Минимално инвазивни решенија за гинеколошките проблеми

Во текот на животот, секоја жена, може да се соочи со репродуктивен проблем кој бара соодветна евалуација и решение кое понекогаш вклучува и оперативен зафат. Дел од состојбите за кои може да биде потребна хируршка интервенција се: цисти на јајници, фиброиди односно миоми, абнормално утерино крварење, карлична болка или конгенитални аномалии на репродуктивниот тракт. Класичната операција изведена со традиционален рез на кожата на абдоминалниот ѕид, секогаш е поврзана со подолг престој во болница, поголема постоперативна болка, поголемен хируршки ризик и подолг период на опоравување.

За среќа модерната медицина нуди и минимално инвазивни опции кои овозможуваат решавање на проблемот без големи оперативни зафати. Пациентите во овој случај ја напуштаат болницата на денот на операцијата или следното утро со помала постоперативна болка и потреба од аналгезија.

Што е минимално инвазивна гинеколошка хирургија?

Минимално инвазивната хирургија е хируршки пристап во кој се користат мали засеци на кожата, или паак се процедури без рез бидејќи целата интервенција се изведува по вагинален пат со помош на специјализирани алатки (инструменти и камера) со кои се извршува самата операција.

Во овој вид на хирургија спаѓаат следниве минимално инвазивни гинеколошки процедури:

Хистероскопска хирургија

Хистероскопијата користи мал, тесен телескоп (хистероскоп) за да ја визуелизира шуплината на матката без потреба од било какви резови и има минимално време на опоравување. Хистероскопијата често се изведува кога се бара причината за абнормално, ирегуларно, обилно крварење од утерус, како и за отстранување на миоми кои проминираат во шуплината на матката, полипи, присутни интраутерини атхезии од предходни процедури, како и во решавање на конгенитални аномалии на утерусот и вагината во вид на прегради. Специјализираните хистероскопи овозможуваат третман на овие состојби без хируршки рез, преку вагинален пристап.

Хистероскопската техника наречена ендометријална аблација е третман за обилни менструални крварење кои доведуваат до хронична анемија кај пациентката, и со оваа минимално инвазивна процедура кај одредени пациентки може да се заобиколи потребата за хистеректомија, односно со решавање на проблемот со обилното крварење пациентката не мора да се подложи на отстранување/вадење на матката.
Потребно е да се истакне дека во одредени случаи може да се примени минимално инвазивна хистероскопска процедура наместо хистеректомија.

Апсолутно е пожелно бидејќи постојат состојби кои денес може да се третираат со минимално инвазивна хирургија без потреба од хистеректомија.
Секоја пациентка, секој проблем е индивидуален, па така и консултацијата, решението треба да биде прилагодено на индивидуалните потреби, секако со пронаоѓање на најсоодветната опција и изготвување на персонализиран план за третман.

Лапароскопска хирургија

Оваа техника се покажа како ефикасен третман кој резултира со пократок престој во болница, помала болка, пократок период на опоравување и побрзо враќање на секојдневните активности.
Лапароскопијата користи мал телескоп и специјално дизајнирани инструменти кои преку мали резови на абдоминалниот зид се пласираат во абдоменот, при што се визуелизират внатрешните органи. Лапароскопот (камера) испраќа слики во живо на видео монитор, што му овозможува на хирургот да ја визуелизира анатомијата и да изврши сложени операции со минимална траума на пациентот.

Кои се болестите кои може да се коригираат со лапароскопија?

Лапароскопската хирургија може да биде соодветна за евалуација и третман на карлична болка, присутни адхезии или ендометриозни жаришта, миоми на матката, цисти на јајниците, ектопична бременост. Лапароскопијата е исто така најчесто користен пристап за безбедно отстранување на матката или јајниците.

Вагинална хирургија

Ова е најминимално инвазивниот пристап при сериозна гинеколошка хирургија. Ги има сите предности за закрепнување поврзани со лапароскопската и хистероскопската хирургија, а при нејзина апликација нема видливи резови на абдоминалниот зид.

Процедури кои влегуваат во минимално инвазивна хирургија:

  • Постапка за ексцизија на дел од цервиксот со јамка (LEEP) и конизација
  • Дијагностичка, оперативна хистероскопија и лапароскопија
  • Ендометријална аблација
  • Лапароскопска стерилизација
  • Хируршки третман на ектопична бременост
  • Хируршки третман на ендометриоза
  • Хируршки третман на фиброиди на матката
  • Хируршки третман на вродени аномалии на гениталните органи
  • Хируршки третман на нарушувања на вулвата
  • Вагинална, лапароскопска хистеректомија

Закажете го вашиот преглед или консултација кај д-р Ирена Андонова, специјалист гинеколог- акушер, на телефон: 02/3091-484 или на е-маил irena.andonova@zmc.mk.
Посветени сме на обезбедување целосна грижа за нашите пациентки, заедно да дојдеме до третман кој најдобро одговара на вашата состојба, ниво на удобност и начин на живот.

Холестеролот – невидлив и опасен непријател

Што претставува холестеролот?

Холестеролот е еден од видовите липиди- масти кој е неопходен за функционирање на телото, поконкретно учествува во процесите за производство на хормони и клеточни мембрани.

Кога холестеролот станува проблем?

Тој претставува проблем од моментот кога со активирање на генетски информации, се менува контролата на неговото производство, предизвикувајќи т.е овозможувајќи негова акумулација во телото.
Исто така, нивото на холестерол во крвта може да се зголеми поради различни состојби како:

  • континуирано пекумерен внес на храна која содржи маснотии,
  • зголемена/прекумерна тежина,
  • седентарен живот,
  • дијабетес, но и како резултат на дејството на одредени лекови.

Кои се последиците од холестеролот?

Холестеролот првенствено ја оштетува циркулацијата. Кога имаме многу високо ниво на холестерол, тој се таложи на ѕидовите на артериите (канали за транспорт на крв) формирајќи атеросклеротични наслаги. Тие може да растат и да направат блокада на циркулацијата, оштетувајќи органи како што се мозокот, срцето, бубрезите или нозете.

Лошиот холестерол (LDL)

Лошиот холестерол (наречен LDL) е оној што се таложи на sидовите на артериите. Така што значењето на LDL вредноста е пресудно во однос на вкупниот и добриот холестерол како резултат на овој директен механизам на оштетување. Мерките за третман на холестеролот се спроведуваат согласно измерените вредности на LDL холестерол.

Ризична група

Во ризичната група влегуваат лицата кои имаат историја на ненадејна смрт во семејството (за мажи до 55 години и жени до 60 години).
Настаната смрт на рана возраст предупредува на можноста да имаат висок LDL холестерол, бидејќи ненадејната смрт доаѓа од предиспозиција мажот или жената да претрпи срцев удар поради високи нивоа на холестерол кои не се откриени навреме.

Друга ризична група со предиспозиција за можно постоење на висок холестерол (LDL) се лицата со прекумерна тежина, дијабетес, пушачи и тие кои поминуваат континуирано долго време седечки.
Како се открива семејна хиперхолестеролемија?
Во случај на сомневање за фамилијарна хиперхолестеролемија, LDL холестеролот треба да се провери / утврди дури и кај најмладите. На рана возраст, холестеролот се манифестира со дамки на кожата (промени во пигментацијата), промени во видот или масни наслаги на кожата.

Симптоми

Високите вредности на LDL холестеролот не се манифестираат со симптоми во подолг временски период. Многумина сметаат дека холестеролот е само дел од лабораториските параметри, а не и дека е опасен.
За жал, кога ќе ги почувствувате проблемите предизвикани од холестеролот, може да биде доцна: атеросклеротичните наслаги ја запушуваат артеријата во мозокот предизвикувајќи мозочен удар или ја стеснуваат артеријата на срцето, предизвикувајќи миокарден инфаркт.

Постојат и такви пациенти кои биле свесни за присуството на висок холестерол, но и покрај тоа решиле да престанат со лековите.

Недостатокот на придржување кон терапијата (статините), односно нивното некористење /откажување е голем проблем.
Доколку пак состојбата не се подобрува и по примена на терапија, треба да се консултирате со лекар за да ја измените дозата или да го промените лекот.

Срцев удар

Важно е да се напомене дека меѓу 40% и 60% од срцевите удари предизвикуваат смрт надвор од болничките простории, но оние кои преживеале остануваат со неповратни последици, бидејќи срцето не се обновува и проблемите продолжуваат.
Болки во градите, парализа на рацете или нозете се симптоми на висок холестерол; но тие се појавуваат кога е веќе доцна.

Последиците од срцев удар можат да влијаат на животот на пациентите, на нивното работнна позиција, семејството и социјалнен живот. Од оваа причина, важно е да се истакне важноста на нормализирање на нивото на холестерол, за овој тивок непријател да не ве доведе до фатални последици.

Третман

Третманот се состои од здрава диета со малку маснотии, физички вежби и апчиња наречени статини (кои се земаат како лекови на рецепт). Применувањето на сите овие чекори помага во справување и со најсериозните случаи кои се предизвикани од холестерол.
Да не го заборавиме фактот дека третманот треба да биде навреме, бидејќи овие лекови ги корегираат вредностите, но не можат да го излекуваат холестеролот.

Закажете го вашиот термин на 02 3091 484

Светски ден за подигање на свеста за аутизмот

На 2 април се одбележува Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот. Пред 17 години, Генералното собрание на Обединетите нации го воспостави овој ден, поттикнувајќи акции за подигање на општата свест за состојбите од спектарот на аутизам.
Аутизмот не е болест, туку состојба при која луѓето кои живеат со него имаат поинаков начин на интерпретација на зборовите, боите, формите и звуците на светот околу нас. Причините се непознати, иако се верува дека постои генетски фактор поврзан со еколошка компонента. Со персонализиран и специјализиран терапевтски третман, можно е да се зголеми квалитетот на живот на лицата засегнати од аутизам.
Според Светската здравствена организација (СЗО), едно од 160 деца ја има оваа состојба и инциденцата се зголемува за 17% годишно во светски рамки. Секоја година се повеќе деца се дијагностицирани со аутизам, а бројката ја надминува онаа на СИДА, рак и дијабетес заедно.
Препознатлив симбол за аутизмот е парче сложувалка во сина боја. Бојата го претставува спокојството што им е потребно на семејствата и на луѓето со аутизам за да живеат со таа состојба, а делот од сложувалката означува дека лицето со аутизам не се изолира себеси затоа што тоа го сака и му треба поддршка од другите.

Интервју со д-р Никола Христов, специјалист по кардиоваскуларна хирургија во Клиника Жан Митрев

Современата дијагностика и напреден третман на пациентите ја прави Клиника Жан Митрев најдобар здравствен центар во регионот

Се трудам секојдневно да сум физички активен и притоа ја користам секоја можност да се движам наместо да бидам пасивен. Независно од годишното време, наместо автомобил секојдневно на работа одам со велосипед, или пак одредени обврски ги исполнувам со велосипед. Со тоа го избегнувам долготрајното седење во автомобил и го намалувам стресот и нервозата предизвикани од градскиот сообраќаен метеж. Целата трансформација на здравствениот статус треба да започне со отфрлање на штетните навики и менување на секојдневната рутина. Така започнав јас и промените ги применив во секој дел од секојдневието- вели Д-р Никола Христов, специјалист по кардиоваскуларна хирургија во Клиника Жан Митрев. А, еве го неговото стручно гледиште за различни теми поврзани со кардиоваскуларните заболувања и успехот на клиниката.

Кои се најчестите заболувања на кардиоваскуларниот систем меѓу Македонците? Дали се тоа типични заболувања за нас Македонците?

Д-р Христов: Видот и типот на заболувањата на кардио-васкускуларниот систем кај нас, се исти како и во останатиот дел од светот, можеби зачестеноста, односно преваленцата да е малку поголема. Тоа се должи на вообичаените ризик фактори, кои важат и за остатокот од светската популација. Најчести се: физичката неактивност, пушењето, неквалитетната и неправилна исхрана, зголемена телесна тежина, стресот. Овие случаи и луѓе со вакви симптоми, порано се појавуваа во напредната возраст над 50тите и 60тите години, меѓутоа сега со современиот начин на живот и со зголемување на ризик факторите што влијаат врз секојдневниот живот на човекот, возрасната граница се спушта и сега сѐ почести ни се пациенти кои имаат потреба и од оперативен третман а се во петтата па дури и во четвртата декада од животот.

Клиника Жан Митрев е првиот приватен кардиоваскуларен центар во Македонија, а вие сте станувате дел тимот брзо потоа. Што ја прави оваа клиника денес веќе регионален центар за кардиоваскуларни болести?

Д-р Христов: Клиниката Жан Митрев е регионален па дури и пошироко во Европа, познат центар во третманот на кардиоваскуларните заболувања, пред сѐ поради пристапот во дијагностиката и третманот во овие заболувања. Овде се применува современа дијагностика и напреден третман на пациентите како резултат на континуираното надградување на докторите, бидејќи клучно е да се остане во чекор со новоприменетите техники и технологии. Сите овие квалификации во Клиника Жан Митрев се ставени во функција на подобра и поефективна здравствена нега на пациентите. За најдобра клиника во регионот нѐ квалификува и добивањето на Златен печат од Joint Commission International и тоа по третпат. Со овој сертификат се потврдува дека здравствената институција поседува највисоки стандарди од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите, а се добива со детална анализа на капацитетите во операционите сали, експертизата на докторскиот персонал, посветеноста и професионалноста на лекарите и вработените кон пациентите. Според зборовите на комисијата Клиника Жан Митрев има капацитет и потенцијал да биде Mayo Клиника не само на Балканот туку и за Европа, а тоа зборува само по себе за значењето и улогата што ја имаме.

Какви беа Вашите почетоци, како станавте втор човек за карди-васкуларни интервенции во Клиника Жан Митрев?

Д-р Христов: Нашата клиника функционира 24 години, стартот беше во 2000 година на 1 март. Јас како млад завршен доктор со желба за учење хирургија и со желба да се учи од најдобриот, дојдов и се претставив на д-р Жан Митрев кој ми даде шанса да бидам дел од тимот млади лекари кои се доедуцираат во клиниката. Така што јас сум дел од оваа приказна од самите почетоци, веќе од втората операција. Мојот професионален пат беше долг и мачен бидејќи јас ги исполнував своите обврски тука на клиниката како млад лекар и во доменот на дијагностика и дежурства и на интензивна нега или во операција сала. Дополнително на ова беа и моите обврските како специјализант за општа хирургија, кои морав да ги извршувам на Медицинскиот факултет Скопје. Се случуваше од сабајле да одам на клиника, а попладне да бидам тука, па да имам дежурство вечерта а веќе следниот ден повторно со редовните обврски. Тоа беше период исполнет со многу пожртвуваност за она што се сака во животот и период што го означи мојот понатамошен пат. Сепак она што го добив тука е посебно важно, и покрај теоријата што ја добивав во тек на студиите. Тука го зацврстив моето теоретско знаење со вистинска практична работа со пациенти. Тоа беше одлучувачко и тоа е она што ја прави оваа клиника да биде регионален здравствен центар, постојаната едукација, истражувањата, надградувањето и стекнувањето со поголема експертиза, а сето тоа во функција на подобра здравена нега на пациентите.

Поттикнато од овој пристап и јас набрзо по влегувањето во Жан Митрев Клиника, ја продолжив мојата едукација со тригодишен престој во Америка на универзитетот во Лос Анџелес што многу придонесе за подетално да се запознаам со напредните размислувања во кардио-хирургијата. Овој мој престој потоа најде примена во секојдневната наша практика и во третманот на најтешките пациенти, за денес да функционирам како заменик или втор човек во кардио-васкуларната хирургија во Клиника Жан Митрев.

Што е најважно да поседувате за да сте дел Клиника Жан Митрев, дали е доволна само специјалистичката вештина?

Д-р Христов: Нашата болница според бројот на операции, резултатите и типот на патологија што ја третираме се рангира на исто ниво со водечките болници во Европа па дури и во Америка. Во стекнувањето на овој статус улога играле повеќе фактори, но пред сѐ тимот доктори специјалисти предводени од д-р Митрев, доктори со меѓународно искуство и реноме, со постојано надградувано портфолио со нови достигнувања и публикации. Како тим и како поединци многу често учествуваме во мултидисциплинарни проекти од истражувачка и иновативна природа, на меѓународно ниво, чија цел е поместување на границите на современата медицина. Сето тоа, теоријата и доедукацијата, заедно со континуираната работа, води до тоа да се справиме со најтешките случаи во кардио-васкуларната патологија. Зборуваме за искуство и знаење во поставување дијагностика, предлагање опција за хируршки третман и секако тој третман да заврши со успешно лекување. Ова е видливо и по нашите резултати, извршените интервенции и успешноста, а секако и според зголемувањето на бројот на пациенти кои ни ја доверуваат грижата за нивното здравје. Ваквиот начин на функционирање, поткрепено со бројните успеси, води до континуирано зголемување на довербата кај пациентите.

Честопати, докторите виталноста на кардиоваскуларниот систем делумно ја припишуваат и на физичката активност. Дали и каква физичка активност се препорачува?

Д-р Христов: Точно е дека постојат студии дека многукратно се намалува морталитетот и морбидитетот од кардиоваскуларни заболувања кај лица кои се физички активни. Но, потребна е секојдневна и континуирана физичка активност, пешачење, возење велосипед, па дури и качување по скали наместо користење лифт. Долготрајната физичка активност позитивно влијае и спречува појавување и развивање на компликации за кардиоваскуларни заболувања и ги намалува ризик факторите. Тоа е повеќекратно докажано и затоа една од препораките за лицата кои имаат генетски предиспозиции за кардиоваскуларни заболувања да ги намалат шансите е физичката активност која треба да е секојдневна, а еднаш до двапати во текот на неделата да биде поинтензивна но краткотрајна, 10 – 20 минути до половина час.

Дали имате и која е вашата практика и дневна рутина за зачувување на здрав и витален кардиоваскуларен систем?

Д-р Христов: Се трудам секојдневно да сум физички активен и притоа ја користам секоја можност да се движам наместо да бидам пасивен. Независно од годишното време, наместо автомобил секојдневно на работа одам со велосипед, или пак одредени обврски исполнувам со велосипед. Со тоа го избегнувам долготрајното седење во автомобил и го намалувам стресот и нервозата предизвикани од градскиот сообраќаен метеж. Целата трансформација на здравствениот статус треба да започне со отфрлање на штетните навики и менување на секојдневната рутина. Така започнав јас и промените ги применив во секој дел од секојдневието. Освен движењето, внимавам на изборот на храна, избегнувам процесирана храна, многу обработена, термички или со разни додатоци како конзерванси, а внесувам многу зеленчук и овошје. Она на што посебно внимавам е сонот па дури имам и монитор за следење на сонот. Правилниот сон, со 7 до 8 часа одмор е предуслов за долговечност и го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Една штетна рутина, заменив со многу поздрава опција и создадов навики кои се благопријатни за мојот организам а посебно за виталноста на кардиоваскуларниот систем.

Покрај посветената работа, наоѓате време и за рекреација која што премина во полупрофесионален велосипедизам. Колку сериозно е ова и што подразбира?

Д-р Христов: Возењето велосипед, од рекреативна рутина кај мене се разви во една поголема пасија, така што сега го практикувам и на едно поинтензивно и посериозно ниво. Ова доведе до тоа да станам член на велосипедскиот клуб „Енерџи“ и во рамките на својата возраст да возам со поголема динамика и на подолги релации. Тоа подразбира барем 4 пати неделно возење на подолги и поинтензивни патеки, до Водно, во сабота дури и подолги тури како до тетовско Милетино, а во недела исто долги но и релаксирачки релации, кога практикуваме дури и да седнеме на кафе. И токму тоа е практикување на полупрофесионален велосипедизам, со релации и патеки но без натпреварувачки карактер. Сфатив дека овие спортови и рекреација во природна средина, на отворено, посебно ме привлекува, па покрај велосипедизмот, во последниве години, исто така, голема страст развив и кон скијањето, а како пандан на оваа сезонска активност се посветив и на друга сезонска активност познато како исправено веслање. На некои од овие авантури, чест придружник ми е моето куче, што го дополнува задоволството и уживањето. Сите овие мои преокупации произлегуваат од потребата да се излезе од урбаниот хаос, да се амортизира стресот и да се побара некаква канализација на негативната енергија што ни ја наметнува секојдневниот современ живот. Но, уживањето и позитивните чувства, промената во психофизичката состојба што ја увидов кај себе, ме тера да одам чекор понатаму или степен повисоко.

Доктор, велосипедист и уште љубител на вина, важите за одличен познавач на вината, како ја развивте оваа страст, дали само како љубител на вина или сте се посветиле поподробно, со специјализирана едукација?

Д-р Христов: Освен што сум љубител на вино, посебно на црвено вино и во таа моја пасија самиот сум создал знаење и сум си го дефинирал вкусот, немам некоја посебна едукација. Иако сум присуствувал на многу вински работилници и дегустации за кои мислам дека се посебно искуство за сите љубители на виното и корисни барем во оној дел, кога сакам нешто барем да научам нешто повеќе. Лично преферирам црвени вина, а македонските црвени вина ми се посебна слабост.

Македонски сорти, иако не се автохтони, сепак се типични за кај нас, како Кратошија и Вранец создаваат уникатни вина и тоа е богатство што треба да го цениме. Сепак, во однос на консумирањето вино, едно кон што дисциплинирано и без никакви отстапки се придржувам е одговорно консумирање. Само во сабота, умерено и тоа на ручек за да има време алкохолот да се исфрли од организмот до недела наутро кога ги имам редовните велосипедски тури. Одговорноста кон пиењето е поттикната и од професионален аспект, односно никаков алкохол во работни денови и дежурства и ова е бескомпромисно.

Што е најдобриот лек за здраво срце?

Д-р Христов: Мислам дека најдобриот лек за здраво срце е во балансот на сето ова што го спомнавме, а тоа е доволно и добар сон, намалување на стресот, практикување на физичка активност, целосно отфрлање на цигарите, менување на начинот на исхрана. Избегнување на конзервирана и зачинета, солена или блага храна, затоа што тоа влијае врз крвниот притисок. За здраво срце потребно е баланс меѓу сите овие работи, да не се претерува ни со едно. Сето тоа кога ќе се комбинира во една умерена и добро скроена животна дневна рутина има моќ да го продолжи животниот век. Ова е начин да се спротивставите и на генетските предиспозиции за појава на овие заболувања, затоа што се намалуваат ризик факторите кои дополнително влијаат на генетските предиспозиции.

Извор: Машки Магазин

Депресија – како настанува и како да си помогнеме?

Клучни факти

  • Депресијата е сериозно емоционално нарушување кое се повеќе станува едно од најчестите ментални нарушувања воопшто.
  • Депресијата е „негативна емоционална состојба“ во која лицето се чувствува тажно, уништено и мрачно. Вклучени се чувствата на вознемиреност и лутина. Најважната карактеристика на депресијата е отсуството на „позитивни емоции“, односно чувство на воодушевеност, задоволство, радост, исполнетост.
  • Депресијата е водечка причина за инвалидитет ширум светот и придонесува кон севкупниот глобален товар на болести.
  • Жените се позасегнати од депресија отколку мажите.
  • Депресијата може да доведе до самоубиство.
  • Постои ефикасен третман за блага, умерена и тешка депресија.

Глобална слика

Депресијата е честа болест ширум светот, присутна кај околу 3,8% од популацијата. Се јавува од рана возраст, но позастапена е кај возрасните 5,0%, односно 5,7% кај оние постари од 60 години. Депресијата се разликува од вообичаените промени на расположението и краткотрајните емоционални одговори на предизвиците во секојдневниот живот. Особено кога се повторува и е со умерен или тежок интензитет, депресијата може да стане сериозна здравствена состојба. Тоа може да предизвика засегнатото лице многу да страда, лошо да функционира на работа, на училиште или дома со семејството. Во најлош случај, депресијата може да доведе до самоубиство и според податоци на СЗО самоубиството е четврта водечка причина за смрт во категоријата на лица од 15-29-години.

Иако постојат познати, ефективни третмани за ментални нарушувања, повеќе од 75% од луѓето во земјите со низок и среден раст не добиваат третман. Бариерите за квалитетна грижа се должат на социјална стигма ( срам ) поврзана со ментални нарушувања, недостаток на ресурси.

Како настанува депресијата

Депресијата произлегува од сложената интеракција на социјалните, психолошките и биолошките фактори. Луѓето кои поминале низ негативни животни настани (невработеност, жалост, загуби, соочување со хронична болест, трауматски настани) имаат поголема веројатност да развијат депресија. Депресијата, пак, може да доведе до поголем стрес и дисфункционалност и да ја влоши животната ситуација на засегнатото лице и самата депресија.
Постои взаемна врска меѓу депресијата и физичкото здравје. На пример, кардиоваскуларните болести може да доведат до депресија и обратно.
Дополнително во манифестирање и одржување на депресијата влијаат и генетските предиспозиции на поединецот, како и можни нарушувања во преносот на нервните импулси кои се должат на употребата на психотропни супстанции ( дрога или алкохол).

Според СЗО, се покажа дека превентивните програми ја намалуваат депресијата. Ефективните пристапи на заедницата за спречување на депресијата, вклучуваат училишни програми базирани за подобрување на шемата на позитивно справување со депресија за децата и адолесцентите. Интервенциите наменети за родители на деца со проблеми во однесувањето, може да ги намалат депресивните симптоми кај самите родители и да ги подобрат резултатите на нивните деца. Програмите за вежбање за постари лица, исто така, можат да бидат ефективни во превенцијата од депресија.

Симптоми и начини на однесување

  • За време на депресивна епизода, лицето доживува намалено расположение, т.е. се чувствува тажно или празно, го губи интерес и/или задоволство за било какви активности и тоа во поголемиот дел од денот, речиси секојдневно, најмалку две недели наназад, се соочува и со намалување на психичка и физичка енергија и има умствен и телесен замор.
  • Дополнително кај лицето може да се присутни и неколку други симптоми, кои може да вклучуваат: Намалено внимание и концентрација, намалена способност за мислење и одлучување, намалена самодоверба и самопочит, чувство на вина, самообвинување и безвредност, песимистички поглед за иднината, нарушен сон, нарушен апетит, идеи за самоповредување и самоубиство.

Симптоми и начини на однесување

  • За време на депресивна епизода, лицето доживува намалено расположение, т.е. се чувствува тажно или празно, го губи интерес и/или задоволство за било какви активности и тоа во поголемиот дел од денот, речиси секојдневно, најмалку две недели наназад, се соочува и со намалување на психичка и физичка енергија и има умствен и телесен замор.
  • Дополнително кај лицето може да се присутни и неколку други симптоми, кои може да вклучуваат: Намалено внимание и концентрација, намалена способност за мислење и одлучување, намалена самодоверба и самопочит, чувство на вина, самообвинување и безвредност, песимистички поглед за иднината, нарушен сон, нарушен апетит, идеи за самоповредување и самоубиство.

За време на депресивната епизода, лицето доживува значителни тешкотии во личните, семејните, социјалните, образовните, професионалните и/или други важни области на функционирање.
Во зависност од бројот и сериозноста на симптомите, како и од нивното влијание врз функционирањето на поединецот, депресивната епизода може да се категоризира како: блага, умерена или тешка.

Постојат различни модели на нарушувања на расположението, вклучувајќи:

  • Единечна епизода на депресивно растројство. Тоа е всушност првата и единствена епизода кај некое лице;
  • Рекурентно депресивно растројство – што значи дека лицето има историја на најмалку две депресивни епизоди; и
  • Биполарно растројство – што значи дека депресивните епизоди наизменично се менуваат со периоди на манични симптоми, кои вклучуваат еуфорија или раздразливост, зголемена активност или енергија и други симптоми како што се зголемена разговорливост, мноштво мисли, зголемена самодоверба, намалена потреба за сон, расеаност и импулсивно непромислено однесување.

Дијагноза и третман

Дијагнозата на состојбата се поставува со преглед од страна на психолог или психијатар при што се проценува тежината на клиничката форма на депресија и потоа се бира соодветниот третман за депресијата. Во зависност од тежината и типот на депресивните епизоди лекувањето на состојбата вклучува:

  • Фармакотерапија – антидепресивни лекови,
  • Психотерапија,
  • Комбинации на лекови и психотерапија,
  • Од психотераписките техники најчесто се применува Когнитивно-бихејвиоралната терапија при што се овозможува да се идентификуваат проблемите и да се препознаат сопствените блокади, како и да се откријат и проверат можните алтернативи. При оваа терапија посебно внимание се посветува на когнитивните процеси, но и на елементите на бихејвиоралниот дел, кои вклучуваат активирање, зголемување на компетентноста, решавање проблеми, градење вештини за справување и вежби за комуникација. Оваа форма на терапија се обидува да поврзе расположение, размислување и дејствување и запирање на депресивните спирали и постигнување промени во однесувањето на когнитивно ниво.

Подршка на лице со депресија

Треба да се знае, дека имањето болест не е нечија волја или вина. Може да му помогнете на лицето во надминување на состојбата на начин што ќе покажете грижа и разбирање. На болното лице е потребно да:

  • Поттикнете придржување кон третман: Лицето кое се лекува од депресија, треба редовно да ги зема препишаните лекови и да одржува редовни психијатриски контроли,
  • Неопходно е лицето да биде уважено и сослушано, тоа се остварува преку охрабрување да збори, да ги искаже свиоите чувства, да каже што размислува. Кога личноста збори, потребно е внимателно да се слуша, да се избегнува давање на совети или мислења или да се критикува. Само слушањето и разбирањето може да биде моќна алатка за исцелување.
  • Потребно е да ги подржите конструктивно позитивно: Луѓето со депресија може строго да судат за себе и да најдат мана во сè што прават. Потсетете ги за нивните позитивни квалитети и колку таа личност значи за вас и за другите.
  • Понудете им помош на начин што ќе им дадете предлог за конкретни задачи што би биле спремни да ги направите заедно, како на пример прошетка, гледање на филм, или хоби или друга активност во која претходно уживала. Но, не обидувајте се да ја принудите личноста да направи нешто со сила!
  • Помогнете да се создаде средина со низок стрес. Создавањето редовна рутина може да му помогне на лицето со депресија да се чувствува повеќе контролирано. Понудете се да направите распоред за оброци, лекови, физичка активност и спиење и помогнете во организирањето на домашните работи.
  • Понудете заедно да одите на лекар или на психотерапија.

Едукативна посета за идните медицински сестри

Денеска во нашата клиника ни беше чест и задоволство да ги пречекаме идните сестри. Групата од средношколци од на СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ SHMMQSH”D-r Pançe Karagjozov” од Скопје заедно со 22 ученици, нивни гости од ,,Курт Николин Гимназиум,, од Норчепинг – Шведска, имаа прилика да се запознаат одблиску со дневните случувања во клиниката. Како дел од Еразмус проектот – учениците придружени од своите професор Nina Knaggs, Bekim Fera, Sonja Gliguroska направија комплетна обиколка на просториите и одделите со цел запознавање на работните процесеси на нашата установа. Им благодариме и им посакуваме успех во нивното понатамошно образование.

Ангина пекторис – причини, симптоми и третман

Ангина пекторис (АП) заедно со миокарден инфаркт (МИ), претставува тип на исхемична кардиопатија, односно болест предизвикана од влошување и опструкција на артериите на срцето (коронарна артериосклероза). Се јавува поради акумулација на холестеролни наслаги – плаки, липиди (масти) и воспалителни клетки на ѕидовите на овие артерии, поради што срцето не прима доволно крв.

Ангина пекторис, за разлика од миокарден инфаркт (МИ), се појавува прогресивно, поради делумна опструкција на снабдувањето со крв, резултат на влошување на срцевите артерии со текот на годините. Не предизвикува трајно оштетување на срцето.
Во зависност од тоа дали се појавува во мирување или за време на физички напор/вежби, постои стабилна и нестабилна ангина пекторис.

Стабилна ангина пекторис

Болката во градите се појавува при физички вежби и може да се прошири на други делови од телото (вилица, левото рамо, грлото, грбот, раката или зглобот). Болката исчезнува при мирување или со лекови против болка.

Нестабилна ангина пекторис

Болката во градите се појавува при мирување и трае подолго отколку во случајот на стабилна ангина пекторис.
Може да се прошири на рацете, вратот, грбот и вилицата. Во повеќето случаи, болката која има тенденција да се зголемува, ниту одморање, ниту лекови можат да ја ублажат. Таа мора да се третира итно, бидејќи може да предизвика миокарден инфаркт или ненадејна смрт.

Причини за појава на ангина пекторис

  • Делумна блокада (атеросклероза) на коронарните артерии кои го снабдуваат срцето со крв.
  • Стеснување на аортната валвула (аортна стеноза). Тоа предизвикува блокирање на протокот на крв од левата комора до аортата.
  • Тешка анемија
  • Зголемена активност на тироидната жлезда (хипертироидизам).
  • Акумулација на фактори на ризик, како што се: возраста, полот (почеста е кај мажите отколку кај жените), висок крвен притисок, дијабетес, хиперхолестеролемија, седентарен живот и прекумерно консумирање алкохол и тутун.

Симптоми на ангина пекторис

Симптомите на ангина пекторис се исти со симптомите од миокарден инфаркт или срцев удар, но имаат различен интензитет и времетраење:
Болка, печење и/или стегање во градите, кои обично се појавуваат кога вежбате, а потоа исчезнуваат во мирување (освен кога се работи за нестабилна ангина пекторис). Може да биде придружена со болка во други делови од телото како што се рацете, грбот, вилицата или вратот.

Други симптоми: чуство на гадење и повраќање, отежнато дишење, губење на свеста.
Времетраење на болката: помеѓу 15 и 20 минути.
Доколку ги имате овие симптоми, веднаш посетете лекар. Брзото дејствување е клучно за минимизирање на последиците.

Дијагностицирање на ангина пекторис

Дијагнозата на ангина пекторис се поставува со помош на следниве испитувања:

  • Стрес тест или ергометрија – Овозможуваат да се анализира одговорот на срцето при континуирано вежбање на лента за трчање или велосипед за вежбање. При изведување на стрес тестот може да се откријат кардиоваскуларни промени кои не се видливи кога пациентот е во мирување. При вежбање се зголемува потребата за крв во срцето и доколку има опструкција, ќе следи недостиг од снабдување со крв што овозможува поставување на дијагноза.
  • Лабораториска анализа на крв – Служи за проценка на срцевите ензими и параметрите на крвните клетки.
  • Коронарна артериографија (коронарна ангиографија) – Имиџинг тест кој се состои од воведување катетри преку феморалната – препониската или радијалната (на зглоб) артерија за да стигнат до коронарните артерии и да го проценат стеснувањето на срцевите артерии. Се изведува кога претходните тестови потврдиле значајна коронарна болест.

Третмани за ангина пекторис

  • Одмор – Освен кога се работи за нестабилна АП, бидејќи одморот обично не ја ублажува болката.
  • Лекови – Медикаментите кои се користат за релаксирање на артериите на срцето и другите крвни садови служат за да го зголеми снабдувањето со крв во срцевиот мускул. Лековите обично не се ефикасни во ублажување на болката при нестабилна ангина пекторис.
  • Хируршки интервенции – Во екстремни случаи, мора да се вметне стент или да се изврши бајпас.
  • Како превентивен третман, од суштинско значење е да се контролираат факторите на ризик.

Доколку чуствувате какви било промени/проблеми со вашето срце, особено доколку имате некој од горенаведените симптоми кои укажуваат на ангина пекторис, закажете веднаш консултација со нашите специјалисти кардиолози кои ви стојат на располагање.

Еднакво бубрежно здравје за сите

Светскиот ден на бубрегот претставува глобална кампања, која има за цел да ја подигне свеста за важноста и грижата за бубрежното здравје. Се одбележува од 2006 год секој втор четврток во месец март. Кампањата за 2024год се фокусира на подигање на свеста за унапредување на рамноправниот пристап на нега и оптимално медицинско лекување на бубрежно болните.

Важноста од еднакво бубрежно здравје за сите

Се проценува дека бубрежните болести погодуваат над 850 милиони луѓе ширум светот. Колку е сериозна бубрежната болест укажуваат и статистиките дека секој десетти возрасен во светот има со одреден степен на бубрежна слабост, тоа значи дека секој трети до петти жител има шанса да развие хронична бубрежна болест. Се предвидува дека во 2040 година Хроничната Бубрежна Болест ќе биде петта водечка причина за смртност на годишно ниво. Од заболените два милони луѓе ширум светот имаат потреба од дијализно лекување.

Во нашата држава, секоја година околу 400 нови пациенти започнуваат лекување со хронича дијализа, која што претставува доживотен третман, доколку не се направи трансплантација. Колку е ова страшно, зборува податокот дека последните дваестина години 67% од нефролошките пациенти се со потреба од редовна заместителна терапија. Во нашата држава над 85 % од тие пациенти користат хемодијализа како третман, а околу 12 % се трансплантирани.
Сето ова зборува многу за глобалното влијание на Хроничната Бубрежна Болест врз квалитетот на животот на заболените, но и врз целокупното чинење на третманот и економијата на државите.

Почесто мислете на Хроничната Бубрежна Болест

Хроничната бубрежна болест може да се развие на која било возраст, но е почеста со зголемувањето на возраста, така што еден од факторите кој што влијае на зголемувањето на бројот на хроничните бубрежни заболувања во одредени земји претставува и стареењето на населението и дебелината. Се проценува дека околу еден од пет мажи и една од четири жени на возраст меѓу 65 и 74 години, како и половина од луѓето на возраст од 75 и повеќе години имаат Хронична бубрежна болест. По 40-та година, филтрацијата на бубрезите почнува да опаѓа за приближно 1% годишно, така што покрај природното стареење на бубрезите, многу состојби кои ги оштетуваат бубрезите се почести кај повозрасните луѓе, меѓу кои дијабетесот, високиот крвен притисок и срцевите заболувања. Дијабетесот и високиот крвен притисок се најчести причинители на бубрежни заболувања. Високиот крвен притисок предизвикува една четвртина, а дијабетесот една третина од случаите на бубрежна слабост.

Во раните стадиуми на Хронична Бубрежна Болест нема никакви симптоми и знаци. Може да е загубена и повеќе од 90% на бубрежната функција без да се почувствуваат било какви симптоми. Но, постојат едноставни лабораториски иследувања кои може да ја потврдат болеста, како што е определувањето на нивото на креатининот во крвта, како и наод на протеини во урината.

Дали терапевтските можности се достапни за сите подеднакво?

Најновите откритија во терапевтскиот пристап нудат огромни можности за спречување и одложување на болеста, ублажување на компликациите, кои што се многу чести кај Хроничната Бубрежна Болест – кардиоваскуларните, мозочните и терминалната бубрежна болест, овозможувајќи продолжување и подобар квалитет на животот кај лицата со бубрежни заболувања.
Новите терапии и терапевтски пристапи би требале да бидат подеднакво достапни за сите пациенти, во сите земји ширум светот, но недоволната свест за Хроничната Бубрежна Болест, како и недоволното познавање и довербата во новите терапевтски можности и стратегии, недостигот на соодветен професионален кадар – нефролози, како и трошоците околу лекувањето, придонесуваат за појава на големи разлики во пристапот до лекување, особено во земјите со низок стандард, како и кај дел од популацијата во земјите со висок стандард. Сите овие нееднаквости ја нагласуваат потребата од развивање на поголема свест за Хроничната Бубрежна Болест и изградба на капацитети за соодветна здравствена бубрежна нега.

Постигнување на оптимална бубрежна нега во себе вклучува пред се надминување на: недостатоците во рана дијагноза на болеста, недостигот на универзална здравствена заштита и осигурување, ниската свест меѓу здравствените работници, предизвиците со трошоците и достапноста на лековите.

Што треба да се направи за да се намали ризикот од развој на бубрежна болест?

Она што треба да се направи за да се намали ризикот од развој на бубрежна болест е секако:

  • Да бидете активни и да вежбате;
  • Да јадете здрава храна, да ја контролирате телесната тежина;
  • Редовно да го проверувате и контролирате шеќерот во крвта;
  • Барем еднаш годишно да го проверувате нивото на протеини во урина;
  • Редовно да го проверувате и контролирате вашиот крвен притисок;
  • Да земате соодветен внес на течности;
  • Да прекинете со пушење;
  • Да не користите лекови без препорака на вашиот доктор;

Проверете ја вашата бубрежна функција ако имате еден или повеќе ризик фактори како што се дијабет, хипертензија, обезност или доколку имате семејна историја на бубрежна болест.
По повод Светскиот ден на бубрезите нефролошкиот преглед изнесува 2 000 ден. Цената важи заклучно 31 март.
Закажете го Вашиот термин на 02 3091 484