Најчести причини за оштетувања на зглобната рскавица се активности поврзани со повторувачка траума на зглобот, силен удар – импакт на зглобот при спортска траума, пад, несоодветна секојдневна активност за возраста на пациентот“, објаснува проф. д-р Константин Митев специјалист по општа хирургија, супспецијалист по трауматологија.
Оштетувањата на зглобната ‘рскавица се поврзани со процесот на стареење на индивидуата, а првиот симптом е болка во зглобот која се зголемува при оптеретување на зглобовите. Овој проблем може да доведе до отежнато извршување на секојдневните обврски, па и до одреден степен на инвалидност доколку не се третира соодветно и навремено.
Кои се причините поради кои доаѓа до оштетување на зглобната ‘рскавица?
Најчестите причини кои доведуваат до оштетување на зглобната рскавица се поврзани со процесот на стареење на индивидуата. Кај возрасната популација поради хормонски дисбаланс, неактивност, долготраен стрес на зглобовите, губење на коскено-мускулниот баланс и обезност (прекумерна тежина) се јавува зголемена продукција на воспалитетелни медијатори кои имаат директен токсичен ефект врз интегритетот на зглобната рскавица.
Кои се стадиумите на оштетување, со какви проблеми се соочува пациентот и која е динамиката со која се развиваат симптомите?
Болка во зглобот е прва и најчеста манифестација како резултат на почетокот на оштетувањата на зглобната рскавица, која потоа се зголемува при оптеретување на зглобовите. Последователно се јавува оток, вкочанетост, крепитации (крцкање) и блокирање или откажување на зглобната функција.
Кои активности доведуваат до оштетување на зглобната ‘рскавица?
Најчести причини за оштетувања на зглобна рскавица се активности поврзани со повторувачка траума на зглобот, силен удар – импакт на зглобот при спортска траума, пад, несодветна секојдневна активност за возраста на пациентот.
Медицината постојано напредува, што е најново во третманот на оштетена зглобна ‘рскавица?
Современите достигнувања во репарација на рскавица рапидно се менуваат и надоградуваат во насока на користење на билошкиот потенцијал на човековиот организам. Последната деценија постои експанзија на методите и третманите за регенерација на зглобна рскавица со кориистење на матични клетки, плазма богата со тромбоцити, автокондициониран серум, стимулација на коскена срцевина и автотрансплантација на клеточни импланти.
Како функционира регенеративната медицина и како биолошкиот потенцијал на сопствениот организам се употребува во третманот на оштетена зглобна ‘рскавица?
Регенеративните методите за третман на оштетена зглобна рскавица се безбедни, ефикасни, минимално инвазивни и најважно не даваат реакција на отфрлување на имплантот или било каква алергиска реакција затоа што потекнуваат од домаќинот. Обновувањето на рскавицата се темели на користење на биолошкиот потенцијал на крвните клетки – тромбоцити или матични клетки. Тромбоцитите содржат голем број на фактори на раст, фактори на трансформација и репарација. Истото може да се постигне и со апликација на матични клетки земени од коскена срцевина или масно ткиво. Овие две методи може да се користат секоја посебно или да се комбинираат, со што може да се подобри квалитетот на репарираната рскавица.
Кои се бенефитите од овој третман?
Kористењето на современите методи за репарација на оштетената зглобна рскавица доведува до намалување на болката и отокот во афектираниот зглоб како и драматично подобрување на зглобната функција.
Колку време е потребно за реинтеграција на новата ‘рскавица и што следува потоа?
Времето на реинтеграција на новоформираната рскавица варира од неколку недели до неколку месеци и зависи од тежината на оштетувањето на зглобот, возраста на пациентот, хормоналниот статус и придружните болести кои го успоруваат процесот на репарација на зглобната рскавица.
Оштетената зглобна ‘рскавица може да доведе до отежнато извршување на секојдневните обврски, па и до одреден степен на инвалидност, и затоа секогаш треба да се делува превентивно. Кои се Вашите препораки?
Поради големиот процент на пациенти кои се јавуваат со напреднати и масивни оштетувања на зглобната рскавица, мојата препорака е во насока да не се занемаруваат првите симптоми како мала болка, крцкање на зглобот и лесен оток, туку да се јават на медицински преглед. Превентивните активности како вежбање, одење, трчање, пливање и возење велосипед се одлични за зајакнување на интергитетот на коскено-злобниот систем, но треба да се обавуваат внимателно и соодветно на возраста на пациентите.
Извор: Panacea.mk