17 роденден во знакот на подигнување на свеста за опасноста од дијабетот и поврзаноста со кардиоваскуларните заболувања

Голем интерес кај бројните доктори во чие работно секојдневие е третманот на пациенти со дијабет предизвика работилницата за Дијабетот и кардиоваскуларните заболувања, организирана на 01 март 2017, во Аудиториумот на новата болница. Аларматноста на заболени лица од оваа болест која преминува во епидемиски размери и бара посериозен пристап од ресорните институции, беа иницијална каписла кај д-р Жан Митрев и неговиот тим за оваа тема да биде во фокусот на одбележување на 17-годишната работа и една година во новата болница. За сериозноста на болеста потврдуваат и интерните статистички податоци во болницата, кога за разлика од пред 17 години бројот на пациенти кои имаат дијабетис бил 30%, сега е 70% кои се лекуваат во болницата.

За атрактивноста на настанот, кој беше организиран со поддршка на РЕПЛЕК-Македонија придонесоа и поканетите еминентни предавачи од САД и Р. Македонија. Зошто имаме епидемија од дијабет, објасни д-р Питер Батлер, угледен професор на медицински факултет BWF-IT-MD- UCLA, од САД, кој за прв пат е на овие простори. Истражување на д-р Петар Батлер се фокусирани на абнормалната секреција на инсулин кај дијабетот, причините за смртта на бета клетките кај дијабетот и можноста да се поттикне регенерација на островчињата “islet cells” кај луѓето со дијабетес. Тој е, исто така, шеф на катедра на Одделението за Ендокринологија, дијабетес и хипертензија, а неговата клиничка пракса во Лос Анџелес е фокусирана на заштита на пациентите со дијабетес.

Проф. д-р Милчо Богоев од Клиниката за ендокринологија во Македонија, специјалист по интерна медицина, прв субспецијалист по ендокринологија во Македонија, со посебен интерес кон диабетилогија, а специјалност за диабетолошка имунологија, во неговата презентација објасни за концептот на постпрандијална хипергликемија и кардиоваскуларни компликации. Тој е еден од тројцата основачи на македонската ендокринологија и Клиниката за ендокринологија во Скопје, еден од основоположниците на диабетолошката служба, преку развој на центри во Македонија.

Д-р Славица Туџарова, која доаѓа од Универзитетот во Калифорнија, САД. Нејзините истражувања се фокусирани на крос-линкот помеѓу метаболизмот, иницирање на ДНК репликацијата и клеточниот циклус во човековите клетки и ткива, а во својата презенетација се осврна на Бета клетки во дијабетисот- метаболично-митохондријално осакатување.

За поврзаноста на дијабетот со кардиоваскуларните заболувања зборуваше д-р Жан Митрев. За време на неформалната дружба, кога соодветно беше одбележан роденденот на болницата, докторите разменуваа искуства од праска, но и бараа одговори за одредени дилеми од еминентните предавачи.

Претходно, темата за работилницата беше најавена и на прес-конференцијата од страна на д-р Митрев. Во своето обраќање, пред новинарите потенцираше за алармантноста на болеста во светски рамки и потребата од сериозен пристап кон неа од страна на стручната јавност, како и од ресорните институции. „Оваа работилница и ваквите настани е почеток на активностите кои планираме да ги продолжиме и во иднина, а со цел подигнување на свеста за одредени прашања од медицинската сфера, размена на искуства помеѓу стручните лица, споделување на знаења и научени лекции“, најави д-р Митрев. Аларманоста од оваа болест ја потврдуваат бројките. „Дијабетот го руинира организмот, а ние се соочуваме со сите последици од оваа болест која е во континуиран пораст на светско ниво и се должи пред се, на начинот на исхрана, оптоварен со јагленохидрати, како и на наследната склоност кон дијабетис. Сепак, ова е болест која може да се контролира, а доколку навреме не се преземат потребните мерки доведува до катастрофални последици. Дваесет илјади луѓе годишно умираат во Македонија поради компликации кои ги предизвикува дијабетот – покажуваат светските податоци изготвени според бројот на жители“, истакна д-р Митрев. Тој потенцираше дека дијабетесот е епидемија на светско ниво и е контролирана болест која може многу добро да се регулира и пациентите да доживеат и длабока старост. Но, доколку не се регулира соодвтено последиците се катастрофални, посочи д-р Митрев.

За 17 години во болницата се изведени 19.000 кардиоваскуларни и 30.000 други операции, а за само една година во новата болница се направени над 3.500 операции и 40.000 прегледи и други интервенции.

Електрофизиолошка студија за воспоставување на правилен ритам на срцето кај артимии

Во графата на новитети на Специјалната болница“Филип Втори“, од неодамна е впишана уште една услуга. Во листата на медицински услуги,  од областа на кардиологијата е вклучена и електрофизиолошката студија. Електрофизиолошка студија (ЕФ студија) е инвазивно испитување која се применува за проценка, дијагностика и лекување на неправилен срцев ритам. Во рамките на Дијагностичкиот центар во одделот за Ангиографија, од пред една недела се прави и електрофизиолошка студија. Нашиот тим воден од д-р Никола Ѓоргов, кардилог и субспецијалист-Електрофизиолог се специјализирани за лекување на пореметување на срцевиот ритам.  Од почетокот на месец февруари, до сега, беа направени неколку електрофизиолошки студии на пациенти чии срца ги ставија во правилен ритам.

Д-р Никола Ѓоргов, еден од основачите на електрофизилогијата во Р.Македонија(за прв пат направена на 24.02.1993 година), кој независно работи од 1995 година, со над 1.200 пациенти кај кои е применета оваа студија, објасни за начинот на извршување на процедурата. “За време на електрофизиолошката студија, докторот кој е субспецијалист во лекување на пореметување на срцевиот ритам – Електрофизиолог, го испитува електричниот систем на срцето. Процедурата подразбира дека неколку специјални жици (електродни катетери) се поставуваат во срцето и преку нив се снима интракардијалниот електрокардиограм (електрограм). Овие електродни катетери се внесуваат преку воведници поставени во вените од препоните, раце, рамо или вратот. Откако ќе се позиционираат во срцето, електродните катетери се користат за мерење на електрични сигнали кои срцето ги генерира и спроведува при неговата работа. Паралелно со ова, преку истите жици се испраќаат електрични сигнали до срцето, со цел да се репродуцира абнормалниот срцев ритам. Со овие основни техники може да се испитаат голем број од пореметувања на срцевиот ритам, а се користат и за проценка на ефикасноста од медикаментозен третман кај некои аритмии“.

Со оваа процедура може да бидат опфатени пациенти кои лекуваат документирана тахикардија, потоа кај неправилен срцев ритам, за да се направи проценка на ефикасноста на оридинанирани лекови во лекување на неправилен срцев ритам, за проценка на симптоми како несвестица, губиток на свест, срцебиење, а секако и да се направи проценка на останати причини за неправилна работа на срцето кои не можат да се испитаат со неинвазивни методи.

Редовен гинеколошки преглед за одржување на здравјето на репродуктивните органи

Жените и девојките кои се сексуално активни треба да одат на преглед кај својот гинеколог барем еднаш годишно. Овие прегледи се многу важни за навремена рекација доколку специјалистот забележи некои промени на репродуктивните органи, а со тоа брзо и навремено да се лекуваат. Гинеколошкиот преглед се состои од преглед на надворешните гениталии и вагинален преглед.

Зошто е важен гинеколошкиот преглед?

Најдобро време за гинеколошки преглед е осмиот дo дванаестиот ден од менструалниот циклус. За време на гинеколошкиот преглед се прави анамнеза, а по прегледот и согласно добиените резултати, гинекологот ќе даде препорака за следна контрола. Почести гинеколошки прегледи се препорачуваат при следни состојби: доколку се забележат промени во менструалниот циклус (зачестеност, обилност или болки), кај болки во долниот дел на абдоменот, зголемен вагинален исцедок или пак при абнормални наоди од ПАП тестот. Чести контроли се препорачуваат и доколку пацинетот користи хормонска терапија, при бременост итн. Посета на гинеколог е важна и по влегување во менопауза и престанок на менструално крварење бидејќи некои од туморите се појавуваат во менопаузата.

Што е колпоскопија?

Колпоскопија е дијагностичка процедура за гинеколошки преглед на надворешните гениталии, вагината и грлото на матката преку посебен уред за зголемување наречен колпоскоп. Со овој преглед можат да се дијагностицираат промени на вулва, вагина и грло на матка, кои што не можат да се видат со голо око, и врз основа на тоа да се одредат понатамошните постапки. Со оваа метода се надополнува ПАП брисот на грлото на матката и се стекнува целосен увид во неговото здравје. Прегледот се изведува како стандарден гинеколошки преглед, со помош на колпоскоп, кој е безболен и трае 3-5 мин.

Кога се прави колпоскопија?

Колпоскопија може да се прави при секој гинеколошки преглед, или кога постои причина за тоа, при абнормални резултати од ПАП тест, кај промени на грлото на матката во вид на ранички, при појава на крварење после сексулаен однос или при постоење на полни брадавици. Исто така, кај забележани други промени на грлото на матката како полипи, воспаленија, бели промени, еритроплакии, како и по примена терапија или по операција на грло на матка е неопходно да се направи оваа процедура.

Одржувајте го Вашето здравје, редовно посетувајте гинеколог!

Микробиолошките испитувања клучни за утврдување на причина за секреција од нос

Течењето на нос, односно секреција на содржина од носната лигавица, како и затнатост се чести состојби кај сите возрасти од популација, но најчести кај децата од претшколска возраст. Кај некои поретко, кај некои почесто, и тоа неколку пати во годината. При тоа, неизбежно се поставува прашањето дали таквата состојба е иницирана од алергија, вирус или пак имало бактериски напад?

Оваа состојба може да биде доста иритирачка, која може да го наруши животниот тек, како и да биде доволна пречка за намалена функционалност во извршувањето на секојдневните обврски и работи. И додека кај некои лица постои верување дека оваа состојба не е “којзнае што”, не многу ретко може да се искомплицира до состојба на спуштање на  секретот во белите дробови, да помине до средното уво или да ги нападне синусите.

Дали ќе Ви се појави бистар или густ секрет,  ВАЖНО е навремено да се утврди причинителот. Затоа е неопходно да се јавите на доктор, кој ќе ја утврди точната дијагноза, а истиот треба да донесе одлука за преземање на понатамошни мерки. Од таму, треба да се испита причината за појава на оваа состојба, дали е иницирано од вирус, бактерија или пак алергија (алергија дури и на вирус како туѓо тело).

Како да се утврди причинителот?

Се препорачува да се  почне од наједноставното и најблагодарното. Треба да се земе брис од назофаринкс (длабоко во носен канал), а некогаш и од вестибулум на нос (надворешен отвор на нос). Доколку се изолира бактерија, треба да се направи проценка, а базирано на податоците од пациентот, дали е настаната на вирусна подлога или е од алергија (влажна и оштетена површина е поволна “клима“ за бактериите). Потоа треба да се испита дали има клиничка индикација за инфекција, или пак се работи за контаминација, а многу често и колонизација? Дали да се чека и колку време? Тоа се неколкуте клучни прашања на кои треба да се одговори, а од кои зависи и соодветниот третман. Многу важно е да се следи и контролира состојбата. Доколку било утврдено дека пациентот има сериозна дијагноза и веќе е отпочнато со земање на терапија, а по издавање на наодот од микробиологија се утврди нешто друго, тогаш е  потребно таа да се корегира. Тоа е секогаш дозволено и е многу попрофесионално и етички кон пациентот, а е во согланост и со лекарската етика.

Како да се заштитат децата?

Децата во предучилишни установи се најпогодената група со растечен/затнат нос.  Овие состојби, многу често се колонизирани од два вида на  бактерии: Streptococcus pneumoniae и Moraxella catarrhalis. Првата претставува една од најмутираните и најотпорни бактерии кон антибиотици, а втората нешто помалку. Нивното активирање е директно поврзано со респираторни вирози, кои кај деца на оваа возраст и во затворени колективи, се јавуваат  и по 10 пати во годината. Затоа е потребно навремено да се направи перијатриски преглед, како и микробилошки анализи за да може навремено да се постави дијагноза и соодветна терапија.

Во нашата болница може да закажете за специјалистички пулмоалерголошки преглед кај педијатар, а во Лабораторијата за микробилогија да се направи микробилошко испитување на секретот на Вашето дете. Само на тој начин со систематски приод кон работите и состојбите,  но и со добра поставеност кон овој проблем и јакнењето на свеста ќе се пребродат овие кризни периоди во растот на децата.  Во општетстевни рамки, релеватните институции треба да иницираат и да ги поддржуваат сите акции за унапредување на свеста, едукацијата и развојот на децата.

Интерактивна работилница

Тим од специјалната болница “Филип Втори“, во соработката со членовите на Клубот на млади од Црвен крст на Град Скопје, традиционално и оваа година е вклучен во одбележување на неделата за борба против срцево- садови заболувања. Во рамките на неделата, на 20.02.2017, во конференциската сала во болницата „Филип Втори“ ќе се организира интерактивна работилница на тема: Генетика, нутриционизам и здрав начин на живот. На тој начин, волонтерите од Црвениот крст на Град Скопје ќе имаат можност подетално да се запознаат со важноста на генетиката, нутриционизмот за здравиот начин на живот, а во насока на сочувување на здравјето на срцето и крвниот систем. Интерактивни предавања ќе имаат претсавниците од тимот на “Филип Втори“, и тоа:

Горан Кунгуловски (доктор на науки по геномика и епигеномика),
тема: Персонализирана генетика и кардиоваскуларни болести – во срцето на нештата
Вера Кироска (нутриционист),
тема: Тајните на здравата исхрана
Илија Дојчиновски (здравствен психолог),
тема: Со здрави навики за здраво срце

Во рамки на оваа недела ќе бидат извршени и бесплатни кардиолошки прегледи на 10 деца од згрижувачки семејства и ќе бидат посетени неколку наши пациенти со нивните семејства. Традиционално, и годинава на нашите пациенти ќе им бидат доделени пакет производи обезбедени од хуманите волонтери на Црвен крст на Град Скопје и тимот на “Филип Втори“. Преку оваа и други континуирани активности, ние ќе продолжиме да ја јакнеме свесноста кај младите да бидат активни учесници во грижата за своето здравје.

“ФИЛА – АПТЕКА“- важен сегмент во системот на болницата

Во новата болница на д-р Жан Митрев од неодамна функционира аптека- “ФИЛА-АПТЕКА“. Таа е од отворен тип, не само за потребите на пациентите во болницата, туку и за сите оние кои бараат професионален однос и комуникација во вршење на фармацевтската дејност.

Грижата кон пациентите за подобар и поздрав живот, стручниот тим ќе ја манифестира со постојана снабденост со лекови, помошни лековити средства и медицински помагала. Освен со лекови, аптеката располага со ОТЦ препарати, различни додатоци во исхраната од реномирани производители, хигиена и производи за нега, медицинска козметика, ортози, медицински апарати (апарати за мерење на притисок и шеќер, дигитален термометар) итн.

Респирометар, кардио-торакални појаси за мажи и жени, OXAКTIV кремата за лице на база на озонирано маслиново масло, LITTMANN стетоскопи, дополнително го збогатуваат асортиманот во аптеката и ја прават единствена.

Стручниот тим на фармацевти, дип. фар. Татјана Маниќ и дип. фар. Искра Челебиќ Петровска е целосно посветен на потребите на пациентите и подготвен за давање совети и консултации во примената на лековите и други производи.

Грижете се за своето здравје, затоа што “здравиот човек има илјада желби,  а болниот само една – да оздрави”!!!

Гастрономските специјалитети на готвачот Игор потврдени со награда

На 15-от Интернационален Гастрономски фестивал што се одржа од 02-05 февруари, 2017 година, во Истанбул, Игор Атанасов-Каспер, готвач од тимот на ресторанската кујна во болницата се врати со освоен медал. Во конкуренција од 700 натпреварувачи од над 75 држави, тој освоил бронзен медал во поединечна конкуренција за модерна кујна. Специјалитетот со кој ги “освоил“ бодовите на 50-тина судии, кои суделе по претходно поставените критериуми, бил пилешко со палента, мафин со пилешко и пилешко стапче роловано во афион и чија, на подлога од ориз. Покрај оваа награда, Игор како член на тимот од Македонија придонел за освојување на трето место во тимско натпреварување во конкуренција од 15 држави.

Ова не е единствена награда за нашиот мајстор, кој како член на ГАСТРОМАК, првата асоцијација на готвачи во Македонија има учествувано на 4 натпревари. Иако од сите натпревари секогаш добивал награди, сепак, оваа му е посебно драга бидејќи е освоена на интернационален фестивал. Тој има освоено и ГРАНД ПРИ на интернационален натпревар за национално јадење (плескавица од јунешко и пилешко месо во тесто со кајмак), на последниот грастрономски натпревар одржан во  октомври 2016 во Македонија.
Му посакуваме на Игор уште многу награди и специјалитети со негов потпис во ресторанската кујна во болницата.

Колку детската насмевка го лекува уморот на еден доктор

Животот си поигрува понекогаш со луѓето. За жал, така е и со шеснаесет месечната Е.А.,  која на 04.02.2017 година беше пред вратата на смртта. Детето било родено со вродена маана на бубрезите, при што едниот бубрег воопшто не е функционален, а другиот со стекната хидронефроза (отекување) од четврт степен, поради стеснување на уретерот (мочниот пат што ја носи урината во мочната бешика).
Знаејќи го ова, колегите од одделот за нефрологија при Детската Клиника редовно ја следеле состојбата на детето. По акутно влошување, детето било прифатено за лекување на Детската Клиника. Понатаму, по одржување на стручен колегиум и консултација со лекарите од “Филип Втори“, детето беше префрлено на лекување во нашата болница, како центар со најголемо искуство во третманот на пациенти со континуирана вено-венозна ултрафилтрација (т.е. контиуирано пречистуивање на крвта). “Детето беше донесено на 04.02.2017, во тешка општа состојба, поради акутно откажување на единствениот бубрег, со животнозагрозувачки вредности на калиум, уреа и креатинин во крвта, како и животно загрижувачко закиселување на истата“, вели др  Тања Анѓушева, шеф на одделот за интензивна нега во болницата “Филип Втори“. Како што објасни таа, до сега, во  Македонија ниту едно дете не е третирано на ваков начин, а благодарение на соработката со “Интерком“ се набавија потребните сетови за детска ултрафилтрација. Се реагираше брзо и професионално од страна на докторскиот тим. Д-р Анѓушева,  заедно со д-р Елвис Алексовски, анестезиолог го поставија првиот дијализен катетер кај дете со телесна тежина од 8 килограми. По тоа, детето веднаш беше поставено на континуирана вено-венозна ултрафилтрација. “Резултатите од терапијата беа очигледни. Во интервал од 5 часа, се намали вредноста на калиумот до граници на нормала. Но, моравме многу да внимаваме како ќе ја вршиме детоксикацијата кај детето, затоа што наглите промени можеа исто така да бидат опасни“, вели д-р Анѓушева. Неизвесноста полека се намалуваше кај докторите, кога по 4 часа откако беше поставено  детето на ЦРРТ програма, го добија  првиот позитивен знак дека се на вистинскиот пат. “Ја добивме долго очекуваната прва детска насмевка од нашиот ангел. Враќањето во живот на детето се манифестираше на неговиот задоволен лик по испиените први 200 грама млеко, а после 5 дневно гладување, како што претходно објасни неговата мајка.
Радоста кај медицинската екипа која беше на смена беше огромна, затоа  што успеаа да му помогнат на ова мало човечко суштество.  Дури после 3 дена активно третирање, малата Е.А. покажа интерес кон средината, почна активно да се смее и да јаде. Стигнаа и  првите 70мл. мокрача, што е важен индикатор за знас, медицинскиот тим кој се грижиме за неа. Тоа беше уште една потврда за нас дека треба да продолжиме и понатаму, да сме издржливи и упорни и кога пациентот е на работ од животот и смртта“, заклучи д-р Анѓушева.