Атеросклероза – болест која не познава граници

Дневна доза здравје

мај 05,2022

Иако понекогаш се мешаат двата термини артериосклероза и атеросклероза т.е се користат за да означат ист проблем или состојба, сепак треба да знаеме дека постои разлика помеѓу двата поима.

Артериосклероза е појава при која крвните садови (аретериите) кои носат кислород и хранливи материи од срцето до остатокот од телото се стеснуваат и стврднуваат ограничувајќи го протокот на крв во органите и ткивата. Здравите артерии се флексибилни и еластични, но со текот на времето, ѕидовите на артериите може да се стврднат и ја изгубат својата еластичност при што се појавува артериосклероза.

Атеросклерозата пак е состојба различна од претходната бидејќи станува збор за акумулација на масти, холестерол и други супстанции во артериите и нивните ѕидови. Овие акумулирани наслаги се нарекуваат уште плаки. Наслагите може да предизвикаат стеснување на артериите, попречувајќи го протокот на крв. Плаките, исто така, може да пукнат, формирајќи згрутчување во крвта. Иако атеросклерозата често се смета за срцев проблем, таа може да влијае на која било артерија во телото.
Добрата вест е дека атеросклерозата може да се лекува. Здравите животни навики можат да помогнат таа да се спречи.

Кои се симптомите на атеросклерозата?

Лесната атеросклероза (во рана фаза) обично нема никакви симтоми. Тие може да се појават дури кога артеријата ќе стане толку тесна или затната што нема да може да обезбеди доволно крв до вашите органи и ткива. Понекогаш згрутчувањето на крвта целосно го блокира протокот на крв, па доколку се одлепи може да предизвика срцев или мозочен удар. Симптомите на умерена до тешка атеросклероза зависат од тоа кои артерии се зафатени. На пример:

  • Доколку имате атеросклероза во артериите на срцето, може да имате симптоми како што се болка или притисок во градите (ангина пекторис).
  • Доколку имате атеросклероза во артериите што водат до мозокот, може да имате знаци и симптоми како што се ненадејна вкочанетост или слабост во рацете или нозете, нејасен говор, привремено губење на видот на едното око или слабост на мускулите на лицето (вилицата). Тие укажуваат на транзиторен исхемичен напад кој, доколку не се лекува, може да прерасне во мозочен удар.
  • Доколку имате атеросклероза во артериите на рацете и нозете, може да имате знаци или симптоми на периферна артериска болест, како што се болки во нозете при одење (клаудикација) или низок крвен притисок на зафатениот екстремитет.
  • Ако имате атеросклероза во артериите што водат до бубрезите, развивате симптоми како висок крвен притисок или бубрежна инсуфициенција.

Кога треба да побарате лекарска помош?

Ако мислите дека имате атеросклероза, разговарајте со вашиот лекар. Обрнете внимание и на раните симптоми на несоодветен проток на крв, како што се болка во градите (ангина пекторис), болка или вкочанетост во нозете. Раната дијагноза и третман може да го спречи влошувањето на атеросклерозата и да спречи срцев удар, мозочен удар или друга медицински итна состојба.

Кои се причините за појава на атеросклерозата?

Атеросклерозата е бавна, но прогресивна болест која постепено почнува да се манифестира уште во детството. Иако точната причина е непозната, атеросклерозата може да започне со оштетување или повреда на внатрешниот слој на артеријата.

Оштетувањето може да биде предизвикано од:

  • Висок крвен притисок
  • Висок холестерол
  • Високо ниво на Ц-реактивен протеин, маркер на воспаление
  • Високи триглицериди, вид масти (липиди) во крвта
  • Пушење и други извори на тутун
  • Инсулинска резистенција, дебелина или дијабетес
  • Воспаление поради непознати причини или болести како што се артритис, лупус, псоријаза или воспалителна болест на цревата
  • Ноќна апнеја
  • Семејна историја на рана срцева болест

По оштетувањето на внатрешниот ѕид на артеријата, крвните зрнца и другите супстанции често се собираат заедно на местото на повредата и се наталожат на внатрешната обвивка на артеријата. Со текот на времето, масните наслаги предизвикани од холестерол и други клеточни производи, исто така, се наталожуваат на оштетеното место и се стврднуваат, предизвикувајќи стеснување на артериите. Поради ова, органите и ткивата поврзани со затнатите/блокираните артерии не добиваат доволно крв за да функционираат правилно.

Исто така со тек на време, делови од масните наслаги може да се одлепат и да влезат во крвотокот со што можат да предизвикат срцев или мозочен удар.

Можни компликации

Компликациите од атеросклероза зависат од тоа кои артерии се блокирани. На пример:

  • Коронарна артериска болест. Кога атеросклерозата предизвикува стеснување на артериите во близина на срцето, може да добиете коронарна артериска болест, што може да доведе до болка во градите (ангина пекторис), срцев удар или срцева слабост.
  • Болест на каротидните артерии. Кога атеросклерозата предизвикува стеснување на артериите во близина на мозокот, може да развиете болест на каротидните артерии, што може да доведе до минливи исхемични напади или мозочни удари.
  • Периферна артериска болест. Кога атеросклерозата предизвикува стеснување на артериите во рацете или нозете, може да развиете проблеми со циркулацијата во рацете и нозете, познато како „периферна артериска болест“. Ова може да ве направи почувствителни на топлина и студ, зголемувајќи го ризикот од изгореници или смрзнатини. Ретко, слабата циркулација во рацете и нозете може да доведе до смрт на ткивото (гангрена).
  • Аневризми. Атеросклерозата може да доведе и до аневризма, сериозна компликација која може да се појави насекаде во телото. Аневризма е всушност испакнатост на ѕидот на артеријата. Повеќето луѓе со аневризми немаат симптоми, но можно е да дојде до појава на болки и пулсирање во пределот на аневризмата. Таа се смета за итен медицински случај.
  • Хронична бубрежна болест како резултат на атеросклерозата која може да предизвика стеснување на артериите кои водат до бубрезите, спречувајќи ја при тоа крвта богата со кислород да стигне до нив. Со тек на време, ова може да влијае на функцијата на бубрезите и да го попречи отстранувањето на отпадните материи од телото.

Како се дијагностицира?

Дијагнозата се врши од страна на специјалист кардиолог. Вашиот кардиолог може да открие звук на свиркање (шум) при физички преглед. Врз основа на резултатите од физичкиот преглед, вашиот лекар може да предложи еден или повеќе од следниве тестови:

  • Крвна анализа. За да го провери нивото на холестерол и гликоза во крвта. Високото ниво на холестерол и гликоза во крвта го зголемува ризикот од атеросклероза. Може да се направи и тест за Ц-реактивен протеин за да се провери дали има воспаление во артериите.
  • Електрокардиограм. Овој едноставен и безболен тест ги снима електричните сигнали на срцето. – Ехокардиограм. Овој тест користи звучни бранови за да го покаже движењето на крвта додека чука срцето како и движењето низ артериите. Понекогаш се комбинира со стрес тест.
  • Доплер ултразвук. Се користи за да го измери вашиот крвен притисок на различни точки на вашата рака или нога. Овие мерења можат да му помогнат на вашиот лекар да го процени степенот на блокадите, како и брзината на протокот на крв во артериите.
  • Срцева катетеризација и ангиографија. Овој тест може да покаже дали коронарните артерии се стеснети или блокирани. За време на оваа процедура, лекарот вметнува тенка, флексибилна цевка (катетер) во крвен сад. Низ катетерот тече боја (контраст) и артериите стануваат видливи на рентген, откривајќи ги блокираните области.
  • Калциум скоринг тест. Овој тест користи КТ (компјутерско-томографско снимање) за да создаде детални слики на срцето. Може да покаже наслаги на калциум на ѕидовите на артериите. Доколку има присуство на калциум, колку се повисоки вредностите, толку е поголем ризикот од срцеви заболувања.
  • Други тестови со снимање. Лекарот може да користи и магнетна резонанца,ангиографија или позитронска емисиона томографија за да ги прегледува артериите. Овие тестови може да покажат стврднување и стеснување на големите артерии, како и аневризми.
    Лекарот може да користи и магнетна резонанца, ангиографија или позитронска емисиона томографија за да ги прегледува артериите. Овие тестови може да покажат стврднување и стеснување на големите артерии, како и аневризми.

Превенција

Превентивните прегледи се најдобар начин за навремено спречување на развојот на оваа болест. Во случај на појава на горенаведените симптоми не се двоумете да се обратите кај вашиот лекар. Во клиничката болница Жан Митрев, високостручниот тим на кардиолози ви стои на располагање и ви нуди персонализиран пристап од дијагноза, третман и следење. И секогаш имајте ги во предвит следните препораки:

  • Откажете се од пушењето
  • Консумирајте здрава храна
  • Вежбајте редовно
  • Одржувајте нормална тежина
  • Контролирајте и одржувајте здрав крвен притисок
  • Контролирајте и одржувајте здрави нивоа на холестерол и гликоза во крвта