Рехабилитација и физикална терапија во хирургијата

Рехабилитација и физикална терапија во хирургијата

На 28.03.2014 година, во Стопанска комора на Македонија, СБХБ “Филип Втори” и Здружението на физиотерапевти на Р. Македонија одржаа семинар на тема: Рехабилитација и физикална терапија во хирургијата. Семинарот беше отворен од страна на претседателот на здружението Далибор Стојановски и директорката на лекари на СБХБ “Филип Втори” Др. Тања Анѓушева.

Свои презентации имаа физиотерапевтите од СБХБ “Филип Втори”, на следниве теми:

1. Физиотерапевтска документација во СБХБ “Филип Втори”- Олгица Димитров2. Физикална и респираторна терапија кај ХОББ – Анета Манасиева3. Влијание на интермитентен ЦПАП третман во респираторна рехабилитација кај кардиохируршки пациенти – Блаже Арсов4. Рехабилитација кај акутен ЦВИ – Горан Дракалски5. Рана рехабилитација по имплантација на ТЕП на колено – Влатко Минов6. Ампутации и рехабилитација – fast track рехабилитација – Проф. Др. Ѓорѓи Зафировски

Успешноста на семинарот беше поддржана со високата посетеност од страна на физиотерапевти од повеќе рехабилитациони центри и установи, каде се спроведува физикална терапија од цела Македонија. Посебно не радува присуството на млади колеги и нови членови на Здружението кои се отворени за едукација, нови знаења и размена на искуства.

Со позитивно размислување до подобро здравје

Со позитивно размислување до подобро здравје

Како реакција на задоволството што го изразија корисниците од Дневниот центар за стари лица при Црвениот крст од интерактивната работилница одржана во месец февруари, на 15- ти април, психолог од ФИЛИП ВТОРИ повторно гостуваше во центарот и со 25 корисници одржа психоедукативна работилница на тема “Со позитивно размислување до подобро здравје”.

Со оглед на тоа што корисници на центарот се лица од третата старосна доба, акцент беше ставен на поддршка на здравите животни стилови преку користење на Автогениот тренинг и соодветни психотерапевтски техники.Позитивниот фидбек од корисниците ни е поддршка соработката да продолжи, а се’ во духот на долга, здрава и активна старост.

Приказ на левострано поставена горна шуплива вена со компјутеризирана томографија

Приказ на левострано поставена горна шуплива вена со компјутеризирана томографија

Се јавува како најчеста вродена венска аномалија во градниот кош. Од целата нормална популација, се јавува кај 0.3 – 0.5% како резултат на несоодветно развивање во феталниот период.Најчесто е асимптоматска, и е случаен наод при КТ преглед на торакалната регија, каде горната шуплива вена е поставена лево парамедијастинално наместо десно каде би требало да биде.Се создава од левата југуларна и потклучна вена и потоа во неа се влева десната брахиоцефалична вена.Со МСКТ преглед со соодветен протокол, едноставно, неинвазивно се прикажува оваа аномалија.

Сл.бр.1 КТ ангиографски приказ на перзистирачка горна лева шуплива вена (стрелка десно)- Стрелка лево : приказ на брахиоцефалична вена

Сл.бр. 2 КТ приказ на напречен пресек на горна шуплива вена поставена лево

Сл.бр. 3 КТ приказ -3Д-колор- на перзистирачка горна шуплива вена лево(стрелка десно) Стрелка лево : приказ на брахиоцефалична вена

Освен во случаи кога е присутен голем десно лев шант, оваа аномалија нема потреба да се решава, но важно е да се детектира пред било какви венски процедури како што е поставување на централен венски катетер, пејсмејкер и.т.н.

Учество на FIT

Учество на FIT

На 28.03. и 29.03.2014 година, се одржа FIT – “Frankfurter Interventionellen Tage” во организација на Институтот за дијагностичка и интервентна радиологија при Универзитетската Клиника “Johann Wolfgang Goethe” во Франкфурт, Германија, предводен од Проф. Др. Thomas Vogl, каде што активно учествуваше Др. Ѕвонко Атанасов – специјалист радиолог од ПЗУ “Филип Втори” Скопје.

Првиот ден беше “Hands on – Workshop” за користење на медицински роботи во изведувањето на интервентни процедури во КТ и во ангио сала, како на пример: перкутани биопсии, вертебропластики, кифопластики, РФ (радиофреквентни) аблации, MW (микробранови) аблации, Криоаблации (со користење на гас кој развива ниска температура), LITT (Laser induced thermo therapy), Електропорација и.т.н.

Вториот ден имаше повеќе предавања од областа на интервентната онкологија, за видовите на хемотерапевтиците кои се користат при TACE (transcatheter arterial chemoembolization), нивните несакани дејства, искуства во користење на други различни методи како што се: РФ аблација, микробранова аблација, електропорација и.т.н. Меѓу бројните еминентни предавачи од Германија беше и Dr. Ganghi од Стразбург кој имаше свое предавање за криоаблација на мекоткивни и скелетни тумори.

Во рамки на семинарот се остварија контакти со повеќе докажани експерти од наведените области, при што се изрази подготвеност за соработка во доменот на едукација и помош за натамошен развој на различни нови интервентни процедури и кај нас.

ОДРЖАН 7-ми НАУЧЕН КЛУБ ЗА 2014 ГОДИНА

ОДРЖАН 7-ми НАУЧЕН КЛУБ ЗА 2014 ГОДИНА

Во рамките на седмиот научeн клуб кој се одржа на 24.04.2014 година, имавме задоволство да го имаме Др. Роберт Сафтич за гостин. Др. Сафтич е неврохирург кој работи во Специјалната болница за неврохирургија и ортопедија ”Аксис” од Загреб, Хрватска. Неговото предавање беше на тема “Минимално инвазивна хирургија на карлица”.

Во ова излагање беа презентирани основите и карактеристиките на ваквиот тип на хирургија и можностите за нејзина апликација. Беа дискутирани индикационите подрачја каде оваа метода би била прв избор за третман. Искуството на Др. Сафтич во Хрватска зборува за тоа дека минимално инвазивната хирургија дава позитивни резултати, особено во третман на дискус херниите кои се се́ почести меѓу населението. Во делот за дискусија беа покренати многу прашања околу оваа метода.

Ризични пациенти, ризични состојби во стоматологијата

Ризични пациенти, ризични состојби во стоматологијата

На 29.03.2014 година во Мултимедијалниот центар на Универзитетот Гоце Делчев во Штип се одржа научен симпозиум на тема “Ризични пациенти, ризични состојби во стоматологијата” во организација на Факултетот за медицински науки и Катедрата за орална и максилофацијална хирургија и дентална имплантологија. Симпозиумот е акредитиран од стручната комисија при Стоматолошката комора на Р. Македонија. Како поканет предавач на симпозиумот беше и академик д-р Жан Митрев.

На следниот линк можете да ја погледнете презентацијата

Тема на презентацијата беше: ПРЕВЕНЦИЈА И ТРЕТМАН НА ЕНДОКАРДИТ (автор: академик д-р Жан Митрев; коавтори: Тања Анѓушева, Енвер Идоски, Борјанка Георгиева, Иван Милев, Шпенд Идризи, Емил Стоицоски, Никола Христов);

Хемороидна болест- инвазивно (неоперативно) лекување

Хемороидна болест- инвазивно (неоперативно) лекување

Во аналната регија се наоѓаат богати венски сплетови (надворешен и внатрешен), од кои при одредени пореметени состојби настануваат хемороидни јазли. Хемороидните јазли претставуваат мали, артерио-венски поврзувања од кои почнува развој на хемороидната болест.Причините за ова заболување се поврзуваат со отежнатата циркулација во оваа регија, лошата хигиена на аналната регија, состојби како бременост, зголемен тонус на аналниот свинтер и.т.н.Симптомите на ова заболување зависат од тоа дали се работи за внатрешни или надворешни хемороиди односно кој венски сплет е поизразен. Најчести сензации се дискомфорт во аналниот канал, јадеж, крварење и испаѓање на хемороидните јазли.Внатрешните хемороиди со тек на времето лесно се воспалуваат и овие повторувачки процеси доведуваат до оштетување на површината на лигавицата, кое резултира со крварење на светла црвена крв во капки или тенок млаз. На долг рок ова може да доведе до сериозно ослабнување на крвта (анемија), која потоа дополнително го измачува пациентот. Надворешните хемороиди, пак, лесно знаат да тромбозираат што резултира со силна болка и појава на топчеста формација со големина на зрно грашок (помала или поголема) на крајот од аналниот отвор. Тегобите траат неколку дена кога пополека почнуваат да се смируваат.

Сл. 1

Точната и прецизна дијагноза на хемороидната болест е од пресудно значење во изборот за лекување. Односно дали хемороидите ќе ги лекуваме конзервативно (со лекови, чепчиња, и.т.н.), инвазивно (неоперативно) или на пациентот ќе му препорачаме операција.Центарот за третман на хемороидна болест при специјалната болница Филип Втори, располага со најнова апаратура за дијагноза и интервентно лекување на хемороидите. Процедурите се лесни, не бараат престој во болница и траат кратко. Доколку се постави навремена дијагноза и проценка, резултатите на долг рок се одлични. Ова инвазивно лекување се нарекува лигатура или подврзување на хемороидните јазли кое се врши со сет на специјален инструмент за лигација.Основно е да се разграничи и точно да се утврди дали се работи за хемороидна болест кај пациентот, бидејќи под сликата на оваа болест може да се кријат многу поопасни малигни болести (рак на дебелото црево). Затоа нашата девиза е прво комплетен преглед и точна дијагноза, а потоа процена и одлука за типот на третман. На одделот за Ендоскопија и инвазивна Гастроентерологија, сите прегледи (доколку се болни за пациентот) може да се извршат со краткотрајна анестезија и истиот ден односно по еден час болниот си заминува дома.

СЕ ОДБЕЛЕЖА НЕДЕЛАТА НА БОРБА ПРОТИВ СРЦЕВОСАДОВИ ЗАБОЛУВАЊА

СЕ ОДБЕЛЕЖА НЕДЕЛАТА НА БОРБА ПРОТИВ СРЦЕВОСАДОВИ ЗАБОЛУВАЊА

Традиционално и оваа година, во периодот од 21 до 28 февруари беше одбележана неделата на борба против срцевосадови заболувања. По тој повод, СБХБ Филип Втори и Црвениот крст на град Скопје, уште еднаш ја покажаа својата хуманост и грижа за здравјето на сите жители на Македонија. Под мотото “ЖИВОТОТ Е УБАВ ПОД 7” беа реализирани неколку активности наменети за превенција од дијабет. Едукативната брошура со истоимениот наслов во која можат да се најдат седум едноставни чекори за унапредување на нашето здравје, беше дистрибуирана низ повеќе центри и е достапна за секој заинтересиран.

Сл. 1

Во рамки на едукативниот дел, во просториите на Црвен крст беа одржани две интерактивни предавања, од страна на психолог и лекар интернист од СБХБ Филип Втори за медицинските аспекти на дијабетот, како и психолошките компоненти и начините на превенција. Овие предавања беа наменети за младите волонтери како популација која е во еден животен период на интензивен развој и влогот во здрав живот е од пресудно значење за нивното лично здравје, но и здравјето на поколенијата. Оваа година беа повторно овозможени и спроведени бесплатни педијатриски – кардиолошки прегледи за оние кои имаат потреба од нив, а не можат истите да си ги обезбедат. Десет деца од Домот за деца со воспитно-социјални проблеми “25 Мај” имаа можност да го проверат своето здравје и да почувствуваат дека постојат луѓе кои не ги забораваат и се грижат за нив.

Сл. 2

Дополнително, она што е веќе препознатлив дел од одбележувањето на оваа недела, беа посетени три семејства на веќе оперирани пациенти од кардиоваскуларни заболувања, на кои им беа донирани хуманитарни пакети и симболични поклони како знак на благодарност за нивната доверба. Она што за нас како тим беше најзначајно е да чуеме како се тие и како напредуваат во нивното опоравување. Поддршката која доаѓа од нас и од нивните семејства е нешто кое многу им помага во превземањето одговорност за своето здравје. Оваа активност и понатаму ќе биде дел од нашата пракса, не само во рамки на одбележување на неделата, туку и во нашата секојдневна работа.