Пилонидален синус или враснато влакно

За оваа состојба постојат уште неколку компликувани стручни изрази (пилонидална циста, сакрококцигеална фистула), но всушност се работи за појавата широко позната како враснато влакно.

Оваа состојба претставува формирање на цистична творба или ограничено гнојно воспаление (апсцес) локализирано во глутеалната бразда. Некои пациенти имаат само една циста додека кај други се создава фистуларна траекторија. Во голем дел од случаите, на површината на кожата се формира отвор преку кој се дренира гнојна содржина.

Оваа состојба за прв пат ја опишал Хоџис (Hodges) во далечната 1880 год., а неколу години подоцна Херберт Мајо (Herbert Mayo) за истата состојба дал опис како “циста полна со влакна”.

Болеста е воглавно типична за машкиот пол. Поголема фреквенција на јавување била забележана кај војници. Во втората светска војна исто така често била забележана кај возачи на теренски возила и тешка војна механизација поради што оваа состојба била наречена и jeep disease – “болест на теренци,,.

Епидемиологија

Инциденцијата на оваа болест се смета дека е 26:100 000 луѓе. Во последните 50 години забележан е пораст на бројките на засегнати, за што како ризик фактор е идентификувана се поголемата употреба на моторни возила, како и користењето на компјутери. Ваквите животни навики доведуваат до седентарен начин на живот кај целата популација.

Во однос на половата дистрибуција, болеста е многу почеста кај машкиот пол и соодносот изнесува 4:1.

Освен животните навики, инциденцијата е поголема кај машкиот пол и поради поголемото потење како и поголемата влакнетост во пределот на интерглутеалната регија. Во однос на возраста, оваа болест најчесто се јавува кај луѓе во втората и третата деценија од животот.

Етиологија

Сеуште не се знае точната причина која доведува до појава на пилонидален синус, сепак постојат повеќе теории кои го објаснуваат настанокот. Теориите главно се делат на два типа: резултат на генетски фактори и теорија за настанок под дејство на ризик фактори.

Генетски предиспонирачката теорија укажува дека пилонидалниот синус претставува вродена аномалија на кожата во предел на седелниот дел од телото, која веројатно се јавува поради ембрионален заостаток на примитивните нотохорди во кожата на седечката регија. Тоа во подоцниот живот влијае на акумулација на мртви клетки со остаток од кожата и кожните влакна, што потоа предизвикува појава на воспалителен процес и подоцнежно формирање на гнојна колекција.

Теоријата која укажува на појава на пилонидален синус под влијание на факторите на ризик, во фактори на ризик ги вбројува:

  • Прекумерно потење во глутеалната регија
  • Прекумерна тежина – обезност
  • Семејна склоност
  • Машки пол
  • Професија поврзана со долготрајно седење
  • Длабок расцеп во предел на интерглутеалната регија
  • Изразена влакнетост
  • Груби и крути влакна
  • Слаба телесна хигиена

Клиничка слика на пилонидален синус

Кај еден дел од пациентите, клиничката слика на пилонидалниот синус може да биде без постоење на било какви знаци или симптоми. Додека има и такви кај кои се јавуваат промени на кожата во седелниот предел. Овие промени кои се јавуваат можат да бидат многу болни, проследени со восплителен процес на кожата во облик на поткожна циста која во понатамошниот период руптурира и од неа се цеди гнојна или крвава содржина.

Поради болката во седелниот предел пациентите се жалат на отежнато седење и неможност за одење. После руптурирањето на цистата и дренажа на нејзината содржина, настанува олеснување, но истото е краткотрајно, затоа што по извесен период повторно доаѓа до насобирање на гнојна содржина внатре во цистата.

Иако пилонидален синус е  најкарактеристичен за појава во сакрококцигеалната регија, неговата појава е опишана и кај:

  • Меѓупрстниот простор
  • Пазувната регија
  • Околу папокот
  • Интермамиларно (меѓу дојките)
  • Гениталниот предел кај лица и од машки и женски пол
  • Ампутационен остаток

Дијагноза

Дијагнозата на пилонидалниот синус се воспоставува врз основ на анамнеза и клинички преглед на пациентот. Во одредени случаи може да се направи фистулорафија – дијагностичка метода со кое се прикажува поткожна проширеност на самата промена. Во текот на дијагностиката, бидејќи кожата во предел на сакрококцигеалната регија е во близок однос со ректумот, потребен е мануелен дигитален анален преглед.

Предоперативна подготовка

Во договор со ординирачкиот хирург, како и за секоја друга операција и во текот на оперативниот третман на пилонидалниот синус потребна е предоперативна подготовка. Таа вклучува:

  • Доколку има гнојна содржина, задолжително е да се земе брис за микробиолошка анализа и антибиограм минимум 7 дена пред планираниот оперативен третман.
  • Празнење на гастроинтестиналниот тракт со помош на лаксативи.
  • Стандардна предоперативна подготовка која е потребна за операција во општа анестезија

Хируршко лечење на пилонидален синус

Оперативниот третман на васнатото влакно може да се изврши во локална анестезија. Но за поголем комфор на пациентите, се препорачува операција во општа анестезија. По спроведената тоалета на оперативното поле, преку фистулозните канали потребно е инјектирање на раствор од метиленско плаво. Доколку не е достапен раствор од метиленско плаво, може да се спроведе инјектирање на повидон јод. Оваа постапка е со цел да се случи пребојување на изменетото (воспаленото) ткиво, со цел да се направи одбележување/разграничување од здравото ткиво.

По направената демаркација, се пристапува кон хируршко отстранување на изменетото ткиво до макроскопски (видливо со око) здраво ткиво. На тој начин се избегнува заостанување на изменето ткиво, односно се избегнува појава на повторна појава (рецидив) на пилонидален синус. Изменетото ткиво кое е отстрането потребно е да се испита од страна на патолог за поставување на дефинитивна патохистолошка дијагноза.

По направеното отстранување на изменетото ткиво, хируршкиот третман, во зависност од постоперативниот дефект, може да се финализира на три начини:

  • Ексцизија на изменетото ткиво со последователно затворање на оперативната рана преку шиење во повеќе слоеви во медијална средина.
  • Ексцизија на изменетото ткиво со последователно затворање на оперативната рана преку шиење со користење на асиметрични шавови (се применува во состојби каде што се очекува поголема тензија на оперативната рана)
  • Ексцизија на изменетото ткиво без последователно шиење, односно затворање на оперативната рана per secundam intentionem. Се применува при широки ексцизии каде се очекува голема тензија на оперативната рана, со голем ризик од појава на дехисценција на оперативната рана.

Постоперативен третман

По спроведеното хируршко лечење, пациентите остануваат во болница најмалку еден ден. Во зависност од клиничкиот изглед на постоперативната рана, пациентот можеби ќе биде потребно да продолжи со болнички третман и повеќе денови. Вообичаено, по спроведената операција, пациентот останува во болница дополнителни два дена.

Во постоперативниот период, со цел да не дојде до механичко оштетување на хирушките конци со кои е затворена оперативната рана, во првите 48 часа пациентот потребно е да лежи на стомак. Првиот постоперативен ден се избегнува внес на храна, со цел да се избегне нагон за празнење на цревата кој може да доведе до појава на постоперативни компликации. Пациентот се советува нултиот ден по самата операција да избегнува движење/чекорење, и строго се забранува седнување со раширени нозе. Првиот постоперативен ден се прави преврска со која се проценува оперативната рана.

Во натамошниот период, по отпустот од болница хирургот дава насоки за понатамошен третман во домашни услови во поглед на тоалета на оперативната рана како и хигиенско-диетски совети. По направеното оперативно лечење на пилонидален синус, пациентот е подготвен да се врати на вршење на своите работни активности три недели по направената операција, а по спроведен задолжителен преглед од страна на ординирачкиот хирург.

Често поставувани прашања

  1. Постои ли ризик за појава на карцином во изменетото ткиво?
    Во однос на клиничкиот изглед и самите клинички карактеристики, една од диференцијалните дијагнози на пилонидален синус претставува планоцелуларен карцином. За поставување на точна дијагноза, потребен е преглед од страна на специјалист кој што може врз основа на клиничкиот преглед да направи дистинкција измеѓу пилонидален синус и планоцелуларен карцином.
  2. Постои ли ризик за повторна појава на пилонидален синус по спроведен оперативен третман?
    Секако дека постои можност за појава на рецидив, поради тоа, во тек на оперативниот третман се врши демаркација на ткивото при што може да се одреди граница на изменето од здраво ткиво.
  3. Дали е можно излекување на пилонидален синус без оперативен третман?
    Доколку се работи за почетна промена која нема пројавено поткожни канали (фистули) и истата е ограничена, без постоење на секреција на гноен или крвар секрет, со менување на начинот на живот, односно со менување на хигиенско диетските навики, можно е излекување без оперативен третман. Во секој случај, потребен е преглед од страна на пластичен хирург.

    Во нашата клиника на располагање ви е д-р Живорад Коцевски кој има долгогодишно искуство во успешно решавање на овој проблем. За да закажете преглед јавете се на 02/3091-484.

Препознај го говорот на мозочниот удар

Во рамките на нашата кампања наменета за подигање на свеста за препознавање и брза реакција при мозочен удар, достапни се следните услуги по акциски цени:

  • невролошки преглед: 2500 ден.
  • ЕЕГ: 2500 ден
  • ЕЕГ со депривација на сон: 3500 ден.
  • невролошки пакет (преглед+ЕЕГ): 5000 ден.
  • транскранијален доплер: 3500 ден.
  • МР на глава (нативна/контраст): 13500 / 16000 ден.
  • КТ на глава (нативна/контраст): 12000 / 14000 ден.
  • ТЕЕ: 8000 ден.

Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај „ИТНО“!

  • Изнемоштеност во екстремитетите или парализа на едната страна на телото
  • Темни точки на едното или обете очи, редуциран вид или двојно гледање
  • Ненадејна/нала силна главоболка
  • Отежнат говор

Јавете се на: 02/3091-484

20 години од првата автотрансплантација во Клиника Жан Митрев

Пет операции со автотрансплантација се изведени во изминатите две децении на Клиника Жан Митрев. Оваа интервенција е револуционерен оперативен зафат во современиот медицински третман на кардиолошките пациенти. При оваа операција се прави реконструкција на срцето на пациентот надвор од градниот кош за што се смета за исклучително специфична и комплицирана за изведување.

„Бев тешко болна, ме упатија кај д-р Жан Митрев, ме оперираше и по само неколку дена се почувствував многу подобро. Откако ме оперираше д-р Митрев поминаа пет и пол години и денес се чувствувам многу добро, работам во бавчата што можам и немам никакви проблеми. Благодарна сум што ми го врати животот“, вели Вера Балоска една од пациентите со автотрансплантација, оперирана во 2017 година.

Автотрансплантација на срце, како процедура ги има истите фази како и трансплантација на срце од донор, само со тоа што при автотрансплантација не се врши замена на оштетениот орган со друг, туку се реконструира срцето на пациентот на кого му се прави интервенцијата. Пациентите кај кои се прави автотрансплантација вообичаено имаат енормно зголемена лева преткомора на срцето што оневозможува правење на операцијата на лице место. Затоа срцето мора да биде извадено од градниот кош. Се прави обезбедување со вонтелесен крвоток, по што следи неопходната хируршка корекција за намалување на левата преткомора (митралната валвула) на срцето на пациентот. Доколку тоa не е можно, се прави замена на истата со вештачка протеза. Потоа реконструираното срце се враќа назад во градниот кош и се поврзува со крвните садови како и при трансплантација.

Искуството на д-р Митрев во изведување на трансплантации и автотрансплантации на срце датира од пред повеќе од 26 години кога ја има направено првата трансплантација во Германија.

Специјалисти од Клиника Жан Митрев ќе прават бесплатни кардио прегледи за пензионерите од цела Македонија

Здравје за сите!

Специјалисти од Клиника Жан Митрев ќе прават бесплатни кардио прегледи за пензионерите од цела Македонија

Тим доктори специјалисти од Клиника Жан Митрев со „Здравствениот караван“ ќе прави бесплатни специјалистички, интернистички и кардио прегледи за пензионерите од целата држава. Спроведувањето на бесплатните прегледи е дел од Меморандумот за соработка потпишан денеска меѓу Клиничката болница Жан Митрев и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, одбележувајќи го Меѓународниот ден на здравјето.

Целта на „Здравствениот караван“ и бесплатните прегледи е да се зголемат можностите и пристапот до специјалистички прегледи за сите оние што немаат и не можат да добијат мислење од доктор за својата здравствена состојба. Клиниката Жан Митрев со овој караван ја зголемува грижата за здравјето на граѓаните и посебно за ранливи категории и оние без можност за консултации со доктор. Со прегледите ќе се прави и советување и едукација за правилно и навремено дијагностицирање на можни заболувања, сѐ во насока на превенција на срцеви заболувања.

Програмата и начинот на спроведување на Здравствениот караван е направена во соработка со претставниците на Сојузот, кои беа присутни при потпишувањето на меморандумот во состав: г-ѓа Станка Трајкова Претседател на Сојузот на пензионери, примариус д-р Стојанче Стефановски Претседател на комисијата за здравство и социјална политика при сојузот, г-ѓа Менка Темелковска – секретар на извршниот одбор на Сојузот на пензионери на Македонија и г-дин Васил Пачемски уредник во весникот Пензионер Плус.
Во име на клиниката д-р Емил Стоицовски, анестезиолог, д-р Елена А. Виларова медицински директор и д-р Жан Митрев ги пречекаа.

Прегледите ќе содржат анамнеза, ЕКГ, ултразвучен кардио васкуларен преглед и контрола на ТА. Здравствениот караван ќе се спроведува во сорабтка со локалните/ подрачните пензионерски здруженија во текот на месеците мај и јуни, а ќе ги посети оние места и градови каде пристапот до специјалистички преглед е оневозможен.

Со оваа активност Клиниката Жан Митрев ја подигнува јавната свест во насока на грижа за кардиоваскуларното здравје со навремена превенција од кардио заболувања на посебни целни групи и навремено идентификување и намалување на ранливоста.

Исто така, со општествено одговорниот однос кон граѓаните на Македонија и нивното право на пристап до редовни специјалистички прегледи, Клиника Жан Митрев карванот го спроведува под мотото „Здравје за сите“ што е годинешниот фокус од СЗО на одбележување на Меѓународниот ден на здравјето.

Нашиот медицински тим дел од најголемиот конгрес за интервентна кардиологија во Индија

Д-р Вилма Ампова Соколов и сестра Соња Русевска дел од учесниците на најголемиот водечки конгрес за интервентна кардиологија

Минатиот месец на две локации во Индија во Гуаџарат и во Ченаи, се одржаа два важни настани. Најпрво од 14 до 15 март се одржа академијата за ,,Сложени интервентни техники поглавје 17,, во организација на Мерил, а потоа од 16 до 18 март следеше и Индија Лајв една од најголемите конференции за интервентна кардиологија во Азископацифичкиот регион. Нашите претставнички д-р Vilma Ampova-Sokolov и сестра Соња Русевска присуствуваа таму заедно со над 3000 кардиолози од целиот свет. Едукативната содржина, преносите во живо, реномираното национално и меѓународно учество на универзитетите и академската интеграција на регионалните мисловни лидери беа силата на овој состанок.

Клиника Жан Митрев: Инструиран процес и организирана хајка со повик за линч за неосновано обвинение

Денешното рочиште и условите во кои се одвива покажува дека против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение. Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда. Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч и создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината.

Ако процесот против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев е непристрасен, фер и без влијание, тогаш каде е презумцијата на невиност и зошто се води организирана хајка.
Презумцијата на невиност како во секој случај, но посебно во случајот со д-р Жан Митрев и Клиниката, што извршува општо-корисна функција за граѓаните и грижа за нивното здравје треба да биде сериозно и бескомпромисно почитувана.

Досега се покажа дека целиот процес се води со намера да се наштети, а не со намера да докаже вина, затоа што и самите знаат дека вина не постои.

И покрај сето тоа Клиника Жан Митрев и д-р Митрев, ја продолжуваат својата борба за правдата и за докажување невиност во овој инструиран процес и паралелно под целиот притисок продолжуваат да работат со своите пациенти, лекувањето и исполнување на својата хумана мисија.

ПФО – честа причина за мозочен удар кај млади луѓе


Дали некогаш сте слушнале за ПФО?

Кога зборуваме за можни причини за мозочен удар една од нив е постоењето на отвор во срцето односно постојан форамен овале или познат и како ПФО.
Овој отвор во срцето (форамен овале) постои како таков уште во ембрионалниот развој. По породувањето овој отвор се затвора кај околу 80% од луѓето. Кај останатите отворот останува да постои и претставува потенцијален ризик за мозочен удар.

Улогата на форамен овале во тек на ембрионален развој

Во тек на ембрионалниот развој, крвта од десната преткомора поминува преку форамен овале во лева преткомора, од каде преку левата комора оди во системската циркулација. Ова се случува бидејќи фетусот не ги користи белите дробови за дишење, поради што и нема потреба од циркулација во белите дробови.

Форамен овале се затвора во тек на првите неколку недели после породувањето, но некогаш може и подоцна. При породувањето детето зема воздух, белите дробови се шират, се намалува притисокот во десното срце, се зголемува приливот на крв во левата преткомора. Тоа го зголемува притисокот во левата преткомора. Ова предизвикува функционално, а потоа и анатомско затворање на форамен овале.

Какво клиничко значење има форамен овале перзистенс?

Овој отвор се јавува кај 20% од популацијата. Иако се смета за вроден дефект, сепак тој не е дефект во прав смисол на зборот, бидејќи преградата помеѓу двете преткомори постои, но е нецелосна.
Вообичаено форамен овале може да даде клинички симпоми, како што се:

  • Мигрена (главоболка)
  • Транзиторна исхемична атака (ТИА) или
  • Мозочен удар.

Причината за појава на овие симптоми е формирањето на парадоксен емболус (маса, воздух или засирена крв). Тој се создава така што емболусот од венскиот систем, преку отворот (форамен овале) поминува од десната преткомора во левата преткомора, потоа во левата комора, аортата и во артериите на мозокот, каде врши стеснување/блокирање оносно оклузија предизвикувајќи главоболки и/или мозочен удар.

Клинички е значаен отворот, односно ПФО-то, кога е поголемо од 4mm.
Малите дефекти во детството не придизвикуваат никакви симптоми. Средно-големите и големите отвори можат и да не предизвикаат симптоми. Често, мозочен удар е првиот симптом поради што луѓето со недијагностицирано ПФО се јавуваат на лекар.

Како се поставува дијагноза?

Првото сомнение за постоење на ПФО (форамен овале перзистенс) се поставува со ехокардиографија. Трансторакалната ехокардиографија е неинвазивна метода, при која се констатира постоење на мал дефект во интератријалниот септум. Може да постои како единечен дефект или во комбинација со други дефекти. Следниот чекор е транскранијален доплер. Користејќи тест со меурчиња, се утврдува присуство или отсуство на меурчиња во церебралните артерии и на тој начин се потврдува присуството на ПФО.
Доколку тестот е позитивен, потребно е пациентот да направи магнетна резонанца на мозок, каде се утврдуваат мозочни промени. Доколку постојат мозочни промени, тогаш пациентот е индициран за затворање на отворот.

Што понатаму?

Овој отвор се лекува со перкутано затворање со помош на мала алатка, која популарно се нарекува „чадорче“. Се влегува со катетер преку ингвинална вена до срцето, каде се поставува дивајсот кој го затвора каналот. Со затворање на ПФО се спречуваат други мозочни удари кај луѓе кои имале мозочен удар од непозната причина. Ризикот од компликации од самата интервенција е мал.

Каква е прогнозата на пациентите кои имаат затворен форамен овале перзистенс?

Пациентите со затворен ПФО имаат повлекување на симптомите и прогноза слична на здравата популација.

Дали може да го намалиме ризикот од форамен овале перзистенс?

Ризикот не може да се намали, но доколку имате главоболка, особено мигренозна, или сте имале мозочен удар од непознато потекло, потребно е да се направат испитувања.

Дали форамен овале перзистенс се лекува и во Македонија?

Перкутаното затворање на форамен овале перзистенс претставува рутинска процедура во нашата болница. До сега нашиот тим има успешно изведено над 1000 вакви интервенции.

Во Клиника Жан Митрев успешно опериран 31-от пациент со вградена механичка циркулаторна потпора на срцето

Докторскиот тим предводен од д-р Жан Митрев успешно го спроведоа оперативниот зафат познат и како ,,механичко срце“ за решавање на левокоморна хронична срцева слабост. Кај пациентот со терминална коронарна болест каде заради долгогодишно лекување имаше голема слабост на срцевиот мускул беше вградено таканаречено „механичко срце“, при што беше ставена специјална пумпа што останува во организмот на пациентот и ја заменува работата на срцето. Пациентот после ваквиот оперативен зафат се чувствува добро и следи постоперативно заздравување.
„Оваа операција е потребна за пациентите кои се соочуваат со срцева слабост што е долгoтрајна состојба која се влошува со текот на времето. Настанува кога срцевиот мускул е ослабен и не е во состојба да испумпа доволна количина крв потребна да ги задоволи барањата на телото за нормално функционирање. Честа е и кај помлади пациенти, но со овој метод и овој оперативен зафат тие може да продолжат да живеат. Заради зачестеноста на ова заболување, оперативниот зафат со вградена механичка циркулаторна потпора на срцето е често практикуван метод и засега е единствено долгорочно решение што овозможува продолжување на животот за тешко болните пациенти“, истакна д-р Митрев.

Овој оперативен зафат е еден од покомплексните. Во Клиниката Жан Митрев се спроведува веќе 6 години, при што досега се направени 31 вакви интервенции.
Срцевата слабост може да биде акутно настаната и таа вообичаено се повлекува после адеквате