Туморски маркери

Туморските маркери претставуваат супстанции кои ги произведуваат клетките на карциномот односно организмот ги создава како одговор на присуство на малиген процес. Мерењето на туморските маркери е помошна дијагноза во дијагностицирањето на карциномот како и неговото лекување.
Истите не се препорачуваат како примарен дијагностички параметар на малигната болест (истата мора да се дефинира со хистолошка анализа на клетките на туморската маса),а зголемени туморски маркери при позитивен патолошки наод само ја потврдуваат истата дијагноза.
Мерењето на нивото на туморските маркери како единствена дијагностичка анализа не е доволен доказ за дијагноза на карциномот поради следните причини:
-Туморските маркери може да бидат зголемени и кај лица со одредени бенигни состојби;
-Истите не се зголемени кај секое лице кое боледува од карцином, посебно во раните стадиуми;
-Многу туморски маркери не се специфични за еден посебен облик на карцином.
Затоа нивото на концентрацијата на туморскиот маркер помага во процена на големината на туморот, стадиумот на болеста, нејзиниот тек пред и после хирушки зафат како и успешноста и мониторирањето на хемотерапијата. Затоа е пожелно истите да се одредуваат пред почетокот, за време и после третманот со хемотерапија.
Намалување на нивото на туморските маркери на нормална граница обично е показател на добар одговор на терапијата а негово зголемување најчесто укажува на пораст на туморот.
ПОЕДИНЕЧНИ ВИДОВИ НА ТУМОРСКИ МАРКЕРИ
1.CEA (Карциноембрионален антиген)
Тоа е еден од првите туморски маркери кои се користеле во клиничката пракса.Спаѓа во групата на онкофетални антигени кои нормално се излачуваат во ембрионалниот и феталниот развој и истите туморската маса може да ги излачува во огромни концентрации.
Зголемени вредности на CEA може да се забележат кај разни типови карцином како меланом, лимфом, панкреа, желудник, хепар, дебело црево…посебно кога се работи за метастатски процес. Многу е корисен за контрола на текот на болеста. Имено обично 1-2 месеца после хирушкиот зафат неговите вредности се нормализираат.Затоа е пожелно да се проверува секој месец после оперативниот зафат зашто негово повторно покачување укажува на враќање на болеста.
2.AFP (Алфа-фето протеин)
Тоа е протеин кој нормално се наоѓа во феталната крв за да веднаш после раѓањето неговата вредност се нормализира и скоро е во немерливи граници.
Важен параметар е за дијагноза на хепатоцелуларниот карцином и еден од најсигурните показатели за овој вид карцином. Исто така AFP е зголемен и кај тумори на тестиси и јајници и при овие состојби истиот се зголемува рапидно и над 500 ng/ml.
3.CA 125
Тоа е антиген кој најчесто е специфичен и се користи за следење на лекувањето на карцином на јајници односно се следи терапискиот успех после завршување на лекувањето. Неговото зголемување кај жените со карцином на јајници често го следи клиничкиот тек на болеста.
4.CA 19-9
Тоа се моноклонални антитела кои во зголемена концентрација се забележуваат најчесто кај карцином на дебело црево, панкреас, желудник, односно негово зголемување се поврзува со карцином на некој внатрешен орган.
5.CA 15-3
Мерењето на овој маркер е најкорисно за следење на текот на лекувањето кај жени со карцином на дојка. Ретко е покачен во раните стадиуми на болеста, но ако станува збор за напредната фаза на болеста неговите вредности рапидно се зголемуваат.
6.PSA (простатично специфичен антиген)
Тоа е гликопротеин кој во нормална концентрација е присутен во крвта на сите возрасни мажи.Го произведуваат единствено нормалните и абнормалните клетки на простатата и ниту еден друг орган, што значи има ткивна специфичност.
Зголемени вредности на PSA може да се забележат во крвта на мажи со малигни заболувања на простата како и кај воспалителни процеси на истата (простатитис) и бенигна хиперплазија на простата. Мерењето на концентрацијата на PSA е корисно за следење на успехот на терапијата во лекувањето на карцином на простата како и контрола на враќањето на болеста после примената терапија.
Пишува: Дипл.инж.по биохемија Александра Црвенпанова

Презентациите на Манаилов и Арсовски прогласени за најдобри

На неодамна одржаниот конгрес на радиолошки технолози во Маврово , учество земаа Михајло Маноилов и Александар Арсовски радиолошки технолози од тимот на д-р Жан Митрев.
На конгресот кој имаше меѓународен карактер нашите претставници имаа две презентации :
1.„256-MSCT Step and Shoot Coronarography”
2. “MSCT- Перирадикуларна терапија“
За ова нивно излагање интересот на присутните беше голем, а потврдата за тоа е што презентациите на Манаилов и Арсовски на свечената вечера беа прогласени за најдобри.

Можев да се оперирам било каде, но знаев кој ќе го направи тоа најдобро , со две нови колена има да трчам по планините во Малешевијата

Родум од делчевското село Град , 76 годишниот Драган Стоичов му инаети и на времето и на болеста. Работниот век го поиминал во туѓина , работел се и сешто , од таа прекумерна и напорна работа ги „истрошил“ и колената. Д-р Сашо Младеновски, ортопедски хирург ја направи операцијата , при што му постави протези и сега чичко Драган е подготвен да им се врати на планините.
„ Многу сум благодарен , морав да направам операција за да можам да се вратам на секојдневните активности. Иако сум длабоко навлезен во 7-мата деценија од животот имам уште сила во мене, не се предавам . Планинарам секој ден тоа ме одржува , ми ја враќа енергијата. Работев во странство во неколку земји : Германија, Данска, Швајцарија , Франција и Белгија можев и таму да се оперирам, но се одлучив за оваа болница. Сум имал можност да видам како е во болниците на запад, овде е дури и подобро. Луѓето си ја знаат работата и се функционира беспрекорно. Не жалам за парите кои ги дадов за операцијата , пари се печалат, но здравјето никогаш. Лани ми го оперираа левото колено, сега и десното, знам дека ми се потребни само дваесетина дена и пак да биде се како порано. Како што ми кажа д-р Младеновски оваа моја болест со колената од 100 луѓе еден ја добива, к’сметот ми бил таков, јас да сум тој едниот. Имам голема доверба во тимот на д-р Митрев, пред 4 години кога никој не можеше да и помогне на мојата сопруга и кога и даваа само уште една година живот, ја донесов овде д-р Митрев ни кажа дека ќе треба да се направат 2 операции и дека се ќе биде во ред. Така и се случи, сега е во ред, жива, здрава си уживаме во наше село Град. Со душа чекам да ми заздрави коленото и пак да ги освојувам планините во моето родно место, мојата милина, убавина рајска градина. “ Ова е накусо раскажувањето и впечатоците на чичко Драган, кој е воодушевен од новата болница, како што кажа модерна, современа како да е од следниот 22-ри век .

Кога човек се бори за живот го бара најдоброто, јас одамна го најдов тоа овде во овој тим

Славчо Јакимоски 48 годинишен прилепчанец имал многу проблеми но и добиени битки со своето здравје. Роден со сериозен проблем кој се провлекувал во текот на целиот живот, но вербата и вољата прават чуда. „ Здравјето е единственото нешто кое што човек треба да го чува, тоа го води низ животот. Ако мене ме прашувате најпрофесионално за здравјето може да се погрижат во „ Филип Втори“ , бидејќи темелно ги земаат работите во раце.Тоа го прават преку научни испитувања, максимална обработката на анализите, така што вистинскиот резултат е неизбежен. Тоа е она што е најважно за пациентот, спас за случаите како мене. Овде ми го најдоа лекот , досега во „Филиоп Втори’ ми имаат направено 5 операции. Првите се кардиолошки имав проблеми со валвулите, и ете после толку години јас сум жив. Болката ми е од дамнина , уште како дете имам постојана остеопороза тоа ми е најголемиот проблем . Кардиолошките операции ми се правени пред 12 години , се чуствувам супер, но мојот организам со болеста што ја имам ги напаѓа валвулите. Со тимот на д-р Митрев заедно се бориме против неа и еве гледате добро е“.

Неправилно направената операција на десната нога на Славчо во далечната 1986 е причина што тој повторно е хоспитализиран во „Филип Втори“ . „ Коските на десната нога ми беа лошо сраснати од операцијата како дете во 1986, ногата ми е оперирана, но неуспешно. Како резултат на тоа почна да ми се намалува, и доведен бев до ситуација да не можам да одам, знаете тоа е состојба во која имам нога а неможам да одам , толку години се движев со патерици. Дојдов овде кај најдобрите за да се интервенира и двете нозе да ми се изедначат во должина за да можам да се движам самостојно. И после толку години мојот проблем конечно се реши. Во спротивно не знам како понатаму ќе функционирав. До сега не се осмелив данаправам реоперација после толку години бидејќи моите дома се плашеа да не се искомплицира нешто дополнително. Но пред 2 недели се лизнав и паднав по скали, ногата ми се скрши сакале или не мораше да се среди и ете благодарение на овие доктори сега се е во ред. Д-р Младеновски ме оперираше , но ниту еден доктор не може операцијата да ја изврши сам поединечно, ова е тимска работа во која поединецот сам е немоќен, и токму заради тоа оваа болница е совршено функционална организација. Им благодарам на сите, а мојот оптимизам и покрај лошото здравје никогаш нема да ме напушти.”

Секоја повреда и здравствен проблем покриени од тимот на д-р Митрев

Единаесети ден од почетокот на „Ракометниот камп Кирил Лазаров 7“ , лекарскиот тим на д-р Жан Митрев ги покрива сите здравствени проблеми кои ги имаат учесниците на ова големо ракометно дружење. Д-р Гоце Тошески лекарот на првата смена од кампот го изјави следното:
„ Работата со деца е прилилично одговорна и непредвидлива но секогаш интересна. Во текот на престојот во кампот нашиот тим се сретна со претежно очекувани спортски повреди од бенигнен карактер на кои одговоривме навремено. Беа третирани околу 60 деца главно поради мускулно тетивни истегнувања, набиеници кожни изгребаници поради пад при тренирање, сончаници следени со лесни главоболки.
3 деца развија температура поради горнореспираторни инфекции за кои беа покриени со терапија и текот на нивната состојба одеше лесно така што сите продолжија со редовните тренинзи по 24 часовно мирување и следење.“ Спортските повреди се најчести , но во многу помал број кога ќе се направи споредба со минатогодишниот камп. Просторијата која е адаптирана како импровизирана амбуланта, најисполнета е после вечерата. Тогаш децата доаѓаат за потребните физеотерапевтски третмани кои им помагаат во ублажувањето на проблемите кои ги здобиле во текот на тренинзите или некој застарени повреди.
Затоа што добар дел од учесниците на кампот се активни спортисти кои секојдневно имаат тренинзи во своите матични клубови. Освен спортските повреди медицинскиот тим е тука и за сите останати здравствени нарушувања. За време на тренинзите тимот е присутен на трите игралишта за да може што побрзо да реагира доколку има потреба. На кратка посета на кампот беше и медицинскиот директор на болницата д-р Тања Анѓушева со неколку свои колеги од болницата. Впечатокот на сите е ист , кампот е одлично организиран мислено е на секој детаљ.
Во текот на денот иако се одржуваат по 2 тренинзи , децата имаат доволно време и за слободни активности, друшење и забава. Со оглед на податокот дека се работи за голема бројка на деца, дисциплината е на високо ниво , за што најмногу влијае присуството на Лазаров и на тренерите бидејќи децата во нив гледаат ликови кои им служат за пример во спортот но и воопшто во животот. Комплексот на хотелот „Аквалина“ кој се наоѓа на брегот на Охридското езеро на сите учесници на кампот им нуди одлични услови за престој.

„Филип Втори“ го честиташе јубилејот на Центарот за интервентна кардиологија во Охрид

Центарот за интервентна кардиологија во Охрид вчера одбележа 10 години од првите интервенции. Д-р Тања Анѓушева медицински директор на Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ вчера во Охрид го предводеше тимот на д-р Жан Митрев кој беше дел од прославата.
Поканата беше упатена од страна на основачот и иницијаторот за изградба на Центарот д-р Никола Бакрачески. Овој Центар е единствениот кој ги работи интервентните кардиолошки процедури надвор од Скопје, со што го покрива тој регион. Одличната соработка помеѓу „Филип Втори“ како болница со огромно искуство во интервентната кардиологија и Центарот за интервентна кардиологија во Охрид постои од неговото отворање се до денес.
Кооперативноста на двете институции продолжува и во иднина преку вземната координација за помош на пациентите кои имаат кардиоваскуларни заболувања. Вработените од болницата „ Филип Втори “ им го честитаат јубилејот на охриѓани и им посакуваат многу успешни интервенции, спасени животи и воведување на нови постапки, методи и процедури кои го следат светскиот развој.

Медицинскиот тим 24 часа буден за децата од кампот на капитенот Лазаров

Втора година по ред тимот на д-р Жан Митрев се грижи за добрата здравствена состојба на децата кои се дел од кампот на најдобриот македонски ракометар на сите времиња Кирил Лазаров. На овој камп кој година ва се одржува во две смени му претходеа медицински контроли на кои беа прегледани 250 деца во болницата во Скопје и поликлиниките на „Филип Втори“ во Струмица и Битола. Првата смена започна од 17 јуни , а во неа како медицински тим присутни се д- р Гоце Тошески, физеотерапевт Анета Манасиева и медицинска сестра Јасмина Хаџи-Поповска . Тие со 24 часовен здравствен мониторинг го покриваат кампот и 120 деца колку што ги има во оваа смена. Во периодот кој помина нема некој посериозни повреди на децата, освен лесни истегнувања и мускулни грчеви. Максимално опремени според потребите за овој вид на медицинска логистика, тимот е подготвен да одговори на сите несакани повреди кои би можеле да мастанат кај децата за време на тренинзите, како и за нарушувања на здравствената состојба кои не се поврзани со физичката активност на децата.

Успешно оперирана 54 годишна мигрантка од Сирија

Тимот на ортопедските хирурзи од „Филип Втори“ изврши операција на 54 годишна жителка на Сирија. Според зборовите на доцент д-р Костантин Митев хирург- трауматолог, пациентката е примена со скршеница на скочниот зглоб која довела до изместување на зглобните површини. Направено е отворање, репозиција и остеосинтеза на коските на скочниот зглоб. Потоа ногата е исправена и поставена во ортоза. Пациентката по операцијата се опоравува успешно и веќе е вратена во кампот. Пред доаѓањето во нашата болница скршеницата на пациентката била третирана со гипс 2 недели, но состојбата не и се променила.
Хасна Салех е дел од мирантите која од февруари е сместени во транзитниот центар во Гевгелија. Таму од страна на Црвениот Крст има 24 часовно присуство на екипи за логистичка поддршка и медицинска заштита. По повредата пациентката од нивна страна била однесена во гевгелиската болница , според препораката на тамошните лекарите требало да се направи медицинска интервенција на повисоко ниво. За таа цел била транспортирана во една јавна здравствена установа во Скопје каде и по 5 часовен обид да биде примена и да се изврши потребната операција, пациентката не е прифатена.
Потоа пациентката е донесена во Специјалната болница „Филип Втори“ каде што веднаш е примена и оперирана. Црвениот Крст има долгогодишна соработка со тимот на д-р Жан Митрев и ова не е прв пациент на кој му е помогнато.