Страбизам – причини, симптоми, дијагноза и третман

Дневна доза здравје

јануари 23, 2025

Страбизам е состојба при која очите меѓусебно не се правилно насочени и немаат синхронизирана подвижност. Тоа обично вклучува недостаток на координација на очните мускули, што онеовозможува насочување на погледот на двете очи во една иста точка, а со тоа и правилен вид. За појава на страбизам има повеќе причини. Ризик фактори за појава на страбизам меѓу другото се: како поминала бременоста, дали имало проблеми при породувањето, развојот на бебето, прележаните болести и др. Генетските предиспозиции исто така може да бидат причина за страбизам. Доколку во семејството има страбизам, големи се можностите на појава на страбизам и кај другите членови. Една од главните причини за страбизам е намалениот вид (поради далекувидост или кратковидост, мрзливо око – амблиопија, вродена катаракта, или и други состојби на окото).

Како симптоми на страбизам може да се јават: губење на паралелната поставеност на очите, солзење и болки во очите, главоболки, двојно гледање, губење на тродимензионалниот вид, заматено гледање, вртење на главата или лицето на една страна. Некои типови на страбизам што се јавуваат кај бебињата и во детскиот период се лажни. Лажното кривење на очите е оптичка илузија која се појавува поради ширината на носот и очните капаци. За целосно дефинирање на оваа состојба задолжителен е очен преглед.

Постојат повеќе типови на страбизам кои се именуваат според правецот на кривење на окото: страбизам кон внатре (Езотропија), страбизам кон надвор (Егзотропија), страбизам кон горе (Хипертропија) и страбизам кон долу (Хипотропија). Постојат и некои посебни видови на страбизам како што е страбизам во поодминати години, кој настанува поради причини поврзани со нервите кои ги контролираат движењата на очите (невролошки проблем, повреда, дијабет, кардиоваскуларни заболувања, хипертензија, разни инфекции, тумори и др).

Страбизмот поврзан со рефрактивни проблеми (далекувидост, кратковидост астигматизам) може да се лекува на повеќе начини:

  • Очила – Некои типови на страбизам настануваат поради присуство на рефрактивна аномалија. Со користење на очила страбизмот го снемува. Кај овој тип доволно е користењето на очила.
  • Оклузија (затварање) – Оваа метода во лекувањето може да се користи и при мрзливост на окото.
  • Ортоптика – се применува и за подобрување на видот на двете очи и за стекнување на чувство за длабочина (бинокуларен и стереоскопски вид). Овие две функции овозможуваат паралелно држење на очите и се многу важни во нашето секојдневие. Тие ни овозможуваат да бидеме поуспешни при возење, играње кошарка, тенис и други спортови кои бараат временска синхронизација и прецизност.
  • Операција – Кај страбизмот од раѓање по правило нема потреба од очила и потребна е операција во рана фаза (од 6 месеци до 1 година). Поголемиот дел од кривењата се јавуваат помеѓу 2-3 годишна возраст и вообичаено се корегира со користење на очила. Сепак за страбизмот кој не се корегира и покрај користење на очила, потребна е хирушка интервенција. Се претпочита еден период на чекање од 6 до 8 месеци, но во овој период на чекање може да се примени BOTOX методата со цел намалување на двојното гледање.
  • Хируршки третман на страбизам – Операциите за страбизам кај деца се вршат под општа анестезија, кај возрасни е можно и само со локална анестезија. Основниот принцип на операција е намалување или зголемување на силата на мускулите кои ги движат очните булбуси.

Со раното дијагностицирање и лекување на страбизмот може да се спречи појавата на мрзливост на окото и да се овозможи тродимензионален вид. Поради ова при појавата на сомнеж дека детето има страбизам, потребно е офталмолошки преглед и идивидуална проценка за терпевтски третман.

За да закажете термин кај нашите специјалисти офталмолози јавете се на: 02/3091-484