00389 2 3091 484
јуни 29, 2022
Шеќерната болест е состојба на долготрајно покачено ниво на шеќер во крвта како резултат на недоволно излачување на инсулин од панкреасот или смалена осетливост на ткивата кон самиот инсулин.
Доколку оваа состојба не се дијагностицира на време и не се третира правилно, може да доведе до сериозни микро и макро васкуларни промени и компликации од страна на таргет органи и тоа кардиоваскуларниот систем, очите, бубрезите, мозокот и нервниот систем.
Шеќерната болест добива епидемиски размери во целиот свет независно од пол, раса, возраст и социјален статус. Во светот, 382 милиони возрасни луѓе имаат дијабетес тип 2.
Компликациите од овој вид на дијабетес се главна причина за смрт кај пациенти под 60 годишна возраст.
На секој ново откриен пациент со дијабет има по еден неоткриен.
Затоа посебно е значајно редовно правење скрининг тестови помеѓу индивидуите кои спаѓаат во ризични групи за добивање на дијабет тип 2.
Тука спаѓаат индивидуи кои имаат блиски роднини во семејството со дијабет тип 2, жени кои во бременоста развиле гестациски дијабет, индивидуи кај кои е поставена дијагноза за метаболен синдром или инсулинска резистенција, индивидуи со прекумерна телесна тежина и недоволно практикување на физичка активност.
Со цел подигнување на свеста за сериозноста на оваа болест и нејзините компликации секоја година на светско ниво се превземаат и спроведуваат кампањи со различни таргетни групи. Но во основа најважно е навремено превенирање и лекување на шеќерната болест со стекнување здрави животни навики, здрав начин на исхрана и редовна физичка активност.
Целта е секако да се најде најефикасната комбинација во начин на исхрана и физичка активност.
Индивидуалниот пристап во оваа насока има голема улога и важност.
Повеќе студии ја покажаа ефикасноста на режимот на исхрана со малку јаглехидрати во правец на подобрување на регулација на телесната тежина и подобра контрола на шеќерот во крвта.
Генерално јаглехидратите во исхраната може да се поделат на едноставни и сложени . Едноставните јаглехидрати, како што се шеќерот, белото брашно и белиот ориз, покажаа дека го зголемуваат ризикот од дијабетес тип 2.
Во таа насока се препорачува зголемен внес во исхраната на зеленчук, мешунки, овошје, млечни производи со малку маснотии и цели зрна за сметка на продуктите кои ги содржат едноставните јагленихидрати.
Кафеавиот ориз и производите од интегрални житарки треба да ги заменат производите од бела пченица.
Постојат различни типови на диети со ограничен внес на јаглехидрати.
Некои од нив ги ограничуваат јаглехидратите на многу ниски нивоа без да ги ограничуваат протеините или мастите во исхраната (на пример, диетата во стилот на Аткинс). Други пак, дозволуваат умерен внес на јаглехидрати заедно со умерен внес на протеини и масти (на пример, Саут Бич и Зона диетите).
Диететските насоки во последните 5 години промовираат локална здрава исхрана, здрава медитеранска исхрана и здрава вегетаријанска исхрана.
За пациентите со дијабетес мелитус тип 2, препораките се за умерен внес на јаглехидрати (44%-46%) од вкупниoт калориски внес во тек на денот.
Во повеќе студии биле следени пациенти со дијабет од тип 2 и ефектите од смалениот јагленохидратен внес во однос на параметри добиени од крвта и тоа гликолизиран хемоглобин А1Ц , гликемија на гладно и гликемија мерена 2 часа по оброк.
Во една од студиите, биле вклучени обезни пациенти кои боледувале од дијабет тип 2 со цел да бидат следени ефектите од исхраната со намален јаглехидратен внес.
Студијата објавила подобрени 24-часовни профили на шеќерот во крвта.
Кај истите пациенти било утврдено намалување на гликолизираниот хемоглобин A1Ц од 7,3% на 6,8%.
Сензитивноста кон инсулинот, исто така, се подобрила.
Друга студија спроведена во тек на 2019 година кај пациенти со дијабет тип 2 кај кои бил спроведен режим на исхрана со високо-протеински внес, а намалена количина на јаглехидрати била споредена со изо-енергичната конвенционална диета за дијабетес, за да се видат ефектите врз контролата на гликемијата и ефектот во намалување на кардиоваскуларни ризик во текот на шест месеци.
Пациентите примале ист број на калории , со тоа што поголема количина од јагленохидратите од конвенционалната диета препорачана кај пациенти со дијабет тип2 биле заменети со протеини. Заклучоците кои произлегле од студијата се дека, во споредба со конвеционалната диета,диетата со високо протеински внес ги намалува нивоата на гликолизираниот хемоглобин A1Ц и нивото на гликемија на гладно.
Студијата покажa исто така дека замената на јаглехидратите со протеини без зголемување на калориите за шест недели го намалува нивото на холестерол во крвта кај луѓето со дијабетес тип 2.
Земени заедно, овие две студии укажуваат на придобивките од замена на одреден внес на јаглехидрати со протеини.
Препорачано е внесот на јаглехидрати да се замени со протеински извори од растително потекло (грав, мешунки, соја, јаткасти плодови). Посно месо и риба може да бидат здрави извори на протеини и масти за оние кои јадат животински производи.
Замената на јаглехидратите со протеини од животинско потекло го зголемува ризикот ја влошува контролата на гликозата кај пациентите со дијабетес тип 2.
Намалувањето на внесот на јаглехидрати може да биде здрава стратегија за губење на тежината и контрола на шеќерната болест, се додека јаглехидратите се заменуваат со растителни извори на протеини и масти.
Д-р Јасмина Зафировска
Специјалист интернист