Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

30.04.2014

Хемороидна болест- инвазивно (неоперативно) лекување

Хемороидна болест- инвазивно (неоперативно) лекување

Во аналната регија се наоѓаат богати венски сплетови (надворешен и внатрешен), од кои при одредени пореметени состојби настануваат хемороидни јазли. Хемороидните јазли претставуваат мали, артерио-венски поврзувања од кои почнува развој на хемороидната болест.Причините за ова заболување се поврзуваат со отежнатата циркулација во оваа регија, лошата хигиена на аналната регија, состојби како бременост, зголемен тонус на аналниот свинтер и.т.н.Симптомите на ова заболување зависат од тоа дали се работи за внатрешни или надворешни хемороиди односно кој венски сплет е поизразен. Најчести сензации се дискомфорт во аналниот канал, јадеж, крварење и испаѓање на хемороидните јазли.Внатрешните хемороиди со тек на времето лесно се воспалуваат и овие повторувачки процеси доведуваат до оштетување на површината на лигавицата, кое резултира со крварење на светла црвена крв во капки или тенок млаз. На долг рок ова може да доведе до сериозно ослабнување на крвта (анемија), која потоа дополнително го измачува пациентот. Надворешните хемороиди, пак, лесно знаат да тромбозираат што резултира со силна болка и појава на топчеста формација со големина на зрно грашок (помала или поголема) на крајот од аналниот отвор. Тегобите траат неколку дена кога пополека почнуваат да се смируваат.

Сл. 1

Точната и прецизна дијагноза на хемороидната болест е од пресудно значење во изборот за лекување. Односно дали хемороидите ќе ги лекуваме конзервативно (со лекови, чепчиња, и.т.н.), инвазивно (неоперативно) или на пациентот ќе му препорачаме операција.Центарот за третман на хемороидна болест при специјалната болница Филип Втори, располага со најнова апаратура за дијагноза и интервентно лекување на хемороидите. Процедурите се лесни, не бараат престој во болница и траат кратко. Доколку се постави навремена дијагноза и проценка, резултатите на долг рок се одлични. Ова инвазивно лекување се нарекува лигатура или подврзување на хемороидните јазли кое се врши со сет на специјален инструмент за лигација.Основно е да се разграничи и точно да се утврди дали се работи за хемороидна болест кај пациентот, бидејќи под сликата на оваа болест може да се кријат многу поопасни малигни болести (рак на дебелото црево). Затоа нашата девиза е прво комплетен преглед и точна дијагноза, а потоа процена и одлука за типот на третман. На одделот за Ендоскопија и инвазивна Гастроентерологија, сите прегледи (доколку се болни за пациентот) може да се извршат со краткотрајна анестезија и истиот ден односно по еден час болниот си заминува дома.