Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

15.07.2022

Проф. д-р Милка Клинчева, суб. спец. по кардиологија – „Превентивните кардиолошки прегледи се клучни за навремено откривање на можни проблеми“

Светската пандемија на Ковид-19 донесе низа здравствени проблеми, што го менуваат животот на прележаните пациенти. Вирусот покажа дека може да го погоди секој систем во телото, вклучувајќи ги респираторниот, кардиоваскуларниот, гастроинтестиналниот, невролошкиот, мускулно-скелетниот, бубрежниот, дерматолошкиот, ОРЛ и хематолошкиот, може да влијае на менталното здравје, да донесе расеаност, хроничен замор и болки. Со проф. д-р Милка Клинчева од клиничката болница „Жан Митрев“ поразговаравме за постоковидниот период и компликациите што може да ги донесе вирусот.

Пандемијата со Ковид-19 донесе низа здравствени проблеми, како резултат на постковидната состојба, што се манифестираат на најразличен начин. Кои се најчестите компликации со кои се соочуваат пациентите кои прележале инфекција со вирусот Ковид-19?

Постковид-синдромот се дефинира како „присуство на знаци и симптоми, кои се јавуваат во текот и по прележување инфекција со Ковид-19 и продолжуваат 12 недели (три месеци), а притоа не се објаснуваат со друга дијагноза. Голем дел од постковид-компликациите се поврзани со кардиопулмоналниот систем. Кардијалните проблеми вклучуваат: миокардитис, перикардитис, аритмија и исхемија. Додека, пак, најчестите пулмонални компликации вклучуваат: бактериска пневмонија, пневмоторакс и плеврална ефузија. Други системски постковид-симптоми вклучуваат: замор, главоболка, болки по телото, диспнеја, анксиозност и депресија. Исто така, можат да се појават и синдромот на Гилен-Баре, енцефалитис, полиневропатија, депресивен синдром, делириум и психоза, кои се најчестите невропсихијатриски компликации. Длабока венска тромбоза и белодробна тромбемболија, како и акутна бубрежна слабост се исто така можни компликации.
Затоа е потребно да не се занемарува појава на какви било симптоми и да се консултира лекар.

Кардиоваскуларните компликации се честа постковид-компликација. Како и зошто е засегнат кардиоваскуларниот систем од инфекцијата што најмногу ги напаѓа белите дробови?

Вирусот Ковид-19 се врзува за трансмембранскиот рецептор ангиотензин конвертирачки ензим 2 на клетките домаќин: пневмоцити, макрофаги, ендотелни клетки, миокардни клетки (мускулните клетки на срцето), водејќи до инфламација (воспаление) и мултиорганска слабост. Инфекција на ендотелните клетки води до микро- и макро-васкуларни нарушувања. Овие нарушувања можат да доведат до дестабилизација на атеросклеротски плак и развој на акутен коронарен синдром (инфаркт на миокардот срцевиот мускул).
Инфекцијата на респираторниот тракт со САРС-КОВ 2, особено на пневмоцити тип 2, води до системска инфламација и прекумерна реакција на имунолошкиот систем. Ова води во т.н. „цитокинска бура“, при која се зголемува нивото на цитокините, како што се интерлеукин 6, интерлеукин 7 и интерлеукин 22.
Последователно на ова, можно е активираните Т-лимфоцити и макрофаги да го инфилтрираат (засегнат) и инфицираат миокардот (срцевиот мускул). Ова води до развој на воспаление на срцевиот мускул (миокардитис) и оштетување на срцевиот мускул. Покрај индиректното оштетување на миокардот со имунитетот, можна е и директна вирусна инвазија на срцевиот мускул, што води до оштетување на срцевите мускулни влакна и можен развој на аритмии.

Дали и претходно сте дијагностицирале миокардитис и дали постои разлика?

Миокардитисот е позната дијагноза од претходно. Многу различни вируси, меѓу кои е вирусот на грипот (инфлуенца), можат да предизвикаат миокардитис. Воспалението на срцевиот мускул може да биде предизвикано и од многу бактерии (стафилококи, стрептококи), некои паразити, дури и фунги. Патофизиолошкиот механизам на развој на воспаление е сличен кај сите предизвикувачи. Разликата е во честотата на развојот на воспалението. Се смета дека миокардитис може да се развие кај 1% од луѓето кои се заразуваат со вирусот на инфлуенца (грип). За разлика на ова, миокардитис по Ковид-19 се сретнува кај 10 до 15% од луѓето. Нашата статистика го потврдува ова мислење.

Како пациентите можат да препознаат проблеми со срцето по прележување на Ковид-19?

Најчестите симптоми на миокардитис се: забрзана и неправилна работа на срцето, замор, задушување, понекогаш и во мирување, градна болка, малаксаност. При појава на овие симптоми потребно е да се направи кардиолошки преглед, бидејќи истите или слични симптоми се јавуваат и при други кардиолошки дијагнози. Тоа ќе овозможи поставување на вистинската дијагноза.

Раната дијагностика со магнетна резонанса покажала одлични резултати во лекување на низа срцеви заболувања. Што е магнетна резонанса на срце, како се изведува и кои заболувања и неправилности може да ги открие?

Магнетната резонанса на срце претставува златен стандард за дијагностицирање на многу срцеви заболувања, меѓу кои е дијагностицирањето воспаление на срцевиот мускул. Овој метод ни овозможува процена на контрактилната функција на срцето, процена на воспаление, едем и некроза. Присуството и проширеноста на некроза во срцевиот мускул има дијагностичка и прогностичка способност.

Миокардитисот не може да се дијагностицира со ехо на срце. Со ехокардиографијата и присуството на биохемиски маркери може да се постави сомнение за миокардитис, кое треба да се потврди или да се отфрли токму со магнетната резонанса на срце.

Освен миокардитис, со магнетната резонанса на срце можат да се добијат многу информации за структурата и функцијата на срцето, да се дијагностицираат многу кардиомиопатии, вродени и стекнати срцеви маани, процена на ризик од ненадејна смрт, процена на мултисистемски инфламаторен одговор, кој од страна на срцето може да биде во форма на миокардитис, перикардитис (воспаление на обвивката на срцевиот мускул) или транзиторна систолна дисфункција.

Најголемата предност на магнетната резонанса на срце се состои во тоа што е единствен неинвазивен метод, кој ни го покажува квалитетот на срцевиот мускул. Притоа, тоа е безбеден метод, кој користи контрастно средство што може да се користи и кај пациенти со бубрежна слабост.

Кои се следните чекори по дијагностицирање на постковидниот миокардитис?

Најголемиот број случаи се со добра прогноза. Пациентите добиваат терапија за превенција или третман на срцева слабост. Се препорачува мирување и се забранува спортување следните шест месеци. Потешките случаи е потребно да се хоспитализираат.

Кардиоваскуларните болести се најчеста причина за тешки животни компликации, инвалидитет и смрт за огромен број луѓе. Кои чекори треба да ги преземе секој поединец за да се грижи за сопственото кардиоваскуларно здравје?

Секој човек треба да го знае својот ризик за кардиоваскуларни заболувања. Тоа се пресметува врз основа на процена за постојните ризик-фактори, возраст, пол и генетика. Превентивните кардиолошки прегледи се клучни за навремено откривање на можните проблеми. Тие се состојат во прецизна процена на кардиоваскуларниот ризик кај секој поединец. 80% од кардиоваскуларните заболувања можат да се спречат доколку се контролираат ризик-факторите што водат до кардиоваскуларни заболувања. Тука спаѓаат контрола на крвниот притисок, нивото на масти во крвта, нивото на гликемија (шеќер) во крвта, како и одржување на телесната тежина во граници на нормала и, секако, последно, но не и најмалку важно, практикување на редовна физичка активност.

Извор: Портрет магазин