00389 2 3091 484
јануари 01,2015
Атриовентрикуларен септален дефект- приказ на случај
Атриовентрикуларниот септален дефект (AVSD) e релативно честа вродена срцева маана. Исто познат и како атриовентрикуларен канал дефект, опфаќа околу 5% од сите вродени срцеви маани. Примарниот дефект е во нецелосното формирање на центарот на срцето од ембрионалните структури, познати како ендокардиjални “перници”. Овие ендокардиjални “перници” се одговорни за поделба на централните делови на срцето во близина на атриовентрикуларните валвули (трикуспидна и митрална валвула), кои што ги делат атриумите (преткоморите) од вентрикулите (коморите). Структурите што се создаваат од ендокардијални “перници” вклучуваат долен дел од атријалниот септум (ѕидот кој ги дели десен од лев атриум) и вентрикуларниот септум (ѕидот кој ги дели десен и лев вентрикул) непосредно под трикуспидната и митралната валвула. Ендокардијалните “перници”, исто така, ја комплетираат сепарацијата на митралната валвула и трикуспидната валвула. Атриовентрикуларниот септален дефект може да опфаќа малформација на било која од овие структури.Во СБХБ “Филип Втори”, кај 11- годишна пациентка ехокардиографски верифицирано е изразена митрална и трикуспидна регургитација, како и дефект на интраатријалниот септум. Со тоа се постави индикација за хируршка корекција на вродената срцева маана. На интраоперативното трансезофагеално ехо се детектира ASD тип примум, клефт на преден митрален куспис, дилатиран анулус со пропратна митрална регургитација од 3 степен. Дилатиран анулус на трикуспидна валвула со пропратна трикуспидна регургитација од трет степен. Двата кусписа, предниот митрален и септалниот куспис потекнуваат директно од септалниот дел. Кардиохируршката корекција се состоеше од сутура на клефт на преден залисток на митрална валвула и семициркуларна сутурна анулопластика на митралната валвула. Транссептален пристап. Затворање на атријалниот септален дефект со перикарден пач и реконструкција на трикуспидна валвула со семициркуларна сутурна анулопластика.Кај повеќето мали пациенти потребна е два до четири дена интензивна нега после комплетна корекција на атриовентрикуларниот дефект, и целосна хоспитализација пет до седум дена. Најновите резултати укажуваат дека ратата на преживување кај овој тип на операции е 97%.