CSI Focus workshop imaging (iCi)- Франкфурт

CSI Focus workshop imaging (iCi)- Франкфурт

На 25.06.2014 година во Франкфурт, Германија, беше одржан традиционалниот симпозиум насловен CSI Focus workshop imaging (iCi), како увертира на CSI (конгенитални и структурни интервенции) на кој беа претставени дијагностичките процедури кои се изведуваат пред или за време на интервентните процедури на структурните или вродените маани на срцето. Во рамките на континуираната медицинска едукациј, Специјалната Болница за хируршки болести “Филип Втори” беше претставена од страна на др. Иван Милев, кардиолог, координатор на Ургентниот Дијагностички Центар, кој настапи со свој приказ на случај: “Transcatheter closure of giant coronary fistula in 22 old male patient with dyspnea”, кој беше третиран во “Филип Втори” пред неколку месеци.

На семинарот беа присутни околу 800 учесници од сите земји на светот (повеќе од 60 држави) и од сите континенти. Всушност, CSI е еден од најзначајните собири на интервентните кардиолози, педијатри и радиолози кои ги вршат овие интервенции. Беа обработувани теми од типот на улогата на магнетната резонанца како водич при срцевите интервенции, 3Д трансезофагеалната ехокардиографија, васкуларниот ултразвук, ротациската ангиографија со 3Д реконструкциите, како и новите технолошки достигнувања на имиџинг технологиите. Исто така, беа одржани повеќе работилници во мали групи со специфични комбинирани теми од горенаведените области, а предавачи беа еминентни професори од најреномираните факултети од САД и Европа.Во целина, одличен настан, кој веќе традиционално се одржува 18-та година по ред, на кој се презентираат многу иновативни техники, кои потоа постепено се шират по повеке центри во светот во кои се вршат интервенции на структурните и вродените срцеви маани.

Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница

Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница

Секоја година EUROPE BUSINESS ASSEMBLY, http://www.summitofleaders.co.uk/, прогласува најдобра здравствена установа со најдобар менаџер, како и најдобар велнес центар на територијата на Европа и Блискиот исток.

Изборот на номинирани установи и менаџери се прави од страна на European Market Research Centre (Белгија), Baden-Vurtennberg Export Academy (Германија), the Association of Consultants and Marketologists (Република Чешка), the Institute of Quality Standards (Швајцарија) според следниве критериуми:- Eлоквентност и стручност на персоналот- Мултидисциплинарни медицински служби- Национални и интернационални акредитации- Научно истаржувачка работа- Модерна медицинска опрема- Писма на задоволство од пациентите- Ефективност, фокусирање кон пациентите и нивното задоволство и процес на безбеден третман. – Примена на нови методи и технологии

Во тек на два работни дена лидерите на многу еминентни центри од областа на здравството и велнест медицината ги прикажаа своите просторни капацитети, начин на работа и организираност.Оваа година EUROPE BUSINESS ASSEMBLY и Сократ комитетот , престижната интернационална награда од областа на здравството “ Најдобар здравствен менаџер и најдобра болница” ја додели на Академик др Жан Митрев и Специјалната болница по хируршки болести Филип Втори. Во конкуренција беа и многу други центри ширум цела Европа и блискиот исток.На самитот Академик Жан Митрев со 10минутна презентација на тема “Специјална Болница Филип Втори , минато, сегашност иднина” го пренесе секојдневиото во работата на овој реномиран центар.

Третман на цистоцела со PERMACOL

Третман на цистоцела со PERMACOL

PERMACOL е биолошки материјал кој содржи колаген од свињи и се користи како реконструктивен материјал во хирургијата. Наоѓа примена во абдоменалната хирургија како помошен материјал за реконструкција на абдоменалниот ѕид кај хернии, во урологијата како материјал за реконструкција на вагиналниот ѕид кај цистоцели, во пластичната хирургија за покривање на кожни дефекти, во детската хирургија за корекција на гастрошизи и други конгенитални аномалии, како и во другите хируршки гранки.

Третман на Цистоцела со PERMACOL

Case Report Пациентка на 63 годишна возраст, субјективно се жали на често мокрење и печење при мокрење со почеток од пред пет години со тенденција на интензивирање на симптомите со тек на годините. Направен е уролошки преглед – цистоскопија без знаци за воспалителни или присуство на Ту промени во мочниот меур. Клинички е дијагностицирано присуство на цистоцела. Поставена е индикација за оперативен третман – пластика на вагиналниот ѕид со Permacol

После соодветна подготовка, направено е Plastica vaginae anterior cum Permacol. Пациентката е водена во спинална анестезија. Се постави уринарен катетер. Се направи вагинален пристап преку преден вагинален ѕид и инцизија од задна уретра се до цервикс. Вагиналниот ѕид се одвои од задниот ѕид на мочниот меур се до пубовагиналните лигаменти.Се подига задниот ѕид и се постави потпора од Permacol со димензии 5цм по 4 цм. Истата се фиксираше со 4 поединечни шавови за пубовагиналните лигаменти. Следи редукција на предниот ѕид на вагина, a потоа и негово затворање со поединечни шавови. Поставена е тампонада од две гази. Оперативниот тек помина уредно, без крвозагуби.

Постоперативен тек уреден. После пет болнички денови, пациентката во добра општа состојба, со уреден наод на оперативно поле, се испишува на домашно лекување.

Курс за радиолошки имиџинг методи- Палермо, Италија

Курс за радиолошки имиџинг методи- Палермо, Италија

Во периодот од 05-ти до 06-ти јуни 2014 година во Палермо, Италија, се одржа курс за радиолошки имиџинг методи, прегледи на кардиоторакалната регија со компјутеризирана томографија и магнетна резонанца, во организација на Европската школа за радиолози.

Голема посетеност на курсот, со предавачи, експерти од областа на радиологијата од различни европски земји. Одлична комбинација на предавања и интерактивни работилници во мали групи на учесници. Беа презентирани измени во препораките и протоколите на прегледитe, базирано на богати претходни искуства на врвни радиодијагностички центри од различни земји од Европа.Др. Лидија Вељановска Кириџиевска активно учествуваше на курсот како претставник од одделот за радиодијагностика од специјалната болница за хируршки болести “Филип Втори“.

Посета на ученици од ,,Наце Буѓони” Куманово

Посета на ученици од ,,Наце Буѓони” Куманово

На 12- ти Мај, Денот на сестринството, во нашата болница ПЗУ “Филип Втори” имавме организирана посета на група уценици од О.С.Т.У ,,Наце Буѓони” Куманово.Тие во рамките за наставниот план за воспитно образовна дејност, имаа за цел да ја реализираат оваа посета и да се запознаат со работните задачи на медицинската сестра.

За време на посетата, учениците имаа можност поблиску да се запознаат со текот и организацијата на работата на медицинските сестри и останатиот медицински персонал во дијагностички центар, интензивна и полуинтензивна нега.Учениците имаа можност да се сретнат и да направат заедничка фотографија со Академик Др. Жан Митрев.

Одбележан светскиот ден на пулмоналната хипертензија

Одбележан светскиот ден на пулмоналната хипертензија

На 5-ти мај, за првпат во Македонија се одбележа светскиот ден на пулмонална (белодробна) хипертензија. Глобалната кампања за подигање на свеста за постоењето на оваа ретка, смртоносна болест во цела Европа е под мотото Остани без ЗДИВ (GET Breathless for Pulmonary Hypertension). За еден пациент со белодробна хипертензија секој здив е предизвик. Претседател на асоцијацијата на пулмоналната хипертензија на Македонија “Момент плус” е г-ѓа Ѓургица Каева.Асоцијацијата Пулмонална Хипертензија „Момент Плус“ како дел од ПХ Европа, овој ден го одбележа во Гевгелија каде се одржа почесен маратон, забавен дел со зумба танчери, мали хип-хоп изведувачи, балет и музички дел од познати изведувачи како Бени, Игор Узунов и млади таленти од Македонски Идол.

Белодробната хипертензија е заболување на крвните садови на белите дробови кое се карактеризира со зголемување на притисокот во белодробните крвни садови, а може да биде предизвикана од најразлична етиологија. Идиопатската белодробна хипертензија (ИБХ) се јавува во процент од 7-10 пациенти на 1.000000 жители. Нејзиното лекување е поврзано со употреба на специфична терапија, а исходот најмногу зависи од правовремената дијагноза. Златен тест за дијагностицирањето на ПХ е десно срцевата катетеризација, каде се проценува белодробната реактивност на вазодилататорната терапија.Во оваа борба за здив е вклучена Болницата Филип Втори, која од почетокот на основањето на здружението дава поддршка во сите активности на АПХ “Момент Плус”.

За прв пат во Македонија во Филип Втори на 31.12.2013 година се направи 6 минутен тест – мерка која може да ја даде општата состојба и способност на еден пациент со ПХ. Шестминутното одење пеш за еден пациент со Пулмонална Хипертензија претставува ист напор како за здрав човек на маратон.За лекување на ова тешко заболување се потребни специфични лекови, кои за жал, сеуште во Р.Македонија се на товар на самите пациенти. Целта на секој еден лекар, институција или болница треба да биде насочување на свеста за постоењето на оваа болест, како и превземање на конкретни дијагностички чекори и оптимизирање на адекватна терапија со помош на надлежните институции.

Семинар за административни професионалци

Семинар за административни професионалци

Во периодот од 29- 31.05.2014 година во Гевгелија, се одржа семинар за административни професионалци, на кој како претставник од СБХБ “Филип Втори” присуствуваше Викторија Дојчиновска- Милева. Семинарот беше организиран од страна на “Мотива” (друштво за менаџмент, консалтинг, образование и обука). Во програмата беа опфатени теми поврзани со трендовите во административната професија во светот, клучни компетенции на административните професионалци, градење успех во кариерата, проактивна поддршка на раководителот, зголемување на ангажираноста и продуктивноста на вработените, како и унапредување на професионалниот имиџ преку деловна коресподенција. Покрај советите за поголема продуктивност- IT алатки, беа организирани интерактивни менаџмент вежби за градење на лидерство и тимски дух.

На семинарот беа присутни претставници од повеќе фирми, организации и државни органи. Учесниците поединечно ја претставија фирмата од каде доаѓаат, дадоа информации за услугите кои ги нудат и разменија рекламен материјал. Специјалната болница за хируршки болести”Филип Втори” беше презентирана преку кратка pptx презентација која доби награда за втора најдобра презентација.