелка Илиева кои детално ни ги опишаа сите професионални услуги што ги нудат.

Кожата е најголемиот орган на нашето тело и критична имунолошка бариера што нè одржува безбедни и здрави во нашата околина. Каков вид услуги и нега нуди козметичко-дерматолошкиот оддел при клиничката болница „Жан Митрев“?

Дерматологијата како гранка постои и успешно функционира во нашата клиника уште од 2017 година. Но, генерално, сите овие години беше во функција на кожната патологија.
Последните неколку години, како резултат на зачестените барања на нашите пациенти, но и развојната визија на академик д-р Жан Митрев, направивме преструктуирање, насочувајќи се не само кон здравјето туку и кон естетиката. Така, сега можеме да зборуваме за комплетен центар за естетска дерматологија и медицинска козметологија. Во таа насока, просторот што е резервиран за оваа намена, сега е комплетно реновиран и опремен да одговори на потребите на пациентите за да се чувствуваат, пред сè, безбедно и удобно.

Во поглед на услугите на центарот нудиме најсовремени третмани за нега на кожата, превенција од предвремено стареење, потоа сите видови на естетски корекции – пополнување брчки и контурирање на лицето, корекција на асиметрија и дефекти на лицето, третмани на лузни, акни и сите видови на патолошки состојби на кожата.

Она што е различно и нè одвојува од другите се токму нестандардните третмани, оние што досега никој не ги применуваше во нашата држава. Комбинирани со персонализираниот пристап, направен по мерка на секој пациент, во зависност од типот на кожа и патологијата, доколку постои. Секако, сето ова се спроведува првенствено благодарение на тимот дерматолози, кои ги применуваат новите и најсовремени технологии што клиничката болница „Жан Митрев“ првпат и ексклузивно ќе ги понуди на пациентите.

Секој третман е персонализиран и наменски утврден за типот на кожата на пациентот. Кои нехируршки, козметички процедури ги користите за да се подобри состојбата на кожата?

Така е. Сè почнува со преглед што вклучува персонализирана анализа на кожата на пациентот со помош на најсовремен апарат со анализатор, кој, освен целосната длабинска анализа на сите слоеви на кожата, располага со софтвер што користи вештачка интелигенција (artificial intelligence). Благодарение на него, секој пациент добива свое досие и план за понатамошни третмани сè до постигнување на крајниот ефект. Ова можете да го добиете единствено во нашата клиника. Во поглед на нехируршките процедури, секако најактуелни се третманите против стареење. Тие опфаќаат: пополнување брчки со дермални филери со хијалуронска киселина, потоа со пополнувачи со калциум-хидроксил апатит, што се користат за контурирање на лицето и за стимулација на колаген. Актуелно е и пополнувањето со плазма богата со тромбоцити добиена од сопствена крв, колаген индукциска мезотерапија и биоревитализација, хемиски пилинзи, хидрадермоабразија, ултразвучен лифтинг и многу други.

Во моментов имаме акција на бесплатна консултација по која дерматолозите ќе препорачаат соодветни активности и понатамошни чекори за реализација на посакувани цели.

Постојат многу предрасуди во однос на користење на филерите како средство за разубавување. Што е важно да се знае пред примена на ваквиот вид на естетски третмани?

Најважно е да се знае дека, главно, филерите се направени од хијалуронска киселина, што природно ја има во нашата кожа, особено во големи количества во младоста, но за жал, по триесеттата година таа се намалува и како резултат на тоа кожата почнува да губи волумен, да се опушта и да се создаваат брчки. Всушност, филерите служат за пополнување на овие брчки, но и за да го надополнат волуменот на местата каде што кожата прави вдлабнувања.
Притоа, клучно е да се има предвид дека тоа е сериозна иглена процедура што треба да се изведува единствено од страна на специјално едуцирани лекари-специјалисти со соодветно искуство и познавање на анатомијата и структурата на кожата, во строги стерилни услови и притоа да се користат дермални филери, што се регистрирани и одобрени од агенција за лекови. Токму затоа во нашата болница се користат дермални филери произведени во Германија, Шведска и Швајцарија, чијшто квалитет е исклучително висок и тие се одобрени од нашата агенција за лекови, европската, но и од американската агенција – ФДА.

Ваша главна цел е задржување на природниот изглед, но и подобрување на животните навики за поздрава кожа. По колку време од консултацијата и редовните третмани можат да се забележат првите промени на кожата на пациентите?

Велиме дека природната убавина зрачи однатре и затоа нашата цел е да ја поттикнеме неа. Всушност, затоа и го користиме нашето мото ,,Разбуди убавина во себе“. Персонализираните третмани и индивидуалниот пристап имаат цел да ги поттикнат сите фактори што влијаат и резултираат со природен изглед по третманите. Имајќи на располагање стручен мултидисциплинарен тим од специјалисти дерматолози, нутриционисти, физиотерапевти и лекари од сите други области во нашата болница се креира синергија во зависност од потребите и најголем дел од ефектите се видливи уште веднаш по третманите.

Одделот нуди решенија и за низа состојби на кожата, како акни, бенки, вирусни брадавици, егзема, псоријаза, розацеја, рак на кожата. Кои промени на кожата треба веднаш да се третираат и да се побара помош од дерматолог?

Секако, во одделот продолжуваме да третираме и дерматолошка патологија. Се третираат сите видови на погореспоменатите болести и состојби на кожата. Важно е да потенцираме дека сме специјализирани и за сите оние дијагнози што бараат неодложен преглед и понатамошно третирање/процена, на пример, сите видови на кожни израстоци и бенки. Особено во овој дел, нашиот најголем фокус се токму дерматолошката онкологија со посебен скрининг и дерматоскопските прегледи на целото тело што се извршуваат користејќи најсовремен дигитален апарат од последната технолошка генерација со вештачка интелигенција што е единствено достапен во нашата клиника. Тој овозможува детален дерматоскопски преглед и детекција на најмалите промени на кожата што некогаш се невидливи за човечкото око. Може да се користи за детална анализа на косата и ноктите.

Со каков вид машини/апарати располага центарот за естетска дерматологија?

Дел од апаратите со кои располага центарот за естетска дерматологија, а кои се единствени во државата се: HydraFacial, апарат со единствена технологија и веднаш видливи резултати, со кој се прави еден од најизведуваните третмани за измазнување и подмладување на кожата ширум светот. Со патентираната технологија од типот на хидрадермоабразија се спроведува неинвазивен метод, што користи специјални персонализирани серуми и бустери за длабоко чистење, ексфолијација, хидрирање и подмладување на кожата. Fotofinder Automated Total Body Mapping – дигитален апарат за дерматоскопија со вграден софтвер со вештачка интелигенција и експертски софтвер Mole Analyzer Pro, кој користи најмоќни алгоритми за анализа на кожата, косата и ноктите. Ова е исто така неинвазивен метод за автоматско комплетно мапирање на кожата на целото тело. Би ја искористиле оваа пригода исто така да споменеме дека наскоро ни пристигнуваат и уште нови уреди во функција на заокружување на целината и збогатување на портфолиото услуги што планираме да бидат достапни за нашите клиенти. Тука би ги истакнале: ULTERA – Уредот за ултразвучно затегање на кожата, единствениот апарат одобрен од Американската агенција за храна и лекови (ФДА), со кој се изведува затегање и лифтинг на кожата на лице и тело без користење на оперативен зафат. Повеќенаменски премиум ласер за безбедно и ефикасно третирање на различни состојби на косата, вклучувајќи и отстранување на несаканите влакна. Овој ласер обединува четири различни технологии во една платформа и е користен од голем број лекари насекаде во светот. Овозможува третирање на различни типови кожа, различни возрасни категории и наменет е и за жени и за мажи. Се применува кај над 30 различни проблеми со кожата, како IPL-третмани на сите кожни промени, васкуларни лезии и проширени вени, пигментирани лезии, хиперпигментации, трајно отстранување влакна на типови кожа I-V и тетоважи, акни, како и отстранување лузни и стрии.

Извор: Портрет

25-ти Септември – Светски ден на фармацевтите

Единаесети пат, годинава на 25 – ти Септември се одбележува светскиот ден на фармацевтите, а акцентот овој пат е поставен на довербата која пациентите ја имаат токму кон овој здравствен работник.

Целта на означувањето на овој ден е да се постигне поинакво, малку повисоко општествено поставување на оваа професија, на овие здравствени работници кои се активно вклучени во подигнување на свеста за личното здравје. Ден кој го посветуваме за да се потсетиме колку фармацевтот е важен дел од севкупниот здравствен систем.

Фармацевтот е експерт за терапија, преку проверка на соодветноста при комбинирање на истата, советување за начинот на примена и чување, пренесување на точни и проверени информации за лековите на разбирлив начин за пациентот, континуирани совети за имунизација и важноста на истата, особено за време на пандемија, советување за лекови и додатоци кои може да се подигнат без рецепт, ги менаџираат хроничните заболувања преку совети за важноста на терапијата како и континуирано следење на состојбата.

Фармацевтот постојано учи и се надоградува. Тој ги потврдува, проверува, подговтвува и ги издава лековите. Правилната употреба, личната доза согласно потребите на пациентот, е она што спречува лекот да биде отров, во тој процес, главната улога ја завзема фармацевтот. Тој е последниот филтер пред употреба на лекот.

Токму поради овој начин на работа кој пациентите го препознаа и преку низа анкети потврдија, фармацевтот заслужува да му се довери здравјето, а тој како вистински професионален здравствен работник, тоа да го потврди и оправда, преку континуирана грижа кон пациентот.


Сакаме да го честитаме овој ден, на сите фармацевти во нашата земја, со порака да продолжат да бидат здравствените работници на кои пациентите им го доверуваат своето здравје и здравјето на своите најблиски.

Остеопороза – кога и зошто се појавува?

Што е остеопороза?

Остеопорозата е болест која означува губење на коскената маса и намалување на структурниот квалитет на коските. Всушност коските стануваат порозни. Зголемувањето на животниот век, промените во навиките во исхраната и седентарниот (седечки) начин на живот предизвикаа оваа болест да достигне навистина алармантни бројки.

Коската е живо ткиво кое постојано се обновува. Во континуитет се гради и надополнува за да не се наруши неговата структура. Овој процес се спроведува на координиран начин од страна на клетките наречени остеобласти и остеокласти.
До пубертетот преовладува процесот на градење структури (моделирање), по оваа фаза следува одржување (ремоделирање).

Ова ремоделирање на коските е контролирано од хормони. Најважни се: естрогенот (женски полов хормон) и тестостеронот (машки полов хормон), кои го забавуваат уништувањето на коските и помагаат во одржување на фосфорот и густината на коските.

Количината на коскената маса на една личност постепено се зголемува од раѓање додека расте скелетот. Ја достигнува максималната вредност на возраст од 30 до 35 години. Овој врв на коскената маса е моментот кој е познат како скелетна зрелост. Во тоа време имаме најголема количина коскена маса во нашиот живот. Потоа следуваат неколку години стабилност, а подоцна коскената маса постепено се намалува физиолошки.

Остеопороза, почеста кај жените отколку кај мажите

Бидејќи кај мажите производството на тестостерон (што го намалува уништувањето на коските) останува постојано во текот на животот, констатирано е дека болеста постои само кај лицата во многу напредна возраст или кај оние мажи кои имале мала вредност на максималната коскена маса.

Остеопорозата е позастапена кај жените. Нивна максимална вредност на коскената маса е секогаш помала отколку кај мажите. Жените,исто така, минуваат низ менопауза, период во кој јајниците престануваат да произведуваат естроген. Од тој момент, тие често претрпуваат забрзано губење на коскената маса.
Но, иако болеста е многу честа, истата не се развива кај сите жени.

Фактори на ризик за остеопороза

  • Рано губење на менструацијата: по природни или хируршки причини. Коклу подолго време отсуствуваат оваријалните хормони, толку повеќе страдаат коските
  • Наследност: Пациентите со остеопороза имаат поголема веројатност да и нивните деца страдаат од истата.
  • Исхрана: Статистички, намаленото консумирање на млечни производи е поврзано со повисока инциденца на остеопороза.
  • Раса: Белите жени имаат поголема веројатност да имаат остеопороза.
  • Нулипарност: Немањето деца го зголемува ризикот од заболување од оваа болест.
  • Тежина: Жените со низок БМИ (индекс на телесна маса: тежина/висина) се со поголема веројатност да страдаат од остеопороза.
  • Тутун: Статистички гледано, пушачите покажуваат поголема инциденца на остеопороза.
  • Седентарен начин на живот: Физичката активност е извонреден стимуланс за растот на коскената маса, а одморот од друга страна го поттикнува намалувањето на коскената маса.

Последици од појава на остеопороза

  • Намалена густина на коските
  • Болки во мускулите во грбот
  • Деформација на ‘рбетот
  • Губење рамнотежа
  • Ризик од скршеници

Остеопорозата е „тивка болест“. Првите симптоми на остеопороза се досадна болка во грбот, а понекогаш и тие се непријатности што самите пациенти не ги сметаат за толку важни, особено кога процесот на губење на коскената маса е бавен. Ова е една од причините зошто болеста е тешко да се открие. Може дури и да остане незабележано додека не се појави фрактура на пршлен, зглоб или колк.
Како што коската станува поостеопоротична, секој пад, без разлика колку е незначителен, може да предизвика фрактура.

Дијагноза и третман

За да се дијагностицира остеопороза и да се процени ризикот од фрактури и да се утврди дали ви е потребен третман, вашиот доктор најверојатно ќе препорача да направите остеодензитометрија (скенирање за утврдување на густината на коските).
Препораките за третман често се базираат на проценка на ризикот од фрактура на коска во следните 10 години преку добивање на информации од дексаскенерот (апаратот за мерење на густината на коските). Ако вашиот ризик не е висок, третманот може да не вклучува лекови и може да се фокусира на модифицирање на факторите на ризик за губење масната коска и препораки за да се винмава и да се избегнуваат падови.

Како за мажите и така и за жените со зголемен ризик од фрактура, најчесто пропишаните лекови за остеопороза се бисфосфонати:

  • Алендронат (Биносто, Фосамакс)
  • Риседронат (Актонел, Ателвија)
  • Ибандронат (Бонива)
  • Золедронска киселина (Рекласт, Зомета)

Остеопорозата е тивка болест која може да се сопре ако навремено се детектира


Остеопорозата претставува намалување на густината на коските, која може да доведе до кршење (фрактури) на истите и тоа при помали оптоварувања односно при вршење на секојдневни активности. Таа е доминантно метаболно заболување на коските и претставува голем здравствен и социјален проблем. Се смета за асимптомна болест која не јавува симптоми, освен можеби намалување на височината на пациентите и појава на ‘грбка’ на грбот (торакалниот дел).

Намалувањето на густината на коските може да предизивика фрактура на колкот при пад кај повозрасни лица, потоа фрактури на раката (radii loco typico-фрактура на радиус), како и компресивни фрактури на пршлените на ‘рбетниот столб, кај кои всушност се забележува намалување на висината на пршленското тело.

Кои се причините за настанување на остеопороза

• Генетски фактор,
• Рана менопауза,
• Долго недвижење (имобилизација) – пасивен живот,
• Ендокринолошки и хематолошки болести,
• Мала телесна тежина,
• Користење на некои лекови: кортикостероиди, метотрексат,
• Намален внес на калциум.
• Лоши животни навики (алкохол, пушење, голем внес на натриум, кофеин и сл).


Жените се поподложни кон остеопороза. Зошто?


Кај жените остеопорозата е почеста појава поради губење на половите хормони (естроген и прогестерон) кои ги лачат овариумите (јајниците),
Кај мажите дијаметарот на самите коски е поголем за разлика од жените и мажите се бават повеќе со физичка активност или поголема физичка работа која помага за зајакнување на коските.

Статистиката во медицината говори дека кај вертебрални (пршленски) скршеници односот помеѓу жени и мажи е 7:1.

И кај скршениците на колк исто така статистиката е во полза на мажите и тој изнесува 2:1.

Колесови фрактури (скршеници на раката), односот помеѓу жени и мажи е 5:1.

Како да дознаеме дали имаме остеопороза?

Остеопорозата се детектира преку DEXA Scan. Тоа е испитување на густината на коскена маса кое може да биде пропратено и со лабораториски испитувања – маркери за коскено разградување, концентрација на јонизиран калциум и витамин Д.

По јасната детекција остеопорозата може да се лекува. После лекување на остепорозата од 1 година, се прави контролен DEXA Scan и се пратат лабараториските параметри.
Во нашата клиника остеодензитометријата (DEXA Scan) ја прават едуцирани технолози а резултатите ги обработуваат тим на лекари едуцирани за остеодензитометрија, со што ке ја добиете најадекватната терапија и понатамошно лекување.

Снимањето трае кратко, неинвазивно е и безболно. Стандардно се снима левиот колк и пределот на лумбалниот рбет (од првиот до четвртиот лумбален пршлен).
Кај некои состојби, каде што постои предходна операција на рбетниот столб или кога истиот е значително дегенеративно променет, се снимаат двата колка.

Исто така, кај пациенти кои имаат зголемено ниво на паратироидни хормони во крвта, потребно е да се снима подлактицата, како и кај пациенти со поголема телесна тежина до 150 кг. или кај пациенти каде поради други причини неможе да се направат стандардни DXA скенови (протеза на двата колка и изразени дегенеративни промени на рбетот).

Нашиот современ апарат поседува уште две помошни апатки кои помагаат во одлуката дали треба да се започне со терапија. Тоа е FRAX score, кој преку калкулација на факторите на ризик, го калкулира 10-годишниот ризик од скршеници на колкот и големи остеопоротични фрактури.
Друга помошна алатка на овој апарат е TBS, кој врз основа на веке направениот DXA (dexa) скен не запознава и со квалитетот на коските.

Снимањето го правиме на апарат Hologic, последна генерација кој има инсталирано софтвер за FRAX score и TBS.
Посебна припрема за остеодензитометрија не е потребна.

Висок крвен притисок

Доколку страдате од покачен крвен притисок, тоа значи дека вашиот крвен притисок ги надминува границите на нормалните вредности. Доколку не започнете да го менувате начинот на живот, со физичка активност и консумирање на здрава храна, голема е веројатноста со тек на време да развиете хипертензија-висок крвен притисок.

Покачениот крвен притисок и високиот крвен притисок го зголемуваат ризикот од срцев удар, мозочен удар и срцева слабост.  Додека пак намалувањето на прекумерната тежина, вежбањето и другите промени во насока на здрав начин на живот, честопати можат да го контролираат високиот крвен притисок и да постават темели за поздрав живот.

Симптоми

Покачениот крвен притисок не се манифестира со забележливи симптоми. Единствениот начин да се открие како состојба е да водите контролирана евиденција за вредностите на крвниот притисок. Проверете го крвниот притисок секогаш кога ќе го посетите лекар или проверете го дома со домашен мерач на крвен притисок.

Причини

Секој фактор што го зголемува притисокот кон ѕидовите на артериите може да доведе до висок крвен притисок. Акумулацијата на масни наслаги во артериите (атеросклероза) може да предизвика висок крвен притисок.

Покрај атеросклерозата, други состојби кои можат да предизвикаат покачување на крвен притисок или висок крвен притисок се:

  • Опструктивна апнеја
  • Бубрежна болест
  • Болест на надбубрежната жлезда
  • Болест на тироидната жлезда

Одредени лекови, вклучувајќи апчиња за контрацепција, лекови против настинка, деконгестиви, лекови против болки без рецепт и некои лекови на рецепт, исто така може да предизвикаат привремено покачување на крвниот притисок. Нелегалните супстанци, како што се кокаинот и амфетамините, можат да имаат ист ефект.

Фактори на ризик

Фактори на ризик за висок крвен притисок ги вклучуваат следните:

Прекумерна тежина

Колку е поголема вашата телесна маса, толку повеќе крв ви треба за снабдување на ткивата со кислород и хранливи материи. Како што се зголемува протокот на крв низ крвните садови, така се зголемува и притисокот што се врши врз sидовите на артериите.

Пол

Високиот крвен притисок е почест кај мажите до 55 годишна возраст отколку кај жените. Жените имаат поголема веројатност да развијат висок крвен притисок по 55 година од животот.

Раса

Високиот крвен притисок е особено чест кај луѓето со африканско потекло и тој обично се манифестира на помлада возраст отколку кај белите луѓе.

Семејна историја на висок крвен притисок

Голема е веројатноста за генетско наследување на оваа состојба особено ако роднина од потесно семејство, како родител, брат или сестра, има висок крвен притисок.

Недостаток на физичка активност

Недостатокот на физичка активност може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок и прекумерна тежина.

Исхрана богата со сол (натриум) или со ниска содржина на калиум

Натриумот и калиумот се две основни хранливи состојки за регулирање на крвниот притисок. Ако во исхраната имате премногу натриум или премалку калиум, голема е веројатноста да имате висок крвен притисок.

Пушењето

Пушењето или џвакањето на тутун како и пасивното пушење може да влијаат на зголемување на вашиот крвен притисок.

Прекумерното консумирање на алкохол

Употребата на алкохол исто така е тесно поврзана со зголемен крвен притисок, особено кај мажите.

Одредени хронични состојби

Бубрежни заболувања, дијабетес и ноќната апнеа, меѓу другите, можат да го зголемат ризикот од висок крвен притисок.

Доколку покачениот крвен притисок и високиот крвен притисок се почести кај возрасните, децата исто така можат да бидат изложени на ризик. Кај некои деца, проблемите со бубрезите или срцето може да доведат до висок крвен притисок. Но, кај сè поголем број на деца, лошите животни навики, како што се нездрава исхрана, прекумерната тежина и недостатокот на физичка активност, придонесуваат за појава на покачен крвен притисок и висок крвен притисок.

Компликации

Високиот крвен притисок може да се влоши и да се претвори во хипертензија. Хипертензијата може да ги оштети вашите органи и да го зголеми ризикот за разни болести, вклучувајќи срцев удар, срцева слабост, хеморагичен мозочен удар, аневризми, и откажување на бубрезите.

Превенција

Препорачаните промени во стилот на живеење за лекување на висок крвен притисок помагаат и во спречување на хипертензија. Како што напоменавме погоре: консумирајте здрава храна, консумирајте помалку сол, редовно вежбајте, одржувајте здрава тежина, консумирајте помалку алкохол, контролирајте го стресот и откажете се од пушењето. Сето ова треба да се свати сериозно. Започнете да прифаќате поздрави навики уште денес.

Опструктивна апнеа

Опструктивната слип апнеа е состојба која претставува сериозно нарушување на спиењето. Во суштина се работи за недостаток на воздух при спиење што го нарушува самиот процес на одмор и редовно снабдување на кислород во мозокот. При постоење на слип апнеа се случува краток прекин на дишењето кој се повторува постојано во текот на спиењето.

Oпструктивната апнеа се јавува кога мускулите на грлото наизменично се релаксираат и ги блокираат дишните патишта за време на спиењето. Забележителен знак на опструктивна апнеа е ‘рчењето.
Постојат соодветни третмани за справување со опструктивната апнеа. Меѓу нив е и третманот кој вклучува употреба на уред кој функционира со примена на позитивен притисок кој ги задржува дишните патишта отворени додека спиете. Друга опција е уред во форма на инка со која се турка долната вилица напред за време на спиењето. Понекогаш, во некои случаи, и операцијата исто така може да биде опција.

Симптоми на опструктивна апнеа вклучуваат:

• Прекумерна дневна поспаност
• Гласно ‘рчење
• Забележани епизоди на паузи при дишењето за време на спиење
• Грубо будење со задишување или гушење
• Се будите со сува уста или болка во грлото
• Главоболка наутро
• Потешкотии во концентрацијата во текот на денот
• Промени во расположението, како што е депресија или раздразливост
• Висок крвен притисок
• Ноќно потење
• Намалено либидо

Кога треба да се консултирате со лекар?

Консултирајте се со стручно медицинско лице доколку сте ги забележале самите или пак вашиот партнер/ка ви ги сигнализираат ваквите ваши симптоми.
Многумина не веруваат дека ‘рчењето е знак на нешто што може да биде сериозно, а и не секој што ‘рчи има опструктивна апнеа при спиење.
Разговарајте со вашиот лекар доколку почувствувате силно ‘рчење, особено ако е прекинато со периоди на тишина (пауза). Со опструктивна апнеа при спиење, ‘рчењето е генерално погласно кога спиете на грб и се смирува кога ќе се свртите на страна.
Консултирајет се со вашиот лекар за било какви проблеми во спиењето кои ве оставаат хронично заморни, поспани и нервозни. Прекумерната дневна поспаност може да се должи и на други нарушувања, затоа треба да се дијагностицира правилно вистинската причина.

Отомикроскопија како дијагностичка метода

Отомикроскопијата претставува златен стандард во дијагностиката на промените во надворешниот ушен канал и ушното тапанче, а преку него индиректно и проценка на промените во средното уво. Особена важност има во детската возраст бидејќи во услови на ограничена визуелизација го зголемува повеќекратно видното поле и на тој начин овозможува многу подобра проценка во однос на класичната отоскопија.

Дијагностичката метода која најчесто се користи при преглед на надворешниот ушен канал и ушното тапанче е класичната отоскопија. Притоа се користи инструмент во форма на инка, т.н. ушен спекулум, којшто треба да биде адаптиран на големината на надворешниот ушен канал кај пациентот. Користејќи челно осветлување кои се уфрла во ушниот канал се наблудувааат промените во надворешниот ушен канал и тапанчето. Преку овие промени, особено промените на тапанчето можеме индиректно да ги процениме  состојбата  и промените во средното уво. Меѓутоа, особено кај помалите деца, имајќи ја предвид големината на надворешниот ушен канал и просторот којшто можеме да го визуелизираме секако дека е ограничена можноста за попрецизна проценка на локалниот наод.

Затоа многу посоодветна метода која може да се примени во секојдневната оториноларинголошка пракса е и отомикроскопијата/или отомикроскопскиот преглед. Не секоја институција е подготвена да ја понуди оваа опција во склоп на дијагностичките процедури, но за среќа таа е достапна во клиничката болница Жан Митрев и истата ја изведува Прим. д-р Борислав Гогушевски.

Во што се разликува отомикроскопијата во однос на класичната отоскопија?

При изведувањето на отомикроскопскиот преглед/или отомикроскопија  се користи микроскоп којшто има соодветно зголемување кое зависи од техничките карактеристики на самиот микроскоп. На тој начин се добива повекекратно зголемување на видното поле низ ушниот спекулум што овозможува да се утврдат и оние посуптилни  промени кои не се впечатливи при обичниот отоскопски преглед.

Кои се предностите на отомикроскопијата во однос на класичната отоскопија?

Повекекратното зголемување на видното поле при користењето на отомикроскопот овозможува многу попрезицно дефинирање на сите детали во овој сегмент и нуди можност за многу попрецизна дијагностика.

Секако дека и при класичната отоскопија, но особено при отомикроскопијата постои  можност и за помали интервенции во надворешниот ушен канал во смисла на тоалета, чистење на ушниот канал, најчесто од  насобрана ушна маст или церумен, секрет, потоа изведување на  помали интервенции како отстранување на некои мали промени/гранулации, полипи, постоперативна тоалета, евентуално парацентеза односно отворање на средното уво преку мал отвор на тапанчето во одредени случаи на акутни или сериозни воспаленија. Но за разлика од класичната отоскопија при отомикроскопскиот преглед  значително подобрата визуелизација и поголемо видно поле нудат можности за многу поголема прецизност  при  самите  интервенции во простор којшто е екстремно мал.

Отомикроскопијата има особена важност има кај децата бидејќи кај нив е многу помал надворешниот ушен канал, при прегледот се користи помал ушен спекулум, а тогаш е ограничено и видното поле. Тука особено доаѓа до израз предноста на отомикроскопијата, и како дијагностичка метода или при изведувањето на одредени интрвенции.