Венски тромбемболизам

Во областа на васкуларните болести, венскиот тромбемболизам е трето најчесто заболувања или веднаш после инфаркт на срце и мозочен инфаркт. Ова заболување се манифестира со појава на тромбоза на една од длабоките вени во организмот. Една од најчестите и потенцијално смртоносни компликации на венските тромбози е белодробната емболија.  Оваа болест настанува кога дел од тромбот се откачува и патувајќи низ циркулацијата се закачува во еден од крвните садови во белодробието. Со оглед на високиот степен на смртност од оваа болест многу е важна навремената дијагноза и брзото започнување со терапија.

Дијагностика

Венскиот тромбемоболизам се дијагностицира преку лабараториски тест, кога се зема  примерок од крвта или со помош на ултрасонографски(ехо) преглед, што претставува безбедна и безболна дијагностичка процедура за пацинетот. Доколку не се постави точна дијагноза со овие методи, во нашата болница се на располагање и други процедури, како магнетна резонанца и компјутеризираната томографија или флебографија. Треба да се потенцира дека доколу клиничката слика на пациентот е сериозна и му е загрозен некој екстремититет се отпочнува со фибринолитичка терапија. Најчестата терапија која се применува кај пацинети со дијагностициран венски тромбемолизам е антикоагуланта терапија која ги вклучува хепарините и витамин К антагонистите, терапија  популарно познатата како терапија “по шема“.  Во денешно време,  постојат и низа на други лекови кои може да се користат за лекување на венски тромбемболизам. Предностите на овие нови аниткоагулатни лекови е што не е потребна рутинска контрола преку крвта, па контролните прегледи за пациентот се покомотни и помалку стресни.

Поврзаноста на болеста со возраста на луѓето

Во однос на ризикот за добивање на оваа болест, треба да се потенцира дека појавата на заболувањето во голема мера зависи и од возраста на пациентот, односно  колку пациентот е повозрасен толку е поголем и ризикот за оваа болест.

Неопходно е да се нагласи дека доколку болеста се појави кај пациенти помлади од 50 години или тромбозата се појави на невообичаени места, како вени во мозокот, црниот дроб или слезината, треба да се направи дополнително испитување за трмобофилија или генетско испитување. Ова испитување е достапно во генетската лабораторија во болницата и предноста од него е што доколку се утврди  вродената склоност кон тромбози, може навремено  да се започне со контроли и терапии. Исто така, од добиените наоди од генетското испитување може да се утврди и времетрањето на антикоангулантната терапија.  Доколу се утврди дека пациентот има склоност кон тромбози тогаш може да му се препорача и доживотно да ја прима антикоангулатната терапија.

Други компликации поврзани со болести на вени

Втора, честа компликација кај вените е појавување на  венски рани, кои многу тешко зараснуваат и во голема мера го оштетуваат нормалното функционирање на пацинентот. На тие пациенти им се препорачува носење на еластични чорапи кои треба да бидат вклучени во терапијата и тоа уште во првиот месец по дијагностицирањето на болеста.

Мерки за превенција

Венски тромбоемболизам може да се регулира и превенира преку правилна исхрана, откажување од  пушење, како и континуирана физичка активност, која се препорачува  за сите луѓе, и за оние кои немаат венски тромбемболизам. Уште еден факт е значаен да се спомене во однос на зголемениот ризик на појавување на белодробните тромбоемболии. Последните студии покажуваат дека тие почесто се појавуваат во зимскиот период, како и кај луѓе што поминуваат 3-5 часа пред телевизор. На потенцијалната ризична група им препорачуваме дека доколку патуваат на долги релации да прават почести паузи, да конзумираат многу течности и ако на крајот од патувањето забележат отоци на рака или нога, како и сува кашлица, неопходно е да се јават на лекар.

Д-р Елена Амбаркова Виларова,  спец. трансфузилог и флеболог

Персонализирана медицина

Прецизна или персонализирана медицина е научен пристап којшто им овозможува на докторите да изберат третман кој има најголема веројатност да им помогне на пациентите врз основа на уникатните варијации во нивните геноми (генетска конституција). Идејата за персонализирана медицина иако трансформативна, не е нова, но напредокот на новите технологии за ДНК секвенционирање полека ја претвораат во реалност. Во персонализираната медицина, сите одлуки, третмани, терапии и интервенции се уникатни и скроени специјално за пациентот врз основа на неговите претпоставени реакции со лекови или предиспозиции кон болести. Едно од основните начела на персонализираната медицина е проактивност, односно третман на болеста пред да се појават нејзините симптоми.

Познато е дека секоја личност во себе носи геном со уникатни различности (мутации, аберации или со еден збор варијации) во неговата ДНК секвенца, кои со стручна анализа може да ни дадат информации за нашата идна здравствена состојба – објаснува Д-р Горан Кунгуловски од Лабораторијата за Генетика и Персонализирана Медицина. „Најголем дел од варијациите кои произлегуваат од геномот немаат никаков ефект врз здравјето на индивидуата, но дел од нив се причина за појава на одредени наследни болести, несакани реакции од лекови и слично“, објаснува Д-р Кунгуловски.

За да се утврди дали една мутација е поврзана или причина за појава на одредена болест, научниците изведуваат геномско-асоцирани студии каде се собираат група на пациенти со одредена болест и ги секвенционираат нивните геноми. Доколку се потврди дека некоја генетска варијација е поврзана со тестираната клиничка состојба, таа генетска варијација може да се користи како маркер за дијагноза на истата. Ефектите и предностите на персонализираната медицина може да се престават и преку примери. Така, доколку се открие дека одредена ДНК варијација го зголемува ризикот на личноста да добие тип 2 дијабетес, тогаш таа личност со измена на животниот стил (исхрана и физичка активност) може да ги намали шансите за добивање на дијабетес. Истиот принцип на работа се користи и за употреба на лекови.

Согласно трендот и развојот, се очекува, персонализираната медицина да има и широк придонес во полето на онкологијата и при третман на рак. „Веќе неколку декади знаеме дека генетските измени се најчестата причина за појава на рак, но во изминатите 15-20 години откривме дека генетските измени кај еден тип на рак кај една индивидуа, не мора да бидат исти како генетските измени кај истиот тип на рак кај друга индивидуа. Слично на ова, исти генетски промени можат да бидат пронајдени кај различни типови на рак. Збирот на овие генетски промени кај еден рак се вика молекуларна слика или молекуларен профил“, објаснува Кунгуловски. Во блиска иднина, откако лекарот ќе земе биопсија (мал дел од туморот на пациентот) и ja утврди молекуларната слика на туморот, врз основа на тоа ќе може да препише лекови за коишто сигурно ќе се знае дека ќе имаат некаков ефект врз намалување на туморот и пациентот ќе биде поштеден од третмани базирани на “обид и грешка (trial and error)” и несакани последици.

Ако пред десетина години, персонализираната медицина беше само сон, сега тоа е реалност. За овој сон целосно да се реализира, новата генерација на лекари и јавноста треба да се едуцираат за бенефитите од употребната вредност на генетската информација.

10 години потоа…

Денот, 26 јануари, 2017 го посветивме на дружење со Афет Дураку од Тетово,  54 годишен пациент, кој сакаше заеднички да ја прославиме десетгодишнината од успешната операција. “Благодарение на д-р Жан Митрев, кој пред 10 години, на оваа дата ја направи операцијата и јас сум здрав и го живеам мојот втор живот. Многу сум среќен што докторите ме вратија од мртвите.

Еве се гледа на мене колку ми е убаво и колку се радувам на животот. Посебно сум горд и среќен што сум со моите најблиски, а особено што успеавме заедно со сопругата да ги образоваме нашите три ќерки. Секоја од нив сѝ е со својата среќа, а неодамна ја мажевме најстарата која живее во Швајцарија“, со радост зборуваше Афет. Низ пријатниот разговор со него и сопругата, таа се присети на денот, кога  пред десет години од Тетово го донеле Афет во “Филип Втори“ во многу тешка здравствена состојба. “Се плашев за него бидејќи беше во кома една недела и мислев дека ќе го изгубам. Но, благодарение на д-р Митрев и д-р Анѓушева, тие го кренаа на нозе“, зборуваше таа. На тоа се надоврза Афет, кој, додека бил хоспитализиран мислел дека после еден месец постоперативен третман нема да може да стане од креветот и да се движи, но… “Тука се прават чуда, толку е добар системот за закрепнување што за брзо време забораваш дека си бил на тешка операција, дека си бил на работ меѓу смртта и животот“, со емоции додаде тој. Затоа и тие немаат друга адреса за болница и лекување. Било да се работи за нив, најблиските или пријателите. “Многу наши пријатели се ваши задоволни пациенти и ние сме посебно горди на тоа“, зборуваа тие. Пред извесно време заедно со еден пријател од Берлин, Германија дошле на преглед, а тој бил воодушевен од болницата, атмосферата, персоналот.  Влегол во многу државни болници во Германија, но како “Филип Втори“, до сега не видел, му раскажувал на Афет.  По разговорот со нас, тие трпеливо чекаа на средбата со докторите.

Иако со д-р Тања Анѓушева имале средба и пред една недела, сепак сакал да го одбележат јубилејот со неа и д-р Жан Митрев. Д-р Тања Анѓушева, која и постоперативно, но и до ден денешен се грижи за одржување на здравјето на Афет, за него кажа: “Многу сум среќна поради него, го вративме жив кај неговите најблиски. Ние сме во контиуниран контакт со Афет, редовно ги правиме контролните прегледи. Тој е многу ревносен пациент“, изјави д-р Анѓушева.  Кога по излегувањето од оперативна сала се сретнаа со д-р Митрев, Афет беше пресреќен кога се ракуваше со него. На кратко му раскажа колку е убав животот, 10 години после операцијата. Си посакаа убави моменти и уште многу убави поводи за средби и дружење, а ние му посакуваме на Афет и сопругата уште долго радост и веселба со своето семејство, најблиските…

Сведоштво

Стојан Костовски, македонец, пензионер кој долги години живее во Тексас, Америка, по операцијата на аортата, направена од д-р Жан Митрев се подготвуваше да си замине дома. Сакаше да ја раскаже негова успешна приказна која си ја поставил како мисија и ќе ја споделува во Америка. Од многу порано знаел за стручноста, уникатните операции, кои се негова карта за идентификација…
На македонскиот кардиохируруг со „златни раце“ и илјадниците успешните операции кои се врзуваат за д-р Митрев . “Во годините наназад, се интересирав и многу читав за д-р Митрев. Ги следев неговите прогресивни идеи, визии, проекти, читав за сложените операции кои ги прави, а пребарував и на интерент. Ја читав неговата биографија и за работата, дека кај неговите операции нема промашување“, раскажуваше Костовски. “Летото дојдов овде, во Македонија кај синот кој живее тука, закажав за преглед кај д-р Бошко Ставревски поради проблеми со килата. Но, кога го направив прегледот ми беше утврдено дека имам висок притисок, како и проблеми со работата на срцето и ми беше предложено да се направи операцијата. Без двоумење прифатив бидејќи му верувам на д-р Митрев. Се договоривме да ги поминам навогодишните празници, па да дојдам на операција во оваа прекрасна болница. Мојата дамнешна желба да го запознам д-р Митрев, како човек ми се реализираше. Иако причината за запознавањето беше здравствениот проблем со срцето, сепак сум многу среќен што го запознав. Многу позадоволен од успешната операција која ми ја направи операцијата, и можам да кажам дека такви луѓе ретко се раѓаат“, со насмевка зборуваше тој.

Ќе остане во Македонија цела оваа година, бидејќи по два месеци му е закажана операцијата на кила, кај д-р Бошко Ставревски. Нѝ раскажа дека операциите на срце во Америка, поради специфичноста и стручноста која ја бараат се многу скапи и од финансиски аспект се  неприфатливи за голем дел од популацијата. Неговиот син кој живее во Америка и работи како асистент на директорот во една болница, ќе го добие ЦД-то со операцијата која ја направил д-р Митрев на неговиот татко,  за да ја презентира на неговите колеги. Костовски верува дека ќе бидат позитивно изненадени од самиот чин, а приказната за успешната операција ќе ја шират сите три сина, преку социјалните мрежи.

На крај, сакаше уште еднаш да потсети за љубезноста, стручноста, коректноста на целиот персонал во болницата. “Д-р Жан Митрев е човек со визија, одличен човек, кој секого го прима како свој човек. Тој има десна рака која ги решава и најсложените проблеми на срцето. Голема благодарност до него, како и до д-р Еневер Идоски, кој успешно ја организира целата работа во одделението за полуинтензивна нега. Се гледаме за брзо време“, задоволен си замина Костовски.

Примерок од Графичката мапа “Форми 1“ предадена како легат на болницата

По промоцијата на трите примероци во октомври во Париз, ноември во Берлин и декември во Солун, четвртиот примерок од графичката мапа “Форми“, Мице Јанкуловски го промовираше и како легат го предаде на користење на д-р Жан Митрев и неговата болница на 18 јануари, 2017 година. Во своето обраќање пред присутните тој ја истакна заедничката нитка на сите овие четири примероци. “Тоа е посветеноста кон квалитет. Верувам дека сите што се дел од болницата, било вработените или надворешни лица или пациентите, се свесни дека во оваа зграда се поставени високи стнадарди на квалитет“, изјави Јанкуловски. Под висок стандард на квалитет, како што ја парафразираше мислата на уметницата, Марина Абрамовиќ, тој кажа дека се подразбира вложување на 120-140 % од можностите на човекот. “Само тој човек кој вложил толку многу енергија, труд и посветеност во некоја работа го има остварено својот сон. Еден од тие луѓе е и  д-р Жан Митрев и затоа оваа графичка мапа ја подарувам на него. Се надевам дека истата ќе најде соодветно, специјално место во оваа болница која поседува висок стандард на квалитет“, додаде тој.
Во името на д-р Митрев, кој беше повикан на итна операција во сала, графичката мапа “Форми 1“ ја прими д-р Тања Анѓушева. “Преку овој подарок, кој со задоволство го примаме сакам да се заблагодарам за укажаната чест, особено што ова е значајно призание  за квалитетот на болницата и нашата работа. За нас, како лекари тоа е највредната потврда, затоа што квалитетот кој сте го препознале, стимулира благородни чувства кај оние што се директни приматели на нашата работа. На крај , тој квалитет резултира со здравје, благосостојба и среќен живот на нашите пациенти“, изјави д-р Анѓушева.
Ова дело е изработено во рамките на проектот “70 графички мапи за 70 години ОСТЕН” кој започна во 2015 година за создавање на библиотека (која  е единствена во светот) на графички мапи “Светско културно наследство”, продуцирана е графичката мапа на Мице Јанкуловски „Форми I“. Мапата се состои од 10 графички листови со димензии 44 х 32 см во тираж од 4 примероци. Првиот примерок на мапата беше промовиран во хотел Хајат во Париз, на 16 октомври 2016 година и беше подарен на г. Хозе E. Прието, претседател на БИД (BID – Business Initiatives Directions). Вториот примерок беше промовиран во хотел Парк Ин – Александар плац, Берлин, на 23 ноември 2016 година и беше подарен на г. Волтер Колбо, претседател на Германско-македонското здружение во Берлин, додека пак третиот примерок беше промовиран на саемот за уметност “Thessaloniki Art 2016” на 2 декември 2016 и подарен на градоначалникот на Солун, г. Јанис Бутирис.

Хуманитарна мисија

Приказната за болната беровчанка, со полско потекло, Јустина Мадевска која на крајот на минатата година беше прифатена на лекување во болницата “Филип Втори“, продолжи да биде мисија на д-р Жан Митрев и неговиот тим и по завршувањето на хоспитализацијата. Донација од храна, облека, покуќнина и основни хигиенски средства беа однесени со возилото на болницата на 11 јануари, 2017 година. Големите снежни наноси не беа пречка, за како вистински домаќини, сопругот Славе и неговите соседи не пречекаат на сред село. “Подобра е Јустина, ве чека во нејзината соба. Ви благодариме и што во овие непогодни временски услови, како што ветивте, дојдовте да не посетите“, изјави Славе, кој со соседите ги префрлија донираните работи од возилото во нивниот дом.

Јустина лежеше во нејзината соба и кога не виде на вратата, стана да се поздрави. Можевме да забележиме дека има освежување во нејзиниот лик, а евидентно беше и дека има подобрување во нејзиното движење. Ако до пред три недели таа лежеше неподвижна во креветот, кога екипата на “Филип Втори“ во количка ја изнесе од дома, по хоспитализацијата, и домашното лекување  таа е во состојба сама да се движи низ домот. Возбудена од донацијата таа искажа благодарност до тимот на д-р Митрев и тимот од интензивна нега кој ја лекуваше . Благодарност до д-р Митрев со желби за многу здравје за него и фамилијата, за хуманоста која ја покажа кога беше преземена Јустина на лекување, но и сега, со донацијата, изрази и сопругот Славе. Истовремено, тој упати барање до Полската амбасада да им излезат во пресрет и посредуваат за потребните документи од Полска, за понатаму Јустина да може да ги добие македонски документи. Иако го совладуваа емоциите, сепак успеа да ни каже: “Со тоа што нѝ излеговте во пресрет во најтешките моменти, вие нѝ ја вративте волјата за живот!“

Приказната за Јустина, отпочна последната недела од декември, измината година. Во периодот од годината кога сите се подготвуваа за пречекот на Нова година, и се чувствуваше празнична  еуфорија, сепак животот знае да донесе и непријатни и тешки моменти. До д-р Жан Митрев пристигна апел за помош, за неподвижна и тешко болна жена. Несомнено, како и многупати до тогаш, д-р Митрев веднаш подаде рака за помош, овојпат за  45 годишната Јустина Мадевска, по потекло од Полска, а мажена во с. Русиново, Беровско. Жена, која долго време не била медицински третирана, поради немање на македонски документи.

Веднаш се формираше екипа која со амбулантно возило, за брзо време стигна во домот на Јустина за да ја преземе на лекување.За време на петдневното медицинско испитување и хоспитализација на интензивното одделение во болницата, на Јустина и беше направен кардиолошки и невролошки преглед, како и снимање со КТ. По направените анализи беше констатирано дека Јустина имала мозочни засегања, како и почетна фаза на деменција, иако е некарактеристично за таа возраст. На вториот ден, по објавите во медиумите, во посета на Јустина дојдоа претставници од Полска амбасада, како поддршка на нивната сонародничка. За време на празниците, Јустина и нејзиниот сопруг си заминаа дома и ветија дека ќе ги почитуваат лекарските препораки за лекување и примање на терапијата,  а ние им потврдивме дека и понатаму  може да сметаат на нашата поддршка.

Тоа што го ветивме, го реализиравме, за да може двочленото семејство да отпочнат со нов живот и нормално да функционираат во општеството!

ГРИП И ТРЕТМАН НА ГРИП КАЈ ДЕЦА

Најпогодена група од популацијата кај која се појавуваат симптоми на грип се децата. Првата станица каде треба да се обратите се лекарите, кои ќе ви објаснат за симптомите и начините на лекување,  а ќе ви дадат и совети за превенција и заштита од ширење на од грип

Инфлуенца или попознато како “грип” е многу заразна вирусна инфекција на респираторниот тракт. Ги опфаќа сите возрасни групи, иако кај децата постои поголема тенденција да се развие отколку кај возрасните. Сезоната на грип трае од октомври до мај, но најкризен период е од крајот на декември до почетокот на март.
Грипот е заразна инфекција, која се шири преку кашлање или кивање. Луѓето кои се инфицирани се заразни еден ден пред да се чувствуваат болни, па се додека траат симптомите на болеста. Грипот  обично се појавува во мали епидемии и врвот го постигнува на втората или трета недела откако ќе се регистираат првите случаи.

Знаци и симптоми

Симптомите кои ги има заболениот од грип, често наведуваат на обична настинка, иако  кај грипот се обично потешки отколку кај настинката, кои вообичаено почнуваат околу 2-иот ден по изложеност на вирусот. Најчести симптоми се следниве:

температура
треска
главоболка
болки во мускулите
вртоглавица
послаб  апетит
замор
кашлица
воспалено грло
течење на носот
гадење или повраќање
малаксалост
дијареа
Времетраење

Грипот, воообичаено трае до 5 дена, по што симптомите се повлекуваат, но кашлицата и малаксалоста може да продолжат. Сите симптоми, најчесто, повлекуваат по една до две недели. Сепак, многу е важно болниот  соодветно да се лекува и контролира, бидејќи може да доведе до воспаление на белите дробови и други компликации кои се опасни по живот. Компликациите од грипот се почести кај  деца, старите лица и лицата со хронични болести.

Како да се спречи ширењето на грипот

Со примена на неколку практични чекори може да се намали веројатноста од ширење на болеста:

Миење на рацете со сапун, особено, по употреба на тоалет, по кашлање или кивање и пред јадење или приготвување на храна
Секој да користи своја чаша и прибор за јадење
Да се изолираат личностите кои имаат грип
Да се покрие устата и носот со шамивче кога се кашла или кива, а потоа се фрла шамивчето и се мијат рацете

Третман

Случаите на заболени од грип ретко бараат посебни медицински третман. Но, некои деца со хронични медицински состојби (како што се астма, дијабетес или посериозни хронични болести) или децата под 2 години, имаат поголем ризик од компликации. Некои деца со грип треба да биде хоспитализирани.
Кај одредена група на сериозно болни деца, лекарот може да  препише и антивирусен лек кој може да ја скрати болест од 1-2 дена и да ги спречи потенцијалните компликации. При тоа, овој лек е корисен само ако се даде во рок од 48 часа од почетокот на грипот. Повеќето здрави луѓе кои ќе добијат грип не треба да земаат антивирусни лекови.

Совети кои ќе им помогнат на пациентите во третманот се следниве:

Конзумирање на  многу течности за да се спречи дехидратација
Мирување
Антипиретик од типот на парацетамол или ибупрофен при фебрилност и болки (не се дава аспирин кај деца или тинејџери поради неговата поврзаност со Рејевиот синдром)
Децата кои се болни треба да останат дома, да не одат во училиште или градинка

Јавете се на лекар ако вашето дете:

има симптоми на грип
има висока температура или треска со осип
има проблеми со дишењето или брзо дишење
има сина боја на кожата
не пие доволно течности
станува  многу поспано или летаргично и
има влошување на симптомите на грип