Во Zan Mitrev Clinic презентиран модел на тродимензионално срце

Во Zan Mitrev Clinic денеска беше презентиран новитет кој е врвно достигнување во медицината, поточно во областа на дијагностиката а тоа е тродимензионален модел на орган, поточно во конкретниот случај,  модел на срце на млад пациент кој побара помош од нашата клиника. Оваа нова технологија која сега, преку Zan Mitrev Clinic, веќе ја имаме и во државава, е достапна и за нашите граѓани. Доктор Жан Митрев вели дека за него, но и за сите хирурзи, еден ваков модел на орган е од огромно значење бидејќи со него може да се направи комплетната анализа на состојбата и да се види објективно како тој орган изгледа реално а врз база на тоа да се постави и вистинската дијагноза.

Чест ми е да презентирам ново достигнување на медицината во областа на дијагностиката каде што се работи за 3 – де наод на еден пациент којшто требаше да биде опериран од вродена срцева маана. Пациентот е од странство и дојде кај нас за испитување. Ги направивме сите испитувања и требаше да добие операција на срце, меѓутоа некои од параметрите не беа јасни и имаше различни мислења, од нашиот тим и од странски консултанти. Така да јас се одлучив да направиме, и тоа прв пат во Македонија, репродукција на компјутерскиот наод на тој млад човек којшто има вродена тешка срцева аномалија. Ова е резултатот којшто го добивме каде што се гледаат сите крвни садови и целото срце буквално во реална димензија. Овде се прави и еден отвор каде што се гледаат и сите отвори на срцето и сите крвни садови бидејќи овде тој млад човек има и аномално влевање каде што едниот крвен сад е двојно застапен и тој аномално се влева од другата страна што исто така е поретка аномалија. Меѓутоа суштинско прашање за овој пациент беше: Дали овој пациент е за операција или не е?

Бидејќи тој се водеше како Тетралогија на Фало, и така е воден цело време, а всушност се работеше за сосема друга аномалија каде што десната комора преку тој отвор што требаше да се затвори, всушност тука излегуваат две третини од аортата, и практично десната комора пумпа во двете страни и во аортата и во пулмоналната артерија. Таа состојба на ваков начин можеме идеално да го видиме отворот кој оди за пулмоналната артерија т.е. за циркулација во белите дробови и отворот кој оди во однос на пумпањето на крвта во целото тело – објасни д-р Жан Митрев покажувајќи го 3-де срцето.

Доктор Митрев потенцира дека вакви 3- де модели може да се прават и за други пациенти и за други органи а за што е потребна и врвна компјутерска томографија  која ја поседува Zan Mitrev Clinic.

Со други зборови за мене како хирург е огромно достигнување каде што можам да ја направам комплетната анализа да се види објективно како тоа изгледа реално и на база на тоа да се постави и вистинската дијагноза. Во овој случај, за овој пациент после сите овие анализи и реалниот модел 3 – де на неговото срце, јасно ни стана дека овој пациент не е за операција и дека природата за него направила таква регулација да тој може да живее некои години со оваа аномалија и негово решение сепак е трансплантација на срце. Ова е она што сакам да го презентирам на јавноста и сето ова се случува во Македонија – потенцираше доктор Жан Митрев.

Вакви 3-де модели може да се прават и за други пациенти, и за други органи. За ова е потребна врвна компјутерска томографија која ја има во Zan Mitrev Clinic и е најмоќна во државава и пошироко. Изработката на овој модел чини околу 2000 евра, но во блиска иднина се очекува целата технологија да стане попристапна за сите. Сепак за некои пациенти, за некои болести, оваа метода на дијагностика е од непроценлива важност. Во насока на достапност на целата метода до пациентите во иднина посакувано би било да се вклучи и Фондот за здравствено осигурување на Република Мекедонија  со покривање на трошоците за изработка. Времето за изработка на еден ваков модел е околу еден месец. Меѓутоа оваа метода се практикува за хронични болести кои не бараат брзи интервенции и брзи одлуки. Важно е да се напомене дека сето ова оди преку меѓународна експертиза и во тоа се вклучени врвни хирурзи.

 

 

 

 

Со силиконски прстен на желудникот за ефикасно слабеење

Во Zan Mitrev Clinic се изведе поставување на gastric banding на желудникот што всушност претставува поставување силиконски прстен на самиот влез на желудникот. Доктор Мане Хаџи – Манчев кој со својот тим ја изведе операцијата појаснува дека со оваа процедура ефектот на слабеење се постигнува постепено и за подолг временски период.

Се поизразениот проблем поврзан со дебелината на популацијата неминливо бара ефикасни решенија кои современата медицина ги нуди. Дел од тие решенија е токму поставувањето на gastric banding што успешно се изведува во нашата клиника. Податоците велат дека по поставувањето на овој силиконски прстен слабеењето е до 3 килограми месечно.

Современиот начин на живеење, нередовната исхрана, неправилното хранење со „fast food“ а со тоа и внесување на големи количини на маснотии и јаглени хидрати се едни од причините за оваа состојба. Дебелината претставува состојба при која телесната тежина е најмалку 10% над емпириската норма за одредена висина. Кога идеалната телесна тежина е поголема од 20% тоа веќе претставува најблаг степен на дебелеење. Вишокот на енергетски материјал е најважен етиогенетски фактор кој доведува до гојазност. Во повеќе од 95% од случаите претераното внесување на високо калорична храна којашто е поголема од енергетската потреба на организмот е причина за екстремна гојазност.

Конзервативна терапија за екстремна гојазност којашто не вклучува хируршка интервенција за подолг временски период сè уште не е најдена. Сите научни студии за конзервативна терапија кај екстремна гојазност се сведуваат на смален внес на калории, медикаментозна терапија, зголемена физичка активност, но тие покажуваат ефект само на подолг временски период и тоа само кај 10% случаи. Овие резултати се незадоволителни за овој начин на слабеење. Во многу случаи овие диети во првата фаза доведуваат до губење на тежината но имаат и несакани ефекти бидејќи доведуваат до дефицит на витамини, протеини… Многу често се јавува ефект на пинг-понг или јо-јо ефект кога после губењето на тежината доаѓа до повторно зголемување на истата па дури и до добивање на поголема тежина од првобитната состојба.

Хируршката терапија за екстремна гојазност се сведува на неколку процедури за слабеење. Оперативните техники за екстремна гојазност се:

Малоапсорпциски процедури – цревни (интестинални) by-pass процедури, комбинирани процедури кои претставуваат методи со редукција на желудникот и by-pass процедури
Рестриктивни процедури (редукција на желудочниот волумен) – sleeve ресекција на желудникот (вертикална гастропластика) и gastric banding (хоризонтална гастропластика).

Треба да се нагласи дека од овие методи by – pass процедурите како и sleeve ресекциите на желудникот претставуваат мултилантни операции кои се неповратни. Најнеинвазивна метода за слабеење претставува поставување на gastric banding на желудникот.

Што претставува gastric banding?

Gastric banding претставува силиконски прстен кој се поставува на самиот влез на желудникот со што го дели желудникот на два дела, горен помал и долен поголем дел коишто меѓусебно комуницираат.

Како функционира тој и што се постигнува со неговото поставување?

Со поставување на овој силиконски прстен доаѓа до намалување на апетитот. Со поделбата на желудникот кога пациентот зема храна горниот дел на желудникот брзо се полни и се чувствува ситост со што треба да се престане внесувањето храна.

За да се постави gastric banding потребно е претходно да се направат некои неопходни испитувања и тоа:

Комплетно лабораториско испитување,
Хормонален статус
Неуропсихијатриски преглед
Гастроскопски преглед на желудникот
РТГ на белите дробови
Кардилошки преглед
Анестезиолошки преглед

Поставувањето на ваков силиконски прстен е поврзано и со возраста. Имено, тој се поставува на пациенти од 18 до 60 години. За да може да се пристапи кон оваа процедура потребно е BMI од 40 кг/м квадратен а доколку има коморбидитети (хипертензија, хипехолестермија, диабетес меллитус, sleep apnea) тогаш може да се стави силиконски прстен и на BMI од 35 кг/м кавадратен. Оваа метода се изведува исклучиво лапараскопски со тоа што се прават четири отвора на абдоменалниот ѕид преку кои се изведува целокупната интервенција со специјални инструменти. Оперативното време за оваа интервенција во просек изнесува околу 45 минути. На овој начин пациентите не се задржуваат во болница подолго време туку на вториот постоперативен ден ја напуштаат болницата.

Постојат контраиндикации кога оваа процедура не може да се изведе и тоа:

Недостаток на соработка со пациентот (психози, зависност од алкохол, медикаменти)
Гастринтестинални болести (кронова болест, улцеративен колит),
Конгенитални малформации на дигестивниот тракт
Ендокринолошки болести
Кусхингов синдром
Малигни тумори на која било локација во организмот
Специфични лекови (цитостатици, стероиди)
Болести на сврзното ткиво
Преголем хируршки ризик
Бременост
Несредена состојба на денталниот статус
Алергија на силикон

Силиконскиот прстен може да се извади доколку постои потреба за тоа. Оваа метода во светот, а сега веќе и во Zan Mitrev Clinic, се изведува подолго време при што резултатите се евидентни и претставува метода на избор за оперативна интервенција за слабеење.

 

Презентација на лабораторијата „Биотек“ во аудиториумот на Zan Mitrev Clinic

Во аудиториумот на Zan Mitrev Clinic се одржа презентација на лабораторија „Биотек“ на тема „Примена на BactAlert со BioFire молекуларна дијагностика во рана детекција на патогени микроорганизми како причинители на сепса“.

Исто така се презентираа и досегашните резултати од молекуларната дијагностика со посебен осврт на респираторниот панел.

Поддржано со коктел од ресторан „ПУЛС“.

Со алерголошките тестови до сигурен одговор: На што е алергично вашето дете?

Пролета е едно од најубавите периоди во годината, но за одредена група на луѓе кои се осетливи на полените започнуваат проблемите. Околу 30% од населението на земјината топка е чувствително на полени. Алергијата или преосетливоста на полени може да се манифестира во која било возраст со најразлични клинички презентации во зависност на органот кој е засегнат.

Симптомите од алергија на горните дишни патишта се претставени со:

кивање
назначена секреција од носот
солзење од очите
измачителна кашлица

Клиничката презентација на алергискиот ринит кај возрасните е јасна и лесно се препознава. Кај малите деца тешко се разликува од обична настинка заради сличноста на симптомите. Настинките најчесто се од вирусна етиологија, пратени со покачена температура, нарушување во општата состојба, како и претходно опишаните симптоми. Симптомите траат кратко од 7 до 10 дена. За разлика од нив алергиите не се пратени со покачена температура, симптомите траат подолго, се повторуваат во ист период од годината.

Во Zan Mitrev Clinic, а во соработка со ПЗУ „Филип Втори“ кои работат во склоп на клиниката, се вршат кожни алерголошки тестови за кои на располагање имаме над 23 реагенси.

Тестирање на кожата се реализира со внес на мали количини на алергени само под површината на кожата со мали, површни убоди кои се прават со посебна ланцета. Точниот број на изведени тестови ќе зависи од специфичниот панел на алергени кои ќе се тестираат. Тестирањето се изведува на внатрешната страна на подлактниците, по апликација на алергенот, за 15 минути се отчитува одговорот на кожата. Резултатите од тестот на кожата кај Вашето дете ќе бидат толкувани од страна на доктор во контекст на медицинската историја на симптомите и изложеноста на алергени. Постапката не е болна и трае кратко. Вие како родител сте со Вашето дете додека трае целата постапка.

За да бидат реализирани алерголошките тестови детето треба да е здраво, да не прима медикаменти кои го намалуваат кожниот одговор (антихистаминици), да немаат симптоми кои упатуваат на актуелна алергиска реакција, да не е гладно.

Последните децении се поголем број на деца рано ги манифестираат симптомите поврзани со алергија на дишните патишта. Алергијата се нарекува и болест на современото живеење. Повеќе фактори влијаат за порастот на алергиските болести во детството, од нив најбитни се:

променетиот начин на живот и исхрана (премногу хигиена, исхрана сиромашна со омега 3-мастни киселини, зголемена изложеност на чад од цигари и загадувачи од надворешната средина). Заради екстремно високата и континуирана изложеност на аерозагадувачи, децата од урбаните средини се со поголем ризик за рана сензибилизација со алергени.
отсуството на одредени болести во раното детство како цревните паразити, морбили, туберкулоза и др.

Порастот на алергиите на полени се должи и на настанатите климатски промени како што е глобалното затоплување. Топлите и влажни зими условуваат порано цветање на растенијата, кое трае долго. Во почетокот на месец март започнуваат да цветаат дрвјата. Април, мај и јуни се месеци кога доминираат полените од тревите. Од месец август се до октомври доминантни се полените од корови. Тежината на клиничката презентација на поленската алергија зависи од концентрациите на полените. За посликовит приказ нека послужи следниов пример.

Еден хектар на некосена трева произведува 2 тона полен. Само едно стебло на амброзија произведува 7 милиони поленови зрна, а за предизвикување на алергиска реакција потребни се само 30-40 поленови зрна. Дождовите се природен намалувач на концентрациите на полените.

Како да се заштитиме?

Најдобрата заштита е да се избегне контактот со полените, но тоа е практично невозможно, бидејќи се наоѓаат насекаде и се присутни во долг период од годината. Непрепознаена алергија кај децата може да доведе до развој на сериозни компликации: повторливи синузити, отити, губиток на слухот, развој на назални полипи, повторливи инфекти на горни дишни патишта, дури и до развој на астма. Сето ова води до непотребно користење на бројни антибиотици.

Како порака наменета за родителите препорачуваме секогаш кога Вашето дете кашла подолго време, во одреден период од годината, носето го чеша или му е континуирано затнато, а самите Вие ги имате овие симптоми, потребно е да помислите и на алергија.

Неколку практични совети:

Избегнувајте престој во надворешната средина кога времето е ветровито и во раните утрински часови, кога се високи концентрациите на полените
Заштитете ги очите со очила за сонце
Миење на рацете, лицето, косата и менување на облеката после престој надвор
Користете препарати за заштита на носната лигавица
Проветрувајте ги просториите во вечерни часови кога концентрацијата на полени е помала
Редовно и навремено да се зема препорачаната терапија од доктор

Доктор Жан Митрев со мотивирачки пораки до студентите во родниот Штип

На третиот настан од акцијата „Нахрани го својот ум“ („FEED YOUR BRAIN“) којшто се одржа во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, главен говорник беше доктор Жан Митрев кој во еден инспиративен говор ги презентираше најважните сегменти на мотивацијата, што всушност беше и главната тема на целиот настан. Младите студенти од Штип и околината слушнаа повеќе за центрите на мотивацијата, информации од најновите истражувања на оваа тема, а дознаа и многу повеќе за тоа што е битно за да еден човек биде мотивиран, да работи, да учи, да твори.

Говорот на д-р. Жан Митрев побуди широка дебата кај младите кои се интересираа за сите оние сегменти од животот за кои неминовно е потребна мотивација. Доктор Митрев ги објасни главните патишта за настанување на мотивацијата како и целиот ефект што понатаму го имаат тие во животот на една индивидуа.

– Мотивацијата во светски рамки е нешто што се смета како топ тема, со која се бават најпаметните од овој свет. Посебно внимание се посветува на тоа „Како да се подобри мотивацијата“. Мотивацијата чини многу пари, и огромни фирми коишто постојат на овој свет се занимаваат токму со главното прашање – Како да се мотивираат луѓето за да бидат креативни? На почетокот би кажал дека мотивацијата и мозокот се неразделни. Податоците говорат дека 30 проценти од енергијата којашто ја користиме, ја користи мозокот. Без разлика што мислите, тој си работи и троши енергија. Така да тука имаме склоп од многу работи коишто дирекно влијаат на она што го правиме и на она што ние како поединци донесуваме заклучи или некакви одлуки. На сите нас основно нешто ни е да имаме успех во нешто што го работиме, а за тоа е потребна мотивација – потенцираше доктор Митрев.

Во понатамошниот свој говор тој се осврна на внатрешната и на надворешната мотивација како и на демотиваторите, навиките, и генерално на патот којшто треба да се помине за личноста да биде мотивирана.

По доктор Митрев како говорници пред студентите се обратија и Бранко Огњановски – основач, режисер и сценарист на хумористичното ТВ шоу К-15, а сегашен креатор и уредник на порталот panika.be, и автор и извршен продуцент на ТВ емисијата „Фчерашни Новости“, како и Снежана Лупевска Созен – автор и продуцент на емисијата „КОД“, и уредник во ТВ Телма

Инаку целта на акцијата „Нахрани го својот ум“ е преку серија мотивациски говори на успешни, македонски личности од јавниот живот, бизнис секторот, здравството и уметноста, студентите да имаат можност директно да ги добијат одговорите на темите кои ги засегаат. Акцијата „Feed your brain“ е реализирана од маркетинг агенцијата „Еден на Еден“ во рамките на иницијативата „Мрдни со прст“.

Кожни алерголошки тестови кај деца

Пролетта е време кога алергиите најчесто се појавуваат и кај возрасните и кај децата. Како најчест облик на алергија е забележана алергијата на полен, која уште се нарекува и поленска кивавица. Обично почнува во март и може да трае се до крајот на октомври, а ја предизвикува поленот од тревата, дрвата и плевелот. Секако има и други причинители за алергија кои се откриваат од стручните медицински лица.

Во „Жан Митрев Клиника“, а во соработка со ПЗУ „Филип Втори“ кои работат во склоп на клиниката, се вршат кожни алерголошки тестови за кои на располагање имаат над 23 реагенси.

Тестирање на кожата се реализира со внес на мали количини на алергени само под површината на кожата со мали, површни убоди кои се прават со посебна ланцета. Точниот број на изведени тестови ќе зависи од специфичниот панел на алергени кои ќе се тестираат. Тестирањето се изведува на внатрешната страна на подлактиците, по апликација на алергенот, за 15 минути се отчитува одговорот на кожата.

Резултатите од тестот на кожата кај Вашето дете ќе бидат толкувани од страна на доктор во контекст на медицинската историја на симптомите и изложеноста на алергени. Постапката не е болна и трае кратко.

Вие како родител сте со Вашето дете додека трае целата постапка. За време на изведување на алерготестот фокусирајте го вниманието на Вашето дете на нешто што повеќе го забавува.

За да бидат реализирани алерголошките тестови детето треба да е здраво, да не прима медикаменти кои го намалуваат кожниот одговор (антихистаминици), да немаат симптоми кои упатуваат на актуелна алергиска реакција, да не е гладно.

Како да препознаете алергија?

црвени и надразнети очи кои солзат
кивање
течење на воден секрет од носот
отеченост на носната слузница
чешање и црвенило
сува кашлица
отежнато дишење
црвенило на кожата, контактен дерматитис

Оглас за вработување

„Фила – фарм“ вработува СЕРВИСЕР НА МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА

Потребни квалификации:

Завршено високо образование – Електротехнички факултет
Без работно искуство (работно искуство се смета за предност)
Одлично познавање на англиски јазик (познавање на германски јазик се смета предност)
Одлично познавање на MS Office

Вештини и способности:

Одлични комуникациски вештини
Одговорност и лојалност
Динамични, иницијативни и насочени кон резултати

Огласот e објавен на 22.03.2018 година и ќе трае до 01.04.2018 година. Доколку сметате дека ги исполнувате наведените услови и сте заинтересирани за нови предизвици и постојан развој на Вашата кариера, испратете Ваша кратка биографија (CV) со Ваша слика, на следната email адреса: info@zmc.mk, со задолжителна назнака „За оглас за сервисер за медицинска опрема”. Само апликациите кои ќе влезат во потесен круг, ќе бидат контактирани. Апликациите без назнака нема да бидат разгледани!

 

Самит на малите земји – Нови трендови во бизнисот

 

Жестоката конкуренција на светскиот пазар ги тера компаниите постојано да се приспособуваат на новиот начин на работа за остварување на постојан пазарен успех. По тој повод, Стопанската комора на 16 март 2018 организираше конференција насловена „Самит на малите земји – Нови трендови во бизнисот“ во аудиториумот на „Жан Митрев“ Клиника во Скопје.

Пред истакнатите домашни и странски претставници од бизнисот, науката и државните институции, се обрати заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Проф. д-р Кочо Анѓушев, кој во својот поздравен говор истакна дека малите земји, како Република Македонија, мора да бидат отворени кон целиот свет, а преку владеење на правото и стабилна состојба во државата да се создаде основа за водење на бизнис.

Академик д-р Жан Митрев во својот говор, на отворањето, на тема „Технологијата во функција на здравјето“ истакна дека медицината треба да биде економски оправдана, но никако не смее да се претвори во бизнис. Ги сподели своите мотиви за изградба на една супер модерна болница изградена според највисоките стандарди за екологија, енергетска ефикасност и обезбедување на најбезбедни услови за медицинска работа и престој на пациентите, потврдена со добивањето на акредитација за работа според американскиот JCI стандард. Болниците, без оглед дали се приватни, се од јавен интерес и потребни се даночни олеснувања и државна поддршка за нивната работа.

Навремената дијагноза и навремената терапија се најголемите придобивки од примената на новите медицински технологии во здравството, истакна во своето обраќање д-р Тања Анѓушева, супспецијалист кардиолог во „Жан Митрев“ Клиника. Таа информираше дека кардиоваскуларните и малигните заболувања се причина за најголем процент на смртност во повеќе земји, меѓу кои се САД и Македонија. Преку задолжителните систематски прегледи и раното дијагностицирање на овие болести, заклучи таа, се остваруваат големи заштеди во лекувањето.

Овогодишната конференција ги обработи темите поврзани со „blockchain“ технологијата и поврзаната регулатива, „crowdfunding“ моделите на алтернативно финансирање на бизнисите, роботика и автоматизација во корист на бизнисот и, секако, етичката страна на дигиталниот пазар.

Учество на панел дискусиите земаа истакнати домашни и странски претставници од бизнисот, науката и државните институции.