Дали сте чуле за ,,болест на првиот бакнеж,,?

Дневна доза здравје

јуни 14, 2023

Инфективна мононуклеоза

Инфективна мононуклеоза е инфективно вирусно воспаление кое често се среќава. Претставува инфекција која ги засега лимфните јазли од валдејеровиот прстен, цервикалните лимфни јазли, тонзилите. Позната е и како “болест на прв бакнеж” или “моно”, а најраспространета е кај тинејџерската популација. Неретко се сретнува и кај децата, но често се прележува недијагностицирано.

Етиологија

Причинител е Епштејн-Бар или хуман херпес вирус 4 кој го наоѓаме во сите телесни течности, но најчесто во плунката. Овој вирус е склон на пролонгирана циркулација, односно опстојување во човековиот организам, при што може да остави неповратни последици на повеќе органи и системи.

При навлегување во човековиот организам вирусот веднаш почнува да се размножува (реплицира) во мукозните мембрани на клетките на назофаринксот (зоната на носот и грлото) од каде потоа навлегува во циркулацијата и директно го напаѓа имунитетот, поточно б-лимфоцитите кои продуцираат антитела. Инкубацискиот период може да биде од неколку дена до два месеца. Во просек околу 30 дена.
Инфицирањето настанува при бакнување, при користиње на ист прибор, исти чаши, лични предмети или контакт со телесни течности од инфицирано лице.

Клиничка слика

Започнува со симптоми на вирусна инфекција, се јавува повишена температура, која во првите денови може да е околу 37-38°C а потоа да се повиши и над 39°C. Се јавува и општа слабост, со мускулни болки и болки во зглобовите. Постепено отекување на крајниците и регионалните лимфни жлезди на вратот, околу вратот и аксиларно. Состојбата на тонзилите може да се влоши до загнојување, појава на лакуни и гнојни колекции во нив. Првите денови се јавува назална конгестија (затнат нос), исто така и хепатоспленомегалија односно зголемемување на црниот дроб и слезената, а може да се јави главоболка и кожен осип.

Крвната слика покажува зголемени мононуклеари, леукоцити, лимфоцити, моноцити и атипични клетки. Често е придружено со повишено ЦРП и црнодробни ензими – трансаминази.

Дијагностицирање

Дијагностиката се прави согласно земена анамнеза, симптоматологија, направена лабораторија и испитување за присуство на Епштејн-Бар ИГМ+ИГГ антитела.

Компликации

Во ретки случаи може да се развијат секундарни бактеријални инфекции како пневмонија или синузитис, како и стоматитиси. Во изолирани случаи идентификувани се дури и руптури на слезена, откажување на црниот дроб, акутна хепатална инсуфуциенција, хемолитична анемија, автоимуни болести /лупус еритематодес, дијабетес, ревматоиден артритис, тироидит Хашимото и невритис.

Третман

За лекување на инфективна мононуклеоза најдобро е навремено откривање, со што би се спречиле компликациите, односно би се третирало симптоматски. Третманот е со високи дози витамини, мултивитамини и б-комплекс, Ацикловир, парацетамол, аеросоли против болка за грло, деконгестиви за нос.

Доколку е започната лакунарна ангина на тонзилите тогаш во лекувањето се вклучува и антибиотска терапија. При користење на Пенцилински антибиотици во 80% од случаите се јавува кожен осип по вратот, лицето, рамената и горниот дел од грбот.

При хепатоспленомегалија и повишени трансаминази се користат хепатопротектори, имуномодулатори и специјална диета /нискомаслени млечни производи, варено месо, риба, морски плодови, зеленчуци, салати, овошје, растително пире и слично.

Лекувањето може да трае во период од една до неколку недели, а следењето на пациентот треба да се спроведува до 6 месеци, со цел да се утврди/исклучи присуство на атипични мононуклеари во крвната слика.

Д-р Данчо Шурков
Специјалист по оториноларингологија