Да подариме добрина

Да подариме добрина

Има ли поголема добрина од тоа да му се помогне на човека кога помошта му е најпотребна? Да му се понуди шанса за поквалитетен живот, тогаш кога судбината си поиграла на безмилосен начин? Деновиве, специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори”, прими за оперативен зафат млада пациентка од заводот за рехабилитација “Бања Банско”, со цел да се изврши ортопедска интервенција со која на оваа млада личност ќе и́ се понуди можност да стапне на своите стапала на еден природен начин. Покажувајќи ја хуманоста на дело, целокупните трошоци за нејзиниот престој се покриени од ПЗУ “Филип Втори”. Сочувствувајќи со нејзината судбина, како персонал се обидовме престојот во болничкиот амбиент да и́ го направиме што попријатен, да се радуваме и восхитуваме на нејзината ведрина и насмевка, да ја разбереме и нејзината тага во душата и да се воодушевуваме на нејзината желба за живот понатаму. На заминување ја испративме со подарок, а со свој придонес кон ова добро дело се вклучи и Црвениот крст на град Скопје, кој исто така и́ подари корисни работи. Од срце, и́ посакуваме многу здравје и многу насмевки во животот и и́ благодариме што не́ потсети за смислата на животот и неговата бесценета вредност.

Интервентно затворање на ПФО кај пациенти со рефракторна мигрена со аура

Интервентно затворање на ПФО кај пациенти со рефракторна мигрена со аура

Според последните резултати презентирани на 16ти Септември на ТЦТ 2014 во Вашингтон од студијата наречена ПРИМА, затворањето на патент фораменовале (ПФО) може значително да ги намали мигренозните главоболки кај пациенти споредено со медикаментозна терапија. Студијата беше спроведена со цел да се пронајдат нови средства за олеснување на мигренозните главоболки кои погодуваат околу 55 милиони пациенти низ САД и Европа. Од скоро, затворање на ПФО се поврзува со висока стапка на решавање на инцидентна мигрена водејќи до хипотеза дека десно-левшант на хемиски или физички тригеринајвероватно ја влошуваат оваа хронична состојба.

Главната цел во оваа студија беше намалувањето на трањето на мигрената сметано во денови по една година. Вклучени беа 107 пациенти и рандомизирани во група во која било изведено интеврентно перкутано затворање на ПФО (n=53) и група во која се користело медикаментозна терапија (n=54). По 12 месеци, 40 пациенти од првата и 43 пациенти од втората група го завршиле следењето. Резултатите покажале намалување на времетрањето на мигрена на -2,9 дена во групата со интервенција и -1,7 дена во медикаментозната група , додека пак кај пациентите со мигрена со аура намалувањето било за -2,4 дена во првата група и -0,6 во групата само со медикаментозен третман.Авторите на студијата заклучуваат дека интервентно затворање на ПФО може да е безбедно и кај 40% од пациентите тежината на главоболките може да се намали за повеќе од 50%. Кај 10 % од пациентите може да се постигне целосно отстранување на главоболките , а кај 40% од пациентите со мигрена со аура може да се постигне целосно отстранување на тегобите.

Одржана уште една работна средба на научниот клуб за 2014 година

Одржана уште една работна средба на научниот клуб за 2014 година

Во рамките на научниот клуб, кој се одржа на 22.10.2014 година во специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори” имавме можност да чуеме две презентации од наши колеги. Со свои предавања, овојпат се претставија д-р Планинка Зафировска која одржа предавање на тема “Новите упатства (guidelines) во третманот на атријална фибрилација” и д-р Марко Ѓоргон со предавање на тема “Mониторинг на срце и васкуларен систем – хемодинамикa”.

Во овие излагања беа презентирани новините воведени во последните гајдлајнси, како и техниките и начините според кои истите се спроведуваат во рамки на СБХБ “Филип Втори”. Во делот за дискусија беа покренати многу прашања околу оваа метода. На овој начин како вработени во СБХБ “Филип Втори” се трудиме постојано да се усовршуваме и да работиме според последните трендови.

Спасувачка операција на десна нога- приказ на случај

Спасувачка операција на десна нога- приказ на случај

Млад пациент на 47- годишна возраст примен во СБХБ “Филип Втори” со изразена болка во десното стопало при минимален напор и во мирување. При прегледот е установено бледа и марморизирана потколеница и десно стопало, на палпација ладно стопало и потколеница десно и не се палпираат пулсации. Пациентот е пушач со хиперлипидемија. Поради гангрена, ампутирана е левата потколеница.Во СБХБ “Филип Втори” направениот ехографски преглед верифицира 100% запушување на a. popliteа lat.dex. скоро по цела должина. Потколенична артериска циркулација се прикажа оскудна од колатерали. Веднаш направен е 64 МСКТ ангиографија на абдоменална аорта со долни екстремитети по протокол со постпроцесинг анализи по стандарди, кој го потврди ехографскиот наод 100% запушување на a. popliteа lat.dex. скоро по цела должина. Потколеничната артериска циркулација се прикажа сосема оскудна од колатерали.

МСКТ СЛИКА ПРЕДОПЕРАТИВНО ( слика 1 )

Индицирана е итна (спасувачка) операција на крвните садови на десната нога. После соодветна предоперативна подготовка, направено е поплитеално (I сегмент) премостување кон a.dorsalis pedis dex. со сегмент од десна автологна вена сафена.Постоперативно, пациентот е хемодинамски и ритмички стабилен, со топла и комплетно сочувана функција на десната нога. Направена е контролна постоперативна 64 МСКТ ангиографија на абдоменална аорта со долни екстремитети по протокол со постпроцесинг анализи по стандарди со уреден проток низ васкуларната протеза со автологна вена низ поплитео- круралното премостување десно.

МСКТ СЛИКА ПОСТОПЕРАТИВНО (слика 2)

Првиот постоперативен ден пациентот е самостојно мобилизиран. Пациентот првиот постоперативен ден е пуштен дома.На контролниот преглед, пациентот се чувствува одлично, пешачи со уреден Доплер наод низ васкуларната протеза со автологна вена на поплитео- круралното премостување десно.

Бехтерева болест- приказ на случај

Бехтерева болест- приказ на случај

Анкилозирачкиот спондилитис (Бехтерева болест) е хронична, прогресивна воспалителна болест на локомоторниот систем. Се шири низ сите зглобови, лигаменти и други сврзни формации на р’бетниот столб. Оваа болест е сериозен предизвик за анестезиологот, затоа што кај овие пациенти се очекува потенцијално тежок дишен пат, кардио и респираторни компликации, а лековите што се користат за обезболување и контрола на болеста можат да предизвикаат невролошки промени во пери-оперативниот период .

Опишуваме пациент на 62- годишна возраст, ТТ 75кг и ТВ 160 цм, што долго време е заболен од анкилозирачки спондилитис (Бехтерева болест). Дг. Скршеница на вратот на левиот колк, примен за вградување на ендопротеза. Пациентот претходно е одбиен од две медицински установи поради неможност за водење анестезија. Покрај постоечката болест, пациентот од останати коморбидитети има хипертензија и дијабет тип 2. Во предоперативниот анестезиолошки преглед на пациентот му беше предложено да се води спинална анестезија, затоа што општата анестезија е поврзана со голем број компликации заради тешката или невозможната интубација (одржување дишен пат). Пациентот беше поставен на стандарден неинвазивен мониторинг и во лежечка странична положба. Се користеше игла 22G и 4мл 0,75% Ropivacain. Средишниот пристап за спинална анестезија беше неуспешен, но латералниот пристап беше успешен. Се постигна моторен и сензитивен блок. Стандардна антибиотска профилакса. Немаше потреба од интервенција за одржување на дишниот пат, иако опремата беше на располагање. Пациентот беше отпуштен за 7 дена во добра општа состојба.

IV Конгрес по трансфузиона медицина на Република Македонија

IV Конгрес по трансфузиона медицина на Република Македонија

Од 09- ти до 11- ти октомври, во Скопје, се одржа IV- иот Конгрес по трансфузиона медицина на Република Македонија со меѓународно учество. Свеченото отворање на конгресот беше во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, а учесниците беа поздравени од Претседателот на Република Македонија Др. Ѓорге Иванов, кој и самиот е доброволен крводарител.

На конгресот беа презентирани повеќе теми од областа на организацијата во трансфузиолошките служби, унапредување на крводарителството, хемовигилност, имунохематологијата, дијагноза, терапија и превенција на тромбемболиски и хеморагични заболувања и трансплантационата медицина. Предавањата од домашни и странски експерти во соодветните области од трансфузионата медицина беа следени со конструктивна дискусија и размена на искуства меѓу учесниците. На овој конгрес со темата “Тромбопрофилакса со rivaroxaban кај пациенти после тотална артропластика на колк и колено”, зема учество и др. Елена Амбаркова- Виларова, специјалист трансфузиолог во Специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори”. Овој труд беше награден за најдобра постер презентација од страна на научниот одбор на конгресот.

Едукативна посета на Институтот за Кардиоваскуларни болести- Братислава, Р.Словачка

Едукативна посета на Институтот за Кардиоваскуларни болести- Братислава, Р.Словачка

Во периодот од 21- ви Септември до 27- ми Септември 2014 година, Др. Никола Лазовски – хирург, Др. Ѕвонко Атанасов – радиолог и Др. Иван Милев – кардиолог, престојуваа кај Проф. Др. Иван Вулев – шеф на Одделот за Интервентна Радиологија при Националниот Институт за Кардиоваскуларни болести во Братислава, Р.Словачка, запознавајќи се со нивната секојдневна работа.

Таму имаа прилика да присуствуваат на изведување на голем број разновидни ендоваскуларни интервентни процедури како што се:- Перкутана имплантација на стент графтови на торакална и абдоминална аорта (при дисекции, аневризми, руптурирани торако-абдоминални аневризми, Chimney техника).- ПТА/стентирање на периферни и висцерални артерии (ренални, горна мезентерична и целијачно стебло) – ПТА/стентирање на каротидни, вертебрални и церебрални артерии- Имплантација/експлантација на вена кава филтри- ПТА на стенозирани/оклудирани АВ фистули кај дијализни пациенти- Перкутани тромбектомии со AngioJet, Jetstream, тромболиза (rTPA)- Coil-ирање на церебрални аневризми- Церебрални стент–тромбектомии при акутни ЦВИ (stroke центар)

ПЗУ Филип Втори настојува да обезбеди стручно и научно усовршување на медицинскиот персонал преку континуираната едукација и стекнувањето на нови знаења и вештини.

Незарасната скршеница

Незарасната скршеница (псеудоартроза) на подлактица кај дете- приказ на случај

Дете на 9-годишна возраст се јавува на преглед поради деформитет на десна подлактица и ограничени и болни движења во рачниот зглоб и лактот. Пред две години, детето е оперирано во друга установа поради скршеница на подлактицата каде е направена интрамедуларна остеосинтеза на двете коски на подлактицата. После вадење на остеосинтетскиот материјал настанало искривување на подлактицата и незараснување на скршеницата на едната коска.

Предоперативно

Детето е оперирано во општа анестезија, направена е корективна остеотомија на радијалната коска на подлактицата, отворена репозиција, спонгиопластика, автологна трансплантација на коскена срцевина и остеосинтеза со компресивна блокирачка плочка.

Интраоперативно

Постоперативно

Постоперативно,раката имобилизирана во гипсена ракавица 4 недели. После вадење на гипсот, подлактицата на детето исправена и упатено на физикална терапија запонатамошна рехабилитација на двата соседни зглоба.
Детето се чувствува одлично и ги извршува секојдневните активности безболно и без ограничување во соседните зглобови.