Лекари од „Филип Втори“ дел од академијата Octapharma

Лекари од „Филип Втори“ дел од академијата Octapharma

Во периодот од 14 – 15 мај во Љубана Р.Словенија, се одржа Octapharma академија. Под мотото “Bleeding Management – from theory to clinical practice” беа презентирани теми од областа на коагулацијата и практичната интерпретација на лабораториската дијагностика во случај на периоперативни хеморагии. Потоа коагулациона дијагностика и третман на хеморагии на интензивна нега, како и употреба на фактори на протромбински комплекс во клиничка пракса. На оваа академија учество од Специјалната болница „Филип Втори“ имаа и д-р Тања Анѓушева (кардиолог, одговорен лекар на одделот за интензивна нега) и д-р Елена Амбаркова Виларова (трансфузиолог).

Тренинг за прегледи на срце со компјутеризирана томографија во Будимпешта

Тренинг за прегледи на срце со компјутеризирана томографија во Будимпешта

Од 21- 24 април 2015 год во Будимпешта се одржа тренинг за прегледи на срце со компјутеризирана томографија. Под водство на д-р Пал Маурович-Хорват од Cardiac CT Academy , во соработка со фирмата Филипс се одржа тренинг со интердисциплинарен пристап со искусни клиничари, кардиолози и радиолози од оваа болница. За време на тренингот различни експерти од областа на радиологијата и кардиологијата имаа свои предавања. Тренингот овозможи и учество во изведување на КТ прегледите при што беа интерпретирани 50 случаи од страна на партиципиентите .

Во пресрет на Меѓународниот ден на трудот Ве советуваме

Како да го зачувате срцето на работното место

Во пресрет на меѓународниот ден на трудот 1 Мај , нашиот реномиран интервентен кардиолог д-р Шпенд Идризи Ви посочува неколку работи кои ќе бидат благодет за Вашето срце додека сте на Вашите работни места. И покрај извонредниот напредок на превентивната кардиологија сепак 17,3 милиони луѓе секоја година умираат од болести на срцето и крвните садови. Скоро половина од нив се во најпродуктивниот период од животот помеѓу 20 и 60 години старост. Поради тоа еден од главните акценти на Светската федерација за срце е заштита на срцето на работното место. Првенствено преку промоција на пораки за здраво срце на местото каде што секојдневно го поминуваме работниот ден.

Најголем број од нас поминуваат повеќе од половина од нашите активни часови на своите работни места. Работното место е идеално за охрабрување на однесување за здраво срце. Еве некои идеи што да направите за да имате Ваш придонес во создавањето на поздраво работно место:

Инсистирајте на околина без пушењеПобарајте ознака за забрането пушење – осигурајте го вашето работно место да биде 100% непушачка околина;Поддржете го прифаќањето на услуги за прекин на пушењето – охрабрете ги вашите вработени, колеги да им дадат помош на оние кои сакаат да престанат со пушењe

Вежбајте на работното местоВклучете физичка активност во вашиот дневен работен распоред – возете велосипед до работа ако е можно, користете скали, вежбајте или прошетајте за време на паузата и поттикнете ги и другите да го прават истото.Имајте редовни паузи за време на денот – пробајте да се истегнете или повежбате барем 5 минути, два пати дневно во текот на работното време.

Изберете здрави начини на исхранаПобарајте здрава храна во кантината на работа или побарајте здрава храна во околните ресторани. Најдете време за да ручате подалеку од работното место за да земете малку повеќе свеж воздух;

Изборете се за моменти без стрес Иако стресот не е докажан како директен ризик фактор за болести на срцето или мозочен удар, тој е поврзен со пушењето, пиењето на големи колочини алкохол и нездрава исхрана, кои што се ризик фактори за срцево заболување.

Формирајте „Здружение за здравје“ на местото каде што работите кое ќе се грижи за здрави иницијативи кои се прикладни за вашето работно место:-Воведете ден за „пешачење до работа“ или „возење велосипед до работа“-Ако на работа имате лифтови, направете кампања со наслов „Користи ги скалите“ – или охрабрете ги вработените да пешачат за време на паузите;

Во изминативе 10 години, многу бизнис компании ја препознаа важноста за здравјето на вработените и се обврзаа да ја вклучат здравствената промоција во нивната корпоративна агенда.

Сепак, не се само работодавачите оние кои треба да се мотивираат за да ги променат нивните однесувања и политики. Секој може да ја одигра својата улога во подобрување на здравјето на работното место. Здравата работна сила може да придонесе кон вкупното здравје на бизнисот на многу начин, дури и за време на економска криза.
Д-р Шпенд Идризи -интервентен кардиолог

Академик д-р Жан Митрев и најдобриoт десен бек на планетава Кирил Лазаров потпишаа договор

„Филип Втори“ стана медицински партнер на ракометниот камп „Кирил Лазаров7“

Академик д-р Жан Митрев и најдобриот ракометен стрелец на планетава Кирил Лазаров вчера ја официјализираа меѓусебната соработка. Потпишан е договор со кој Специјалната болница по хируршки болести „Филип Втори“ стана медицински партнер на првиот ракометен камп „Кирил Лазаров 7 “. Кампот го организира маркетинг агенцијата КМГ Спорт, чие заштитно лице e Лазаров.

Истиот ќе се организира од 22-28 јуни во Охрид. Идејата за кампот е на голгетерот и е со постар датум, но заради секојдневните обврски на нашиот капитен истата се реализира во оваа година. Чест и привилегија е да се работи со најдобрите и оваа соработка го верифицира токму тоа. Шампионите играаат додека не одиграат како треба ова важи во спортот, но и воопшто во животот секој од нас тежнее кон најдоброто. Поставувањето на одредени цели и нивно успешно реализирање отвара простор за нови. А успехот не е ништо друго туку невообичаено добро извршување на толку вообичаените работни обврски. Академик д-р Жан Митрев изрази задоволство што токму болницата „Филип Втори“ е дел од ова здраво дружење и едуцирање на децата во името на ракометот, со Македонецот во големата Барселона:

„Ние како институција сме почестени и горди што ќе дадеме мал придонес во овој камп од здравствена и психолошка гледна точка. Како болница имаме искуство во организирање на детски кампови, изминативе години заедно со Црвениот крст организиравме кампови за деца кои се оперирани кај нас. За нивно ресоцијализирање и за подобрување на социјалниот статус кај нивните родители. Така да сите наши ресурси ќе бидат ставени во тој поглед, за да тие деца бидат и здравствено безбедни. Ќе се обидеме со адаптирани предавања да ги едуцираме децата што значи здрава храна и здрав живот, сакаме да ги споиме здравиот дух со здравото тело. Моја лична гордост е што можам да имам некаков удел во иницијативата на Кире. Јас би додал и уште едно, а тоа е дека спортот за мене е еден вид на воспитување на младите луѓе. Сите ние сме се бавеле со некој спорт ако не сега тогаш во најмладите години и добро знаеме дека таму се стекнуваат и најдобрите другари, таму децата се социјализираат, се градат како личности независно дали потоа ќе станат врвни спортисти. Можат да станат врвни во некоја друга област. Меѓутоа принципот е ист и во спортот, сите сакаме да победуваме како и во животот меѓутоа знаеме дека добиваме и ниски удари некогаш го губиме натпреварот, но не ја губиме борбата и желбата. Спортот за мене претставува една многу важна работа бидејќи тука децата и сите индивидуи се соочуваат самите со себе, да бидат пред се самодисциплинирани за да можат да постигнат успех и за да можат врз база на тоа да се оформат и да го достигнат она што го сакаат. Уште еднаш го поздравувам Кире тој е голема гордост за Македонија“.

Знаењето за светот ни помага да успееме, а знаењето за себе да се развиваме. Акомулацијата на тоа светско како врвен планетарен спортист и лично знаење како изграден карактер, Лазаров ќе го пренесе на децата. Планирани се 120 деца учесници на кампот кои ќе бидат на возраст од 10-17 години. За соработката со д-р Митрев, најдобриот стрелец на светот изјави:
„Ќе се обидеме децата уште од мали нозе со нашиот ангажман да ги насочиме во правилно оформување на карактерот. Да им всадиме еден победнички дух и чекор по чекор да ги изградиме новите репрезентативци на Р.Македонија. Јас сум среќен и ми претставува огромна чест соработката со Академик д-р Жан Митрев и болницата „Филип Втори“ . Сигурен сум дека ќе дадат огромен придонес за развојот на овие деца со 24 часовен надзор во кампот. Оваа прилика ја користам воедно да ја честитам убавата годишнина, 15 години од постоењето на болницата „Филип Втори“, да им посакам уште многу успешни години и уште многу успешни битки со животите на луѓето“.

По потпишувањето на договорот, Лазаров на д-р Митрев му подари дрес со брјот 77 од неговиот матичен клуб, гигантот Барселона. А пак д-р Митрев нему му посвети книга чии автор е тој, во која се пренесени дел од годините кои д-р Митрев ги поминал во операциона сала со едноставно објаснување на многу компликувани случаи кои се решени, а луѓето спасени, насловена како „Кардиоваскуларни решенија“.

Во периодот кој што следи ќе се организираат систематски прегледи за децата од цела Македонија, кои ќе вклучуваат комплетен скрининг на здравствената состојба на организмот. Ова е само почеток на една плодна соработка во името на здравјето на децата.

Тимот на Филип Втори дел од симпозиумиот на трансфузиолози во Чешка

Тимот на Филип Втори дел од симпозиумиот на трансфузиолози во Чешка

На 16 и 17 април во Прага Република Чешка, се одржа 16–от Годишен NATA Симпозиум со меѓународно учество (Network for the Advancement of Patient Blood Menagment, Haemostasis and Thrombosis). На симпозиумот беа презентирани теми од страна на врвни светски експерти од областите на крводарителство и ризици асоцирани со трансфузија на крвни компоненти, оптимизирање на трансфузиската пракса, менаџмент на масивни хеморагии, третман на анемија и дефицит на железо, како и горливи прашања од областите на хемостаза и тромбоза (нови антикоагулантни лекови и вискоеластични методи – TEG и ROTEM). На симпозиумот беше презентирана и тема од Специјалната болница “ Филип Втори” – “ Postoperative use of autotransfusion drainage system in cardiac surgery patients” – д-р Елена Амбаркова Виларова (автор) д-р Тања Анѓушева, д-р Енвер Идоски, д-р Никола Христов и д-р Жан Митрев (коавтори).

Погрешната дијагноза сериозна закана за човечкиот живот

И слепото црево може да биде причина со смртни последици

Санчез Мевљида нашинка која 25 години работи и живее во Швајцарија засекогаш ке го помни Велигденските празници. Наместо дружење со пријателите и убави средби со фамилијата во Македонија, таа деновите од краткиот одмор ги поминува во борба за сопствениот живот. По барање на г-ѓа Санчез Ви ја пренесуваме нејзината голгота . Низ солзи и горчина ни раскажа за се она што и се случувало, не можејќи да поверува дека преживеа:„ Прво да се заблагодарам на оваа болница , на овие доктори кои ми го спасија животот. Мојата мака беше голема .Никогаш не сум имала посериозни проблеми со здравјето, некој тешки болести и слично. Но ова што го преживеав ќе го раскажувам секаде. За Велигден дојдов со мојот сопруг и керќичката во македонија бидејќи се насобраа неколку нерабтни денови и моите роднини беа послободни. На 4 април добив силни болки во пределот на стомакот. Не можев да ги поднесам и заминав во една болница. По направеното ЕХО и лабораторија лекарот не откри никаков проблем , ми посочи дека се работи за гасови кои ми создаваат грчеви. Ми препиша лекарства за полесно поднесување на болките. Но тие не ми поминуваа.

Седниот ден заминав во друга јавна здравствена установа. Болките во абдоменот тој доктор ми ги поврза со нарушен метаболизам заради промена на климата и патувањето од Швајцарија во Македонија. И тој ми препиша некој лекови.Од нив имав мачнини и повраќав. Ме упатија и на гинеколошки преглед сомневајќи се дека може да имам цисти кои исто така знаат да бидат болни. Му велам на докторот дека комплетен гинеколошки преглед имам направено пред 15 дена во Швајцарија со одлични резултати но тој ми вели дека цистите можеле да се формираат и за 24 часа. Со тоа ме убеди да заминам и на гинеколог. Како и што очекував се беше уредно. А, болките не ми се намалува, во меѓувреме ми се покачи телесната температура, а болките почнаа да ми се шират од стомакот кон градниот кош. Заминав во друга, овој пат приватна болница надевајќи се дека таму ќе ми посветат повеќе внимание. Но за жал погрешив и изгубив време. Добив една инфузија , ми ја пуштија за да ме освежат, седев на стол покриена со ќебе и се тресев од грозница, не можев да се стоплам,се чувствував премрзнато. Потоа заминав дома, болките максимално ме истоштија добив тахикардија која навистина ме исплаши. Сопругот ми предложи со хеликоптер да ме однесат за Швајцарија , бидејќи овде никој не ми помогна, но сето тоа не можеше да се организра така брзо. Пет дена поминав низ 4 здравствени установи, никој не можеше да открие која е вистинската причина за лошата состојба во која се наоѓаше мојот организам. Утрото на 9 април Велики Петок тахикардијата ми стана неподнослива и веднаш заминав во една приватна кардиолошка амбуланта во Бутел. По извршените прегледи доктот ме упати во Специјалната болница „Филип Втори“ . По приемот кај нас направени и се сите потребни испитувања, комплетна анализа на крвта , ЕХО и компјутерска томографија при што е дијагностицирано прснато слепо црево кое е загноено. Ненавремената операција довела до загнојување и на дел од дебелото црево. Пациентката веднаш е внесена во операциона сала .Исчистен е целиот зафатен дел, а отстрането е и парче од дебелото црево. Направени се специјални преврски со вакум за да се исчисти стомачната шуплина од гноевата содржина која се излила во стомакот со прскање на слепото црево. Абдоминалниот хирург д-р Бошко Ставревски кој ја изврши операцијата вели дека во неговата неколку децениска лекарска работа ова е трет случај на прснато слепо црево кое се наоѓа во таква атипична позиција, но и прв пациент кој со толку лоша слика и животно загрозен се уште стои на нозе. По 10 дневен престој во болницата пациентката е пуштена дома. На 22 април г-ѓа Санчез наполни 46 години додека ни раскажуваше , солзите беа посилни од неа, жали што не може да се врати дома со нејзините најмили , но во сета несреќа како што ни кажа, среќна е што е жива.

Оперативна техника „Тајрон Дејвид“ направена уште кај 2 пациенти

Петар: „Морав да се оперирам сега бидејќи сакам да бидам здрав за моето трето дете“

Зоран: „Ме лекуваа 4 месеци од астма, а јас сум имал расцепена аорта “

Едниот е Петар има 38 години родум од Прилеп, другиот е Зоран 35 години од Скопје. Двајца пациенти со убави години и лоша дијагноза, аневризма на аорта. Нив ги поврзува и болеста но и оперативната метода по која животите им беа спасени, т.н „Тајрон Дејвид“. Но, да тргнеме по ред. Петар за својот проблем знаел уште од пред 14 години, чекал вистинско време за да го реши. Аневризма е проширување на димензиите на аортата кое што обично настанува како резултат на генетска предиспозиција. Се работи за сврзното ткиво што се наоѓа на ѕидот на аортата, има промени и осетливо е на високиот притисок . Кога настанува висок притисок при испумпувањето на крвта доаѓа до проширување наречено дилатација на аортата. Место каде што најчесто настанува тоа проширување е аортниот корен, односно делот од каде што аортата излегува од срцето. Сите овие години на Петар внимателно , со редовни прегледи следени се димензиите на проширувањето на коренот. Бидејќи истите можат да се толерираат до одредена големина, а потоа операцијата е неминовна.

Тој вели : “ Во сета оваа несреќа можам да кажам дека имав и среќа со тоа што го открив проблемот на време и на времено почнав да бидам третиран, со цел да го намалам притисокот и срцевиот ритам . Четиринаесет години живеев со чувство дека еден ден ќе дојде моментот кога ќе треба да се направи таа тешка операција, но исто така и 14 години имав време да размислам каде и кој ќе ја прави операцијата, дали ке биде во Македонија или во странство. Во текот на тие години формирав семејство се родија близначиња момче и девојче, напредував на професионален план, се случија многу нешта кои се составен дел на животот кој го прават и убав и тежок. Бескрајна благодарност до д-р Борка Георгиева која беше со мене и мојот проблем , ме следеше сите овие години. Дојде долго очекуваниот момент како што тоа најчесто во животот и се случува , тогаш кога е најтешко. Не случајно одлучив операцијата да ја направам сега бидејќи за околу 2 месеци ќе станам татко по трети пат. Д-р Тања Анѓушева ме охрабри дека тоа треба да се случи пред да се роди детето, бидејќи нема ништо поубаво од чувството да го држам моето чедо во прегратка, и благодарам за секој збор . Специјалната болница „Филип Втори“ и д-р Жан Митрев беа мојата одлука, заради многу причини. Кога одев кон операцината сала само едно прашање ме мачеше – Дали ова морам сега да го направам или можев да го пролонгирам, бидејќи немав дисекција однсно расцепување на аортата. Операцијата траеше 5 часа и еве сум жив, сега и потполно здрав. Животот ми го продолжија овде, багодарам за се.“

Приказната на Зоран е поинаква. За разлика од Петар , тој имал симптоми кои лекарот од една друга институција го навеле да размислува дека се работи за астма. Со таа дијагноза е лекуван 4 месеци. Еве дел од раскажувањето на Зоран: „ Четири месеци ме лекуваа од погрешно поставена дијагноза. Немав никакви подобрувања, состојбата ми се влошуваше. Се доведов во ситуација да не можам да изодам 100 метри, од дома до мојот автомобил, заморот беше неподнослив. Тогаш ми направија рентген снимка на градите и најверојатно видоа дека нешто не е во ред со моето срце, не знам, не знам што точно се случуваше. Не верував дека имам таков проблем мислев дека астмата е виновна за моите маки. Ми беше кажано дека имам проширување на аортата со големина од 6 см во истата болница во која ме лекуваа од астма. Сакав уште една консултација, стручно мислење , дојдов во „Филип Втори“. По прегледот д-р Анѓушева ми објасни за мојот проблем, бев шокиран од информацијата. Јас кој живеам здраво спортувам, мене да ми се случи нешто толку сериозно. Морав под итно да влезам во операцина сала. Следуваше уште еден шок .Не само што имав проширување на аортата и тоа не со првичните димензии од 6 см туку од 8,8 см, јас имав и расцепување на аортата. Премногу сериозно, страшно звучеше сето тоа , но беше вистина ,моја вистина. Операцијата заврши добро, голема благодарност до тимот на д-р Митрев , но и на луѓето од МА ГАМИНГ ДООЕЛ“, вечно ќе им бид ам благодарен.

Според објаснувањето на д-р Анѓушева кај Зоран е дијагностицирана аневризма со дисекција односно расцепување , откинување , одлепување на внатрешниот слој кој се вика интима на аортата, од останантите слоеви, од мускулниот слој и сврзното ткиво. При што настанува крварење , ѕидот се истенчува, и постои опасност таа аорта да пукне. Кај Зоран е констатирано расцепување на ендотелот на интимата, одлепување кое што почнува од ниво на самите залистоци продолжува нагоре кон лакот на аортата, дури и во местата каде што се одвојуваат големите крвни садови за главата и горниот дел од телото.Тоа претставува животно загрозувачка состојба. Единствен начин на лекување на оваа состојба е оперативното лекување каде што во суштина се врши замена на проширениот односно, на раскинатиот дел на аортата со полиуретанска цевка . Но кога се однесува на аортната валвула постојат различни техники. Истата може да биде заменета со механичка протеза, може и со биолошка протеза, но ако залистоците на самата валвула се уредни тогаш се прави специјална техника која се нарекува Тајрон Дејвид според авторот што ја изумил . Се одвојуваат залистоци од местото каде се сместени од природниот аортен прстен, се скројуваат и потоа се врградуваат во протезата која ја заменува аортата. Следниот чекор е нивно зашивање на аортниот корен на излезиштето од левата комора каде што и природно излегува аортата.Предноста на овој метод е што немаме вештачко ткиво на валвулата, нема потреба од антикоагулантна терапија, нема појава на сили на триење од вештачкото ткиво и крвните елементи, црвените крвни зрнца и тромбоцитните клетки остануваат во нормална состојба и функција. Оваа операција и оваа техника е многу сложена, бара врвна стручност од хирургот кој ја изведува истата . Во светот постојат мал број на медицински центри кои се какрактеристични по тоа што реализираат голем волумен на ваков тип операциии . Во „Филип Втори“ направени се околу 340 операции според „Тајрон Дејвд“ во овие 15 години .И она што е најважно , со добар исход по пациентите после операција.

Влијание на „Слип апнеа“ синдром врз појава на дијабетес мелитус тип 2

Влијание на „Слип апнеа“ синдром врз појава на дијабетес мелитус тип 2

Модерниот начин на живот во голема мера влијае на модифицирање на навиките за спиење. Времетраењето на периодот поминат во спиење со тек на децениите се скратувал од 8 на 6,5 часови во просек. Работењето во смени , патувањето во различни временски зони, недоволното време поминато во спиење се фактори кои водат кон пореметување на циркадијаниот ритам и дисинхронизираност на главната хипоталамично-хипофизна оска.

Слип апнеа означува престанок на дишење кое е со кратко времетраење во текот на сонот (10, 20 секунди). По што оној кој има проблем почнува да се бори во сонот за воздух. Тој циклус трае еден период но може и цела ноќ, а оној што го има проблемот не е свесен за тоа. Слип апнеа е синдром кој се јавува кај 4 – 15% од популацијата, поврзан не само со пореметување на спиењето, туку и со повторувачки падови на сатурацијата на хемоглобинот со кислород во тек на спиењето. Епидемиолошките студии го идентифицирале пореметеното спиење и како индивидуален ризик фактор за кардиоваскуларниот морбидитет и морталитет.

Пореметувањето на спиењето многу често е поврзано со пореметената гликорегулација ,поточно со метаболниот синдром и дијабет од типот 2. До овие сознанија е дојдено во тек на истражувањата правени со цел да се утврди поврзаноста помеѓу метаболните нарушувањеа и слип апна синдромот.Утврдена е поврзаност помеѓу неадекватниот квалитет на спиењето со гликозната интолеранција, инсулинската резистенција и дисфункција на Бета клетките во Лангерхансовите островца на панкреасот. Секако тука е земена в предвид и улогата на хипоталамично-хипофизарно-надбубрежна оска и нејзиното влијание на пореметување во метаболизмот на маснотиите, активацијата на симпатичкиот нервен систем и оксидативниот стрес на ткивата .Во тек на овие истражувања доједено е до заклучок дека постои адиционална поврзаност помеѓу слип апнеа синдром , интермитентната хипоксија, нарушувањето на спиењето и патогенезата на дијабет мелитус од типот 2.