Нова потврда за стручноста на наш доктор – почесна награда на интернационална конференција

Во периодот од 07-09.09.2017 се одржа шестата Интернационална конференција за хирургија, анестезија и интензивно лекување во Лондон, Велика Британија. Настанот беше организиран од Conference Series – USA and UK, а самиот настан и предавањата беа лиценцирани преку Британската лекарска комора. Имаше повеќе од 160 учесници од 32 земји од светот.

На конгресот беа презентирани новини од областа на кардиоваскуларните заболувања, дијабетот, современи пристапи во дијагностиката и лекувањето на критично болните. Беше дискутирано за новините од областа на кардиоваскуларната хирургија, општата хирургија, хирургијата на штитна жлезда, ортопедијата и заболувањата на ’рбетниот мозок, за новини во анестезијата со главен аспект кон минимално инвазивните техники за надминување на потребата од општа анестезија и изведување на безбедна и безболна хируршка процедура кај возрасни и деца. За прв пат беа одржани предавања како да се организира правилна лекарска едукација.

На конгресот беа присутни многу предавачи меѓу кои еминенти професори од Универзитетот во Филаделфија, Мисури и Оукланд, Мејо Клиниката од САД, Универзитетот Алберта од Канада Клиниката, Глазгов Универзитетот од Шкотска, Универзитетскиот кампус Јустус Грос од Германија, Сао Паоло Универзитетот од Шпанија, Универзитетската болница од Брисел, од Женева, Австралија, како и претставници од многу други универзитетски клиники од Сауди ска Арабија, Јапонија, Индија и Турција. Посебна чест беше што како претседател на организациониот комитет на овој настан беше доајенот во хирургијата проф. Хенри Голдсмит – иноватор на многу хируршки техники кој воедно ја презентираше и неговата последна техника за хируршки третман на Алцхајмеровата болест и третман на повреда на ’рбетниот мозок.

Како поканет предавач на овој научен собир присуствуваше д-р Тања Анѓушева – спец интернист, супспецијалист кардиолог од болницата Жан Митрев. Д – р Анѓушева имаше усни презентации во две главни сесии. Првиот ден го презентираше нашето 17-годишно искуство во третманот на пациенти со акутен септичен ендокардит. Третиот ден беше презентирано искуството со примена на 3Д трансезофагеалната техника во правилна процена на валвуларните заболувања. Д-р Анѓушева доби посебно признанија за вонредните презентации, што и беа врачени од страна на проф. Голдсмит.

Науката, стручноста и добрата клиничка пракса немаат граници. Размената на искуства и новини во медицината секогаш се во интерес на човековото здравје. Но сепак посебно значи и сме горди кога докторите од нашата болница добиваат покани да бидат предавачи, но и воедно наградени на вакви големи и значајни светски манифестации. Тоа е доказ за стручноста и професионалноста на нашата болница.

Здрава храна во боите на виножитото за здраво дете

Септември е почеток за нови работи, за нови животни поглавја особено за децата од претшколска и школска возраст. Во овој период кога децата преминуваат од една во друга средина, кога се запознаваат со нови правила и се стекнуваат со нови навики се појавуваат и проблеми и дилеми, особено кај нивните родители. Кај многу од нив, чие дете за првпат се одделува од домот и е речиси преку цел ден во градинка или училиште периодот се манифестира страв дека немаат контрола над начинот на исхрана на нивното дете.

Педијатрите од ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА советуваат:

Нема голем простор за паника бидејќи повеќето градинки имаат соодветно скроени менија во кои се внимава на нутртитивните потреби на децата во раст. Во некои градинки е дозволено да се понесе спакувана храна од дома, и ако тоа се здрави оброци за ручек и ужинки, тогаш тоа е доволно за во текот на денот ги одржат навиките за здрава исхрана. Но, многу е важно во овој процес на подготовка и пакување на здрава храна да го интегрирате и Вашето дете. Тоа ќе го поттикне да прави добар избор за исхрана подоцна, кога ќе треба да одлучи што и како ќе се храни.
Кога сте дома, имајте на ум дека нивните порции треба да бидат помали од Вашите, но нивната чинија да има иста големина. При тоа, половина од чинијата треба да е полна со овошје и зеленчук, а остатокот со целозрнести житарки, зрна и протеини, како и додаток на млечни производи (млеко/јогурт).
Правилната нутриција е најдобриот начин со кој можете да му помогнете на Вашето дете во периодот кога расте, а со тоа да поддржите и промовирате правилен начин на исхрана на што се темели и доживотно здраво живеење.
Исхраната за деца се базира на истите принципи како и исхраната за возрасни. Секое дете има потреба од истите видови на хранливи материи-како што се витамини, минерали, јаглехидрати, протеини и масти. Децата, сепак, имаат потреба од различни количини на одредени хранливи состојки на различна возраст.

Која е вистинската формула што ќе Ви биде корисна за да знаете дека правилно ги исхранувате вашите деца? Ви претставуваме кои се основните групи на нутритиенти кои ќе Ви овозможат правилна нутриција за растот и развојот на вашето дете.

Овие типови и групи на храна треба да се основата во секојдневната исхрана на Вашето дете:

Протеини одберете протеини од животинско потекло како месо и живина, морска храна, јајца, грав, грашок и несолени јаткасти плодови.
Овошје охрабрете го вашето дете да јаде различни типови на свежо овошје, понекогаш и замрзнато или сушено овошје. Ако Вашето дете пие сок, бидете сигурни дека тоа е 100% сок без додадени шеќери, а притоа ограничете ја количина до 150-200 мл. Имајте на ум дека половина чаша суво овошје се брои како една чаша од свежо овошје. Кога се консумира во изобилие, сушеното овошје може да придонесе во внесување на екстра калории.
Зеленчук потрудете се да им дадете разновидни, по можност свежи зеленчуци. Секој ден во неделата во исхраната вклучете зеленчук, било со темно зелена, црвена или портокалова боја, потоа грав и грашок, скроб и друго. При изборот на конзервиран или замрзнат зеленчук изберете опција без сол/адититиви.
Житарки подберете цели зрна, како што е лебот од цело зрно на жито, овес, пченка, ориз и други нерафинирани житарки. Ограничете ја употребата на рафинирани / обработени житарки.
Млечни производи охрабрете го Вашето дете да јаде ниско-маслени млечни производи, како што се, млеко, јогурт, сирење.

Целта е да се ограничат калориите кои Вашето дете ги внесува од:

Додавање на дополнителни шеќери во исхраната. Во хранителните продукти има шеќери, како што се оние со овошје и млеко, а при тоа фокусирајте се да не се додаваат шеќери. Примери на додаден шеќер вклучуваат кафеав шеќер, сируп од пченка, мед, маџун и друго.
Ограничете го внесот на заситени и транс масти. Тоа се масти кои доаѓаат главно од животинско потекло на храна, како што се црвено месо, живина и полномасни млечни производи. Заменете ги заситените масти со растителни масла или масла од јаткасти плодови (ладно цедени масла), кои обезбедуваат есенцијални масни киселини и витамин Е. Ограничете го внесот транс масти, преку избегнување на храна која содржи хидрогенизирани масло.

Калориски потреби според возрасните групи и полот детето

Возраст од 2 до 3 години

Калории 1.000-1.400 – во зависност од растот и нивото на активност

Протеини 60-120 грама

Овошје 1-1.5 чаши

Зеленчук 1-1.5 чаши

Зрнести житарки 80-150 грама

Млеко до 2 чаши

Возраст од 4 до 8 години за девојчиња

Калории 1.200-1.800 во зависност од растот и нивото на активност

Протеини 80-150 грама

Овошје 1-1.5 чаши

Зеленчук 1,5-2,5 чаши

Зрнести житарки а 100-200 грама

Млеко до 2,5 чаши

Возраст од 4 до 8 години за момчиња

Калории 1.200-2.000 во зависност од растот и нивото на активност

Протеини 50-150 грама

Овошје 1-2 чаши

Зеленчук 1,5-2,5 чаши

Зрнести житарки 100-200 грама

Млеко до 2,5 чаши

Возраст од 9 до 13 години за девојчиња

Калории 1.400-2.200 во зависност од растот и нивото на активност

Протеини 120-170 грама

Овошје 1,5-2 чаши

Зеленчук 1,5-3 чаши

Зрнести житарки 140-200 грама

Млеко до 3 чаши

Возраст од 9 до 13 години за момчиња

Калории 1.600-2.600 во зависност од растот и нивото на активност

Протеини 140 – 180 грама

Овошје 1,5-2 чаши

Зеленчук 2-3,5 чаши

Зрнести житарки 140-250 грама

Многу е важно да се промовира и физичката активност во периодот на раст и развој. Тогаш се оформуваат навиките за здрав живот, се оформува и ’рбетниот столб, мускулите итн. Се препорачува најмалку 30 минутна физичка активност во текот на денот, а при тоа да се сврти внимание на вежбите за ’рбетниот столб и исправеното држење на телото, практикување на гимнастиката, како и да се ограничи и да се избегнува користење на компјутери, телефони повеќе од 40 минути во тек на денот.

„Физичка активност за живот“ е мотото и на нашите физиотерапевти

По повод светскиот ден на физиотерапевтите – 8 септември, тимот на физиотерапевтите од ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА се приклучуваат на годинешното мото“ Физичка активност за живот“, испраќајќи порака до сите за поголема физичка активност со што значајно ќе се придонесе за намалување на многу болести. Во тимот на физиотерапевтите е и претседателот на Македонско физиотерапевтско здружение – www.mfz.mk, Блаже Арсов кој потенцира на важноста од одбележување на 8 септември – Светскиот ден на физиотерапевти, со цел подигнување на свеста кај сите колеги за нивната улога и значајниот придонес за одржување на луѓето да бидат мобилни и независни. „Овој ден се одбележува со единство и солидарност на глобалната физиотерапевтска заедница со цел да се признае делото што го прави секој физиотерапевт за своите пациенти како ви пренесуваме дел од препораките за повеќе физичка актиовност“, упати порака Арсов. Тој објасни и зошто е важна физичката активност, односно ги пренесе препораките од Светската конфедерација на физиотерапевти:

Физичката неактивност е 4-иот најголем ризик фактор за смртност на светско ниво и има влијание на 6% смртност во светот.

Редовната физичка активност има влијание на намалување на следниве болести:

30-40% РАК НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО
20-35% КАРДИОЛОШКИ БОЛЕСТИ
26-28% ХИПЕРТЕНЗИЈА
20-30% РАК НА ДОЈКА
20-30% ДИЈАБЕТ ТИП 2
20-30% МОЗОЧЕН УДАР

Тимот на физиотерапевти во ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА е важна алка во системот на лекување на пациентите. Тие се секогаш во чекор со светските трендови и техники, посетуваат континуирана едукација со што и се лидери во примена на нови методи и техники во праксата.

ЧЕСТИТ ДЕН НА ФИЗИОТЕРАПЕВТИ! ВАШАТА УЛОГА Е ЕДНАКВО ВАЖНА ВО ПРОЦЕСОТ НА ПОБРЗО И ЕФИКАСНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ.

„Докторите спасуваат животи, но не заборавајте дека сепак ФИЗИОТЕРАПЕВТИТЕ го прават тој живот вреден за живеење! “

Полисомнографија- најсигурен метод за утврдување на престанок на дишењето во текот на сонот (sleep apnea)

Вашето дете повремено `рчи во сон, таа состојба е присутна подолго време, има немирен сон, често се буди, има зголемено ноќно потење или пак сте забележале дека престанува да дише во текот на сонот…  Ова се симптоми кои наведуваат дека Вашето дете има сериозен здравствен проблем и затоа е потребно да се направи стручно испитување. И кога ќе се вклучи црвено светло, неизбежно е да се закаже педијатриски преглед!

Педијатрите од ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА ќе го прегледаат Вашето дете и доколку има потреба ќе се направи полисомнографско снимање. Тоа е најточна и најсигурна метода со која се потврдуваат промените  во дишењето во текот на сонот кај Вашето дете.

Овие промени во  дишењето може да се резултат на зголемени крајници, дебелина, поради промени во структурата на лицето или пореметувањето во преносот на сигналите од нервите кон мускулите .

Mозокот е најчувствителен орган  на намален  внес  на кислород , а кога  ова се случува во раното детство може да предизвика сериозни проблеми во неврокогнитивниот развој кај децата, како и проблеми во однесувањето (агресивно однесување, хиперактивност), но  и послаби резултати во  училиште. Ноќната апнеа или престанок на дишење во тек на сон  се јавува  кај 1-5% од  детската популација  помегу 2 -8 годишна возраст. Овој период  на рано детство се карактеризира со интезивен раст и развој на многу органи и системи, а намалениот  внес на кислород во овој период  ќе резултира со сериозни  промени во функцијата на истите

Најчест симптом кој што родителите го забележуваат  е `рчењето во сон. Многу од децата повремено `рчат  кога имаат вирусни инфекции на горните дишни патишта, или заради  зголемени крајници. Дали `рчењето кај Вашето дете е сериозен проблем кој може дополнително да влијае на неговото здравје ќе се утврди со со полисомнографско снимање. Тоа испитување се прави со софистициран мал апарат кој се аплицира на пациентот непосредно пред спиење. Снимањето се одвива во домашни услови при што апаратот регистрира  бројни параметри кои се анализираат и од каде Вашиот доктор може да ја утврди тежината  на состојбата, а со тоа да предложи и соодветен третман за разрешување на истата. Затоа, закажете го прегледот кај Вашиот педијатар доколку детето ги има горенаведените симптоми!

Трета средба со ортопедите-нов успех за Драган

Првото “дружење“ на Драган Стоичов( 1940) од Делчево со ортопедскиот тим од ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКАТА бил во 2015 година.  Сега, во 2017 година имаше трета ортопедска интервенција. “ Пред две години, кога болките во коленото се интензивираа и почнаа проблемите со движењето закажав ортопедски преглед. По консултација со д-р Сашо Младеновски се согласив за операција на коленото од левата нога. Се беше во ред, закрепнав за брзо време и се вратив на секојдневните прошетки и активности“, ни објасни Драган кој е љубител на прошетки во природа. Веќе во 2016 година, поради болка во другото колено се решил за нова интервенција. “Успехот што го имав со левото колено, се потврди и кај операцијата со десното колено. Бев пресреќен поради тоа, поради вратената подвижност и сум благодарен на д-р Младеновски и целиот персонал кој работеше со мене додека бев на болничко лекување. Ми се врати и сонот“, дополни тој. Ова лето Драган имаше трета средба со ортопедите. Овој пат со д-р Константин Митев. “ За време на летниот одмор имав незгоден случај. Во обид да помогнам на друг, јас се лизнав покрај базенот. Ме транспротираа до болницата во Банско, Бугарија и ми рекоа дека сум за операција и ми препорачаа да одам на Клиниката за ортопедија во Софија. Но, недвосмислено,  мојот избор беше повторно ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКА“, додаде Драган кој само што завршуваше со физикална терапија и беше расположен да ја сподели својата позитивна приказна со нас. “И по трет пат се` добро се заврши. Зарем треба да има уште причини зошто ја одбирам оваа болница за мене и мојата фамилија“, објасни Драган. Неговата сопруга е исто така наш пациент која имала кардиолошка операција во 2012 година. “ На почеток лутавме низ другите болници и некако надежта ни се губеше се додека не дојдовме на преглед кај д-р Жан Митрев. Ми рече дека сопругата е во критична состојба и дека треба итна операција. Се согласивме и таа до денес успешно функционира со 4 бајпаса“, ја дополни приказаната со искуството и за неговата сопруга. Драган денес ужива во пензионерски денови и се надева дека и по третата ортопедска операција ќе може да оди на прошетки низ планината заедно со неговата сопруга. Тој испрати поздрави и до двата синови кои го следат неговиот пат и  работат во Швајцарија, како и ќерката која е во Словенија верувајќи дека ќе ја прочитаат неговата приказна.

Примена на смарт уреди во новата ера на физиотерапијата

Определени заболувања или состојби од невролошки или пост хируршки карактер најчесто ја ограничуваат мобилноста на пациентите при што се создаваат и услови за појава на различни видови на компликации во периодот на нивното лекување. Најчести компликации од нефизиолошко мирување се декубит, длабока венска тромбоза, намалување на мускулниот тонус и обем, контрактури, намален белодробен капацитет, бронхопневмонија, продолжена механичка вентилација и др. Знаејќи го тоа, во ЖАН МИТРЕВ КЛИНИКАТА посветуваме посебно внимание на овие пациенти. За успешен третман со поголем бенефит  за пациентите, непходно е  процесот на рехабилитација   да се започне што е можно порано, и да се искористат новите технологии односно современа апаратура. Физиотерапевтски тим од нашата установа ги применува овие уреди и може да потврди за нивниот бенефит.

MOTOmed е моторизиран, софтверски контролиран систем за терапија со движење кај пациенти со мултипла склероза, мозочен удар, параплегија, квадриплегија, церебрална парализа, Паркинсонова болест, како и било кој  облик на намален мотилитет (долготрајна неподвижност поради хируршки зафат, компликации од продолжена механичка вентилација, кома…) .

Тераписки цели

Намалување на напнатоста на мускулатура, подобрување на флексибилноста, ослободување на мускулите и кај општа вкочанетост
Прогаоѓање на резидуална мускулна сила која е незабележителна и е и недоволна за движење, а со користење на овој уред може да се пронајде и примени
Намалување на последиците од инактивитетот како што се проблемите со циркулацијата ( студени нозе), вкочанети зглобови, скратени мускули, проблеми со пробава и перисталтика, со мочниот меур, со остеопороза, едеми на зглобови и екстремитети. Дневната MOTOmed терапија со движење исклучува други непријатни и скапи третмани
Поттикнување на способноста за движење при што MOTOmed тренингот може да создаде и/или оддржува основна добра кондиција потребна за движење ( издржливост и сила на мускулите, намалување на лимитирачка вкочанетост на мускулите и подобрување на постура и сигурност при движење)
Подобрување на менталната состојба – со контрола над сопственото движење

Терапевтски опции

Пасивен тренинг се применува кај спастични плегии/парези, или како подготовка за физиотерапија, поради неговото релаксирачко дејство
Активен тренинг (ServoCycling) кој овозможува активно возење и кај пациенти со лимитирана мускулна сила. Пациентот користи своја резидуална мускулна сила и со помош на моторот и специјална програма и може да се движи. Оваа опција се користи во најраниот стадиум на рехабилитација за јакнење на мускулите
Активен тренинг се изведува со сопствена мускулна сила против отпор. Оптоварување се подесува во 16 -20 прецизно градуирани брзини. Пасивниот тренинг е многу ефикасен за загревање и опуштање на мускулите пред, за време и по активното возење.

Контраиндикации :

Тешки форми на контрактури
Тежок стадиум на остеопороза
Тромбоза на долни екстремитети
Вродени деформации на рбетот – сколиози од (III IV степени)
Неконсолидирани фрактури
Остри хронични инфекции
Метастази
Когнитивни нарушувања/психијтриски нарушувања
Епилепсија

Уред за континуирана пасивна мобилизација -Артромот

Уредите за континуирана пасивна мобилизација се користат во првата фаза на рехабилитација по хируршка интервенција или кај траума на мускулно-скелетниот систем. Главни цели во прва фаза на рехабилитација се: контрола на пост-оперативна болка, намалување на воспаление, заштита на оперираната региа за стекнување на услови за соодветно зараснување и спроведување на пасивните движења во контролиран обем и специфична рамнина. Артромот е уред со кој зглобот континуирано, пасивно се движи со контролиран обем на движења и кој постапно се зголемува.

Што се континуирани пасивни движења? Тоа се прецизно повторувани движења во точно зададени рамки, симултано во сите правци  (агол и тип на движења во третираниот зглоб) во траење од најмалку половина час на ден, при што се следи  принципот на современата терапија “ што подолго тоа подобро” и е можно да се примени само со помош на компјутерски контролираните движења на Артромот.

Уредот за континуирана пасивна мобилизација – Артромот се применува постоперативно по различни видови на ортопедски операции. Движењето на синовијалната течност во рана фаза на рехабилитација овозможува подобра дифузија на хранливите материи во сите зглобни структури по оперативниот зафат. Континуираните пасивни движења превенираат формирање на фиброзно ткиво и овозможуваат подобра подвижност.

Кога се користат уредите за континуирана пасивна мобилизација- Артромот?

Веднаш по:

Спортска повреда на коленото
Артроскопија на коленото
Менисектомија
Реконструкции на лигаментите (LCA; PCL; MPFL)
Конзервативно третирани повреди на колено
Стабилна остеосинтеза
Остеотомија на колено
Трансплантација на рскавица на коленото
Вградување на тотална ендопротеза на коленото

Кои се придобивките од континуираните, пасивни движења во раната фаза на рехабилитација?

Намалување на болка, едем и хематом
Намалување на ризикот за појава на тромбоза
Регенерација на рскавица и синовијална течност
Спречување на формирање на прираслици
Спречување на формирање на контрактури
Враќање на нормалната функција на зглобот
Намалување на престојот во болница

Tестирање на предоперативните пациенти за присуство на инфективни организми со PCR технологија

Специјализираната болница Жан Митрев е секогаш во чекор со најновите пристапи во молекуларната дијагностика. Отсега, кај сите предоперативни пациенти тестирањето за присуство на инфективни организми ќе се извршува со најнапредната и најчувствителната PCR технологија, без промена во цената.

Досега присуството/отсуството на инфективни агенси како HIV, hepatitis B и hepatitis C вирусите се извршуваше со биохемиско-имунолошки методи. Отсега, за сите предоперативни пациенти, ќе се спроведува рутинска, понапредна PCR технологија за молекуларно биолошка детекција на истите којашто е почувствителна и поверодостојна од претходната.

Бидејќи здравјето на пациентите и нивната најдобра нега се нашиот прв и единствен приоритет!

Информирајте се повеќе на 02/02/3 104 921 или на е-маил: info@zmc.mk.

Поддршка за потенцијалот на пливачкиот клуб „Челични“ од Штип

Пливачите од ПК “Челични“ од Штип на кои Специјализираната болница ЖАН МИТРЕВ од неодамна им е поддршка редат успеси. На последниот Охрдиски маратон кој традиционално се одржува на 2 август учествувале 10 пливачи од овој клуб со добар пласман.

“Најдобар натпреварувач од нашиот клуб беше Марија Ристовска која освои 2 место. Ова е добар поттик да продолжиме и понатаму со секојдневни тренинзи и да се бориме за нови награди на следниве маратони“, објасни Мирко Јакимовски, тренер во клубот. На “ челичните“ ова не им е прво натпреварување. “ До сега имаме учествувано на две летни државни првенства и две зимски првенства и на еден новогодишен Куп на кратки стази во организација на ПФМ.Секако, наши пливачи учествувале на повеќе маратонски трки на 2,5 км (Охридски, Преспански, Велешки и Дојрански), како и на повеќе пливачки митинзи во Македонија, Србија и Бугарија. Следен натпревар им е Велешкиот маратон кој е планиран на 27 август, 2017 на 2,5 км.

Пливачкиот клуб “Челични“ е основан во 2016 година и е официјален член на Пливачката федерација на Македонија. Во клубот има 15 пливачи на возраст од 10-16 години. Секоја година организираат обука за непливачи каде околу 150 деца ги учат пливачките вештини. Тренерите од овој клуб веќе три години работат на проектот на адапатација на  водена површина и основна елементарна техника за пливање за децата од Дневниот центар за лица со посебни потреби од Штип. За време на летниот период тренинзите ги организираат на Градскиот базен во Штип, додека останатиот период доаѓаат на тренинзи на Олимпискиот базен во Скопје, салата Борис Трајковски или затворениот базен во Куманово.