За да победите во борбата со ракот, потребни ви се вистинските сојузници! Психолошкото здравје е од клучно значење!

Дневна доза здравје

јануари 28, 2021


Пациентите заболени од рак неретко искусуваат оптoвареност како резултат на повеќе фактори. Ваквата оптовареност може да го попречува успешното соочување со дијагнозата, а понатаму и со предизвиците кои ги носи самото лекувањето. За овој „терет“, во психолошката наука се користи англосаксонскиот термин дистрес (англ. distress), со значење на непријатно искуство од психолошка (когнитивна, бихејвиорална, чувствена), социјална, духовна или физичка природа. На пр., дијагнозата „рак на дојка“ или „рак на матка“ кај секоја жена остава простор не само за непријатно емоционално искуство, туку и за доживување на зголемена ранливост и страв, како и подлабоки егзистенцијални и духовни кризи. Овој континуум на можни искуства се појавува тогаш кога стресот е:

(1) сериозен, (2) долготраен, или (3) и обете.

Ако знаеме дека успешното соочување со ракот, неговите телесни симптоми и лечењето може да биде отежнато, па и оневозможено од степенот на дистрес кој го чувствува пациентката, се поставува прашањето кои категории пациентки се со висок дистрес?

Дали сте една од нив?

За одговор е потребна стручна проценка. Многу жени со оваа дијагноза, но и пациент(к)и со инакви локации на малигни формации, не препознаваат дека се во дистрес кој бара стручна интервенција.

Во нашата клиничка психолошка пракса, нивото на дистрес кој го попречува успешното соочување со ракот и неговото лекување потребно е и може да се препознае. Но исто така треба и да се измери на начин кој ќе им помогне на пациентите да го идентификуваат индивидуално степенот на напнатост, шок, лутина, страв, немоќ или антиципаторна тага кои ги доживуваат.

Групната поддршка пак за заболените пациенти додека тие и нивните блиски минуваат низ ова искуство е еднакво важен чекор во процесот на лекување и во подоцнежниот процес на рехабилитација од три главни причини:

(1) нуди безбеден простор за делење на своето искуство со луѓе кои минуваат низ слични искуства;

(2) динамиката на групата нуди чувство на припадност кое дополнително го намалува стресот и искуството на осаменост или социјална изолација; и

(3) дава нови можности, вештини и стратегии за справување со проблемите со кои заболените се соочуваат.

Барањето помош е пред сè знак на зрелост во смисла на препознавање на границите на сопствените моментални психолошки капацитети, а не на слабост.

Здравјето и болеста се динамични појави, па оттука секоја дијагноза која носи повисок психофизички данок, како болестите од овој спектар, носи и можност за поинакво сретнување со сè она што нас нè дефинира, на начин кој не можеме однапред да го предвидиме, дури и кога ‘итаме кон смртта’. Навремено детектираниот рак на дојка и матка е впрочем лечлив. Но, како совесни и соборни битија, кои се огледуваат често низ и во другиот (помислете само на односот терапевт – пациент), ваквите предизвици можат сепак да нè свртат загледани не кон можната загуба, туку кон тајната на секој човечки живот.

Доц. д-р Кристина Егуменовска

психолог-психотерапевт