Закажете преглед

Закажи преглед

00389 2 3091 484

Дневна доза здравје

Назад до Дневна доза здравје

24.01.2011

РЕАЛИЗИРАНА ВЕТЕНАТА ДОНАЦИЈА ОД АКАДЕМИК Д-Р ЖАН МИТРЕВ ЗА ЗАВОДОТ ЗА ЗАШТИТА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА

РЕАЛИЗИРАНА ВЕТЕНАТА ДОНАЦИЈА ОД АКАДЕМИК Д-Р ЖАН МИТРЕВ ЗА ЗАВОДОТ ЗА ЗАШТИТА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА НА ХЕНДИКЕПИРАНИ ВО БАЊА БАНСКО, СТРУМИЦА

Академик д-р Жан Митрев донираше 5.000 евра на Заводот за заштита и рехабилитација на хендикепирани во Бања Банско, Струмица. Средствата се добиени од Фондацијата Рамковски како наградата за научник на годината во износ од 10.000 евра. Донацијата на д-р Жан Митрев на 19.11.2010 година се официјализираше со реновирањето на кујната во оваа институција. Донацијата беше спроведена по сугестија на Заводот дека во кујната не е инвестирано уште од 1978 година. ,,Многу сум среќен што средствата од наградата за наука „Крсте Петков Мисирков“ отидоа во вистински раце и се надевам дека ова ќе биде повод и за многу други Македонци да донираат, да помогнат и да создадат подобри услови во оваа или други вакви установи во Македонија“, изјави д-р Митрев.„Д-р Митрев изрази желба токму кај нас да донира дел од својата награда за наука „Крсте Петков Мисирков“ која оваа година му беше доделена од Фондацијата Рамковски“, изјави директорката на Заводот, Јустина Гноинска-Димитриева. „Сите сме возбудени, но и среќни, што сево ова стана реалност. Кога нешто навистина силно го посакувате, сакајќи да создадете подобри услови за своите штитеници, тогаш се јави д-р Жан Митрев и праша што ни е навистина најпотребно затоа што сака да донира во нашата установа, па дури тогаш знаете дека вреди да се посакува и да се верува дека сѐ уште има луѓе кои знаат да помогнат“- додаде директорката Гноинска-Димитриева. ,,Би сакал наградата да беше поголема за да можевме уште повеќе да направиме. Убаво е кога можете место да ги потрошите парите од наградата, да видите дека многу повеќе задоволство и насмевки ќе видите овде, со реновирањето на само една кујна, отколку нешто друго лично за себе. Мислам дека ова ќе биде доволен мотив и за многу други Македонци, да донираат, да помогнат и да создадат подобри услови во оваа или за други вакви установи во Македонија. Денот на дрвото, беше доволен повод десет садници да бидат посадени на просторот определен за ПЗУ „Филип Втори“ во дворот на Заводот. Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско- Струмица првпат е пуштен во употреба на 29 јуни 1974 година од страна на Sue Ryder од Англија, која и ја финансираше изградбата на објектот. Во проектот е предвидено корисниците да може да се школуваат во установата. За таа цел се примени наставници за изведување на настава за основно образование, па во рамките на Заводот до ден денес успешно функционира училиште. Бројот на корисниците постојано се зголемува, заради што во 2001 година почна да се гради и друг објект кој беше пуштен во употреба во 2004 година, со што се подобрија и условите за живот на корисниците. Капацитетот на Установата изнесува 65 легла. Моментално во нашата установа се сместени 62 корисници кои потекнуваат од сите краеви на Македонија и затоа е единствена установа која згрижува лица со тешка попреченост во физичкиот развој на ниво на целата држава.ЈУ Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско е државна институција и е под директна надлежност и заштита на Министерството за труд и социјална политика, кое и го сноси најголемиот дел од трошоците и финансирањето и Министерството за образование. Останатите средствата се донирани за реновирање на Домот за новороденчиња и деца во Битола.