Во Лабораторијата за Гентика и Персонализирана Медицина при Клиничката болница Жан Митрев во Скопје во текот на вчерашниот ден беа идентификувани двајца пациенти позитивни за делта сојот на SARS-CoV-2 (B.1.617.2) со што и официјално беше потврдено дека делта сојот се шири во Македонија.
Уште од самиот почеток на пандемијата, во лабораторијата редовно се врши секвенционирање на позитивните примероци со цел детекција на нови соеви во државата. Сите позитивни примероци за кои внимателно се утврдува дека се сомнителни за некој друг сој на вирусот, различен од доминантниот, подлежат на понатамошно секвенционирање и утврдување на конкретниот сој.
Во овој случај беше детерминирано дека се работи за делта сојот, уште познат и како ,,индиски,, сој.
Во јануари годинава во лабораторијата за прв пат во државава беше детектиран британскиот сој на вирусот. Од тогаш лабораторијата континуирано продолжува да ги применува светските препораки за редовно секвенционирање на вирусот и да ја следи појавата на нови соеви, како и нивната застапеност во државата.
Автор: zmc_piksel_dev
Ингвиналната херниа или народно кажано препонска кила – причини, симптоми и превенција
Што е хернија или народски кажано кила?
Ингвинална хернија се јавува кога ткивото, како дел од цревата, излегува низ слабо место во абдоминалните мускули. Грутката (топката) може да биде болна, особено кога кашлате, се превиткувате или кревате тежок предмет.
Ингвиналната хернија не секогаш е опасна. Меѓутоа, ако не се подобри самa по себе, тоа може да доведе до компликации опасни по живот. Вашиот лекар веројатно ќе препорача хируршка интервенција за поправка на зголемена или болна хернија на препоните, која е многу честа процедура.
Симптоми
Симптомите на ингвиналната хернија вклучуваат:
- Грутка испапчена во областа од двете страни на препоните, која станува позабележителна кога сте исправени и особено ако кашлате или вежбате
- Чувство на печење или болка во областа на грутката
- Болка или непријатност во препоните, особено кога се наведнувате, кашлате или кревате тешко
- Чувство на тежина или влечење во препоните
- Слабост или притисок во препоните
- Повремена болка и оток околу тестисите кога испакнатиот дел од цревата се спушта и влегува во скротумот
Знаци и симптоми кај деца
Ингвинална хернија кај новороденчиња и деца е резултат на слабост на абдоминалниот ѕид и се јавува уште при раѓање. Понекогаш хернијата може да биде видлива само кога бебето плаче, кашла или се напрега при празнење на дебелото црево. Детето може да стане нервозно и да има помалку апетит од вообичаеното.
Кај постаро дете, хернијата веројатно ќе биде поочигледна при кашлање или при напрегање за време на празнење на цревата. Истото е воочливо и кога детето стои подолг временски период.
Кога хернијата може да направи проблем?
Ако не можете да ја турнете хернијата навнатре, нејзината содржина може да се приклешти (зароби) во абдоминалниот ѕид. Ваквата хернија може да се притисне, нарушувајќи го протокот на крв во ткивото во кое е заробена. Заробената (приклештена) хернија може да биде опасна по живот доколку не се лекува.
Симптомите на заробената хернија вклучуваат:
- Гадење, повраќање или и двете
- Треска
- Ненадејна болка која брзо се интензивира
- Грутка од самата хернија која станува црвена, виолетова или темна боја
- Неможност за празнење на дебелото црево или поминување на гасови
Кога да се консултирате со вашиот лекар?
Веднаш побарајте медицинска помош ако хернијата стане црвена, виолетова или потемни. Секако доколку имате и други знаци или симптоми поврзани со хернијата веднаш обратете се на лекар.
Посетете го вашиот лекар и доколку имате болна или очигледна грутка во препоните, на страната на срамната коска. Грутката веројатно ќе биде поочигледна кога ќе бидете исправени и обично може да ја почувствувате ако ја ставите раката директно на погодената област.
Причини
Некои ингвинални хернии немаат очигледна причина. Други може да се појават како резултат на:
- Зголемен притисок во делот на стомакот
- Претходна слаба точка во абдоминалниот ѕид
- Напрегање при нужда или мокрење
- Напорни активности
- Бременост
- Хронично кашлање или кивање
Кај многу луѓе, слабоста на абдоминалниот ѕид која ја предизвикува ингвиналната хернија се јавува при раѓање, кога слузницата на абдоменот (перитонеумот) не се затвора како што треба. Другите ингвинални хернии се јавуваат подоцна во животот, кога мускулите ослабуваат или се менуваат со возраста, од тешка физичка активност или кашлица предизвикана од пушење.
Слабост во абдоминалниот ѕид може да се појави и подоцна во животот, особено по повреда на стомакот или по операција.
Кај мажите, слабата точка е во ингвиналниот канал, каде што спермичниот канал влегува во скротумот. Кај жените, ингвиналниот канал носи лигамент кој помага да се одржи матката на место, а хернијата понекогаш се јавува таму каде што сврзното ткиво од матката се приклучува на ткивото што ја опкружува срамната коска.
Фактори на ризик
Фактори кои придонесуваат за развој на ингвинална хернија се:
- Полот. Мажите имаат осум пати поголема веројатност да развијат ингвинална хернија отколку жените.
- Возраста. Мускулите ослабуваат како што стареете.
- Расата. Белата раса е позасегната.
- Наследен фактор. Доколку имате член од фамилјата, како што се родители, брат или сестра, кои страдат од оваа состојба, голема веројатност е и вие да страдате од истото.
- Хронична кашлица. Kашлица предизвикана од пушење
- Хроничен запек. Запекот предизвикува напрегање при движења на дебелото црево.
- Бременост. Бременоста може да ги ослаби вашите стомачни мускули и да предизвика поголем притисок внатре во стомакот.
- Предвремено породување и малата тежина при раѓање.
- Хернија или претходна санација на ингвинална хернија. Дури и ако претходната хернија се случила во детството, имате поголем ризик да развиете друга ингвинална хернија.
Превенција
Не е можно да се спречи вродената предиспозиција која што ја зголемува склоноста кон ингвинална хернија. Но, можете да го намалите притисокот на стомачните мускули и ткива. На пример:
- Одржувајте здрава и нормална тежина. Разговарајте со вашиот лекар за вежби и планот за исхрана кој би ви одговарал најдобро.
- Вметнете во исхраната повеќе продукти богата со растителни влакна. Овошјето, зеленчукот и интегралните житарки содржат растителни влакна кои можат да помогнат во спречување на запек и напрегање при празнење на дебелото црево.
- Не кревајте тешки предмети или правете го тоа внимателно. Ако мора да подигнете нешто тешко, секогаш свиткајте ги колената, а не половината.
- Откажете се од пушењето. Освен негативните последици кои водат кон голем број сериозни болести, пушењето и во однос на ингвиналната хернија има негативно влијание. Имено пушењето предизвикува хронична кашлица која може да доведе до влошување на ингвиналната хернија.
Добрите и лошите страни на медицинските процедури за слабеење
Во 60-те години на минатиот век, медицинските професионалци забележале значителна загуба на телесната тежина кај оние на кои им биле отстранети делови од желудникот како третман за желудечни чиреви.
Како резултат на оваа констатација со текот на годините се развиле најразлични типови софистицирани операции за слабеење. Денес постои широк спектар зафати од кои секој може да одбере. Трите најчесто применувани типа на операции за слабеење се: Roux-en-Y гастричен бајпас, гастричен прстен и гастричен ракав (sleeve ресекција). Секој тип има свои добри и лоши страни – вели Прим. д-р Мане Хаџи-Манчев, специјалист по општа хирургија во нашата клиника.
Операција за гастричен бајпас
За прв пат развиена во текот на 1960, оваа операција во суштина го дели стомакот на два дела. Едниот дел од желудникот собира храна и е поврзан со долниот дел на тенкото црево. Единствената функција на вториот желудник е да создаде дигестивни течности што треба да се пренесат на тенкото црево за да помогне во варењето на храната. Со создавање помал желудник, лицето се чувствува побрзо најадено, а бидејќи дел од дигестивниот систем е прескокнат, од храната се апсорбира помала количина калории. Со оваа метода ефектите на слабеење се брзи, доаѓа до брзо губење на телесната тежина и е интервенција која што се применува кај пациенти со висок телесен (bodymass) индекс над 65.
Добри страни
Овој вид на баријатриска хирургија обично доведува до најбрзи, најдраматични резултати. За 6 месеци, се случува дури 50% од вкупното слабеење и може да продолжи дури две години. Со ова брзо губење на тежината доаѓа и брзото закрепнување од различни проблеми поврзани со телесната тежина, како што се висок крвен притисок, апнеја при спиење, па дури и дијабетес. Понатаму, резултатите имаат тенденција да траат.
Лоши страни
Бидејќи храната релативно брзо поминува низ дигестивниот тракт, постои ризик да не се апсорбираат доволно хранливи материи. Да, се абсорбираат помалку калории, но ова исто така значи дека се апсорбираат помалку калциум, железо и одредени витамини од храната. Луѓето кои се подложени на операција за слабеење, мораат да земаат додатоци секој ден за да ги надоместат пропуштените хранливи материи и да внимаваат да внесат доволно калории за да можат безбедно да вежбаат.
Понатаму, бајпас на желудникот е голема операција, и како таква, носи значителни ризици, како што се згрутчување на крвта и инфекции. Може да дојде и до несакани дехисценции на анастомозите. Евидентна е исто така тенденцијата на појава на камења во жолчката.
Гастричен прстен
Гастричниот прстен е силиконски прстен кој се поставува на самиот влез во желудникот. Храната поминувајќи полека од низ силиконскиот прстен преку малиот канал до желудникот, намалувајќи го апетитот за 20 до 30% и ги прави луѓето да се чувствуваат побрзо сити и да јадат помалку.
Добри страни
За разлика од гастричниот бајпас, оваа операција не мутилантна, безбедна е и евентуално ефектот не е на посакувано ниво може да се отстрани прстенот и во ист акт да се направи слив ресекција. Ако одлучите да го отстраните прстенот, тоа е релативно едноставна операција. Исто така, во споредба со операцијата на гастричен бајпас, операцијата за врзување на желудникот е побезбедна и пациентот може да се опорави побрзо. Исто така, постои одреден степен на прилагодување на гастричниот прстен. Имено тој може да се затегне или олабави со инјектирање или отстранување на раствор во него од страна на лекар.
Лоши страни
Во споредба со операцијата на гастричен бајпас, губењето на тежината со гастричен прстен има тенденција да трае повеќе време и изнесува вообичаено 2 до 3 кг месечно. Ова може да значи дека маките поврзани со тежината можат да останат подолго по операцијата. Исто така, постојат прилично значајни ризици кои се единствени за оваа операција. Престенот може да се лизне, да се помести кон горе или кон долу поради недисциплинираност на пациентот. Во тој случај треба да се направи оперативен зафат за отстранување на истиот. Доколку пак прстенот мигрира во самиот желудник, истиот се отстранува ендоскопски.
Гастричен ракав
Гастричен ракав или sleeve ресекција, е друга форма на баријатриска хирургија. Оваа операција отстранува голем дел од желудникот, а она што останува наликува на ракав што го поврзува хранопроводот со дванаесетпалечното црево.
Добри страни
Овој вид на баријатриска хирургија е совршен за пациенти кои сакаат брзо да изгубат телесна тежина. За разлика од гастричниот прстен, во организмот нема надворешно тело кое би предизвикало потенцијални компликации, да се лизне. Исто така, брзината на губење тежина по овој зафат е поголема од онаа при поставување гастричен прстен, но е поспора од гастричен бајпас. Типично, 30-50% од губењето на тежината се случува во првите шест месеци до една година и може да продолжи до две години. Конечно, оваа операција може да биде проследена со бајпас на желудник. Со оваа интервенција по околку 5 до 6 години може повторно да дојде до зголемување на телесната тежинаи тогаш единствена интервенција која би можела да се направио е бајпас на желудник.
Лоши страни
Прво и најважно, за разлика од гастричниот прстен, гастричниот ракав е неповратен. Дел од стомакот е целосно отстранет, и затоа оваа операција е иреверзибилна. Стомакот е ,,захефтан,, таму каде што се сече, а овие спојници понекогаш може да попуштат, предизвикувајќи различни животозагрозувачки проблеми. Иако операцијата не е реверзибилна, тоа не значи дека повторно зголемување на телесната тежина е невозможно. Природата на желудникот е таква што тој може да се прошири, и ова не ја менува пост-операцијата. Со неправилна исхрана, желудникот може да се прошири назад во неговата првобитна големина.
Постхируршки пречки
Исто така е важно да се има предвид дека животот по операцијата за слабеење не е лесен
По операцијата, лекарите рутински советуваат пациентите да направат целосна промена во начинот на живот.
Храната што треба да се избегнува вклучува продукти богати со шеќери, масна храна, храна со многу влакна и полномасно млеко. Премногу маснотии може да предизвикаат рефлукс, враќање на желудочна киселина и храна во хранопроводот што предизвикува киелини. Чести предизвикувачи се пржената храна и масното месо.
Бидејќи новиот желудник може да собере само околу половина чаша храна истовремено, на пациентите им се препорачува да земат три до шест многу мали оброци секој ден, да јадат многу бавно и да џвакаат темелно. Прејадувањето може да предизвика повраќање, проширување на стомачната торбичка, зголемување на телесната тежина, па дури и руптура на желудникот.
Голема промена на животниот стил
Иако сте се подложиле на операција на гастричен бајпас, потоа сепак ќе треба да направите големи промени во животниот стил. Или, пак може да се обидете најпрво да ги направите овие промени во животниот стил и начин на иосхрана и така целосно да избегнете хируршка интервенција и сите нејзини ризици и лоши страни.
Со овој комбиниран присап единствениот несакан ефект е подобро здравје – подобар крвен притисок, подобар холестерол, подобра контрола на дијабетесот, ослободување од болка и други операции, и последно, но не и најмалку важно, здрава долгорочна контрола на телесната тежина. Сето тоа е добра вест – и нема хорор приказни “.
Природни алтернативи на процедурите за слабеење
Операциите за слабеење како бајпас треба да бидат последно средство откако ќе се испробаат сите други опции, но сепак е важно да се знае дека постојат опции.
Прим. д-р Мане Хаџи-Манчев
Специјалист по општа хирургија
Алергија од сонце
Алергија на сонце е термин кој често се користи за да се опишат голем број на состојби при кои се појавува осип или јадеж на кожата кога била изложена на сончева светлина. Најчеста форма на алергија на сонце е полиморфна ерупција на светлина, позната и како алергија на сонце.
Некои луѓе имаат наследен вид на алергија на сонце. Другите развиваат знаци и симптоми само кога нешто друго ги поттикнува, како што се на пример лековите или при контакт на кожата со растенија како пашканат или зелен лимон.
Лесните случаи на алергија на сонце може да поминат без терапија. Додека пак кај потешките форми на алергија може да биде потребен третман со стероидни креми или таблети. Луѓето кои имаат сериозна алергија на сонце можеби ќе треба да преземат превентивни мерки и да носат облека што ги штити од сонце.
Симптоми
Изгледот на кожата погодена од алергија на сонце може да варира во голема мера во зависност од тоа што го предизвикува проблемот.
Симптомите кои може да се појават се:
∙ Црвенило
∙ Чешање или болка
∙ Мали точки
∙ Лупење, појава на суви наслаги или крварење
∙ Плускавци или флеки
Најчесто, симптомите се појавуваат само на кожата што била изложена на сонце и обично се појавуваат во рок од неколку минути или часови по изложеноста на сонце.
Кога треба да посетите лекар?
Посетете го вашиот дерматолог ако имате невообичаени и вознемирувачки реакции на кожата по изложување на сончевите зраци. За сериозни или континуирани симптоми, треба да одите кај специјалист дерматолог кој ќе постави точна дијагноза и ќе препорача терапија за лекување на овие кожни нарушувања.
Причини
Некои лекови, хемикалии и болести можат да ја направат кожата почувствителна на сонцето. Не е познато со сигурност зошто некои луѓе имаат алергија на сонце, а други не. Можеби некои наследни одлики играат улога.
Фактори на ризик
Ризик факторите за појава на алергиска реакција на сончева светлина се:
– Раса. Секој може да страда од алергија на сонце, но постојат одредени алергии на сонце кои се почести кај луѓето со светла кожа.
– Изложеност на одредени супстанции. Некои симптоми на алергија на кожата се активираат кога кожата е во допир со одредена материја, а потоа изложена на сончева светлина. Супстанциите кои често предизвикуваат ваков вид на реакција се парфеми, средства за дезинфекција, па дури и некои хемикалии што се користат во кремите со заштитен фактор.
– Употреба на одредени лекови. Некои лекови можат да го забрзаат процесот на изгореници на кожата – како што се антибиотици (тетрациклин), лекови со сулфонамид и аналгезици за смирување на болка како што е кетопрофен.
– Друго заболување на кожата. Дерматитисот го зголемува ризикот од алергија на сонце.
– Наследен фактор. Доколку имате брат, сестра или родител кој страда од алергија на сонце, голема е веројатноста и вие да имате алергија.
Превенција
Доколку имате алергија на сонце или зголемена чувствителност на сонце, можете да ја спречите реакцијата следејќи ги следните препораки:
– Избегнувајте изложување на сонце кога тоа енајвисоко во зенитот. Обидете се да го избегнете изложувањето на сонце помеѓу 10:00 – 16:00 часот.
– Избегнувајте нагло изложување на многу сончева светлина. Многу луѓе имаат симптоми на алергија на сонце кога се изложени на поголема сончева светлина во пролет или лето. Постепено зголемувајте го времето поминато на отворено, така што клетките на кожата да имаат време да се прилагодат на сончевата светлина.
– Носете очила за сонце и заштитна облека. Кошулите со долги ракави и капите со широк раб можат да помогнат во заштитата на кожата од изложување на сонце. Избегнувајте ткаенини кои се тенки или имаат ретко ткаење бидејќи УВ зраците можат да поминат низ нив.
– Користете крема за сончање. Користете крем за сончање со широк спектар со заштитен фактор од најмалку 30. Нанесете ја кремата за сончање на секои два часа, или почесто ако пливате или се потите.
– Избегнувајте познати предизвикувачи на алергија. Ако знаете дека одредена супстанција предизвикува реакција на вашата кожа, како што е лековите или контакт со алергени супстанци, избегнете го тоа.
Вагинална атрофија
Вагиналната атрофија (атрофичен вагинитис) е истенчување на зидот на вагината, сувост и лесна иритација на вагиналните sидови и вулвата, која се појавува кога во вашето тело недостасува естроген. Вагиналната атрофија најчесто се појавува по менопаузата.
За многу жени, вагиналната атрофија не само што го прави сексуалниот однос болен, туку исто така доведува до потешкотии и проблеми при уринрање. Бидејќи кај оваа состојба станува збор за комбинирани вагинални и уринарни симптоми, често, за да ја опишат вагиналната атрофија и симптомите што ја придружуваат, лекарите го користат терминот „генитоуринарен синдром во менопауза (ГСМ)“.
Намаленото ниво на естроген предизвикува промени во вашето тело, но тоа не значи дека треба да живеете со непријатност предизвикано од ГСМ. Постојат едноставни и ефективни третмани за ГСМ.
Симптоми
Ова се некои од знаците и симптомите на генитоуринарниот синдром во менопаузата:
- Вагинална сувост
- Печење (особено при мокрење)
- Вагинален исцедок (секреција)
- Чешање
- Итна и честа потреба за мокрење
- Повторливи уринарни инфекции
- Уринарна инконтиненција
- Лесно крварење по сексуален однос
- Непријатност при сексуален однос
- Помала влажност /лубрификација на вагината за време на сексуална активност
- Стеснување и скратување на вагиналниот канал
Причини
Генитоуринарен синдром во менопауза е предизвикан од намалување на производството на естроген. Со помалку естроген, вагиналните ткива стануваат потенки, посуви, помалку еластични и покревки.
Намалување на нивото на естроген може да се појави во следниве состојби:
- По менопаузата
- За време на годините пред менопаузата (перименопауза)
- По хируршко отстранување на двата јајника (хируршка менопауза)
- За време на доењето
- Додека земате лекови кои можат да влијаат на нивото на естроген, како што се некои апчиња за контрацепција
- По радиотерапија на пелвичен карцином
- По хемотерапија на карцином
- Како продружен ефект од хормонален третман на карцином на дојка
Знаците и симптомите на генитоуринарниот синдром во менопаузата може да се појават и да генерираат тегоби во периодот на пред менопаузата, или може да не манифестират никаков проблем се додека не поминат неколку години по почетокот на менопаузата. Иако состојбата е честа, не сите жени во менопауза страдаат од овој синдром.
Фактори на ризик
Одредени фактори можат да придонесат за генитоуринарен синдром на менопауза, како што се:
- Пушење. Пушењето влијае на циркулацијата на крвта и може да го намали протокот на крв и кислород до вагината и другите блиски области. Пушењето исто така ги намалува ефектите на природните естрогени во организмот.
- Отсуство / недостаток на природно породување. Истражувачите откриле дека жените кои никогаш не родиле по природен пат (царски рез) имаат поголема веројатност да развијат симптоми на генитоуринарен синдром во менопауза отколку жените кои родиле по природен пат.
- Отсуство на сексуална активност. Сексуалната активност, го зголемува протокот на крв и ги прави вагиналните ткива поеластични, и може да помогне во спречување на овој синдром во менопауза.
Компликации
Генитоуринарниот синдром во менопауза го зголемува ризикот од:
- Вагинални инфекции. Промените во рамнотежата на pH вредностите на вагината, влијаат на појавата на вагиналните инфекции.
- Уринарни проблеми. Уринарните промени поврзани со генитоуринарниот синдром во менопауза може да придонесат за проблеми со уринирањето. Може да почувствувате зголемување на фреквенцијата или нагон за мокрење или печење при мокрење. Кај некои жени се појавуваат почести инфекции на уринарниот тракт или неволно испуштање на урина (инконтиненција).
Кога треба да одите на лекар?
Многу жени во менопауза добиваат генитоуринарен синдром. Но, малкумина бараат третман. Често жените се чувствуваат засрамено да разговараат со својот лекар за своите симптоми, и прифаќаат да живеат со проблемите.
Консултирајте се со вашиот лекар доколку имате необјаснети причини на вагинално крварење или пигментација, необичаен исцедок, болка или печење, или болка за време на сексуалниот чин, која не се олеснува и по користење на вагинален крем за навлажување или со лубрикант на база на вода.
Системска терапија со естроген
Доколку сувоста на вагината е поврзана и со други симптоми за време на менопауза, како што се умерени или силни топли бранови, вашиот лекар може да предложи третман со естрогенски креми, апчиња, како и други вагинални или орални естрогенски продукти. Вашиот лекар ќе ве информира за ризиците и придобивките од оралниот естроген и дали треба да земете и друг хормон наречен прогестин заедно со естрогенот.
Ново во Струмица – Отворен проширениот и ребрендиран дијагностички центар Жан Митрев Дијагностик во Струмица
На вкупна површина од околу 1000м2 во комплетно реновиран објект на два ката, лоциран на бул. Гоце Делчев бр.113 во Струмица, отпочна со работа најсовремениот дијагностички центар во овој регион.
Дијагностичкиот центар Жан Митрев нуди врвни услуги од современата медицина и резултати базирани на брза и прецизна дијагностика.
Центарот располага со 4 специјалистички амбуланти, дневна болница, дијагностичко – радиолошки оддел, единствен во регионот опремен со рентген уред со ниско зрачење, со мамомат со врвна 3Д технологија и ергономичен дизајн кој овозможува брзо, удобно и безболно скенирање. Докажаните супериорни клинички перформанси овозможуваат исклучително прецизна дијагностика која е клучна за рано откривање на карцином на дојка.
Најсовремениот 160 слоен компјутерски томограф обезбедува детални слики од различни регии на човековото тело со помош јонизирачко зрачење. Врвниот квалитет на снимање е со најниска радијациска доза, додека пак екстремната ротациска брзина значително го скратува времето на снимањето. Сликите се со висока резолуција и овозможуваат 3Д испитување на целото тело, особено погодно за спроведување на компјутерски водени биопсии, како и прецизно дијагностицирање на непожелни наслаги во кардиоваскуларниот, урогениталниот и мускулноскелетниот систем.
Достапен е и декса-скенер со кој се изведува мерење на густина на коскеното ткиво или т.н остеодензитометрија. Утврдувањето на коскената густина – колку се силни коските – е од исклучителна важност при одредувањето на здравјето на коските и ризикот од фрактура поради остеопороза.
На располагање се и биохемиска и генетска лабараторија опремени со најсовремена опрема со цел добивање на брзи, прецизни и комплетни резултати.
Во Жан Митрев Дијагностик Струмица се извршуваат сите видови на специјалистички и супспецијалистички прегледи од областа на кардиоваскуларна дијагностика, ортопедска дијагностика, урологија и други интернистички прегледи и интервенции.
Во склоп на овој дијагностички центар функционира и дневната болница која овозможува интердисциплинарен пристап кон пациентот со цел брзо дијагностицирање, следење и третман на акутни и хронични состојби без задржување во текот на ноќта. На овој начин се постигнува многу повисоко ниво на квалитет на живот на пациентот за време на боледување, а во исто време се скратува времето на чекање за хоспитализација или дијагностички тестови.
За достапност за брзи интервенции на располагање е амбулантно возило за брз медицински транспорт.
Пред самиот објект е лоциран засебен пункт за земање примероци за КОВИД-19.
Со отворањето на овој центар се подига нивото на медицински услуги кои се нудат во овој регион и истовремено им се овозможува на луѓето на локално ниво, без да патуваат во Скопје, да добијат врвни здравствени услуги.
,,Јас и понатаму работам на остварување на визијата за практицирање врвна медицина во Македонија. Секако за да се постигне тоа потребно е да се направи вистинската комбинација на тим од искусни лекари и најсовремена технологија. Ние тоа го имаме во Жан Митрев Дијагностик во Струмица. Во чекор сме со се она што ќе им помогне на пациентите да се чувствуваат подобро, посигурно и посреќно. Со нашата регионална присутност гарантираме дека квалитетот на услугите ќе биде на идентично ниво како и во нашата клиничка болница, а поблиску до луѓето од овој дел од земјата,, – изјави Академик д-р Жан Митрев
Гастричните полипи
Гастричните полипи, исто така наречени стомачни полипи, се маси на клетки кои се формираат на внатрешната обвивка на желудникот. Овие полипи се ретки и генерално не предизвикуваат знаци или симптоми.
Повеќето гастрични полипи не стануваат канцерогени. Но, некои видови полипи можат да го зголемат ризикот од појава на рак на желудникот. Во зависност од типот на полип, третманот може да вклучува отстранување на полипот или само со следење на промени.
Симптоми
Со зголемувањето на гастричниот полип, може да се појават отворени рани (чиреви). Во ретки случаи, полипот може да го блокира отворот помеѓу желудникот и тенкото црево.
Иако најчесто, гастричните полипи не предизвикуваат симптоми, сепак би можеле да се манифестираат со:
• Болка и осетливост кога вршите притисок врз стомакот
• Гадење
• Присуство на крв во столицата.
• Анемија
Причини
Полипите во стомакот се формираат како реакција на оштетување на слузницата на желудникот. Најчестите причини за стомачни полипи се:
• Хронично воспаление на желудникот. Оваа состојба, позната и како гастритис, може да предизвика формирање на хиперпластични полипи и аденоми. Хиперпластичните полипи веројатно нема да станат канцерогени, иако оние кои се поголеми од 1см имаат поголем ризик да бидат канцерогени. Аденомите се најмал вообичаен вид на стомачни полипи, кој најверојатно ќе стане канцероген. Поради оваа причина, тие обично се отстрануваат.
• Фамилијарна аденоматозна полипоза. Овој редок, наследен синдром предизвикува одредени клетки во внатрешната обвивка на желудникот да формираат специфични видови полипи наречени полипи на фундична жлезда. Овој вид на полип потребно е да се отстрани бидејќи може да стане канцероген.
• Редовно користење на одредени лекови за стомакот. Полипите на основната жлезда се чести кај луѓето кои редовно земаат инхибитори на протонска пумпа (интегрален мембрански протеин) за да ја намалат киселината во желудникот. Овие полипи обично се мали и не претставуваат опасност, но оние кои имаат дијаметар над 1см, сепак имаат мал ризик да се развијат во карцином, затоа, вашиот лекар може да препорача да ги прекинете инхибиторите на протонската пумпа или да го отстраните полипот или и двете.
Фактори на ризик
Факторите кои ги зголемуваат шансите за развој на гастрични полипи се:
• Возраста. Гастричните полипи се почести кај лица од средна до постара возраст.
• Бактериската гастрична инфекција. Бактериите хеликобактер пилори (H.pylori) се честа причина за гастритис што придонесува за развој на хиперпластични аденоми и полипи.
• Наследна аденоматозна полипоза. Овој редок и наследен синдром го зголемува ризикот од рак на дебелото црево и други нарушувања, како што се гастрични полипи.
• Одредени лекови. Долготрајната употреба на инхибитори на протонска пумпа, кои се користат за лекување на гастроезофагеален рефлуксен систем, е поврзана со полипи на фундична жлезда.
Дијагноза
Тестовите и процедурите што се користат за дијагностицирање на гастрични полипи се:
• Ендоскопија, за да ја видите внатрешноста на желудникот со ендоскоп
• Примерок од ткиво (биопсија), кој може да се земе за време на ендоскопија и да се анализира во лабораторија
Третман
Третманот зависи од типот на гастричните полипи што ги имате:
• Мали полипи кои не се аденоми. Овие полипи можеби немаат потреба од третман. Тие генерално не предизвикуваат знаци и симптоми и само ретко стануваат канцерогени. Вашиот лекар може да препорача редовни прегледи за да се отстранат растечките полипи или оние што предизвикуваат знаци и симптоми.
• Големи полипи во стомакот. Можеби треба да се отстранат. Повеќето полипи на желудникот може да се отстранат за време на ендоскопија.
• Аденоми. Овие полипи можат да станат канцерогени и обично се отстрануваат за време на ендоскопија.
• Полипи поврзани со семејна аденоматозна полипоза. Овие полипи се отстрануваат затоа што можат да станат канцерогени.
Дознајте повеќе за миомите – Што се миоми? Зошто се појавуваат? И како се третираат?
Миомите се најчестите бенигни тумори на репродуктивните органи кај жената. Тие уште се познати под името фиброми на матката и се јавуваат кај секоја четврта жена во репродуктивниот период, а добрата вест е дека истите можат да се лекуваат. Се појавуваат како еден или повеќе миоматозни тумори, со различна големина и можат да бидат со различна поставеност на матката. Големината исто така варира. Димензиски можат да бидат од неколку милиметри, но и да достигнат огромна големина како што е случај кога миомот го исполнуваа целиот абдомен.
Симптоми кои укажуваат на постоење на миоми се:
- Промени во менструалното крварење,
- Продолжено, обилно или ирегуларно крварење,
- Болки во абдоменот,Неможност пациентката да забремени,
- Некогаш симптомите доаѓаат од околните органи на кои миомот со своето растење може да направи притисок и се манифестираат како проблеми со уринирање, опстипација или појава на венски тромбози на нозете.
Причините за појава на миом на матката
Генерално, естрогенот се чини дека го активира растот на миомите. Всушност, за време на првиот триместар од бременоста, околу една третина од сите фиброиди растат, но потоа се намалуваат по раѓањето. Општо земено, миомот на матката се намалува по менопаузата, но хормонската терапија по менопаузата може да предизвика продолжување на нивните симптоми.
Други причини за појава вклучуваат:
- Раса: Студиите откриле дека миоматозоидите се почести кај афроамериканските жени.
- Возраст: Една студија заклучи дека белите жени помлади од 35 години имаат побрзо растечки тумори отколку белите жени постари од 45 години. Покрај тоа, чекањето да забремени до 30 години или постари ги става жените во поголем ризик од развој на миоми на матката.
- Рана менструација: Првиот циклус на рана возраст го зголемува ризикот од развој на миоми.
- Кофеин и алкохол: Врската помеѓу внесувањето алкохол и кофеин и зголемениот ризик од развој на миоми на матката е откриена во студија од 2016 година.
- Генетски фактори: Истражувачите откриле дека некои специфични генетски промени се поврзани со растот на миомот.
- Општ здравствен статус: Дебелината и високиот крвен притисок исто така може да играат улога во развојот и растот на миомот.
- Начин на исхрана: Се чини дека исхраната богата со црвено месо ги зголемува шансите за развој на миоми.
Третманот на миомите
Не сите миоми се третираат. Постојат индикации кога, зошто и на кој начин ја третираме пациентката. Денес покрај класичниот пристап со рез на абдоменот, постојат нови современи, минимално инвазивни методи како Хистероскопијата и Лапароскопијата – под визуелизација со камера, со минимален болнички престој и кус период на опоравување. За да се откријат навреме и да се одереди соодветен начин на третирање потребно е редовно, барем еднаш годишно да се посети гинеколог.
Пишува
Д-р сци. Ирена Андонова
Гинеколог-перинатолог