Незарасната скршеница

Незарасната скршеница (псеудоартроза) на подлактица кај дете- приказ на случај

Дете на 9-годишна возраст се јавува на преглед поради деформитет на десна подлактица и ограничени и болни движења во рачниот зглоб и лактот. Пред две години, детето е оперирано во друга установа поради скршеница на подлактицата каде е направена интрамедуларна остеосинтеза на двете коски на подлактицата. После вадење на остеосинтетскиот материјал настанало искривување на подлактицата и незараснување на скршеницата на едната коска.

Предоперативно

Детето е оперирано во општа анестезија, направена е корективна остеотомија на радијалната коска на подлактицата, отворена репозиција, спонгиопластика, автологна трансплантација на коскена срцевина и остеосинтеза со компресивна блокирачка плочка.

Интраоперативно

Постоперативно

Постоперативно,раката имобилизирана во гипсена ракавица 4 недели. После вадење на гипсот, подлактицата на детето исправена и упатено на физикална терапија запонатамошна рехабилитација на двата соседни зглоба.
Детето се чувствува одлично и ги извршува секојдневните активности безболно и без ограничување во соседните зглобови.

Синдром на скршено срце- Broken Heart Syndrome

Синдром на скршено срце- Broken Heart Syndrome

Синдромот на скршено срце за прв пат е опишан во Јапонија во 1990 година. Овој синдром честопати се нарекува и стрес индуцирана кардиомиопатија или takotsubo кардиомиопатија. Причината за појавата на овој синдром е екстремен емоционален или физички стрес, кој води до изразена, но честопати краткотрајна срцева слабост. Најчесто се работи за претходно комплетно здрави индивидуи. Стресови асоцирани со појавата на оваа кардиомиопатија се тешки болести, хируршки процедури, астматичен напад, коронарен стрес тест, сообраќајна незгода, неочекуван губиток на блиска личност, интензивен страв, јавен настап, неочекувана вест, природни катастрофи и сл. Овој синдром процентуално е позастапен помеѓу женската популација, отколку кај машката. Студиите покажале дека жените во климактериум се поизложени на ризикот од настанување на овој синдром поради намаленото ниво на естрогени хормони во крвта. Точниот механизам на настанување на овој синдром не е докрај разјаснет, но сепак, во основата лежи ексцесивна продукција на хормоните на стресот како што е адреналинот во краток временски интервал. Основен симптом е болка во градите и отежнато дишење. На ЕКГ се среќава СТ сегмент елевација, покачено ниво на срцеви маркери во крвта и апикална акинезија со апикално балонирање на левата комора за време на систола, како ехокардиографски наод со изглед на такотсубо или јапонски сад за ловење на октоподи од каде што доаѓа името на овој синдром.

Честопати овој синдром некои доктори погрешно го дијагностицираат и третираат како акутен коронарен синдром поради сличните симптоми и резултати од крвните анализи. Разлика помеѓу овој синдром и акутниот коронарен синдром е брзиот пик на срцевите маркери кои пократко се задржуваат покачени во крвта, и наодот од коронарната ангиографија кој не дава податок за запушување на крвни садови на срцето . Кај повеќето од луѓето има брзо и целосно опоравување, ако навреме се дијагностицира и правилно лекува.

Корекција на pectus excavatum

Корекција на pectus excavatum

Pectus excavatum е латински термин кој во превод значи “вдлабнат граден кош”. Вдлабнат стернум (градна коска), може да постои при самото раѓање или да се деформира покасно, најчесто за време на пубертетот. Околу 37% од пациентите со pectus excavatum најчесто имаат блиска роднина со истата патологија што укажува на генетска предиспозиција. Pectus excavatum е најчеста аномалија на предниот ѕид на градниот кош кај деца. Во најтешките случаи, деформитетот може да ја поремети работата на срцето и на белите дробови. Во полесни случаи предизвикува естетски проблем. Некои од пациентите избегнуваат активности, како што е пливањето.

Пациентите со тешка форма на pectus excavatum можат да имаат тешкотии со дишењето и градни болки. Можно е да биде потребна хируршка интервенција за да се превенираат абнормалности на работата на срцето и на белите дробови. Покрај клиничката слика, за дијагностички цели се користи рентген и компјутеризирана томографија за да се создаде слика од внатрешните структури на градниот кош. Тие се користат за да се измери тежината на деформитетот. Хируршката интервенција која се користи за корекција на овој тип на деформитет, може да биде инвазивна или минимално инвазивна

Во нашата болница, во рутина се користи минимално инвазивна хирургија позната како Nuss процедура. Оваа процедура е развиена во 1980-те години. Се состои од два мали реза од двете страни на градниот кош, на висина на мамилите. После тоа, следи протнување на претходно лесно обликуван коректор пектус бар и негова ротација откако ќе се позиционира под градната коска и коскените р’скавици. Тоа доведува до последователна корекција на градната коска. Се пласираат два стабилизатори по еден од секоја страна и истите се фиксираат за околните ткива. Со оваа техника не е потребно сечење или отстранување на коскената р’скавица. Резовите се затвораат со внатрешно шиење на кожата. Металниот пектус бар, обично, се отстранува околу една година после интервенцијата. Дотогаш се очекува корекцијата да биде перманентна. Процедурата е најефикасна кај деца, каде што коските и р’скавицата сеуште растат, но може да се изведе и кај возрасни пациенти. На 21.08.2014 во нашата болница е примен 30 годишен пациент со дијагноза Pectus infnndibuliforme. Пациентот се одлучил за нашата установа следејќи ја нашата интернет страна. Здравствениот проблем не можел да си го реши во Англија (земјата од каде потекнува) ниту пак во Италија каде што моментално работи поради не постоење на адекватни центри, но и поради екстремно високата цена на третманот. По соодветна подготовна кај пациентот е извршена минимално инвазивна корекција на деформитетот на градниот кош по методата на Nuss како што е опишано во претходниот текст. Поради специфичноста на случајот, пациентот започна со рана физиотерапија и мобилизација. Во одлична здравствена состојба пациентот беше отпуштен дома по 6 дена од интервенцијата. Посебна чест ни е што овој пациент изрази желба да даде интервју на Македонската Радио Телевизија за неговата животна приказна.

Клиничка микробиологија

Клиничка микробиологија

Клиничката микробиологија претставува една од поновите гранки на медицината, а се занимава со превенција, дијагноза и третман на инфективните заболувања. Микробиологијата ги проучува особините на патогените, начините на нивно пренесување, механизмите на настанување на инфекција, како и осетливоста и механизмите на настанување на резистенција кон антимикробните средства. Клиничките микробиолози проследуваат многу важни информации до лекарите – клиничари како тие би донеле правилна одлука околу дијагнозата и потребата одантибиотски третман на пациентите.Улогата на микробиологијата во медицината најдобро ја дефинираат зборовите на италијанскиот историчар на медицина и универзитетски професор – Arturo Castiglioni од 1925 година „Почетокот на разбирањето на микробиологијата претставува не само создавање на нова медицинска гранка , туку и пресврт во содржината на лекарските мисли. Историјата на бактериологијата е јадро на историјата на медицината на новата доба.“

Во исто време клиничката микробиологија има значајна улога во програмата за контрола на болнички инфекции.Се следи зачестеноста на одредени причинители на инфекции и состојбата на отпорност на микроорганизмите кон антимикробните средства, како и надзор на болничката хигиена и процесите на дезинфекција и стерилизација. Огромен придонесво контролата на болничките инфекции има креирањето на добрата антимикробна политика, која подразбира разумна и рационална употреба на антибиотиците заради спречување на неконтролирана резистенција на микроорганизмите предизвикана од нерационална примена на антибиотици.Покрај соработката со клиничките служби, микробиолошката лабораторија во Филип Втори се труди да ги следи во чекор актуелните стандарди и да врши постојана проверка на својата работа, потврдена од овластени институции.

Mеѓународен конгрес на анестезиолозите на Р. Македонија

Mеѓународен конгрес на анестезиолозите на Р. Македонија

Во периодот од 2- ри до 5- ти Октомври 2014 година, во Охрид, се одржа петтиот меѓународен конгрес на анестезиолозите на Македонија. На овој научен собир што го организира Здружението за анестезиологија, реанимација и интензивна нега земаа учество професори, познати лекари, анестезиолози од Македонија и неколку европски земји.

На конгресот како поканети предавачи од нашата установа учествуваа: Академик Др. Жан Митрев (Cardiovascular surgery-current concepts), Асс. Др. Тања Анѓушева (Invasive procedures in Intensive Care Unit), Асс. Др. Емил Стоицовски (Endobronchial blockers in thoracic surgery) и с. Весна Наумоска од СБХ Филип Втори. Посебен интерес кај присутните предизвика работилницата за перкутана трахеотомија, на која беше демонстрирана техниката на пласирање на трахеостомска канила кај пациенти на интензивна нега. Во делот на постер презентации специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори” се претстави со три постери: Др.Марко Ѓоргон “Midazolam-Ketamine versus Midazolam-Propofol за амбулантски анестезии”; Др.Дијана Попевски “Cardiovascular outcomes using intra-aortic ballon pump in acute myocardial infarction with or without cardiogenic shock “ и Др.Емил Стоицовски ”Употреба на церебрална оксиметрија кај тромбендаректомија на каротидна артерија”.Награден беше постерот на Др. Дијана Попевски (специјализант на СБХ Филип Втори) “Cardiovascular outcomes using intra-aortic ballon pump in acute myocardial infarction with or without cardiogenic shock “.

ТРЕТО ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНА ХИРУРГИЈА НА Р. МАКЕДОНИЈА

ТРЕТО ГОДИШНО СОБРАНИЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА КАРДИОВАСКУЛАРНА ХИРУРГИЈА НА Р. МАКЕДОНИЈА

ТЕМА „АКУТНА БУБРЕЖНА ИНСУФИЦИЕНЦИЈА НА ОДДЕЛИТЕ ЗА ИНТЕНЗИВНО ЛЕКУВАЊЕ“На 23.09.2014 година во хотелот Александар Палас во Скопје, во рамките на третото собрание на Здружението за кардиоваскуларна хирургија на Република Македонија, врвни лекари од Македонија и странство дебатираа на тема „Акутна бубрежна инсуфициенција на одделите за интензивно лекување“.

По свеченето отворање и воведниот говор на претседателот на здружението, академик др. Жан Митрев, беше преставен специјалниот гостин од Германија, др. Каи Харенски, директор на болницата Baxter – Gambro во Минхен. Академик др. Жан Митрев му додели сертификат за почесен член на здружението за кардиоваскуларна хирургија на Македонија за 2014 година на др. Харенски, за неговото залагање и работа во третманот на АБИ.

Преку своите презентации на тема „KDIGO“ и „Renal Replacement and Health Economic“, Др. Каи ги престави досегашните светски резултати за акутна бубрежна инсуфициенција, нејзината застапеност, најчестите причини за појава како и достапните третмани за истата. Особено се обрна внимание на економската страна на третманот и можностите за негово намалување.

Во вториот дел од собирот, свое стручно предавање имаа:- асс. др. Тања Анѓушева, „Третман на пациенти со АБИ на единиците за интензивна нега“- науч. Сор. Звездана Петронијевиќ, „Кардио-ренален синдром во единица на интензивна нефролошка нега“- др. Маја Мојсова – Мијовска, „Превенција на АБИ на единиците за интензивно лекување“- прим. др. Љубинко Трпеноски, „Акутна бубрежна инсуфициенција во здравствениот систем на Република Македонија“

На собирот уште еднаш се потврди дека превенцијата на АБИ како и нејзиниот соодветен навремен третман треба да бидат дел од стандартите за работа на одделите за интензивно лекување, со цел намалување на компликации, смртност и економски трошоци.

Kонгрес за медицински лаборанти

Kонгрес за медицински лаборанти

Од 02 – 05.10.2014 година, во Охрид, се одржа меѓународен конгрес на медицински лаборанти и санитарни техничари.

Биохемиската лабораторија на специјалната болница по хируршки болести “Филип Втори” учествуваше со постер презентација на тема ”Тропонинот како златен стандард во дијагностиката на акутен миокарден инфаркт”, која ја претстави лаб. техн. Билјана Максимовска. Особена чест ни е што нашиот постер беше награден со златна плакета за најдобра постер презентација.Овие средби беа одлична можност за размена на искуствата од областа на лабораториската пракса со колегите од земјата и регионот.

СТУДЕНТИ ОД МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО САМАРА, ВО ПОСЕТА НА ФИЛИП ВТОРИ

СТУДЕНТИ ОД МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО САМАРА, РУСИЈА, ВО ПОСЕТА НА ФИЛИП ВТОРИ

Како и во изминатите години, така и оваа година Специјалната Болница „Филип Втори“ беше домаќин на група студенти од медицинскиот факултет во Самара, Русија. Преку нивната студиска размена со Универзитетот Гоце Делчев, во периодот од 04 до 12 Август 2014 година, 10 студенти по медицина и еден професор имаа можност да ја посетат болницата. Во рамките на предвидената научно-наставна пракса, студентите се запознаа со работата на болницата, начинот на организација, комплетната дијагностика на пациентите, како и со оперативните техники при извршување на кардиоваскуларни и други типови операции.

Студентите во знак на благодарност на болницата и подарија потпишана слика од нивниот град.