Липосукција – се што сте сакале да знаете

Лопосукција претставува хируршка метода од доменот на естетската хирургија со која можеме трајно и селективно да отстраниме вишок масти од одредена регија на телото. Методата најлесно може да се опише како метода со која можеме да направиме преобликување односно ремоделирање на телото. Оваа процедура најчесто се користи за контурирање на масното ткиво во зоните: стомак, колкови, бутната регија и подбрадокот. Таа може да се користи и на други локации како што се: грбот, лицето, глутеусите, подколениците, надлактиците и вратот.

Липосукцијата не претставува техника за третман на обезност (прекумерна тежина) и не е замена за здрава диета и активен начин на живот. Липосукцијата е најпогодна метода за луѓе со нормална телесна тежина кои имаат вишок на масти во одредена регија на телото. Оваа метода е најпогодна за лица кои имаат цврста и еластична кожа бидејќи кај такви лица ефектот ќе биде најдобар. Кај лица кои имаат тенка кожа, кожа со стрии, како и лица кои имале масивен губиток на тежина, липосукција не претставува метода од избор.

Иако не постои ограничување во однос на тоа на која регија може да се направи липосукција, сепак постои ограничување во вкупниот волумен на масни наслаги кој може да се отстрани, истиот изнесува 5 литри масно ткиво. Липосукцијата покрај горенаведените можности за отстранување на непосакувано масно ткиво од одредени регии, како хируршка метода може да послужи и за намалување на градите – третман на гинекомастија кај лица од машкиот пол.

Пред да се одлучи за ваков оперативен зафат, потребно е лицето да биде во добра општа состојба и што е најважно со стабилна телесна маса. Идеален кандидат за липосукција е лице кое има 5 до 10kg вишок телесна тежина и е на возраст од 25 до 45 години. Бидејќи во овој случај кожата е најеластична и има најголема можност за опоравување, односно затегнувањето на телото тогаш е најефикасно.


Масното ткиво е богато со фактори на раст и матични клетки, односно претставува погоден материјал за естетска корекција и на други делови на телото. Ова ткиво кое ќе се извади во тек на липосукцијата, со преработка, може да се користи како биолошки филер за пополнување на усни, јагодици, третман на бори и на други делови на телото каде што е потребно постигнување складен и совршен изглед.

Липосукцијата спаѓа во минимално инванзивните процедури. Во тек на истата, се прават мали отвори на површината на кожата кои се со големина помала од 1cm, а служат како влезни точки преку кои се вметнуваат канилите (шупливи цевчиња), односно специфични инструменти кои служат за извлекување на масното ткиво. Канилите се со различен облик и големина и сите имаат различна намена, а служат за да се постигнување рамномерно извлекување на поткожната маст. Пред да се започне со извлекувањето на вишокот на масти, во самата маст потребно е да се вбризга раствор кој содржи мешавина од електролити, адреналин и локален анестетик наменети за намалување на компликациите како крварењето, намалена постоперативната појава не модринки, како и намалување на можноста за развој на масна емболија.

Липосукцијата како оперативен третман може да траење меѓу 1 и 5 часа. Секако тоа зависи од површината која треба да се третира и дебелината на масниот слој. Затоа, со цел да се обезбеди најсодветен комфор како за пациентот така и за хирургот кој ја изведува, се препорачува операцијата да се спроведе во општа анестезија.

Што се однесува до закрепнувањето, во постоперативниот период, пациентот потребно е да носи компресивен аксесоар – мидер, за конкретниот дел од телото каде што е направена липосукцијата. Компресијата е од голема важност, бидејќи под притисок кожата на третираното место ќе закрепене и ќе се затегне без виснување. Враќањето на секојдневните активности е можно по 5 до 7 дена. Секако е индивидуално бидејќи зависи од третираното лице, возраста, животните навики и други фактори. Комплетно закрепнување и способност за извршување и на тешка физичка активност можни се по 3 до 4 недели од липосукцијата.

Кога е во прашање естетска хирургија и интервенција како што е липосукцијата, многу е важно пациентот да се држи до сите совети и упатства кои хирургот ги дава пред операцијата. Целта е секако што полесно да се поднесе операцијата, побргу да се закрепне и компликациите да се сведат на минимум. Поради тоа, предоперативно потребно е да се направи следното:

  1. Доколку пациентот е пушач, да престане со пушење, што ќе доведе до подобрување на еластичноста на кожата (најмалку 4 недели пред операцијата)
  2. Да се започне со витаминска терапија, со цел да се постигне антиоксидансен ефект од витамините (најмалку 4 недели пред операцијата)
  3. Да се избегнува внес на тешка храна, особено храна која доведува до надуеност кај пациентот (најмалку 4 недели пред операцијата)
  4. Пациентот да се подложи на компресивна терапија, односно лимфна дренажа (2 недели пред операцијата), а по операцијата се препорачува спроведување масажи за лимфна дренажа во комбинација со компресивна пресо терапија.

Со цел да ги разрешите сите дилеми поврзани со липосукцијата, закажете термин кај нашиот д-р Живорад Коцевски-пластичен хирург на 02/3091-484.

Превенцијата да ни стане навика

Светскиот ден за борба против ракот секоја година се одбележува на 4 февруари, а годинава под мотото: ,,Да го затвориме кругот, секој има право на пристап до нега доколку заболи од рак,,. Одбележувањето на овој ден има за цел да промовира подигање на свеста за оваа болест. Исто така, помага да се зајакнат активностите во насока на навремено откривање, превентивни мерки и лекување. Ракот опфаќа голема група болести кои можат да зафатат било кој орган или ткиво од телото. Ние како институција бидејќи сме свесни дека секој еден игра улога во создавањето на свеста, го поддржуваме одбележувањето на овој ден.
Нашиот комплетен тим ви стои на располагање со цел да понуди содветно решение за било која медицинска тема. Закажете преглед на 02/3091-484.

Фобии – да не ги занемаруваме, има решение

Одредена количина на страв може да не заштити од опасност и понекогаш може да ни го спаси животот! Но, кога стравот од одредена ситуација ќе земе замав, и ќе почне силно да влијае на животот, односно станува патолошки, тоагаш станува збор за фобија. Фобиите можат да бидат најразновидни и претставуваат форма на анксиозни нарушувања. Во принцип, се прави разлика меѓу специфична фобија, социјална фобија и агорафобија.

Што е карактеристично за сите фобии?

Иако вообичаено се различни, она што е карактеристично е дека најчесто се нелогични, односно, сосема безопасни ситуации за луѓето без фобија, но кај оние кои страдаат од фобија, можат да предизвикаат вистински напади на паника. Самата помисла на одредена ситуација, може да предизвика голема антиципативна вознемиреност, дури и страв од лудило или страв од смрт. Фобичните стравови може да се појават и едноставно со замислување на ситуацијата што предизвикува страв. Фобиите од секаков вид треба да се сфатат сериозно и да се третираат професионално.

Кои се специфичните фобии?

Постојат безброј специфични фобии, кои секогаш јасно се карактеризираат со силен страв од одредена ситуација или од одреден предмет.

Специфичните фобии вклучуваат силни стравови од:

  • Одредени животни како инсекти, глувци, пајаци, змии, кучиња,
  • Екстремна надморска височина,
  • Летање,
  • Темнина,
  • Затворени простори како на пример – лифтови, продавници, хотелски соби (клаустрофобија),
  • Гужви,
  • Јавни тоалети,
  • Шприцеви или крв,
  • Сопствен изглед или одредени делови од телото (дисморфофобија)

Што е социјална фобија?

Социјалните фобии се познати и како социјални неврози. Често се поврзуваат со многу ниска самодоверба или ниско себевреднување..
Луѓето со социјална фобија тешко поднесуваат предизвикувачки ситуации како што се јавна презентација или говор – тогаш тие се вцрвуваат, рацете им се тресат, често имаат мачнина и постојано се чувствуваат како да треба да одат во тоалет. За некои луѓе, предизвикувачките ситуации може да бидат уште поманифестни, понекогаш е доволно само да бидат поканети на вечера за да почувствуваат страв, срам или лутина. Во случај на социјална фобија, ваквите симптоми може да ескалираат до масивни напади на паника.

Што е тоа кое лицата со социјална фобија најчесто го помислуваат:

„Се надевам дека нема да изгледам срамно“,
„Што ќе мислат другите за мене? “
„Ќе се засрамам себеси“
„Ми се потсмеваат“
„Како да им го објаснам ова на моите колеги? “
„Ќе изгледам навистина чудно“
„Не можам да го поднесам ова, сега морам да си одам одовде! “

Дел од симптомите на социјална фобија вклучуваат:

  • Срцебиење,
  • Наизменично студенило и препотување,
  • Сува уста,
  • Зачестена потреба за одење во тоалет,
  • Непријатност/гадење во стомакот,
  • Вртоглавица и зашеметеност,
  • Поцрвенување,
  • Тресење на рацете,
  • Страв од полудување или смрт и сл.

Како најчесто се однесуваат лицата со социјална фобија:

  • Избегнување на јадење во ресторани, кантини и сл.
  • Избегнување на јавен настап,
  • Избегнување на контакт со очите,
  • Криење на треперливи раце на пример зад грб,
  • Откажување на покани за забави или ресторани,
  • Избегнување на одредени ситуации.

Што е агорафобија?

Честа подгрупа на фобии е агорафобијата, страв за престојување на јавни или на големи простори со мисловно заплашување дека ќе западнат во одредена неприлика за која нема спас, заради што имаат изразено избегнувачко поведение. Понекогаш стравот се зголемува до тој степен што луѓето со агорафобија повеќе не се осмелуваат да ја напуштат куќата.

Кои се причините за фобиите?

Кога станува збор за фобиите, обично се појавуваат од различни причини. Се прави основна разлика помеѓу биолошки, психолошки и социјални фактори.

Биолошките фактори можат да бидат:

  • Одредени генетски или семејни предиспозиции,
  • Зголемена активност на автономниот нервен систем, што доведува до лесна ексцитабилност и прекумерни реакции од надворешни и емоционални настани,
  • Исто како што некои луѓе имаат физички „слаби точки“ како што се желудникот, грбот, срцето, црниот дроб или бубрезите, автономниот нервен систем е особено „чувствителен орган“ кај луѓето со анксиозност или фобични нарушувања.
  • Вродени особини на личноста или физички нарушувања за кои не постои позната причина.

Психолошки фактори:

  • Неповолни искуства во детството и младоста, пример: насилство, исмејување и изолирање поради надворешни карактеристики (изглед, облека, боја на кожа, религија, семејство итн.) или поради особини на личноста како што се срамежливост, интровертност,
  • Недостаток на самопочит поради усвоен родителски стил кој се карактеризира со страв или недостаток на себевреднување,
  • Прекумерен перфекционизам дома и/или на работа.

Социјални фактори

  • Критични животни настани, пример: развод на родители,
  • Несреќно партнерство,
  • Сериозна болест,
  • Напуштање на домот и одвојување од семејството,
  • Бременост,
  • Преоптоварување поради повеќе обврски,
  • Искусени негативни искуства во социјалното функционирање, пример: вцрвенување или треперење на гласот пред јавен настап, срцебиење или тресење на нозе пред испит и сл.

Како се третираат фобиите?

Клучно е да се знае дека фобијата не треба да го одредува вашиот живот и секојдневие и дека за оваа состојба има решение. Третманот може да опфати медикаментозен или психотераписки пристап или нивна комбинација.
Повелете закажете психијатриски преглед со цел да се спроведе индивидуална проценка и третман на утврдената психичка состојба.

За да закажете психијатриски преглед кај нашата д-р Марија Костадиновска – психијатар, јавете се на 02/3091-484

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р ЛИЛЈАНА БРАЈЕВИЌ И Д-Р ЅВОНКО АТАНАСОВ: Карциномот на бели дробови, за жал, не дава некакви специфични симптоми во рана фаза

КЛИНИКАТА „ЖАН МИТРЕВ“ ЗАПОЧНУВА СО БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ ЗА КАНЦЕР НА БЕЛИ ДРОБОВИ – Навременото дијагностицирање на кое било заболување, а посебно на ракот е многу битно бидејќи од тоа зависи видот на третманот и крајниот исход. Сигурно не е исто доколку пациентите ги дијагностицираме во рана фаза кога терапијата е поедноставна, поефективна и прогнозата е далеку подобра, отколку кога ги дијагностицираме во поодмината фаза, кога можностите за третман се ограничени, односно опциите се малубројни, а со самото тоа и прогнозата е далеку полоша.

Ракот на белите дробови е водечка причина за смртни случаи од рак во светот. Луѓето кои пушат имаат најголем ризик од рак на белите дробови, иако болеста може да се појави и кај луѓе кои никогаш не пушеле. Ризикот од рак на белите дробови се зголемува со должината на времето и бројот на цигари што сте ги испушиле. Ако се откажете од пушењето, дури и по долги години пушење, може значително да ги намалите шансите за развој на рак на белите дробови. Станува збор за подмолна болест која не предизвикува знаци и симптоми во нејзините најрани фази. Но, што еднаш се појават… може да биде и предоцна.

„За жал, карциномот на бели дробови не дава некакви специфични симптоми во рана фаза. Понекогаш чувство на замор, слабост, малаксаност, кашлица која трае подолго од еден месец и не се подобрува со терапија, може да бидат едни од раните симптоми кои би ги навеле пациентите да започнат со почетни дијагностички прегледи“, објаснуваат д-р Лилјана Брајевиќ, торакален хирург и д-р Ѕвонко Атанасов, специјалист по радиодијагностика од клиниката „Жан Митрев“.

Со цел навремено откривање на асимптоматските пациенти, дијагностицирање во рана фаза кога може да се изврши оперативен третман, бидејќи така прогнозата за преживување е многу подобра и подигнување на свесноста за рано откривање на заболувањето во почетна фаза, клиниката „Жан Митрев“ за првпат во државава спроведува бесплатен скрининг со кој се опфатени пациенти за карцином на бели дробови кои се асимптоматски, но влегуваат во ризичните категории според животните навики. Препораката за скрининг опфаќа пациенти од 50 до 75 години кои во текот на 20 години пушеле повеќе од 20 цигари (или 1 кутија) на ден или 2 кутии цигари дневно во тек на 10 години, како и пациенти кои биле пушачи, а престанеле да пушат во последните 15 години.

„СИТЕ СМЕ ПУШАЧИ СО ОВОЈ ВОЗДУХ. НАПРАВИ ПРЕВЕНТИВЕН СКРИНИНГ НА БЕЛИТЕ ДРОБОВИ“ – е насловена националната кампања со која клиничката болница „Жан Митрев“ дава придонес во пресрет на одбележувањето на 4 Февруари – Светски ден за борба против ракот и подигање на свеста за болеста. Што значи навременото дијагностицирање за еден пациент?

Д-р Брајевиќ: Навременото дијагностицирање на кое било заболување, а посебно на ракот е многу битно бидејќи од тоа зависи видот на третманот и крајниот исход. Сигурно не е исто доколку пациентите ги дијагностицираме во рана фаза кога терапијата е поедноставна, поефективна и прогнозата е далеку подобра, отколку кога ги дијагностицираме во поодмината фаза, кога можностите за третман се ограничени, односно опциите се малубројни, а со самото тоа и прогнозата е далеку полоша.

Карциномот на белите дробови има рана фаза, кога болеста е локализирана само на белиот дроб без засегање/проширеност на околните органи. Доколку болеста се открие во оваа фаза, прогностичките резултати се најдобри. Кога болеста ќе се прошири на околните и далечните органи, тогаш третманот е потежок и прогнозата е полоша.

Затоа мој совет до сите пациенти, а посебно оние кои влегуваат во ризичната група, а тоа се сите кои имаат историја на долгогодишно пушење, изложеност на азбест, изложеност на инхалаторни хемиски материи или постоење на хронични белодробни болести, задолжително да прават редовни контроли, без да занемаруваат и најмал симптом.

Скринингот е многу битна алатка за детектирање на ракот на белите дробови во почетна фаза на болеста. За првпат во нашата земја, клиниката „Жан Митрев“ започнува пилот проект за скрининг и навремено дијагностицирање, рано откривање кое драматично може да ги подобри стапките на преживување. Скринингот е бесплатен за група граѓани на возраст од 50-75 години. Со оглед на големиот број на заинтересирани, како ќе се одвива селекцијата и што вклучува овој скрининг?

Д-р Атанасов: Скринингот е докажана метода со која се дијагностицира некое заболување кај пациенти кои немаат симптоми, во овој случај симптоми за карцином на бели дробови. За прв пат во нашата земја се организира ваков проект кој ќе трае три години со кој ќе се опфатат голем број на пациенти. За да се пријават на скринингот, пациентите треба да се во возрасна група од 50-75 години и да пополнат еден прашалник на нашата веб-страница. Потоа од пријавените се селектираат оние кои се со висок ризик за карцином на бели дробови и кај нив се прави компјутеризирана томографија со ниска доза на зрачење. Доколку се верифицира некаква промена на резултатите, се прават понатамошни иследувања како што се бронхоскопија со биопсија или трансторакална биоспија за да видиме за каков тип на промена се работи. Потоа зависно од локалниот наод, се предлага оперативен или онколошки третман.

Карцином на белите дробови е многу подмолна болест, чии симптоми најчесто се јавуваат во доцна фаза кога шансите за преживување се најмали. Во ситуација кога раните фази се асимптоматски, како може да се посомневаме на постоење на болестa, постојат ли некои општи знаци, симптоми, кои може да не наведат на лекарска консултација, детекција и ран третман, кој може да спречи ракот на белите дробови да се влоши и да се прошири на други делови од телото?

Д-р Атанасов: За жал, карциномот на бели дробови не дава некакви специфични симтоми во рана фаза. Понекогаш чувство на замор, слабост, малаксаност, кашлица која трае подолго од 1 месец и не се подобрува со терапија, може да бидат едни од раните симптоми кои би ги навеле пациентите да започнат со почетни дијагностички прегледи.

Д-р Брајевиќ: Најчести фактори за ризик од карцином на бели дробови се:

пушење – ризикот се зголемува со бројот на цигарите и годините на пушење. Се смета дека цигарите се причина за појава на карцином во 90 % од случаите,
пасивно пушење – особено во детска возраст, кога белите дробови се во интензивен раст и развој. Тие деца подоцна во животот имаат зголемен ризик од појава на хронични белодробни болести и карцином,
зрачна терапија во предел на градниот кош,
изложеност на радон и азбест,
фамилијарна предиспозиција, околу 8 % од карциномите од кои најмногу аденокарциномот се поврзани со наследни генетски мутации.

Колку фази има ракот на белите дробови, со која брзина напредува и какви се шансите за преживување?

Д-р Атанасов: Карциномот на белите дробови има рана фаза, кога болеста е локализирана само на белиот дроб без засегање/проширеност на околните органи. Доколку болеста се открие во оваа фаза, прогностичките резултати се најдобри. Кога болеста ќе се прошири на околните и далечните органи, тогаш третманот е потежок и прогнозата е полоша. Колку брзо ќе напредува болеста не може точно да се каже. Се зависи од карактеристиките на карциномот и неговиот степен на агресивност. Статистиките покажуваат дека само околу 10 % ќе преживеет 10 години од почеток на болест.

Кои пациенти се квалификуваат за операција на белите дробови и кои се предностите на 3Д минимално инванзивната операција на карцином на белите дробови, која за првпат во Македонија е воведена и се изведува на клиниката „Жан Митрев“?

Д-р Брајевиќ: За да препорачаме на пациентот дека е за оперативен третман постојат повеќе фактори. Прво од општата состојба на пациентот, во која фаза е заболувањето, типот на карцином, локализацијата и сл. Потоа може да одлучиме дали ќе се оперира со класичен тип на операција или со минимално инвазивен пристап односно со ВАТС (видео асистирачка торакоскопија). Предноста кај овој тип на интервенции е што се помалку болни за пациентите во постоперативниот период, со што се скратува времето на болничкиот престој и пациентите побрзо се враќаат во секојдневните активности. И двете методи се за среќа достапни и се изведуваат во нашата болница.

Извор: panacea.mk

8 најчести симптоми

Таа, тој, било кој, секој може да се соочи со проблеми врзани за дојките. Сепак, добрата вест е што благодарение на зголемената свест, многу жени сега редовно прават превентивни прегледи и добиваат рана дијагноза. Проверете се!
Препораките велат: ехо преглед еднаш годишно и мамографија на секои две години за жените над 40 и сите кои имаат семејна историја. Сите останати, без оглед на возраста доколку имаат било каков симптом – ехо преглед веднаш.
Најсовремента апаратура за безболен преглед и нашите искусни лекари д-р Лидија Вељановска Кириџиевска, д-р Мимоза Толевска и д-р Магделена Поповска-Цветкова ви стојат на раполагање. За да закажете термин кој ви одговара јавете се на 02/3091-484.

8 најчести симптоми

  • Забележувате асиметричност на градите или градниот кош или постои разлика меѓу едната и другата страна
  • Постојат невообичаени промени во обликот или големината на една од вашите гради
  • Има видливи промени во бојата на кожата или осип околу брадавицата
  • Брадавицата станала вовлечена или ја променила својата положба или форма (Вовлечени брадавици се нормални кај некои жени).
  • Постојат нерамнини, испакнатини или вдлабнатини на кожата?
  • Постои грутка или задебелување во градите или пазувите.
  • Исцедок од едната брадавица или од двете.
  • Постојана болка во еден дел од градите.

Колку порано се открие ракот на дојката, толку се поголеми шансите за успешно лекување и излекување. Запомнете, 9 од 10 грутки на градите не се канцерогени! Сепак потребна е потврда од лекар.

Ринопластика – патот до совршен нос

Ринопластика претставува медицински термин кој ја опишува хируршката процедура за естетска или реконструктивна операција на носот, вклучувајќи реконструкција и менување на обликот на коските и рскавиците на носот и носната пирамида. Целта е овој важен орган да се подобри визуелно и функционално. Најчеста причина за изведување на ринопластика е незадоволство на пациентот од формата и изгледот на носот.

Понекогаш се работи за изгледот на врвот на носот или пак целиот нос, односно поради постоење на голема носна пирамида или таканаречен проминентен нос. Покрај естетскиот изглед на носот, една од причините за оперативен третман на носот е неможноста за нормално дишење кое најчесто се јавува поради постоење на девијација на носниот септум (кривост на носната преграда). Тогаш докторот за оториноларингологија (ОРЛ) може да препорача оперативна корекција на девијацијата на септумот односно септопластика. Во случај да пациентот има желба за естетска корекција на носот и функционална корекција на септумот со цел полесно дишење, двата оперативни зафати може да се направат во еден оперативен акт и тогаш ваквата операцијата се нарекува септоринопластика. 

Ринопластиката како хируршка процедура се применува веќе три века. Почетоците на современата ринопластика датираат од XVIII век. Период кога германскиот хирург Jacques Joseph ја применил техниката за ринопластика која вклучува правење на рез од внатрешната страна на носот. Овој пристап се практикува се до денеска. Ринопластиката доживува бум во XIX век, особено со развојот на анестезијата, оваа процедура станува повеќе популарна. Денес, оваа хируршка процедура се смета за втора најчеста естетска операција на светско ниво. Развојот на ринопластиката доведува до развој на нови техники како и нови технолошки иновации, што овозможува поголема безбедност за пациентот како и подобар постоперативен ефект. 

Кои се потребните чекори пред да се планира операција?

Најпрво потребен е преглед од страна на пластичен хирург како и од страна на ОРЛ хирург. Во текот на прегледот се проценуваат естетските недостатоци на пациентот, неговите желби, но се проценува и функционалноста во однос на назалното дишење, по што се креира план за оперативен третман, односно дали е потребна ринопластика или пак септоринопластика.

Предоперативно, потребно е да се направат соодветни анализи и подготовка на пациентот. Една од најважните е секако микробиолошката анализа, односно брис од носот. Неопходно е за да се планира и пристапи кон операција, да биде исклучено присуство на било какви бактерии во носот. Доколку микробиолошката анализа покажува присуство на бактерии во носот, тогаш потребен е антибиотски третман и одложување на операција, додека не се добие чист микробиолошки наод. Како и за секоја друга операција, пациентот потребно е да биде здрав, да нема присутни инфекции и воспалителни процеси не само во околината на носот туку на целото тело. Останатата подготовка за операција вклучува општа подготовка на пациентот. Тоа значи задолжителен анестезиолошки преглед, предоперативен интернистички преглед и лабараториски крвни анализи. 

Оперативен третман

Оперативниот третман се поставува во тек на предоперативниот преглед. Во зависност од потребата и желбата на пациентот, оперативниот третман вклучува естетска корекција на носот, функционална корекција на носниот септум или пак комбинација од двете.

Кога е во прашање естетската корекција на носот, истата може да биде поделена на корекција на врвот на носот или пак корекција на целата носна пирамида. Најчесто се прави корекција на целата носна пирамида со корекција на носната грпка, стеснување во предел на коренот на носот и ремоделирање на носните рскавици со цел стеснување и подигнување на врвот на носот – ринопластика.

Во зависност од дебелината на кожата на носот како и во зависност од поставените цели за оперативниот третман, ринопластиката може да биде од отворен и од затворен тип. Кога пациентот има и девијација на носниот септум – кога истиот е крив кон едната страна од носот, во тој случај се прави корекција на самата девијација. Овој оперативен третман може да се направи како засебна операција, кога пациентот сака само оперативен третман од функционален аспект, но може да се направи и како комбинација на функционалниот и естетскиот недостаток, таканаречена септоринопластика.

Постоперативна нега

Во постоперативниот период, пациентот првите 5 дена има тампони во носните ходници. Овие тампони потребно е да стојат 5 дена, што е и најтешкиот период за самите пациенти, бидејќи во овој период пациентот мора да дише преку уста. Петтиот ден по операцијата, се извлекуваат тампоните при што пациентот повторно ќе може да дише на нос, во тој момент се воочува и ефектот од оперативниот третман на носниот септум.

Покрај тампоните, пациентот има преврска на носот која вклучува и гипсена лонгета. Лонгетата e од голема корист по ринопластиката и истата мора да стои 10 дена. По десттиот ден се отстранува и тогаш пациентот може да го води првичниот резултат по направената ринопластика. Пред операцијата, секој пациент потребно е да знае дека оток и хематом околу очите е нормална појава по направената ринопластика и истите се од минлив карактер. Хематомите се повлекуваат во период од 10 до 15 дена по операцијата, но отокот на носот се повлекува во период од 6 месеци.

Пациентот потребно е да избегнува удари во предлот на носот. Исто така потребно е да избегнува кивање или било каков притисок врз носот во првите месец дена, по можност и подолг период. Во првиот месец потребно е да се избегне спиење на страна, особено да се избегнува спиење на стомак. Важно е да се напомене дека пациентот по естетската операција на носот, визуелниот ефект од направената естетска операција може да го увиди веднаш по отстранувањето на гипсената лонгета и преврската, но исто така важно е да се напомене дека овој визуелен ефект не е краен. Отокот по операцијата се намалува во првите 10 до 15 дена, но не целосно. Целосното повлекување на отокот се случува во период од 3 до 6 месеци, што значи дека целосниот визуелен ефект пациентот ќе го воочи неколку месеци по самата операција.

Едно од најчестите прашања по оперативниот третман на носот во однос на ринопластика или септоринопластика, е дали по операцијата пациентот има болки?

По операцијата пациентот поради присуството на тампоните во носот има неможност за дишење преку носот, што претставува најголема тегоба по операцијата, но болка речиси да нема.  

Јануари е месец за подигнување на свесноста за рак на грлото на матката

Јануари е месец за подигнување на свесноста за рак на грлото на матката.
Цервикалниот карцином е четвртиот најчест канцер кај жените и речиси секогаш е поврзан со присуство на ХПВ (Хуман папилома вирусот) инфекции. Редовните гинеколошки контроли овозможуваат навремено откривање на оваа болест, а со самото тоа и примена на соодветен третман за спасување на животот.

Добрата вест е дека ХПВ вакцината е докажано безбедна и исклучително ефективна во превенција на цервикален карцином. Секако тука е и практикувањето заштитен секс. Заштитениот секс како еден од клучните фактори на непренесување на овој вирус, овозможува поголема интимност, задоволство, но и сите инволвирани да се чуствуваат безбедно и почитувано.

Особено е значајно навременото откривање на предканцерозните состојби (ЦИН) чиј треман значи и комплетна елиминација на опасноста од развој на напреднати форми на цервикалниот карцином.
Доколку сакате да дознаете повеќе околку начините на решавање на било кој гинеколошки проблем, состојба или болест, на располагање ви стои нашиот искусен тим гинеколози проф. д-р Васил Илиев, д-р сци. Ирена Андонова и д-р Виолета Николов. Тие ги применуваат најсовремените методи во гинекологијата со цел зачувување и унапредувње на вашето здравје.

Затоа не чекајте нештата да излезат од контрола и да настанат неповратни последици. Направете редовен гинеколошки преглед, закажете го терминот кој ви одговара на 02/3091-484

Време е за проверка!

Живеејќи во време кога карциномот на дојка стана најчестo дијагностицираниот карцином кај женската популација, превенцијата и навременото откривање се клучни за успешно лекување.
Затоа, доколку не сте го направиле вашиот редовен годишен преглед, не чекајте, закажете ехо на дојки или мамографија. Најсовремента апаратура и нашите искусни лекари д-р Лидија Вељановска Кириџиевска, д-р Мимоза Столевска и д-р Магделена Поповска-Цветкова ви стојат на раполагање. За да закажете термин кој ви одговара јавтете се на 02/3091-484.

Бонус совет за превенција – Самопреглед

Не заборавајте да направите самопреглед еднаш месечно.
Одвојте 10 минути за да го направите месечниот самопреглед на градите.
Редовните самопрегледи ви помагаат да останете во контакт со сопственото тело и навреме да забележите било каква промена.

Овој рутински преглед треба да го изведувате секој месец во ист период со цел физички да проверите можно присуство на грутки или други невообичаени промени.
Иако научниците заклучиле дека самопрегледите не ја намалуваат смртноста од карцином на дојка и не се замена за редовните медицински скрининзи со помош на ЕХО или мамографија, сепак служат за подигање на свеста за опасностите од оваа болест.

Потсетете се на основниот водич за самопреглед:

  • Позиција на телото
  • Поставување на раката
  • Периметар на палпација
  • Силина на притисок
  • Опипување по зони
  • Проверка на жлезди
  • Проверка на брадавиците
  • Абнормалности на градите